January 11, 2015

Цел свет протестира против тероризмот, Македонија како да е на друга планета

Во Париз денеска на маршот за солидарност протестираа околу 1,5 милион граѓани на Франција и целиот свет. На протестот беа присутни и многу државници од целиот свет.

Нема официјална информација дека на протестите на било какво ниво имало и македонски државен преставник.

m1

Протести истовремено се организираа во многу други места во Франција, а бројките кажуваат дека на нив очествувале околу 3,7 милиони граѓани.

Протести денеска имаше во целиот свет, од САД до Палестина.

l1

(Фото oд протестите за солидарност во Лондон)

Во Македонија, земјата на разно разни протести и контрапротести, и во која и врапчињата знаат дека е загрозена слободата на изразување во било каква форма, немаше ништо. Неми останаа и политичарите и невладиниот сектор.

Интерес имаше само кај медиумите кои на големо известуваа за овие настани, а новинарите беа единствените кои во мал број протестираа марширајќи од Паркот на новинарите до францускиот културен центар во Скопје.

Не треба да заборавиме и дека Македонија не е имуна на тероризам. До сега околу 15 лица, државјани на Македонија загинаа во Ирак и Сирија, борејќи се на страната на џихадистите, кои ја презедоа одговорноста за нападите во Париз, а терористите од Париз беа повратници од војната во Сирија.

Колкава е бројката на нашите државјани таму и на што ќе бидат подготвени кога ќе се вратат дома, останува само да препоставуваме.

Фото: Sky news

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Македонските новинари во Скопје се придружија на протестот против тероризмот во Париз

Париз центар на светот: Над 1,5 милион на маршот против тероризмот

 

 

 

December 8, 2014

Денеска, а и за секој празник автобуските станици низ градовите, продаваа карти и за полни автобуси

Денеска низ градовите ширум Македонија, на автобуските станици беше прилично раздвижено. Кој заминал дома во внатрешноста да го прослави празникот, споен со викенд денеска се враќа назад кон главниот град.

И се е тоа супер ако на автобуските станици низ градовите има некаква координација, бидејќи се случуваше да издаваат карти, а автобусот што доаѓа да биде полн.

На пример, требаше да се вратам од Штип за Скопје. Извадив карта за во 12.20 часот, но кога беровскиот автобус дојде на перон во Штип, беше преполн. Се повратив кај девојчето на шалтер за да прашам, зошто издаваат карти за автобус кој е полн. Не мислат белким да стојам до Скопје. Со дете.

Еден друг ми дофрли дека немаат координација, меѓу себе.

Бев приморана да чекам уште половина час, да го чекам следниот за да најдам место. Но и со струмичкиот автобус, ситуацијата беше идентична, но за среќа и со малку боречки вештини за да влезам меѓу првите, најдов едно место празно.

На следната станица во Велес, момче што си имаше купено карта за Скопје, стоеше цело време. И неговата реакција беше иста како мојата „зошто продаваат карти на полни автобуси“. Уредно купени, еден ќе стои, друг ќе седи!

Во 21. век, немаат никаква координација. И редовно за празници им се повторува истата песна, по кој знае којпат. И што е најжално, не им доаѓа паметот и не умеат да изнајдат начин како да се координираат.

Си помислив, Климент очигледно не не описмени до крај.

П.С

Една од автобуските, случајно ја обезбедува агенција која како заштитен знак го има лавот. А, реакцијата на детето со мене беше, дали ова значи дека е забрането да влегуваат лавови на Автобуска?

За лавови не знам, ама за луѓето немаат ама баш никаква организација!

December 4, 2014

Јужен тек, гасот и името

Јужниот тек, барем онаков каков до сега го знаеме пропадна. Путин не случајно тоа го најави од Анкара, давајќи до знаење на Еропската Унија, каде што најмногу се заинтересирани за иднината на овој гасовод, дека сепак гасоводот ќе се гради ама по малку различна траса.

Она што е важно во целата нова ситуација која допрва ќе видиме како ќе се развива е фактот дека Турција, многу важна земја и од економски и од политички аспект, ќе игра нова значајна улога на геостратешката карта. И уште нешто дополнително, Русија новиот гасовод ќе го доведе преку земјата кандидат за членка веќе 30 години Турција, до портата на Европската Унија- Грција.

