January 8, 2015

Видео: Бил Гејтс се напи вода произведена од фекалии

Мултимилјардерот Бил Гејтс неодамна го провери Омнипроцесорот, машина дизајнирана и изградена од „Јанички Бионергија“ која од фекалии произведува питка вода и електрична енергија.

Фондацијата на семејството Гејтс веќе подолг период бара решение за проблемот со загадувањето што се предизвикува поради недостиг на соодветни механизми за преработка на човековиите отпадоци.

Видеото можете да го погледнете на следниов линк.

December 26, 2014

ЕлкаМК трет пат, придружете се!

На 27 Декември од 12 до 14 часот на неколку пункта низ Скопје ќе се собираат пластични шишиња за да може да се направи ЕлкаМК по трет пат.

„Целта е вие да се ослободите од пластичните шишиња, а ние да собериме што повеќе за нашата елка.Целта е иста како и претходните години. Елката ќе ја продадеме а собраните средства ќе ги донираме на некој на кого што навистина му се неопходни. Традиционално за откупување на елката ќе се погрижат ПАКОМАК.На пунктовите ќе ве пречекаат нашите другарчиња и ќе ви ги земат шишињата, доколку имате желба може да донирате и парички во кутиите за донации што ќе ги искористиме да набавиме додатен материјал за елката (коноп, шајки, чајче и тн….)“, соопштија организаторите.

Пунктови на кои можат да се остават шишиња ќе има во Аеродром (пред ТЦ Бисер), Универзална Сала, Капиштец (пред ТЦ Беверли Хилс), Лептокарија (пред Флуид), Кисела Вода (споменик Тодор Александров), Влае (плоштад Делфина).

„На 28 Декември ќе ја правиме елката во паркот на франкофонија од 10 часот. Бујрум придружете се“, велат организаторите.

December 13, 2014

3Д ЕКО-автобус за едукација на учениците од општина Кисела Вода

Преку едукативна интерактивна презентација „Селектираме и рециклираме со Пакомак“, учениците од ОУ „Рајко Жинзифов, симбол на кинеско-македонското пријателство” од населбата Драчево се запознаа со методите за современо третирање на отпадот.

Точно во 8.00 часот 3D ЕКО-БУСОТ беше паркиран во дворот на училиштето и во него, сите ученици од прво до петто одделение, во неколку групи имаа можност да ја проследат интерактивната видео презентација и да учествуваат во едукативниот квиз.

Низ еко содржините на оригинален начин, ги водеше популарниот ТВ водител Ивце Пивце, кој со нив разговараше за нашите права и обврски кон животна средина.

Преку интересна видео приказна учениците се запознаа со начините за селекција на отпадоците, кои потоа ќе бидат рециклирани и од нив ќе се добијат корисни производи. Видео приказната, учениците ја проследија со помош на 3D очила. Со помош на електронски далечински управувачи имаа можност да учествуваат во едукативниот натпреварувачки квиз, со цел развивање на повисока еколошка свест за зачувување на животната средина.
Учениците освен што учеа, играа, се натпреваруваа и навиваа. На крајот, секој ученик доби скромен подарок од Пакомак.

December 12, 2014

Џон Кери предупреди на климатска трагедија

Filed under: чиста околина — Tags: , , , — @ 9:12 am

Земјите во развој мораат да ја намалат емисијата на гасови со ефектот на стаклена градина, дури и ако сметат дека тоа не е чесно, изјави американскиот државен секретар Џон Кери, предупредувајќи дека на светот му се заканува „климатска трагедија“ доколку несогласувањата ја спречат глобалната спогодба.

„Ова е одговорност на секого затоа што вкупното количество јаглерод диоксид, тоа што е битно, не е удел на секоја држава“, рече Кери во Лима каде се водат тешки преговори за светската спогдба за климата.

Преговарачите на ОН остануваат длабоко поделени околу деталите од спогодбата со која глобално загревање ќе се намали за два степена Целзиусови со намалувањето на емисиите на гасови со ефектот на стаклена градина.

