January 15, 2015

Објавен тендер за македонско вино во Шведска што гарантира сигурен пласман

Filed under: бизнис — Tags: , , , — @ 12:10 pm

Како што веќе најави заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски, монополот за продажба на алкохолни пијалоци во Шведска „Системболагет“ објави тендер за набавка на македонско црвено вино од сортата Вранец.

Оваа објава за набавка на црвено македонско вино значи сигурен пласман на 24.000 шишиња / 18.000 литри на македонски вранец. Виното ќе се продава во 130 продавници на “Системболагет” во период од 6 месеци почнувајќи од 15 септември 2015 година.

На овој тендер ќе учествуваат поголем дел македонските винарии преку шведски увозници кои по одржаните состаноци со нашиот економски промотер за Шведска Мирјана Наумоска изразија интерес за застапување на нашето вино на нивниот пазар.

Ова е само почеток и се надеваме на објава на нов тендер во иднина и за бело вино.

За да се одржи позицијата „на рафт“ потребна е успешна продажба во првите три месеци со цел и понатаму да го има виното, во спротивно ќе почне да се продава на листата за нарачки и нема да може да се купи во секој момент во продавниците на монополот.

Ова е голем успех за винската индустрија во Македонија која ќе добие одлична можност за презентација на шведскиот пазар кој важи за пазар со пребирлив и истенчен вкус во однос на виното.

УНИБанка со нова експозитура во Буњаковец

УНИБанка пушти во употреба нова експозитурата во Скопје, како дел од мрежата на експозитури. Новата експозитура е лоцирана во Буњаковец, со адреса на Бул. Партизански одреди бр.25 локал 1 и ќе ги извршува сите оперативни работни активности потребни за клиентите.

Новата експозитура е модерна и подготвена да ги услужи сите оние кои бараат професионалност, флексибилност и непосреден контакт при завршувањето на работата.

УНИБанка го темели својот успех на цврсто поставени стандарди, квалитетна услуга и задоволни клиенти.
Во иднина ќе се продолжи со реализација на активности и проекти, со цел излагање во пресрет на потребите на клиентите.

Го вртат светот: Во кои земји има најмногу и најмалку жени директори

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 10:06 am

Во одборите на директори на компаниите во целиот свет жените се помалку од мажите. Во некои земји, сепак има некаков стремеж за еднаквост, а во други нееднаквоста е прилично очигледна. Ова станува јасно од истражувањето на Catalyst – компанија која ги штити правата на жените да учествуваат во раководството на компаниите во светот.

На последно место во нивната листа е Јапонија, каде едвај 3,1% од членовите на одборите на компаниите се жени.

Меѓу земјите на дното се уште Португалија, Индија, Хонг Конг. Во рангирањето се разгледани 20 држави. На прво место е Норвешка, каде 1/3 од членовите на одборите се жени. Во ниту една од видните држави процентот жени не се приближува 50%.

Еве го и рангирањето:

1. Норвешка – 35.5%

2. Финска – 29.9%

3. Франција – 29.7%

4. Шведска – 28.8%

5. Белгија – 23.4%

6. Британија – 22,8%

7. Данска – 21.9%

8. Холандија – 21%

9. Канада – 20.8%

10. САД 19.2%

11. Австралија – 19.2%

12. Германија – 18.5%

13. Шпанија – 18.2%

14. Швајцарија – 17%

15. Австрија – 13%

Девизните резерви на НБРМ зголемени за 488,4 милиони евра

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 9:56 am

Девизните резерви на Народната банка на Република Македонија на крајот на 2014 година изнесуваа 2.432.200.000 евра, што е за 488,4 милиони евра повеќе од крајот на 2013-та.

Според објавените податоци на НБРМ, монтерното злато во вкупните резерви изнесува 215,600.000 евра, валутите и депозитите се 272.800.000 евра, а хартиите од вредност 1.943.800.000 евра, пренесе МИА.

На крајот на 2013 година девизните резерви изнесувале 1.993.000.000 милиони евра, во 2012 биле 2.193.300.000 милиони евра, во 2011 година 2.068.900.000 евра, а во 2010 година 1.714.500.000 милиони евра.

Стручни лица ќе ги оценуваат иновативните проекти што ќе добиваат пари од државата

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 9:38 am

Потребата од донесување на Закон за дополнување на Законот за иновациската дејност е заради дополнување на одредба од законот со која се дава можност Фондот за иновации и технолошки развој при оценување на поднесените проекти за добивање на грантови да може да ангажира стручни лица кои ќе направат евалуација и ќе дадат стручно мислење.