Дали Русија немаше пари да го реализира овој проект вреден над 15 милијарди долари или пак Брисел не го сакаше, па тоа беше причината за затворање на овој проект е главната тема во дебатите на светските аналитичари. Сепак фактите велат дека гасовод ќе има, само не по таа траса.

Во оваа „битка“ на титаните изворите за енергија и уште поважно сигурниот и континуиран дотур на гасот ќе биде клучна тема за многу геополитички одлуки.

Балканските земји во оваа голема приказна останаа со подзината уста. Бугарија и Србија се најпогодени, особено Бугарија чија политичка нестабилност и честиот пад на Владите меѓудругото се должи на калкулациите околу гасот.

Македонија нема некој поразлични позиции од соседите, по однос на ова прашање. Досегашната условно речено партија тенис, каде што упорно гледавме те на едната те на другата страна, малку доби нов подинамичен тек. Наплатата на клириншкиот долг и гасификацијата, која ја кренавме на неоправдано високи очекувања, сега е неважана во однос на тоа што може да следи.

За разлика од Труција која како и нас е земја кандидат за членство, ние сме мала и незначитлна економија со не многу важна геостратешка позиција. Дополнително на тоа имаме нерешен спор со името на нашата држава со така наречениот Јужен сосед, кој сега добива многу важна улога.

Да, и тоа сега кога „копјата се кршат“ меѓу големит сили за гасот.

Додека се дебатира дали ЕУ е жртва на американската политика кон Русија и зашто ЕУ реши да ги жртвува своите членки особено Бугарија во приказната со Јужен тек, Самарас  ја има главната вест.

Во Грција ќе поминува Трансатланскиот гасовод ТАП, а по најавата на Путин и првиот човек на Гаспорм Милер, ќе поминува и новата адаптирана верзија на Јужен тек.

И тоа не е се!

Иако без некое поголемо внимание во јавноста, минатата година телеграфски помина информацијата, дека Самарас го информирал американскиот претседател Обама, дека имаат пронајдено наоѓалишта на природен гас, во Јонското море и кај островот Крит, со што може да се обезбеди снабдување на Европската Унија во следните 40 години. Па дури и да не се 40 години, да се и половина од тоа, потенцијалните нови наоѓалишта на гас во Грција, два транзитни гасоводи и неколку складишта за природен гас и даваат на Грција сосема нови позиции не само во Европа, туку и пошироко. Нашиот Јужен сосед добива значајно место на големата зелена маса, па оттука политиките на оваа земја и нејзините идни аспирации веќе сериозно го надминуваат Балканот.

За Македонија ваквата ситуација не треба да се гледа како добра или лоша.  Туку единствено како што е, реално. Заклучокот е едноставен, мора да најдеме нов модус во односите со Грција. Модус кој ќе ги придвижи билатералните односи во позитивна насока. Само така можеме да дојдеме до решение за Македонија со отворен и прагматичен пристап. Грција со која со децении имаме спор ќе го има пристапот до најважниот енергнс во светот, барем во следните 20 години. Можеби токму гасот може да биде шанса за нас. Опции постојат и не се толку недостижни како што изгледаат на прв поглед. Треба само да ги видиме. Освен тоа тука е и нашиот пријател Турција, која освен за турски серии, може да биде наш партнер и за многу посуштински работи.

Авторот е консултант за стратешки комуникации – Агенција за односи со јавност Имиџ ПР

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

И Македонците го билдат турскиот извоз: За две години од продажба на серии заработиле 200 милиони долари

Турците се враќаат во Македонија

November 11, 2014

Тажно: Бегаат од смртта илјадници километри за да загинат во Велес

Ја чува ли некој македонската граница или е навистина толку лесно да се помине од Грција кон Македонија пеш, со автомобил или со воз? Мигрантите, претежно од Сирија и Авганистан кои од мака веќе подолг период во бранови преминуваат во Македонија на патот кон европските земји покажаа дека во земјава може да влезе кој сака, кога сака. Иако надлежните во изминатиов период открија стотици мигранти натоварени по вагони како што нацистите ги товареле Евреите, се чини дека нашата граница е како слободна зона.

