January 13, 2015

Кога ќе го поминеш кањонот, не е лесно да се вратиш

Луиза Винтон, Постојан кординатор на Обединетите нации во Македонија, пораснала во мало американско гратче во Делавер, каде населението вооглавно работи во хемиска индустрија.

За разлика од нејзините родители и локалното население таа имала сосема други интереси.

„Татко ми беше длабоко навлезен во областа на не-органската хемија, мајка ми извесно време беше домаќинка, но на 40 години реши да му се врати на школувањето. Тогаш заврши факултет и се вработи. Таа ми беше херој. Нејзе и беше многу важно нејзините деца да бидат успешни во тоа што ќе го изберат за своја професија“, раскажува Винтон.

Малата Луиза пак била преокупирана уште од мала со руска литература.

„Бев фасцинирана од Толстој и Достоевски, ме интересираше како изгледа општеството во тогашниот СССР, таа екстремна контрола на системот, студената војна…Многу учев и многу читав. Мислев дека ако прочитам што повеќе работи, ќе знам се…„.

На 14. годишна возраст за прв пат го посетува СССР (денешна Русија).

„Земјата само што беше отворена за туристи. Бев многу возбудена, не спиев пред да тргнам на оваа патување. Останав таму една недела и имав можност да ги посетам главните туристички атракции, музеи, да научам повеќе за Советскиот систем„.

Освен руската литература и култура ја интересирало и заштитата на човековата околина, а како и многу други американски деца уште како тинејџерка ги имала првите работни искуства како бејбиситерка, бришела прозори, била и советник во извиднички тим…

„Средното училиште ми беше како мачење. Не бев многу социјален лик, а посебно ми беа напорни часовите по физичко, бидејќи никогаш не ме бивало за спорт„.

Во тоа време прв пат ја посетува Европа, патува во Обединетото Кралство.

„Тоа беше авантуристично патување. Имав можност да ги посетам Даблин, Лондон, Единбороу…Ми беше интересно, бидејќи САД немаат толку долга историја.

Сосема логично било по завршувањето на средното образование да продолжи на факултет на кој ќе проучува работи што ја интересираат. Се запишува на Универзитетот Корнел на отсекот руски студии во државата Њујорк.

„Кога почнав да студирам реално не ми беше јасно што ќе работам во иднина. И на факултет продолжи мојата фасцинација со комунизмот, тоталитарните системи, руската култура и јазик…„.

Паралелно почнува да го изучува и полскиот и германскиот јазик и историја. Запишува и источно-европски студии, па некое време поминува во Краков и во Варшава, Полска.

Кратко работи и како наставник по источно-европска историја, а по дипломирањето се занимава со преводи од руски јазик за научни истражувања.

„За оваа работа морав да користам еден куп речници, поради сложената тематика, но истовремено повеќе навлегов во сите нијанси на јазикот. Со тек на годините го совладов добро и рускиот и полскиот јазик“.

Престојот во Полска го смета за големо искуство. Таму за прв пат има допир со професиите кои исто така многу ја интересирале-новинарството и академските истражувања. Работи на анализа на полската политика за Радио Слободна Европа од 1988 до 1994 година.

„Полска е најдобриот пример за успешна приказна во ЕУ. Имав среќа да бидам таму во времето на големите промени. Историјата се случуваше пред моите очи. Многу возбудливо. Бев сведок на паѓањето на Берлинскиот ѕид, распаѓањето на СССР, раѓањето на нови држави. Кога ќе го поминеш кањонот, не е лесно да се вратиш…„.

Во 1996 година следува вработувањето во Истражувачкиот центар на познатиот „Економист“, во Виена, каде останува неколку години и е уредник на њуз летерот на Центарот. Во тој период станува и родител и го добива синот Даниел, кој денеска има 18 години. Даниел е моментално во Скопје, завршува 4-та година средно и размислува да аплицира на некои од факултетите во Европа – поради честите селења, повеќе се чуствува како европеец отколку како американец.

„Работењето како уредник беше едно сосема нова искуство. Интересно ми беше што работевме на анализи на бизнис перспективите и економските состојби во земјите од источна Европа и Русија, наменети за фирмите од западна Европа. Главниот предизвик беше како да се испрати вистинска – кратка и јасна порака, за оваа специфична публика. И можам да кажам дека со оваа искуство конечно научив дека се што треба може да се каже со најмногу 750 зборови J„.

Во 2004 година се вработува во Обединетите нации (ОН) во Њујорк и станува дел од УНДП, програмата за развој на ОН, каде е одговорна за седум канцеларии на организацијата за источна Европа и Русија.

„Никогаш посебно не планирав што ќе работам. Многу пати ми изгледаше дека работите едноставно се случуваа сами од себе, по некоја случајност. Но сега, кога ќе се навратам назад, сепак гледам дека она што е заедничко за сите мои работни места е: љубовта за регионот, љубовта за јазиците и љубовта за пренесување на вистинските пораки.”

Нејзинот прв работен анганжман на Балканот е во Хрватска, а од пред една година работи во Македонија.

„Од онаа што до досега го видов во Македонија, можам да кажам дека земјата има потенцијал и многу природни убавини. Исто така, се прават многу напори за да се привлечат странски инвестиции со помош на кои би се создале нови работни места кои се навистина потребни. Проблемот со името е голема фрустрација. Изнаоѓање на клуч за решавање на овој предизвик би бил голем чекор напред, но се додека не се најде, најдобро е – според лекциите научени во Хрватска- да се продолжи со реформите за членство во ЕУ, бидејќи подигнувањето на стандардите и подобрувањето на квалитетот на живеење за сите граѓани треба да биде основниот приоритет„.

g4-300x200

НАШЕТО МЕНИ

Со Винтон од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ се определивме за шеф салата и рижото со пилешко.

 

December 8, 2014

Без знаeње, посветеност во работата и љубов нема успех

Писателот Раде Силјан (1950) е роден во село Жван, Демирхисарско.

„Во овој печалбарски регион, жителите главно се занимаваат со земјоделие, собирање на шумски плодови, одгледување на тутун и сточарство. Од Демирхисарскиот крај потекнуваат бројни писатели, уметници и научници. Не може никој да ја одгатне тајната зошто толку писатели се родиле покрај Црна река, во заветрината на Илинска планина…Исто така можам да кажам дека во нашите триесет и девет села се зборува најчистиот македонски јазик, со што посебно се гордееме…„, раскажува Силјан.

И неговите родители целиот свој живот се занимавале со земјоделие и со одгледување  тутун, а на своите четири деца им препорачувале да бидат добри и послушни ученици, за да не се занимаваат во животот и тие со оваа тешка физичка работа.

„Ако завршиш школо, нема да бидеш физички работник, велеа нашите родители. И во целата сиромаштија позајмуваа пари за да ги купиме основните учебници,а лектирните изданија ги позајмувавме од скромната училишна библиотека.Плаќањето, односно раздолжувањето за нашето школување беше со  парите што ќе ги земеа по предавањето на тутунот “.