Спогодбата мора да се заврши во Париз во декември 2015 година, за да може да почне да се применува од 2020 година.

Државите во развој сметаат дека Западот треба да понесе поголем товар заради материјалната корист остварена во процесот на индустријализација.

Богатите држави, од друга страна, со прст покажуваат кон џиновите во развој, како што се Кина и Индија, кои согоруваат јаглен за да го поттикнат својот забрзан развој, наведуваат француските медиуми.

December 9, 2014

Проектите Бошков Мост и Луково Поле ќе бидат анализирани од Советот на Европа

Постојаниот комитет на Бернската конвенција при Советот на Европа (СЕ) отвори случај за планираните хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“.

Комитетот ќе проверува дали има прекршување на одредбите од оваа конвенција при носење на одлуките за изградба на планираните 18 хидроенергетски проекти и нивното влијание на територијата на паркот, вклучувајќи ги и Бошков Мост и Луково Поле, соопштија од здруженијата Еко-свест и Фронт 21/42.

Постапката пред Постојаниот комитет започнала во март 2013 година, кога од страна на македонските еколошки граѓански здруженија беше поднесена жалба за прекршување на четири одредби од Бернската конвенција.

– Постојаниот комитет најде основаност и оправданост на нашите тврдења дека балканскиот рис е ставен на ризик со спроведување на Бошков Мост и други хидро проекти. Комитетот соопшти дека ќе спроведе сопствена анализа во самиот национален парк за да го утврди степенот на закана за биодиверзитетот од страна на овој проект, изјави Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.

Таа посочи дека откако експерти назначени од страна на Постојаниот комитет ќе извршат проценка на планираните проекти во Националниот парк „Маврово”, ќе се подготват препораки кои ќе бидат обврзувачки за Македонија.

– Ако препораките за заштита на Националниот парк „Маврово” се земат предвид и се спроведат случајот ќе биде затворен. Ако Македонија не ги спроведе барањата и препораките, случајот ќе остане отворен, а Постојаниот комитет ќе наложи дополнителни мерки за решавање во насока на заштита и унапредување на паркот, појасни Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Граѓанските организации тврдеа дека не е можна заштита на паркот „Маврово” кој е Емералд подрачје и идно Натура подрачје со изградба на 18 инфраструктурни проекти на неговата територија.

Реакција на ЕЛЕМ

АД „Електрани на Македонија“ од почетокот на подготвителните работи за реализација на проектите ХЕ Бошков Мост и ХС Луково Поле најпрофесионално и во согласност со сите постојни меѓународни стандарди и политики на Европската банка за обнова и развој и на Светска банка презеде низа активности за оценка на влијанието на овие енергетски објекти врз животната средина, велат од компанијата.

За таа цел, нагласуваат, за Бошков Мост е изработена Студија за оценка на влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директиви, а во изминативе две години се реализирани и подготвителни активности како дел од зацртаните обврски произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти.

– Сите активности се одвиваат со предвидената динамика во согласност со домашната регулатива и правилата на ЕБОР. Во текот на 2012 и 2013 година завршен е едногодишниот еколошки мониторинг на територијата на идната електрана со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на несаканите влијанија од проектот. Извештајот од овој мониторинг на биодиверзитетот и на животната средина заедно со други придружни извештаи е доставен до ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање и за него од ниту една заинтересирана страна не стигнаа забелешки во законски предвидениот рок, посочуваат од ЕЛЕМ.

Оттаму велат дека во моментов реализираат и активности кои исто така се дефинирани во делот на заштитата на биолошката разновидност и одржливо управување со природните ресурси.