Никој не би требало да ги обвини овие души што бегаат од насилствата во сопствените држави. За жал, во потрага по подобар живот тие ноќе патуваат по пругата од Гевгелија кон Табановце бидејќи знаат дека така сигурно ќе стигнат на север. Навистина е тажно што непознавајќи го теренот стануваат жртви на можеби најбавните возови во светот -македонските. Треба да се обвинат оние што гледаат лесна заработувачка на туѓа мака.

Товарен воз вчера повторно прегази мигрант што се движел по пругата пред железничката станица во Велес. Во мигрантот удрил возот што сообраќа на релација Гевгелија-Табановце. Идентитетот на починатиот не е утврден, а мигрантите што полицијата ги затекнала на местото рекле дека не го познаваат. И толку. Како овој човек да нема семејство кое сега се прашува што станало со нивниот близок.

Претходно, пред само пет дена во железничка несреќа на пругата Скопје – Гевгелија кај местото Јаворица во близина на селото Давидов, воз усмрти 25 годишен Авганистанец кој во рацете го држел своето бебе старо само 45 дена. Каква трагична судбина за родителот и неговото чедо.

Сепак, уште потрагично е што како никој во земјава да не брои ниту пак се потресе дека за период од две недели на оваа пруга загинаа пет лица. Или тоа не се луѓе, туку само мигранти?

За да не замолчат, во состојба се сами себе да се демантираат

Filed under: Мој став — Tags: , , , — @ 9:21 am

За да критикуваш некој друг, почни прво од себе. Ќе почнам со ред. Новинарите се мрзливи, неинвентивни, функционираат по системот „копи-пејст“, агрегаторите им ги даваат насоките на дејвствување (читај копирање), а Фејсбук е главен и одговорен уредник. Но тоа и не е толку страшно, бидејќи една виртуелна редакција може да биде попродуктивна и поинветивна од физичката каде што сите се присутни, а отсутни, а во виртуелното си присутен затоа што сакаш. Тоа е и всушност смислата на колегиумите каде што се дискутира за теми, се разменуваат идеи, се надмудрува во одбрана на сопствениот став. И тоа е добро доколку постои. Но тврдам дека се поретко го има.

Факт е дека во медиумите има недостаток на инвентивни и издржани теми, истражувачки стории, интригантни текстови нешто што откако ќе го прочитате ќе ви создаде чувство дека во најмала рака ви се разјаснила одредена состојба и притоа нешто можеби повеќе сте дознале и сте научиле. А, тоа е така бидејќи колегите се во некоја безвоздушна состојба каде што или имаш лебдење или имаш слободен пад.

Ни недостасуваат критички текстови, бидејќи колку и да се издржани и поткрепени со факти веднаш авторот се етикетира како опозициски. Ако се ставиш во одбрана на добар проект од Владата, веднаш си со нив. На етикетирањата и поделбите им нема крај, како и на гледањето на состојбата на црно и бело. Во оваа насока, ретко може да се прочита реален текст за политичката сцена и уште пореален за економската состојба.

Во обид да пишуваме за одредени економски текстови и теми, кои сите не засегаат и се за наше добро, притоа поставувајќи легитимни прашања, се соочуваме со канонада од напади. Очигледно пуштаме пчели во дупка со заспани мечки. Па затоа новинарот го навредуваат како не елоквентен и нереален, иако нема поупатен во работите од него, бидејќи проблематиката ја познава од самиот нејзин почеток. Па ти лиферуваат текст, демек демант на твојот, а во него не кажуваат ништо ново, поточно ништо што веќе не е кажано во текстот кој е предмет на демант. Најлесно е новинарот да го етикетираат дека нема кредибилитет или да го упатат „малку подобро да се информира.“

Реагираат на информации само „голо“ преземени од Централен регистер. Односно го демантираат Централен. Во состојба се да демантираат државна институција, односно себе (тие ги испратиле податоците), за да не се објави нешто што не им е во прилог. Притоа веројатно надевајќи се дека таа промена на состојбата на сопственост, никој нема да ја види.

Банка ќе им даде на продажба имот под хипотека на компанија, и вториве реагираат кај нас, небаре ние им го продаваме имотот за обврски кои самите не ги подмириле. И веднаш имаш прашање „ од кај знаете“. Па ги упатуваш на сајтот на банката да си проверат.