Кога тој тргнал во прво одделение во училиштето имало 24 ученици.

„Денеска во школото има само едно прваче и петнаесетина  во другите одделенија. Во селото од 1.000 жители останаа уште  300 души, главно постари и стотина помлади, од кои, повеќето, со години се пријавуваат во Заводот за вработување.

Дека има талент за пишување открил неговиот професор по македонски јазик, Јонче Поповски од село Бабино.

„Во шесто одделение во моите писмени по македонски јазик, тој забележа  дека јас имам дарба за пишување.“

Средно училиште запишува во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.

„Ја знаев финансиската ситуација на моите родители, па гледав да најдам некоја побезболно решение. Конкурирав и на воена академија, каде ме примија, но требаше да одам во Сараево… Во игра беше и медицина и техника. На крај завршив гимназија во Битола“.

По една година ја добива првата хонорарна работа.

„Бев примен за хонорарен соработник во емисијата за млади, што се емитуваше  на Радио Битола, така што на своите 16 години почнав сам да заработувам средства за моето школување. Активен бев и во литературниот клуб „Стале Попов“, а на предлог на познатиот писател Владимир Костов бев избран и за член редакцискиот совет на списанието „Развиток“, во кое членува афирмирани писатели…Не можам да го заборавам моментот кога дојде мојот класен со весникот „Студентски збор“, а внатре моите први објавени песни. На цела страница. Тоа беше радосен момент и за мене и за мојот професор . Како резултат на сите мои активности и работење почнав јас да ги помагам родителите, што многу ме правеше среќен“.

Како тинејџер наоѓа време и да ужива во градскиот живот на Битола, која многу ја сака.

„Битола е истата. Ништо не е сменето. Убаво беше тоа време. Одевме по домашни забави, игранки во Домот на тогашната ЈНА, незаборавни четири години поминав во овој град“.

Во 1969 година се преселува во Скопје и се запишува на Филолошкиот факултет.

„Истата година почнав да работам во „Студентски збор“ и тоа во внатрешно-политичката рубрика, не во културна…Во слободното време со неколку други студенти продавме книги по сите села и градови на Македонија. Јас на презентацијата ги раскажував книгите, за да ги натерам луѓето да купат книга, па морав да ги прочитам сите .“

Една година подоцна го има првото професионално вработување во списанието „Наш свет“ на „Детска радост“, која тогаш беше под капата на „Нова Македонија“.

Почнал да пишува рецензии за новообјавените книги на македонските автори, и по совет на главниот уредник Славчо Темков (татко на познатата академската сликарка Ана Темкова), почнал да се потпишува под псевдоним. Неговото вистинско име е Радован Павлевски.

„Темков ми рече, треба да си одбериш псевдоним, за да можат луѓето да те препознаат. Има многу творци со презимињата Павловски и Павлевски…Па така го земав за презиме, името на татко ми, Силјан. Но, во личната карта си го задржав вистинското презиме.“

На неполни 22 години  е избран  за главен уредник  на македонското издание на весникот „Железничке новине“, кој неделно се печати на неколку јазици во Белград. Патува секоја недела за Белград со воз.

„Немав време да го видам Белград од големите ангажмани. Од тоа искуство и денес без „око да ми трепне“ можам да склопам весник. Во тие напорни години добро се вреднуваше трудот.

За овој весник работи неколку години.

Во 1975 година ја објавува својата прва книга „Третиот лик на времето“, а до денеска има објавено повеќе дела, од кои 15 книги со поезија, 11 книги со критики и есеи и дванаесет антологии на македонската поезија, проза и драма. Неговите поетски книги се преведени на англиски, италијански, руски, турски, полски, албански, српски, бугарски јазик… Добитник е на осумнаесет национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите „Ацо Шопов“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“,како и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело.

„Поезијата  и критиката се мојата главна животна преокупација.“

По искуството со „Железничке новине“ е ангажиран на Катедрата по новинарство на Правниот факултет во Скопје, како асистен на предметот „Теорија и практика на новинарството“, а во 1979 година се вработува во Третата програма на Радио Скопје, како уредник на списанието, за по неколку години да биде избран за Главен уредник на целата програма. Во радиото останува седум години.

„Во тоа време оваа програма котираше високо. Нејзини соработници беа врвни теоритичари од областа на литературата, економијата, науката…Но,брзо почувствував дека просторот за работа во Третата програма за мене беше тесен и ограничен, па во 1986 година се впуштив во нова авантура.

Следи вработувањето во издавачката куќа „Македонска книга“, каде што е избран за генерален директор.

„Требаше да работам сосема нешто друго од претходното. И правни и финансиски и економски работи, а јас не знаев што е меница, должнички договори…. Но, не очајував, туку седнав и почнав се да учам. И на вработените, експерти од овие области уште на почеток им изгледав како се да знам. Не дозволив да дознаат дека всушност, тоа е сосема непозната и нова работа за мене. Нормално, погрешно е директор да се однесува дека знае се. Зошто да го прави тоа, кога околу него има толку специјализирани луѓе за право, финансии, комерцијални работи и сл. Така беше и таму. Фирмата во рекордно време ги имаше најголемите плати, а на издавачки план бевме меѓу најдобрите во нашата бранша.“

По неполни четири години поминати во „Македонска книга“, во 1991 година ја основа „Матица македонска“, една од првите приватни издавачки куќи во земјава.

„Кога гледам на тој потег од денешно време мислам дека не сум згрешил. И се уверив дека без знаење, целосна работна посветеност и љубов кон избраната професија нема успех. Првите години имав најмалку време за пишување. Се работев. Од уредник, директор, редактирање на текстови, пишување рецензии, до продавач на објавените книги. До денеска имаме издадено над три илјади наслови, а последниве години издаваме 2-3 книги неделно. Ме радува што Македонците читаат се повеќе, посебно ми е драго, што се зголемува бројот на млади читатели “.

Силјан четири децении е со неговата сопруга Румена, со која имаат три деца и сите се посветени на семејниот бизнис.

Најстариот син Дејан (37) раководи со „Матица македонска“, помалиот син  Никола (35) се грижи за „Панили“, а ќерката Илина (27) за издавачката куќа „Силсонс“. Меѓутоа, сите функционираат како неразделна целина и ги следат стапките на својот татко.

„Најтешко е да раководиш со сопствените деца, но од друга страна пак, најголемо е задоволство ако ги споделиш успесите со ближните. За еден родител најголема радост е кога ќе им создаде услови на своите деца преку работни обврски да си го осмислуваат својот живот.“

g4-300x200

НАШЕТО МЕНИ

Со Силјан од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ се определивме за шеф салата и рижото со пилешко.