– Во тек е подготовка на акватична анализа на биодиверзитетот и збирен преглед на предложените мерки од одобрената студија за оценка на влијанието на Бошков Мост врз животната средина кои се резултат од спроведениот едногодишен (четири сезонски) мониторинг на биодиверзитетот и животната средина на проектното подрачје. Извештаите од овие активности ќе бидат доставени до сите релевантни институции и засегнати страни. Во согласност со препораките од ЕБОР, како и од препораките произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти, во моментов интензивно се изведуваат активности од страна на повеќе експертски тимови и тоа е во целост усогласено со барањата на засегнатите страни, како што се невладини организации, локалното население, здруженија на граѓани и надлежните институции, нагласуваат од ЕЛЕМ .

Во однос на „Луково Поле“ во овој момент, додаваат, во финална фаза влезе изработката на студијата за оценка на влијанието врз животната средина на која работи реномирана светска компанија од Франција и таа се очекува да биде финализирана до почетокот на 2015 година. Врз основа на законската регулатива, потоа следи објавување на студијата, прибирање забелешки од сите засегнати субјекти и одржување јавна расправа. Исто така, студијата ќе биде преведена на грчки и на албански јазик, од причина што Република Грција и Република Албанија го потврдија учеството на јавната расправа. Студијата ќе биде детално образложена земајќи ги предвид сите планирани активности за изградба на зафатите и објектите кои ќе имаат влијание врз животната средина, биодиверзитетот и за нив ќе бидат презентирани предвидените мерки за намалување на влијанието врз животната средина.

– Во соработка со Европската банка за обнова и развој, Светска банка и надлежните институции во Република Македонија, АД ЕЛЕМ е силно посветено за реализација на овие значајни енергетски проекти во согласност со сите меѓународни директиви за заштита на животната средина. Компанијата и понатаму останува транспарентна и отворена за соработка со сите институции и засегнати субјекти во однос на прашања поврзани со тековните и идни активности за проектите „Бошков Мост“ и „Луково Поле“, потенцираат од ЕЛЕМ.

Климатски предизвик за граѓаните: Твојот град. Од тебе зависи

Климатски предизвик со наслов „Твојот град. Од тебе зависи“ од денеска e отворен за сите граѓани на Македонија. Предизвикот е организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Амбасадата на Шведска, Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД), Милиеуконтакт Македонија и Центарот за социјални иновации во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Генералниот секратар на Обединетите нации Бан Ки-мун вели дека климатските промени се едно од најгорливите прашања на нашето време. Со овој предизвик, се покануваат граѓаните да помогнат во решавањето на ова прашање со доставување на иновативни проекти на тема:

1) Што можеме да направиме за да го намалиме нивото на емисии на стакленички гасови во градовите?
2) Како може подобро да се прилагодиме на климатските промени со кои што се соочуваме?
3) Како можеме подобро да ги искористиме паметните технологии за справување со климатските промени?

Двајца победници ќе бидат избрани од страна на експертска комисија. Секој од победниците ќе биде награден со 10 илјади долари. Од оваа сума, илјада долари ќе бидат доделени во кеш (парична награда) а девет илјади долари ќе бидат вложени за да се развие идејата во прототип. Поддршката ќе вклучувa техничка поддршка, менторство и помош во идентификување на потенцијални партнери кои би можеле да бидат заинтересирани да го спроведат предложеното решение.

„Македонија е земја која се соочува со висок ризик од климатски промени,” вели постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

Според Светската Банка, Македонија е една од 5-те најранливи земји во Европа кога станува збор за климатските промени. Со порастот на температурите во градовите, се појавуваат нови закани за човековото здравје, а екстремните временски прмени создаваат поголем ризик од поплави и други природни катастрофи. Во руралните области, земјоделските култури по кои земјата е најпозната – грозје, пиперки, домати и јаболка – се ранливи на променливите временски услови. Надминувањето на вакви предизвици бара иновативни идеји и промени во нашето секојдневно живеење.

Во моментот, повеќе од 60% од населението во Македонија живее во урбаните центри, од кои 30 отсто се во Скопје. Главниот град е исто така центар на најголемиот дел на економската активност во земјата но тука се генерира и најголемиот број на емисии на стакленички гасови.