Објавуваат оглас со некоја смешна сума на плата која ја нудат за висококвалификувани работници, па ние сме виновни што сме ги омаловажувале со цената.

На апсурдите им нема крај. Во состојба се, сами себе да се демантираат и да се заканат со тужби само да не се објави нешто што веројатно не го сметаат за добро за нивниот имиџ, а самите го создале.

Ај што институциите се прилично затворени за информации па ќе се изначекаш за некаков одговор, кој откако ќе го добиеш можеш само да го ставиш во Recycle Bin, компаниите се „оперирани“ од транспарентност и отвореност за било какви бројки, па и за податоците кои се објавени на страниците на државните институции има кревање паники, закани, малтретирања по телефон. Што има ти да бидеш заинтересиран и да следиш што се случува на Централен или на Берза, ај следи си агрегатори и копирај си!  И после немало бизнис или не знам какви вести. Па на нос ќе ти излезат, ако само малку ти се подотворени очите!

October 30, 2014

Геј е ОК!

Filed under: Мој став — Tags: , , , — @ 9:22 am

Една работа се уште не може да ми се разјасни во 21 век, а тоа е не можноста да се прифати некој поразличен од себе. Веројатно тоа е така затоа што сме полни со предрасуди и стереотипи и не сме направиле обид да се ставиме во кожата на другиот и да разбереме зошто некој е таков каков што е.

Ниту сме сакале да поработиме, па да се издигнеме на ниво погоре во својата свесност и да прифатиме некој кој е геј, на пример.

Полни сме со незнаења и неразбирање за Албанците, Ромите, ЛГБТИ популацијата односно за луѓето со кои живееме и сме опкружени. Најлесно е да и залепиме етикети „племе“, „цигани“, „педери“.

Децата ги плашиме со циганите, Албанците кога ќе направат белја велиме „абе остај, племе“, ако некој е хомосекусалец тој е „обратен“. Но, зошто? Затоа што не се познаваме.

Имам еден куп геј пријатели, живеев со цимер геј. Не видов дека нешто се поразлични од мене и дека нивното присуство има штетно влијание врз моето битисување. Напротив, во нивно друштво ми е многу пријатно.

Соочени со вистината дека треба да се борат против стереотипите на општеството и „слободно“ да дејвствуваат, нивната свесност е развиена на многу повисоко ниво од многу хетеросексуалци што ги познавам, и што со своите ставови застанале во 19 век.

Пример за тоа се оние кои го демолираа Дамар и притоа имаа интенција да убијат луѓе при прославата на двегодишнината од ЛГБТИ центарот. Не ми е јасна пораката на целиот настан, освен дека некој имал интенција да убие човек и за тоа треба дебело да одговара.Зошто некој оди зад затворени врати, каде што секој си прави што си сака? Можеби и мене ми пречи машко пијано друштво во кафеана каде што вишокот тестостерон го изразуваат на маса, па не фрлам шишиња по нив.

Истите тие утре ќе напаѓаат и разведени жени, бидејќи не се согласуваат со ставот дека некој треба да го напушти партнерот ако повеќе не може да најде заеднички јазик со некого.

Во европските држави темата „геј е ОК“ повеќе не е предмет на расправа.Расправаат за правата на животните.

Во светот во моментов 15 земји ги одобруваат истополовите бракови, од кои девет се во Европа.Но, без разлика дали темата е брак е законски регулирана или не, во цивилизирани држави овие луѓе не ги напаѓаат на улица, не ги напаѓаат клубовите каде што излегуваат, не им ги каменуваат домовите.

Кај нас беше каменуван домот на Петар Стојковиќ, беше нападнат ЛГБТИ центарот во Стара Чаршија, беше нападната ЛГБТИ заедницата при прославата на двегодишнината од основањето на центарот, Кочо Андонов „жив го распнаа“.

Остајте ги луѓето нека си живеат на раат, живејте си го и вие својот. Не ѕиркајте низ клучалка во туѓа спална, ѕирнете во сопствената-можеби многу повеќе е за смеење и за осуда.