 

November 26, 2014

Секој стана новинар и се појавува на ТВ

Наташа Мерсовска, новинар и уредник на економската редакција во телевизијата Сител, како дете имала сосема други афинитети и ни крај од паметот не размислувала дека еден ден ќе работи во медиум.

Растела во Битола со сестра и Ирена, која е една година постара од неа и се неразделни до денес.

„Со сестра ми околу мене сум цел живот. Сега ќе треба да се разделиме, затоа што годинава се омажи.  Заедно растевме, заедно излегуваме, бевме цимерки во Скопје. Како најдобри другарки си ги раскажуваме сите тајни, љубовни разочарувања, заемно си даваме поддршка…„, раскажува Мерсовска.

Растела во фамилија каде татко и бил воено лице, а мајка и извесно време домаќинка, а сега вработена во администрација.

„Мајка ми беше по редот и дисциплината, а многу научив и од татко ми. Веројатно од таму дојде и идејата за тренирање на карате и интересот за машки спортови“.

Три години тренирала карате и стигнала до зелен појас, но морала да прекине по повредата на рака при загревање.

„Додека девојчињата играа ластик, јас играв фудбал во маало. И бев добра. Ме привлекуваа и други работи кои во нашата околина се типични за мажите. Јас сум мајстор за дома, од менување бушони до отварање на пегла, се ми е познато“.

Во основно училиште почнува да оди и во хор, со кој ќе ги има првите патувања по светот, од кои има прекрасни спомени.

Сепак образованието го продолжува во сосема друг правец-економија. Се запишува во средно економско училиште и продолжува на Економскиот факултет во Скопје.

“Економијата ме влечеше и моите не  „протестираа“. Сонував да бидам директор на голема компанија…Кај сестра ми беше поинаку, ја форисираа да стане докторка, нешто што и таа го сакаше“

Со запишувањето на факултет се сели од Битола во Скопје.

„Ми беше тешко на почеток, па си одев во Битола секој викенд. Во новиот град луѓето тешко ме прифаќаа. Ми недостигаше градот, моите, пријателите…Немав некои посебни проблеми, зошто јас од секогаш сум била самостална. Сега се поретко и поретко си одам дома. Само за празници. Скопје е мојот нов дом“.

За искуството со студирањето вели дека и фалело повеќе пракса.

„Незнам како денес изгледаат програмите, но на нас ни фалеше повеќе пракса. Се се сведуваше на теорија“.

По завршувањето на студиите се запишува и на постидипломски студии на истиот факултет.

Првото работно искуство го има во консултантска фирма, каде останува на кратко, по што следи вработувањето во телевизија Сител, каде работи веќе 10 години.

„Никогаш не сум размислувала за новинарството. Но, ете тоа требало да ми се случи. На почеток ми беше многу тешко. Немав некоја подршка од колегите и кој да ми покаже како, што, треба да правам. Но јас сум премногу амбициозна личност и за брзо време се вклопив и научив се што требаше и успеав во мојата амбиција да бидам добар и професионален новинар. Кога тоа го согледаа, помошта од колегите не изостана. Сега, со голем дел од нив излегуваме и се дружиме и приватно. Функционираме како мало семејство“.

По четири години станува уредник на економската редакција. Следењето на економијата е тоа што ја влече и следи макроекономија, што е и нејзина спецјалност, од телекомуникации до банкарство.

“Кога се појавив за прв пат на екранот имав голема трема. Постарите колегии ми велеа дека тоа е нормално. Тоа е таа позитивна трема, која ако ја  немаш  значи дека си рамнодушен кон публиката. Како и да е, јас бев и се чуствував исплашено, а денеска веќе се ми е рутина и најнормално. Иако, морам да признаам – таа позитивна трема секогаш постои„.

За разлика од времето кога таа за прв пат се појавила на малите екрани, денес на телевизија се појавуваат секакви ликови.

„Не се цени квалитетот. Секој стана новинар и се појавува на ТВ. Не може физичкиот изглед да биде приоритет за да некој води емисија или чита вести на ТВ. Жалам што не се почитуваат основните стандарди, кои подразбираат дискретна гардероба и шминка, многу од „ликовите“ кои се појавија на ТВ не се пријатни, дискретни, или го немаат  потребното соодветно образование… Формата стана поважна од содржината. На голем дел од нив не им е важно што ќе кажат, туку како ќе изгледаат . Она што последните години можам да го забележам  е што и кај младите новинари недостасува амбиција. Доаѓаат на работа или пракса без идеја, со скромни знаења, каде што попривлечни им се социјалните мрежи, отколку  социјалните стории. Кога одат на настан, најчесто не ја препознаваат ни веста. Тоа е она што прави разлика во редакцијата и покажува кој  “ ќе биде”, а кој не новинар“.

Последниве неколку години имала понуди за преминување на други телевизии, но таа како што вели останала верна на Сител, а од неодамна има и своја економска емисија на радиото Радио Слободна Македонија.

„Работењето во радио е многу поопуштено, а и повеќе можеш да извлечеш од соговорникот. На телевизија е сосема поинаку. Времето за бизнис вести е лимитирано, прилозите кратки.  Она што во моментов недостасува во медиумскиот простор се дебатните – политички и економски емисии. Искрено се надевам дека турските серии за скоро време ќе се заменат со едукативни и информатини содржини„.

g4-300x200

НАШЕТО МЕНИ

Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со Мерсовска се одлучивме за рижото со пилешко.

October 29, 2014

Фарса е дека секое убаво лице може да биде ТВ водител

Димитар Атанасовски (27), ТВ и радио водител и еден од основачите на ПР и ивент агенцијата „Идеа лаб“ е ист како и што го гледате и на телевизија. Жив и темпераментен каков што го дал Господ.

Како што раскажува таков е уште од дете.

„Кога се враќавме дома од гости или од град ги истурав играчките по под и прашував: „Ајде каде ќе одиме сега?„. Од секогаш сум темпераментна личност. Се ме интересираше“, вели Димитар.

Растел со ликовите на култната хумористична серија „К-15“ и постојано ги имитирал.

„Знаев да го угаснам телевизорот и на моите да им покажувам како јас тоа го правам“.

Поради неговата сестраност и љубопитност на седум годишна возраст почнал да свири и виолина.

„Секогаш сакав да ги забавувам луѓето околу мене. Така и стигнав до музичко училиште, каде најмногу ми се допаѓаше виолината. И сестра ми која е помала четири години од мене, одлучи да свири виолина, па станавме прилично весело семејство. Ги „мачевме“ виолините, па родителите знаеја да кажат да ги оставиме „мачињата“ на раат. Се уште ја имам виолината и понекогаш знам да ја извадам и да свирам за мерак“.

Во основно покажува интерес за сосема нешто друго-фудбал.

„Бев многу буцкаст во периодот пред пубертет, па решив да спортувам. Но, бидејќи ме мрзеше да трчам, решив да бидам голман„.