Сите граѓани можат да учествуваат на предизвикот со пополнување на електронската апликација, која е достапна на веб страната: http://odtebezavisi.mk. Крајниот рок за доставување на апликациите е 28 февруари 2015 година.

December 6, 2014

Само 12% од компаниите правилно го селектираат отпадот

Македонските компании се уште имаат ниска свест за управување со отпад. Дури 45 % од нив не го собираат отпадот според прописите, покажуваат податоците на Асоцијацијата за селектирање на отпад при Стопанската комора на Македонија.

За разлика од западните земји каде што количината надминува 80 %, кај нас се собира само 12 % отпад од пакување.

Во земјава годишно се собираат околу 100.000 тони пластика, лименки, хартија, стакло, или 45 до 50 килограми по жител.

Од нив се рециклираат 17 до 20 %, а до 2020 година овој процент треба да биде 60%.

 

ОН: За адаптирање на климатските промени потребни до 500 милијарди долари годишно

Инвестициите, потребни за заштита на населението на земјите во развој од ризици, кои се поврзани со климатските промени, можат да бидат двојно или трипати поголеми отколку досега прогнозираните, се наведува во денеска објавениот извештај на ОН во Лима.

Според новите оценки, за помош на сиромашните земји да се адаптираат на се повисоките температури би биле потребни меѓу 250 и 500 милијарди долари годишно.

Претходните оценки покажале дека на овие држави годишно би им биле потребни меѓу 70 и 100 милијарди долари, со цел да се адаптираат на климатските промени до 2050 година.

Новите прогнози за потребните средства за помош на земјите се донесени врз претпоставките дека меѓународната заедница ќе успее да го ограничи зголемувањето на температурите во светот на два степена Целциусови во споредба со температурите од прединдустриската ера.

December 3, 2014

„Пакомак“: Со рециклирање хартија спасена е шума од 70.000 дрвја

„Пакомак“ соопшти дека до 1 ноември организирала селективно собирање и рециклирање на вкупно 9.107 тони амбалажен отпад.

Од таму нагласуваат дека со рециклирање само на хартија оваа година, преку системот на „Пакомак“, спасена е шума од 70.000 дрвја, заштедено е вода потребна да наполни 42 олимписки базени, 4.000 тони нафта и заштедена е електрична енергија која би ја потрошиле 3900 семејства во трособен стан во период од една година.

„Како резултат на ваквите заложби и вообичаената пракса, оваа година заклучно со 31 октомври, Пакомак преку својата инфрастуктура и со своите соработници организираше селективно собирање и рециклирање на вкупно 9.107 тони амбалажен отпад од кои 4.847 тони хартија, 3.500 тони пластика, како и над 736 тони стакло, дрво, метал, со што се има заштедено околу 70.000 илјади дрва и 4000 тони нафта. До крајот на година се планира да се однесат на рециклирање над 9.500 тони амбалажен отпад. Идната година се планирани за 30 проценти поголеми количини, да се соберат и рециклираат“, нагласуваат од компанијата.

November 26, 2014

Критична маса денеска во Скопје: Исфилтрирај ги навиките! Не чади, диши со полни гради

„Исфилтрирај ги навиките“ Дали баш мора да запалиш кола за до продавница или за да излезеш на кафе? Дали е навистина неопходно на дестинација до 5-6 км. да одиш со кола? Има ли можност на некој друг начин да стигнеш таму каде што сакаш? Разгледај ги опциите како може да стигнеш дотаму,… Ова е новата порака на групата ентузијасти од дружината „На точак“ кои денеска по 31 пат повторно ја организираат популарната критична маса.

Почетокот на возењето е закажан во 17:30 часот на Плоштадот Македонија, а крајот на возењето е кај Плоштадот Делфина во Влае.

Целата рута на утрешната акција на следниов линк.

Постари вести »

Powered by WordPress