 

 

October 27, 2014

Во неделата на бизарности, СДСМ и ВМРО се позитивен пример

Filed under: Мој став — Tags: , , — @ 9:54 am

Македонија доживеа недела на бизарни настани какви што одамна немало. На 22 октомври медиумите пренесоа информација дека тетовската полиција поднела кривична пријава за сквернавење на умрен откако при претрес на еден возрасен човек открила протези. Лицето признало дека ги извадил од останки на покојници на православните гробишта во Тетово, а и претходно го правел истото. Потоа предметите ги продавал на лица од Србија. Човек не може да не се наежи од помислата како може некој да заработува на ваков начин.

Следниот ден, дојде трагичната вест од беровско. Млад, 31- годишен маж извршил самоубиство и самопогреб на брутален начин. Тој сам си го ископал гробот во семејната куќа под скалите, го затворил со штици и пур пена, а за да не се предомисли и рацете си ги залепил со пур пена за потоа да испие киселина. Тажно е да се помисли на какви маки бил покојникот.

Во следните два дена непромислените инциденти и насилства го покажаа балканскиот тап менталитет се уште присутен во земјава.

Се случи инцидентот во „Дамар“ во Старата скопска чаршија. Локација што треба да биде поим за убави работи, меѓусебно разбирање, почит и дружење, за жал, беше претворена во сцена од времето на Хитлер кога на сличен начин со физички напади и малтретирање нацистите ја жигосувале еврејската заедница. Различноста треба да се почитува подобро да биде основна лекција во училиштата и во домовите бидејќи униформни и назадни размислувања нема никаде да не одведат.

Набргу потоа се случи пресметката со огнено оружје меѓу активисти на ДУИ во чајџилницата во Кондово, местото од кое порано се закануваа дека ќе го гранатираат главниот град сега беше центар на внатрепартиска нетрпеливост, борба за превласт или кој знае што во една од владејачките партии. Имаше повредени, а ова каубојско политичко сценарио само покажува по каква методологија некогаш се работи во една од посериозните политички структури во земјава.

По неколку бизарни, тажни и грди слики во изминатата недела, не би требало да остане незабележано дека во нашето политичко поднебје има и примери кога двете најголеми партии од власта и опозицијата и во меѓусебното препукување ќе се согласат по некое прашање. Откако СДСМ го осуди нападот на прославата на ЛГБТ центарот во чаршијата и ги повика институциите да ги најдат сторителите се јави и ВМРО-ДПМНЕ со иста осуда и со исто барање од институциите виновниците да се изведат пред лицето на правдата.

Некој може ќе рече дека станува збор за замачкување очи, но јавната осуда од двете најголеми партии на овој инцидент е редок позитивен усогласен став на двете страни по подолга пауза и затоа треба да се поздрави.

October 25, 2014

Зошто сум ЗА воведување на екстерно тестирање за студентите

Јас завршив факултет по новинарство пред точно 14 години. Бев, рака на срце од т.н. студенти што ги развлекуваат студиите, па студирав вонредно околу осум години, за да на крај го завршам факултетот за рекордно време и со зголемен просек.

Правев паузи, зошто сметав дека треба да ја искусам професијата новинарство во редакција. Па во тој период го имав и првото работно искуство како новинар и имав среќа уредникот да не ме праќа по бурек, туку да ме научи како се пишува.

За жал на факултетот, кој јас си го викав Greatest hits, (имавме испити на сите можни факултети, освен медицина и електро), на прсти можам да ги избројам професорите кои ми оставија впечаток и од кои научив нешто. Ниту не научија како треба да работи еден новинар, ниту не насочија во одредени области кои во иднина ќе ги следиме и покриваме за јавноста. Не учеа буквално за се (нели новинарот се треба да знае), за да на крај не научиме речиси ништо.

Затоа бев многу среќен кога пазарот на образование се „либерализираше“ и се појавија приватните факултети. Дел од нив го воведоа и смерот комуникации, кој со многу помодерна програма ги „покри„ Интердициплинарните студии по новинарство на Правниот факултет во Скопје.

Но, што се случи? За брзо време се покажа дека приватните факултети не донесоа конкуренција помеѓу студентите и поквалитетно образование. Напротив. Сите станаа студенти и автоматски со самото запишување на некој приватен факултет по секоја цена дипломираа и станаа „нелојална“ конкуренција на некој кој што навистина се потрудил да го заврши факултетот како што треба, а не зошто платил. Не само што добивме еден куп дипломирани студенти, кои незнаат ни да објаснат што студирале, туку драстично се зголеми и бројот на магистри. Некој од страна да не анализира ќе помисли дека сме Анштајн нација. А не сме.