Извесно време игра за „Работнички Македонија“ во скопски Ѓорче Петров.

„Играњето фудбал сепак го сфатив многу сериозно и се внесов во тоа. Но при припреми во Негорски бањи го скршив зглобот и ми се сруши сонот, кој го имав уште од мал. Се вратив на стариот Димитар“.

Средно училиште завршува во „Кочо Рацин“.

„Во прва и втора година учев многу. Мајка ми предаваше биологија во истото училиште и сите мислеа дека поминувам лесно со врски. Трета и четврта „подлегнав“ на озборувањата и се олабавив“.

Во училиште се „испробува“ и со фрлање ѓуле, ракомет, одбојка…

По се што поминал на крај решил да проба со водителство. Искуство веќе имал. Првиот јавен настап го имал уште во градинка.

„Ми се реобнови желбата за на бина, да бидам на сцена. Бев решен по завршувањето на средното училиште да се запишам на Драмска академија. Дома: Борба со бикови. „Земи заврши факултет“, ми велеа моите. На крај се запишав на Правниот факултет, а истовремено се преселив кај чичко ми, кој живееше во центар. Станавме цимери. Таму ја запознав Весна, негова пријателка, која ми предложи да се пријавам за забавната редакција на МТВ, каде имало оглас. Ми вели: „Ти многу збориш, дај „уновчи“ го тоа“. Јас не се пријавив на огласот, таа ме пријавила. Истиот ден кога требаше да се појавам во МТВ, имав и испит. Го одложија испитот и отидов во МТВ. Станав дел од емисијата „Ефект“.

Претходно престојува три месеци во САД, во Балтимор, Мериленд, каде учи за јавна дебата и говорење.

„Многу научив во Америка. Ми се допадна нивниот начин на живот и тоа дека после 18 години сам треба да сносиш одговорност за себе. Имав и можност да прошетам низ земјата. Поминав низ цел Источен брег“.

Понатаму во животот се води од мотото дека човек треба да направи се за да биде среќен, а не постојано да се труди да ги задоволува другите. Една година поминува во МТВ, па оди во телевизијата К-15 и станува дел од емисијата „Плачалник“, емисија за љубовни проблеми.

„Во емисијата гостуваа познати фаци кои зборуваа за љубовни теми. Ми беше многу интересно. Имаше и „тажен ѕид“ за несреќните во љубовта, па добивав еден куп мечиња од девојчињата кои ја следа емисијата“.

Навлегува подлабоко во водителски води.

„Се повеќе ме привлекуваше водителството, кое го сметам за културна работа. Сакав да правам и прилози, но не сакам наметнати теми“.

По телевизијата К-15 влегува во Томато продукција и станува дел од препознатливиот проект „Тротоар“, кој се емитува на Канал 5 телевизија.

„Многу убаво искуство. Целата екипа бевме како семејство. На монтажа остануваме и до два часот по полноќ. Така беше 3-4 години, потоа се смени концептот, дојдоа нови луѓе…“.

Следи водењето на проектот на М2.

„Водителството добро се плаќа. Јас сум задоволен. Финансиски сум независен. Имам работно искуство од девет години на телевизија, а извесен период сум и водител во Сити радио. Проблемот е кога си дел од одредена емисија. За жал неможеш да направиш нешто квалитетно без добри спонзори. Повеќето гледат да дадат што помалку, а да земат што повеќе. Најголема фарса е дека секое убаво лице може да биде ТВ водител. Секоја чес за исклучоците. Ги има и такви. Можам да ја посочам Маријана, со која го водевме Макфест. Се изненадив колку голем професионалец е“.

Последниве години повторно е во МТВ, каде веќе две сезони е дел од „Сите наши песни“, а од пред неколку месеци и во емисијата „Фискална во рака, награди без мака“.

„Сфатив дека сакам да бидам дел од шоу со музика. Таму сум свој. Уживам и во другата емисија. Пензионерите ме обожаваат, постојано ми приоаѓаат насекаде“.

Се испроба и во играње, па беше дел и од првата сезона на „Танц со ѕвездите„, заедно со Јована Василева и стигна до полуфинале.

Од пред 1,5 година е дел од проектот Идеа лаб.

„Во овој бизнис влегов сосема случајно. Се почна кога на случајна средба  со Ема Темелковска, која имаше веќе некаква идеја за започнување на свој бизнис, добив желба да се приклучам и јас, т.е заедно да ја започнеме таа приказна. Почнавме од нула, телефонски се договаравме и чудно…тераше и така работата. Потоа стигнавме до канцеларија, па се проширивме како тим. Сега резултатот, по 450 денови работа и посветеност е 12 клиенти и над 50 проекти. Оваа искуство ме направи многу поодговорен, а ме промени и физички и психички“.

g4-300x200

НАШЕТО МЕНИ

Со Димитар од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ се определвиме за салата.

 

 

October 5, 2014

Се што имаш, треба да го заработиш

По животната приказна на Јордан Димитровски, основач и директор на ТДК компјутери, комотно може да се сними холивудски филм за успешна бизнис приказна.

Уште повеќе што успехот го постигнал овде, во Македонија, која сепак не можеме да ја споредуваме со Холивуд по многу нешта.

И не само тоа. Имал голема среќа да го работи тоа што го сака уште како од дете.

Компјутерите го следат уште од дете. Првиот компјутер му е Спектрум 128.

„Моите родители беа службеници. Едниот во Славија, другиот во Железница. Нема никаков проблем со мојот интерес за компјутерите. Напротив, ме потикнуваа. Ми давале подршка секогаш. И ден денес ми помагаат на некаков начин…Бев многу активен ученик. Бев дел од сите секции: музичко, ликовно, сите можни.. и на крај се најдов во информатика…Некои од децата во периодот кога татко ми го купи компјутерот имаа Комодоре и играа игри, ама на мојот не можеа да се играат. Неможеш да играш игри и почнуваш да истражуваш. Така почнав да се интересирам за програмирање“, раскажува Димитровски.

Компјутерите му се во фокус и во тинејџерските години. Во училиште „виси“ во кабинетот по информатика.

„Неколку ученици имавме клуч од кабинетот. Бевме таму секој ден. Да не бидам погрешно сфатен, ги правме сите други работи што ги прават тинејџерите…“.

Во средно го има и првото работно искуство во ИТ фирма.

Логично, продолжува на Природно-математичкиот факултет во Скопје на смерот информатика.

По завршувањето на средно во 1998 година ја основа ТДК компјутери. Со 200 германски марки.

„Парите ми беа од дедо ми. Претходно како дете исто заработував и со собирање на печурки во Маврово со дедо ми и баба ми. Од нив научив дека се што имаш, треба да го заработиш. Секое лето си го плаќав одморот…“.

На почеток не одело лесно.