„За таа цел ќе се вооспостави Регистар на стручни лица кој ќе го води Фондот за иновации и технолошки развој. Цел на предлог законот: Целта на предлог законот е да се обезбеди давање на грантови на квалитетни проекти, а истото ќе се овозможи со вршење на соодветна евалуација и давање на стручно мислење на лица од Регистарот кој ќе го води Фондот за иновации и технолошки развој. Целта на предлог законот е да се обезбеди давање на грантови на квалитетни проекти, а истото ќе се овозможи со вршење на соодветна евалуација и давање на стручно мислење на лица од Регистарот кој ќе го води Фондот за иновации и технолошки развој“, се вели во образложението за почетокот на подготовка на законските измени.

Се менува Законот за работни односи: Газдите ќе можат да платат надомест до 8.000 евра за да избегнат забрана за работа

Filed under: бизнис — Tags: , , , — @ 9:05 am

Во тек се измени на Законот за работните односи со кои се доуредуваат односите меѓу инспекциските служби, забраните и глобите што им се изрекуваат на работодавачите, како и неколку други одредби.

Во првичната верзија на законските измени се предвидува на работодавачите да им се даде можност наместо забрана за вршење дејност на одреден период да платат глоба од 5.000 односно од 8.000 евра во зависност од прекршокот и да продолжат со работа.

еМагазин ја пренесува изворно драфт верзијата на законските измени:

Забрана за вршење на работи на работодавачот
Член 259

(1) Ако инспекторот на трудот зaтекне на работа кај работодавач до две лица со кои не е заснован работен однос, согласно закон и лицата не се пријавени во задолжително социјално осигурување и во случаите од членот 48 став (6) од овој закон, на одговорното лице или од него овластено лице кај работодавачот ќе му издаде покана за плаќање глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност за секое затечено лице и со решение ќе му нареди на одговорното лице кај работодавачот, во рок од осум дена да заснова работен однос со затечените лица на неопределено време и во наредните три месеци да не го намали вкупниот број на вработени.

(2) Ако одговорното лице или од него овластено лице кај работодавачот ја одбие поканата за плаќање глоба од ставот (1) на овој член или не ја плати глобата во предвидениот рок и не заснова работен однос со затечените лица без јавен оглас од ставот (1) на овој член, инспекторот на трудот ке донесе решение за забрана за работа во работната просторија, односно работниот простор на работодавачот, во траење од 15 дена и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно со закон.

(3)Ако инспекторот на трудот затече на работа кај работодавачот повеќе од две лица со кои не е заснован работен однос и лицето не е пријавено во задолжително социјално осигурување, ќе донесе решение за забрана за работа во работната просторија, односно работниот простор на работодавачот во траење од 30 дена, со решение ќе му нареди на одговорното лице кај работодавачот, во рок од осум дена да заснова работен однос со затечените лица на неопределено време и во наредните три месеци да не го намали вкупниот број на вработени и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно со закон.

(4)Ако работодавачот го повтори прекршокот од ставот (1) на овој член, во рок од една година, инспекторот на труд со решение ќе забрани работа кај работодавачот во работната просторија, односно работниот простор во траење од 30 дена и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка, согласно со закон.

(5)За време на забраната за работа на работодавачот од ставовите (2), (3) и (4) на овој член, работодавачот е должен на работниците да им исплатува надомест на плата најмалку 70% од исплатената плата на работникот во претходниот месец и придонеси од плата и за време на забраната не смее да го намали бројот на вработените.

(6)Забраната за работа од ставот (2) на овој член може да се замени со паричен надомест во висина од 5.000 евра во денарска противвредност, а забраната за работа од ставот (3) на овој член може да се замени со паричен надомест во висина од 8.000 евра во денарска противвредност.

Фото: Телеграф

Трансбалкан од Гевгелија се спаси од стечај

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 9:03 am

Предлогот за отворање на стечајна постапка над имотот на должникот Автотранспортно друштво АД Трансбалкан Гевгелија, се констатира за повлечен, а со тоа постапката по предметот се запира, извести Централниот регистар на Македонија. Оваа одлука Основниот суд во Велес ја донел на 12 јануари годинава.

Во Основниот суд во Велес на 17 декември минатата година се поведе предстечајна постапка над Автотранспортно друштво АД Трансбалкан од Гевгелија.За привремен стечаен управник беше именуван Драги Димовски од Струмица.

Финансискиот извештај за работењето на компанијата во првте три квартали годинава, објавен на Македонска берза покажува дека е реализирана загуба од 8,2 милиони денари што е зголемување на загубата, во однос на минатата година кога компанијата имаше добивка од 4,4 милиони денари.