Па така, имам пријател магистер по комуникации кој заврши на факултет во Тетово, кој не знае да напише вест, а камоли прес соопштение.

Најголемите добитници од  „процесот„ беа професорите, кои за поголеми плати се „растрча“ да фатат место на некој од приватните факултети.

Затоа не ми ни чуди кога работодавци ми кажуваат дека се многу внимателни од каде вработуваат дипломирани студенти. Во бизнис сектор е јавна тајна дека студентите од приватните факултети се последни на листите за вработување, а некои не ги ни сакаат.

Секој работодавец сака квалификуван работник во вистинска смисла на зборот, а не некој недоделкан.

Така да, навистина не ми е јасна целата оваа ФАМА за екстерното тестирање на студенти. И така ништо не прават. За разлика од нивните колеги од регионот и во светот, не протестираат ни за студентскиот стандард, кој е повеќе од лош, за измените во образованието, кои понекогаш се бесмислени, за програмите за студирање… Вака барем навистина ќе треба да научат. За тоа се нели и на факултет.

Ако некој навистина сака да студира, да вложи во себе, да се бори за добра работа, ич не би требало да се плаши од дополнително тестирање.

October 19, 2014

„Свашта„: Артан Груби стана миротворец

Артан Груби, како сведок на инцидентот на фудбалскиот натпревар во Белград, каде со чин на примитивен национализам, беше прекинат фудбалски меч, иако никој не го праша одлучи да прати писмо до УЕФА и да посочи кој е крив.

Супер што конечно преставник на ДУИ одлучи да посочи акт на ширење на омраза и нетрпеливост. Вообичаено преставниците на ДУИ или „ништо не знаат“ или воопшто не коментираат настани кои потикнуваат меѓуетничка омраза. Тоа што тој се обидува да изигрува необјективен медијатор за настан што воглавно засега други две држави и не е толку битно, важно е дека посочува нетолеранција и етничка нетрпеливост, што треба да го прави секој политичар, кој мисли добро на својот народ.

Во писмото кое како пратеник на Собранието на Р.Македонија го прати до УЕФА, Груби вели “дека на инцидентот му претходеа невидени изливи на омраза како што е палењето на албанското знаме и знамето на НАТО исто како и отстранувањето на албанското национално знаме од јарболот на кое се вееше до знамињата на Србија и УЕФА“.

Тоа секако не е во ред и е за осуда. Но, зошто Груби не реагираше кога во неколку наврати се палеше знамето на Македонија во Косово и Албанија? Тоа е знамето на државата во која живее и каде работи и од каде зема плата.

Понатаму вели: „На самиот почеток на натпреварот хулиганите за време на изведувањето на албанската национална химна фрлаа со предмети кон албанските фудбалери и извикуваа пароли како “Уби уби Албанец” или “Само мртов Албанец е добар Албанец”.

Ваквите постапки на српските навивачи се за секаква осуда, нема дилема за тоа. Но, зошто Груби не реагираше кога на протестите по повод судскиот случај „Монструм“ во Скопје, учесниците на протестите извикуваа УЧК и антимакедонски пароли или кога кога се шири омраза на фудбалски натпревар во Тетово или кошаркарски меч во скопски Чаир?

И последно и најважно, истиот тој Груби предводеше група која сакаше да урива црква на Кале, сред Скопје. За тоа доби и обвинение.

Затоа сметам дека е крајно лицемерно да Груби изигрува „миротворец“, кога и самиот беше дел од настан кој потикнува омраза и непочитување на вредностите на државата во која живее.

 

October 16, 2014

Тоше ги предвиде сите игри без граници

Веста за смртта на Тоше Проески, ја паметам како вчера да ми беше соопштена. Ме дамлоса само што пристигнав на работа. Сликата од канцеларијата на секретарката, која патем ми кажа, ќе ја паметам цел живот. И потоа се течеше во знакот на едно големо неверување и еден голем прашалник ЗОШТО. Но како одминува времето, сфатив дека оправдание за прерано згаснат живот никогаш нема да пронајдеме. Но во меѓувреме, ни се појавија многу ЗАТОА. Само кој може да ги препознае?!