„Тешко беше. Секој почеток е тежок. Неразвиен пазар, неедуцирани клиенти. Од мое искуство сметам дека е многу важно, кога донесуваш одлука со што ќе се занимаваш, да се одлучиш за област што ја познаваш и во која ќе знаеш што продаваш. Јас имав ИТ познавање од сите гледни точки. Плус уште од старт ми беше јасно дека се занимав со тоа што го сакам, што е реткост…И го почитував тоа. Прво почнав сам, па го „вработив“ другар ми за 30 марки неделно…Денеска компанијата има 30 вработени, од кои 15 се инжнери. Компанијата продава и дистрибуира познати светски брендови на компјутери, таблети, сервери, телефони од брендовите на Леново, Дел, Филипс, Ксерокс итн..

Се согласува дека ИТ секторот е еден од најпрогресивните во земјава, па и понатаму се гледа во тој бизнис.

„Без никаква пристрасност последниве години ИТ секторот постојано расте. Напреднати сме во споредба со некои земји од регионов. Постојано расте и бројот на корисници на смарт телефони. Минатата година околу 50% од купените телефони беа смарт. Така, да, вреди да се инвестира во овој бизнис. Има иднина“.

Димитровски зад себе има еден брак од кој го има синот  Лазар (14). По се изгледа и  Лазар ќе тргне по неговите стапки.

„И тој е цело време со компјутерите. Но исто така активно тренира кошарка . Се труди. Ќе звучи како клише, но се трудам да поминеме што е можно повеќе време заедно. Баланс во работењето мора да има..“.

g4

Нашето мени

Со Димитровски од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ се определивме за салата и колач „топло-ладно“.

September 30, 2014

Фанатик за спорт

Златко Перински, директорот на спортскиот центар „Борис Трајковски“, врти-сучи целиот живот го поминал во или околу спортот.

На пет годишна возраст почнал да тренира скијање, потоа на кратко пливање, па на крај завршил со фудбал.

“Интересот за пливање траеше кратко, но сум посебно среќен што сега во склоп на спортскиот центар е и базенот, тогашен „Младост“. Таму научив да пливам, а сега го менаџирам..“, вели Перински.

Со фудбал активно се занимавал во основно и средно училиште.

„Тренирав за ФК Вардар и ФК Работнички. Да бидам искрен, целиот фокус ми беше во спортот. Јас сум фанатик за спорт“.

Во неговата фамилија нема спортисти. Мајка му е хемиски техничар, а татко му електро инжинер.

Во определува за средно економски училиште, а дипломира на Факултетот за физичка култура.

Првото работно искуство му е професор по физичко.

„Тоа ми беше првата работа. Заменував професор во средно училиште. Беше убаво искуство„.

Во меѓувреме и магистрира, во областа на човековите ресурси.

Во 2008 година влегува во сосема нов свет. Матични клетки.

„Во тоа време кај нас не се знаеше многу за матичните клетки и нивните можности. Имаше четири, денес има веќе десетина компании што се влезени во тој сектор. Недостигаше едукација на јавноста, така што беше неопходно да се работи и на тоа поле. Компанијата ја основав со пријател, кој го водеше стручниот, а јас кадровскиот дел. Имавме амбиции да ја прошириме компанијата, а тоа подоцна и се случи. Отворивме преставништва во Босна и Херцеговина, Романија, Србија…“.

Две години подоцна се испробува и во друга сфера, работи на проектот, порталот Fair4U замислен како виртуелен саем на компании.

„Анализирајќи го растот на бизнис секторот на глобално ниво, секојдневните обврски и намалените можности за постојана промоција, се наметна прашањето: Зошто фирмите да чекаат да одат на саем, кога тоа може да го направат и виртуелно. Токму одговорот ја даде идејата за тој проект. Но, за жал, поради обврските, тој проект сега е во мирување…“.

Од пред два месеци заплови во други води. Пак поврзани со спортот. Стана директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“. Бизнисот со матичните клетки од кој научил многу, му го остапил на својот брат.

„Да, пак сум со спортот, но оваа функција е повеќе менаџирање на технички работи, а секој успех мој и на мојот тим овој пат е нов поен на натпреварот наречен “промоција на спорт и здрав живот”. Тоа што последните години работев во финанскиот дел на мојата компанија, многу ми помага сега во правилна распределба на можностите и потребите на центарот.

Ако во бизнисот со матичните клетки работев доста на едукација на темата, сега на мое големо задоволство ќе работам за промовирање на спортот. Тоа што најмногу го сакам. Како човек кој целиот живот го минал со спортот и ги забележал позитивните импулси од истиот,  на некој начин претставува и моја општествена одговорност и обврска да дадам својот допринос за подигање на свеста за значењето од спортувањето и здравите навики“.

Сега нема толку многу време за спортување, но редовно практикува фитнес. Пред работа.

„Убаво е чуството кога денот ќе ти почне со некаква спортска активност. Добиваш многу енергија за да се справиш со дневните обврски… Водени од потребите на поголемиот дел од работно – активните граѓани, го проширивме работното време на дел од содржините во центарот и сега имаме можност за спортување уште од 07:00 часот. Во „Борис Трајковски“ има многу можности за сите кои го сакаат спортот. Во моментов на нашиот веб сајт има анкета во која ги прашуваме граѓаните колку се задоволни од содржините, со која сакаме да дознаеме дали ни недостигаат некои содржини но и кои се тие. Сакам уште повеќе да го доближиме спортот до граѓаните… За тоа и ќе се залагаме со целиот тим“.

g4

Нашето мени

Со Перински од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ се определивме за варен зеленук и шеф салата.

March 14, 2014

Изгорени сме за свирење

Пеце Николовски, кој свири кларинет, хармоника и kaoss pad (инструментален диџејски ефектор) во групата „Фолтин“, потекнува од музикално семејство.

Неговиот татко Васко, како што раскажува Пеце свирел исто така кларинет, но никогаш не станал професионален музичар.

„Дедо ми Ангеле исто така свирел на кларинет. Па може да се каже дека музиката од секогаш била важна во моето семејство“, вели Николовски.

Николовски најпрво, додека е во основно почнал да свири блок флејта, а во средно ја открива усната хармоника.

„Се сеќавам дека првата касета која ја купив беше од Даниел. Многу беше популарен, па за да не делам од другите и јас ја купив касетата…Потоа ги открив „Леб и сол“, Луј Амстронг… Со свирење почнав, бидејќи многу го сакав тоа, не размислував и не планирав еден ден да излезе нешто повеќе од тоа“.

И покрај големиот интерес за музиката, сепак Николовски се запишува во средно техничко училиште.