Вработените ќе плаќаат придонеси и за хонорар од 1 денар

Доколку сте вработени и земате плата ќе плаќате придонеси и за хонорар од само 100, 200 или 500 денари. Сумата од 9.590 денари месечни приходи над која настанува обврската за плаќање придонеси на хонорарите не се однесува само на средствата заработени преку авторски договори и договри на дело туку и на парите добиени како плата од редовен работен однос. Со оглед на тоа што толкава е и минималната плата во државата, сите вработени лица ќе треба да го пријавуваат и да плаќаат придонеси за секој екстра денар заработен како хонорар, анализира телевизијата Телма.

Од агенциите за авторски права за Телма објаснуваат дека вака е предвидено со постоечкиот закон, но може да се промени во правилникот за пресметка на придонесите, кој се уште не е објавен, иако обврската стапи на сила на 1 јануари.

Во меѓувреме, хонорарците почнаа да ги поскапуваат своите услуги. Здружението на преведувачи објави препорака за тарифирање, во која на своите членови им посочува цената на услугата да ја зголемат за околу 50 отсто, средства кои ќе им бидат потребни за плаќање придонеси и персонален данок.

– Новиот закон воведува трошоци што претходно не постоеле и затоа моравме цената да ја зголемиме за тие проценти. Сега ја изразуваме во бруто износ, наместо во нето, како што практикувавме до крајот на 2014. Ваквата практика е и поправилна, бидејќи бруто цената е вистинската цена на трудот, а не нето износот. Очекуваме секакви реакции, некои нарачатели ќе негодуваат бидејќи оваа промена реално им ги зголемува трошоците, други ќе имаат повеќе разбирање дека тоа е единствениот економски логичен чекор за нас, бидејќи и ние треба да ги покриеме трошиците и да оствариме заработка, како и секој друг бизнис. Преведувањето нам не ни е хоби, од тоа живееме, вели Ирена Кацарски-Ќимова, претседател на Здружението на преведувачи на РМ.

Граѓаните кои земаат хонорар од две или повеќе места ќе имаат обврска договорите да ги поднесуваат во Фондот за пензиско осигурување, каде ќе им се пресметува колку треба да платат за придонеси.

Извор: Телма

 

January 14, 2015

Еврото продолжува да паѓа: Стигна на нивото од пред 10 години

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 5:35 pm

Еврото денеска падна на најниско ниво од крајот на 2005 година и се продава за 1,17 долари.

Ваквата промена на вредноста на еврото, според аналитичарите, поради масовното повлекување на инвеститорите од еврото како валути што уследи, откако Европската централна банка ја олабави монетарната политика и најави монетарни стимули за поддршка на економијата и цените.

Влијание на девалвацијата на еврото имаше и зајакнувањето на доларот како рекација на најавата дека Банката на федерални резерви на САД ќе продолжи со зголемување на каматите.

Визер со превезени 15,8 милиони патници во 2014, оствари приход од 17%

Filed under: бизнис — Tags: , , , — @ 2:47 pm

Визер, најголемата нискобуџетна авиокомпанија во централна и во источна Европа, денес објави дека превезе 15,8 милиони патници во 2014 година, што претставува пораст од 17% на бројот на патници од претходната година.

На крајот на годината, авиокомпанијата имаше летови со попуст за 106 дестинации во 37 земји, во вкупно 355 правци. Визер поседува 54 авиони „Ербас А320“, со кои опслужува 18 оперативни бази во 10 земји во централна и во источна Европа. Претходно најавената база во Тузла, Босна и Херцеговина, ќе почне со работа во јуни годинава.

Јозеф Варади, главен извршен директор на Визер, изјави: „2014 беше уште една одлична година за Визер, обележана со опфат на повеќе земји и дестинации во повеќе правци од кога и да било досега. Ние превезовме 2,3 милиона патници повеќе отколку пред една година. Подготвени сме за понатамошен раст на нашата постојана флота, за проширување на мрежата во 2015 година и за превоз на повеќе патници по пониски цени во Централна и во Источна Европа. Се гордееме со нашиот придонес во економскиот развој на пазарите на кои сме присутни и со создавањето нови директни и индиректни работни места, кои се резултат на нашиот раст.“

„Визер“ е најголемата нискобуџетна авиокомпанија во централна и во источна Европа, а со своите 54 авиони Airbus A320, со кои нуди над 350 рути од 19 бази, поврзува 106 дестинации во 37 држави.

Во „Визер“, тимот од над 2.200 авијациски професионалци нуди извонредни услуги по ниски цени на билетите, што „Визер“ го прават посакуван избор за над 15,8 милиони патници во 2014 година.

Постари вести »

Powered by WordPress