Тоше сместен во денешна констелација, во мене поттикнува многу прашања. Најпрво каде ќе стигнеше со неговата кариера? А, покрај за успесите за кои веројатно најмалку ќе се пишуваше, бидејќи се подразбираа, каков „прљав веш ќе му вадеа“? По кои портали, ќе се валкаше неговото име?

И пред да не напушти, беше доволно повреден од односот на некои новинари. Но, камо да беше жив и здрав! Беше силен и ќе го издржеше распнувањето.

Нејсе и седум години по неговата смрт, Македонија се уште жали.И не може да прежали како тоа се случи, од сон во смрт! Но, интересна е неговата приказна како пејач, одличен материјал за филм со крај, но и почеток за неверување.Неговата менаџерка Лилјана Петровиќ во една прилика изјави дека соработката со него „паднала од небо“. Исто како и неговата смрт. „Му предвидувам височина, му го предвидувам врвот. Се плашам дека не можам да го следам“, изјави таа во една прилика.

Се запознаа во 2002 година кога Лилја престојуваше во Македонија за да го промовира етнопроектот на Билјана Крстиќ. Тогаш и се јавил еден пријател од Белград на кого кога му кажала дека е овде, ја прашал: „Да не си таму за да преговараш со Тоше Проески“? Во моментот не можела да се сети за кого станува збор, но тогаш тој ја потсетил на дуетот на Тоше со Гоца Тржан „1.200 милји“. Лилја во тој момент се присетила на феноменалниот глас на „малиот“. Еден од организаторите на концертот и кажал дека Тоше е извонреден талент и дека е без менаџери. По контактот што го воспоставиле, и се допаднал само по пет минути разговор. Без двоумење му понудила четири песни од грчкиот композитор Фивос, кој кога го слушнал неговиот глас, без размислување прифатил да работи со него.

„Кога би имала дете, не знам дали би му посветила толкаво внимание колку што му посветувам на Тоше. Се грижам дали јадел, пиел, дали е нервозен, лут, расположен, што ќе облече. Но, не го сакам како мајка, туку како уметник. Тој е дел од мене и темелно работам на него. Не постои работа која не би ја направила за него“, изјави таа во времето кога започнаа да соработуваат.

Од денешна перспектива, за оние кои веруваат дека во животот ништо не е случајно, интересна е и изјавата на Петровиќ дека кога ќе почувствува дека не може да му помогне, ќе го препушти на други менаџери и ќе ужива во неговите успеси.

По гостувањето на Тоше во Лондон, Лилја го истакна воодушевувањето на англиските продуценти кои неговиот глас го окарактеризираа како свеж воздух во простор во кој не може да се дише.

Можеби овде беше таа пресвртница кога Петровиќ требаше да замине од неговиот живот како менаџер? И навистина се „разминаа“, но по најмалку посакуваните патишта.

Којзнае што ќе се случеше потоа? Можеби Лилја навистина ќе се повлечеше и ќе го оставеше во рацете на некои други кои многу подобро ќе знаеја од него да направат европска ѕвезда. Факт е дека таа од него направи балканска ѕвезда.

Но, животот пишува романи. Денеска, според наши информации таа е во нејзината родна Србија каде што се занимава со одгледувањето на лаванда на поголеми површини полиња. А, тој е меѓу „своите“!

Секој може да ја продолжи приказната како сака, но едно знам. Ми недостасуваат неговите концерти на стадион, ми недостасува таа енергија која „пукаше“ меѓу илјадници публика. Недостасува она неговото од Бога дадено, кое Влатко Стефановски во една прилика го опиша вака „Тоше имаше таква енергија што беше доволно само да застане на сцена и ништо да не пее. Публиката ќе паѓаше во дилириум.“ Неповторлива е неговата умешност на пренесување на емоции и пораки преку неговите песни.

Но во денешно време, покрај тоа што музички ќе не збогатуваше, којзнае кој се ќе сакаше да го „допре“. Бидејќи „крлежите“ многу добро знаат дека позлатата останува на прстите кога се допира идолот.

Постари вести »

Powered by WordPress