„Сакав во гимназија или музичко, но тоа не се случи. Осумдесетите години беа чудни. Знаев дека сакам музика, но незнаев каква. Знаев само дека не сакам народна. Во тој период почнав да свирам и на усна хармоника. Случајно. Еден другар ја заборави кај мене и така почнав да свирам кантри и блуз на неа и си реков е оваа е нешто за мене. За едукација користев и скрипта за свирење на усна хармоника, која многу ми помогна. Така и почнав да слушам блуз. Џејмс Котон ми се виде многу интересен. Го открив и џезот. Во периодот од 1991 до 2000 ги проселедив сите џез фестивали во Скопје.“.

Тоа што пополека влегува во светот на музиката, сепак не влијаело на неговото понатомошно образование. Продолжил на Машински факултет.

„Природните науки секогаш ми се допаѓаа. Не отидов на Машински со идеја да станам чудо од дете“.

Во тој период се запознава со Бранко Николов, фронтменот на „Фолтин“.

„Почнаве заедно да свириме, заедно со Зоран Попчановски. Неформално. Свиревме Лед Цепелин…Со нас почнаа да свират и Оли, Цане, Благојче, Крсте..“.

На почетокот на деведесетите поради потребата да свири некоја поакустична музика, почнува да свири на кларинет.

„Го провалив кларинетот на татко ми, па потоа го лепев куферчето и свирев на него еден период. И овој инструмент научив самоуко да го свирам. Како и во случајот со усната хармоника користев литература, која ми помогна да го совладам инструментот“.

По завршувањето на факултетот, се вработува како наставник по информатика и техничко образование, работа која ја работи и денес.

Неколку години е во брак со Светлана со која ги има ќерките Андреа (8) и Филипа (3).

„Андреа свири клавир и ја сака музиката. Филипа пак е преокупирана со таблетот на Андреа, која си го купи од нејзините заштедени пари. Знае да игра многу игри на таблетот, а полека го совладува и англискиот јазик, па знае да и каже на мајка и-open :)„.

За Светлана вели дека има големо разбирање за неговата работа, а понекогаш го придружува и на концерти.

„Турнетите не се шетање. После нив се чуствуваш како еден месец да те газеле. Има многу работа. Цела ноќ возиш после концерт, а следниот ден те чека најверојатно следен концерт„, вели Николовски.

Славчо Јовев е тапанар во „Фолтин„ од 2001 година.

Како дете вели дека бил преокупиран со две работи: детски песни и сакал да изучува атомистика во Винча.

„Знаев на памет околу стотина детски песни. Мајка ми работеше како медицинска сестра, а работеше и со деца, па од таму и детските песни. Растев со музиката од плочите на моите. Го сакав Здравко Чолиќ. Знаев многу негови песни…Во основно го открив Елвис Присли и неговиот албум „Медисон сквер“, кој го донесе фанкот и беше нова музика за нас…Плочата стигна од Австралија. Тогаш немаше интернет, па музика порачуваме од странство“, раскажува Јовев.

Во периодот на детството и тинејџерството во фокус е неговиот талент за физика и астрономија, па е дел од неколку локални и национални натпревари, каде освојува и награди.

Пред да се запише во средно училиште, почнува да свири на гитара, исто како и Николовски, самоуко. Се запишува исто така во техничко училиште.

Пред да дојде во „Фолтин“ свири во битолската група „Паркети“.

„Сите во осумдесетите сакаа да свират гитара. Тогаш не бев голем фан на тапаните“, вели Јовев.

Почнува да ја следи панк и new wave сцената, а по смртта на неговиот татко, го продолжува неговиот бизнис во кожарството. Шест години се занимава со оваа работа, а по тоа искуство целосно се посветува на музиката.

Во брак е со Наташа, која работи како оптичар и имаат две деца, Виктор (8) и Марија (4).

„Пред извесно време со син ми бевме на концерт на „Леб и сол“ со филхармонија во Хераклеја. Син ми рече дека се гордее што татко му е фаца и што е одличен тапанар. Виктор почна да свири на тапани од 2,5 години, самоиницијативно. Го има ритамот. Но сега е преокупиран со магија. Сака да биде магионичар. Оди во музичко училиште заедно со ќерката на Пеце, но не го форсирам. Голем фан е на Џим Кери„, вели Јовев.

Пеце го приметил по град во тинејџерските години. Излегувале на иста места, во „Џуниор“, „Визсаж“…

„Го приметив по неговиот стил на облекување и неговите карирани сакоа. Затоа го викаа џезер :)“.

Во тоа време почнал да ги слуша Питер Габриел, Јан Гарбарег, Пинк Флоид, Блонди, Рамонс, Дејв Брубек, Елвин Џонс…кои извршиле некакви влијанија во неговиот понатамошен развој на музички план.

ПРИКАЗНАТА ЗА ФОЛТИН

Почетоците на „Фолтин“ датираат од 1995 година.

„Почетокот на Фолтин„ е поврзан со изложбата Вернисаж, каде за прв пат групата настапи со името Фолтин: Пеце, Оли, ,Бранко, Крсте и Цане. Јас бев облечен во зелено сако со јаворов лист в џеб, наместо марама, (солист) J. Имавме свој материјал и имавме авторски преработки. Летото таа година го имавме и првиот наш концерт во Царската палата во Хераклеја„, раскажува Николовски.

Приказната на Фолтин“ понатаму продолжува на многу интересен начин.

„Без наше знаење тонецот на концертот го снимил нашиот настап и тој материјал стигнал до Кокан од „Леб и сол“. Беше многу тешко време да се дојде до пари и да се сними албум. Интерес за снимање на наш албум покажа Културно просветната заедница од Битола, но на крај од тоа не бидна ништо. Го снимивме со Кокан и со помош на Оливер Белопета и Скопскиот џез фестивал две години подоцна излезе албумот „Oture-ner” (Преку море).. Бевме многу среќни… Следеше период на напорна работа и концерти на Охридско лето, Словенија…Идејата ни беше да имаме акустичен материјал, кој ќе посетува на музиката од Медитеранот ,Северна Африка, Шпанија, јужна Франција…Идејата ни беше тоа да го направиме на наш начин. Да помине низ нас, не само да го свириме. Не да биде некаква имитација. Да биде едно патување низ Медитеранот, и да се видат слики од него преку музика“, вели Николовски.

Во 2001 година го издаваат вториот албум.

„Секој албум си има своја приказна. „Архимед“ е албум за тип кој шета низ Медитеранот, како турист и запознава локална жена во која ќе се вљуби. Случајно таа жена е сопруга на кустосот… Лични приказни нема, се е фантазија“, раскажува Николовски.

Во 2001 од групата си заминуваат Јосифовски, кој свири на контрабас и тапанарот Алек. На местото на Алек, доаѓа Славчо Јовев.

„Јас и Бранко останавме сами… Во тоа време се погоди и воениот конфликт и во Битола имаше полициски час. Побаравме од Битолскиот театар да ни ја изнајмат салата и почнавме таму да работиме на театарска престава, баш за време на полицискиот час. Така настана преставата „Едит Пјаф“, која се играше над 150 пати“, раскажува Николовски. Во тоа време од некои предходни претстави веќе имавме почнато да работиме со Пеце Трајковски кој и ден денес е во „Фолтин“, а ни се придружија Славе и Петар Димитровски – Мрако  и таа екипа беше од претставата за „Едит Пиаф“, раскажува Николовски.

Во тој период почнува и соработката со словенецот со битолско потекло Марјан Станич.

„Тој порано беше член гостин, а сега е член на групата. Свири со нас кога може“, вели Николовски.

Во 2003 година групата го објавува третиот албум, „Donkey Hot“.

„На овој албум, за прв пат гостин е Станич, а бидејќи немавме басист, замена за него беше матрица. Магарето што сака да стане коњ, тоа е приказната на овој албум… Се уште трае таа наша борба со непознатиот непријател…Имавме стеги со овој албум и неговата изведба во живо, бидејќи моравме да користиме матрица. Врзан си. Па решивме да „набавиме“ нов басист. Гоце Јовановски од Прилеп ја прифати таа улога…“, раскажува Николовски.

Во 2005 година го објавуваат албумот „Lo-Lee-Taa-Too„.

„Овој албум е со комплетно обратен продукциски став од претходниот и е направен во живо. Нема надснимувања и нема матрици. Изгорени бевме за свирење и уште сме…„, раскажува Николовски.

Интересно да се напомене е дека групата порано имала проблем да го најде вистинскиот менаџер, кој ќе им ја олесни работата. Имале голема потреба од некој да ги води, бидејќи нивните настапи стануваат се почести, имаат концерти во Австрија, Италија, Франција, Германија, Англија, Холандија, Чешка, Бејрут…

„Секогаш многу ни помагаат луѓето што ја почитуваат и на кои им се допаѓа нашата музика. А и што е најважно, публиката ни враќа во текот на целата наша кариера„, вели Николовски.

Во 2008 година излегува нивниот албум „Оваа Трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“, во  2011 година следува албумот „Penelope X“, заеднички проект со Никола Коџобашија и Гоце Стефковски и во 2012 последниот нивни албум „Антитело“.

Фасцинатно е што на првите три албуму пејат на измислен јазик, а на последните два на македонски.

„Идејата ни е и гласот да е музика“, објаснува Николовски.

Моментално „Фолтин“ работи на театарската престава „Војникот фалбаџија“, римска комедија а летово се подготвуваат за настапи во Италија, Германија, Франција, Полска ….

g4

НАШЕТО МЕНИ

Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со членовите на „Фолтин“ се одлучивме за мешана скара и македонска салата.

petre@emagazin.mk

 

 

March 5, 2014

Мораш да се бориш. Ако се предадеш ќе се одалечиш од себе си

Милчо Велјаноски, правник по професија, а на пошироката јавност познат по неговите сатирични фотомонтажи на Фејсбук, вели дека на некој начин цел живот се занимава со некоја форма на уметност.

“Сакав да цртам уште како дете. Мислев дека тоа ќе ми биде животната определба. Пишував и пишувам и поезија и драмски текстови. Ја сакам уметноста. Таа е единствениот филтер преку кој на површина ја принесуваш страста кон создавање. Креативноста тешко се форматира во норми…“, раскажува Велјаноски.

Како и на секое дете му била важна дружбата со врсниците и малските игри, но примарна му била креацијата.

„Сакав да создавам цело време. Уште чувам неколку цртежи од основно училиште… Се сеќавам на една случка поврзана со цртеж за грнчарите, инспиран од поезијата на Кочо Рацин, кој зборуваше за социјалната правда. Коментарот на учителот беше дека цртежот е одличен, но беше скептичен околу сериозноста и политичката коректност на темата, односно мислеше дека е „интервенирано“ во него…Колку и да сакаме да се лишиме од влијанието на политиката во нашето секојдневно живеење и во уметноста, не можеме, затоа што, како што вели Аристотел, човекот е политичко битие…И тука се причините веројатно зошто и на таа возраст тоа што го создавав сакав да има одредена порака, која ќе укаже на некаква социјална тематика, неправда или на некој начин ќе укаже на одредени неповолни или сатирични состојби во општеството“.

Неговиот татко е правник и професор по историја, а мајка му професорка по хемија.

„Доста разговарав со татко ми за историјата и правото. Секако, влијание врз мојот начин на резонирање на работите имаа и неговите дебати со пријателите на кои бев сведок и кои сигурно потсвесно ме инспирирале понатаму. Така уште повеќе навлегов во светот на сатирата и креативноста, кои доаѓаат сами по себе, како рефлексија на општествените текови“.

Афинитетите кон општествените науки одлучуваат средно училиште да запише на правна струка.

„Во тој транзициски период не насочуваа да одбереме струки како економија или право. Најавуваниот влез на либерализмот и новата „политичка економија“ ветуваше иднина и ни беше посочувано дека тоа е најадекватна професионална дестинација. Се одлучив за право, но не се откажав од уметноста“.

Образованието го продолжил на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

„На Правниот факултет најмногу ме интересираше филозофијата на правото, не гледав на правото формалистички. Правото е всушност идеја. Идеја и волја за правда. Секогаш во строгите нормативи или одредби постои флексибилизација со принципите на правда и правичност и секако со резони од правната филзофија. Тоа е онаа правна естетика на логосот, вусшност. Мене во фокус секогаш ми е атипичното сфаќање на правото. Постојат многу други аспекти на правото, освен делот на толкување на фактите и законите, тоа се цели филозофски-правни системи“.

Како што навлегувал во тајните на правото дилемата дали ќе продолжи како правник или уметник исчезнала.

„Во правото влегов во суштината, а уметноста ми стана креативна релаксација“.

За време на студиите го има и првото работно искуство во македонското Собрание, како дел од проектот на Националниот демократски институт и работи во законодавно правната комисија, комисијата за надворешна политика и култура.

„Оваа искуство ми е многу драгоцено. Научив што е став, разлики, навлегов во финесите на нормативната лексика и номотехниката кои можат лесно да ја сменат суштината при толкување на законите. Автор сум на видни собраниски документи, мое прво искуство во изработка на таков документ беше Декларацијата за подршка на МПЦ, на пример“.

Во текот на неговото неколкугодишно работење во Собранието сфатил дека теоријата и праксата го потврдуваат она што и Кант го вели за нивната дистинктивност. И пристапил идеалистички на работата, но увидел дека во создавањето на законите се вметнува класичен препис.

“Кога увидов дека некои од законите се препишани од некаде, без да се земе во предвид моментот како тие ќе се вклопат во нашата земја се изненадив како млад правник. Практично се врши системско „октроирање“ на увезени норми кои по логика би требало да бидат домицилни. И сами се наметнуваат прашањата: Како тие закони тогаш би имале примена во пракса? Или можеби примената на законите во Македонија е одраз на ниското ниво на правна култура? И не е само тоа аномалија, понекогаш е загражувачки кога во законите внесуваш некаков тип на норми особено санкции со цел креирање на воспитни влијанија, кои можат да дадат контра ефект. Ако законот е камшик ќе се изгуби смислата за хуманиот аспект на правото, педагошката функција и интеграцијата или ресоцијализацијата на личноста во општеството. А, тоа води кон алиенација.Исто така ја увидов и хиперпродукцијата на закони,чести промени, недоречености, намерно оставање на правни празнини како иницијација за следни промени што е лош сигнал за една држава, бидејќи ја руши конзистентноста на правниот систем…“.

Паралелно со оваа работа станува и демонстратор на Правниот факултет за предметот Филозофија на правото. Вели дека му било големо задоволство да работи со студентите.

„Кога еднаш ќе влезеш во академска средина имаш чувство на припадност кон она што се нарекува просветителство. Има некој култ во тоа“.

Во тој период влегува во брак за Елена, која е исто така правник, со која денес имаат две деца, ќерките Бјанка (3,5) и Софија (1,5).

„Нашата врска се случи во едно од моите поомилени места, „Џез ин“ во Охрид. Со Елена се знаев од порано, но ете требало да случи на охридски терен, под Света Софија, како што е и името на нашата втора ќерка, Софија. Кога се роди нашата прва ќерка Бјанка бев максимално посветен кон неа, тогаш работев на проекти и бев пофлексибилен со времето, па така бев и татко 24/7. Ја чував ќерка ми и поминав многу пријатни моменти со неа низ прошетки, љуљашки, игротеки. Супер другари што секој ден си играа нешто ново. Чувањето дете исцрпува физички, треба доста енергија, посветеност и внимание, но психолошката енергија што ти ја дава е супститут за тоа. А, таа духовна сила и енергија всушност е најважна во животот“.

Вели дека го видел животот во сите негови нијанси и контрасти.

„Има различни интерпретации за надежта во животот од тоа дека е лоша затоа што можеби го држи човекот во илузија до тоа дека е невозможно да се живее без надеж. Вистината меѓу двата екстреми всушност е на средината, а тоа е дека има хераклитовска борба и во шармот и во болката. Ако се предадеш, деструктивноста ќе те одалечи од самиот себе, а најважно е човек да тежнее да се спознава себе си“.

Во периодот што следи почнува да ја открива моќта на интернетот и социјалните мрежи и добива понуда за работа од порталот Академик, прв медиум за популарно право, кој воедно е и издавачка куќа за реномирана правна литература.

„Не се мислев многу за понудата за работа во Академик, секој правник што читал добра правна литература знае за каков бренд се работи. Работата е доста интересна и одговара на мојот карактер и интерес, што ми е најважно. истражуваме закони и состојби во правосудството, општествени теми, правиме законски анализи, следиме судски процеси, ги истакнуваме обуките на и конференциите организирани од Академик кои се голем влог во современото право…“.

Спонтано станува активен и на Фејсбук.

„Моето присуство на Фејсбук дојде спонатано. Примарно го доживеав како форум каде на свој начин можеш да кажеш што мислиш, во варијација која е одраз на твојата личност. Ако сакаш да им ја кажеш вистината на луѓето, кажи им ја на сатиричен начин. Така и почнав со фотомонтажите. Не мислев дека правам нешто стратешки посебно. Најголемото задоволство не го наоѓам во популарноста која ја стекнав, туку во комуникацијата што ја имам со луѓето, а има навистина прекрасни луѓе. Сигурен сум дека од таму се препознава доста иновативен потенцијал особено кај младите и драго ми е што запознав интересни луѓе, кои, иако виртуелно, постануваат дел од тој мозаик на секојдневието. Немам комерцијални побуди и не планирам да профитирам од мојата активност на Фејсбук“.

Велјаноски не престанал со надополнување на образованието. Постидипломските студии на Институтот за македонска литература се дел од неговата биографија, со магистерска теза посветена на обичајното право во записите на Кузман Шапкарев.

„Ги споив правото, историјата и литературата и филозофијата во еден сублимат. Интересно е што дури и во тоа време во секојдневното живеење можат да се најдат некои условно кажано демократски елементи, на пример на мое посебно изненадување во однос на некои елементи на феминизмот, кои иако рудиментарни во природата сугерираат на постмодернизам“.

При истражувањата Велјаноски доста време посветил и на изучување на византиската, православната филозофија и учењата на Кирил и Методиј, кои имаат свој удел и во македонската историја на право.

„Затоа велам, правото е интересно во својата физиономија од повеќе аспекти, кога се пронаоѓаат правни елементи во просветителството е доволен доказ каква автентична вредност, но и дисперзираност има тоа во културата“ посочува Велјаноски.

g4

НАШЕТО МЕНИ

Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со Велјаноски се одлучивме за македонска салата и рижото со зеленчук.

petre@emagazin.mk

 

 

February 26, 2014

Ништо во животот не се мора, треба да се сака

Венко Андоновски, професор на Филолошкиот факултет, писател и колумнист, вели дека неговите први впечатоци потекнуваат од детството кога ја играл играта „бибиотека“, во која бил библиотекар што издавал книги.

„Моите родители Вера и Верољуб, и двајцата со завршена книжевност, имаа скромна биботека од педесетина книги. Во една прилика додека си играв со книгите, а уште не знаев да читам, една од книгите ми падна на глава. Тогаш сфатив дека книгата не е нешто безопасно… Посебно вниманието секогаш ми го превлекуваше една театратка во која имаше текст во кој првите букви беа украсени во некаква ликовна форма: тоа беа иницијали како во краснописот на препишувачите на наште славјански евангелија. На пример, буквата „Ш“, беше нацртана, како прва буква во текстот, налик на триглава ламја. За тетратката знаев само дека е на баба Слоботка, мајка на мајка ми, една од првите писмени жени во Штип. Кога се описменив, пред прво одделение, таа мистична тетратка што ми ја развиваше фантазијата, пак ми дојде во рака. И тогаш го доживеав првото големо разочарување во животот. Во тетратката немало ништо мистично, туку таа да ти била тертатка со рецепти. Она „Ш“, за кое мислев дека раскажува сказна за триглава ламја, ти било првата буква од реченицата „Шестотини грама шеќер се топат…“ Колку човек е пописмен, толку повеќе разочарувањата се поголеми. Блажени се тие што не знаат…“, раскажува Андоновски.

Детството, како и секое просечно дете, го поминал на улица и уживал во малскиоот живот.

„Растев на улица и уште од тогаш научив што е хиерархија и ја почитував. Имавме шефови и водачи на групите во маалото. Мораш беспоговорно да го слушаш шефот на групата, а тој мора да го слуша шефот на целото маало, инаку ќе добиеш ќотек. Но затоа, ако те чепне некој од друго маало, тие први ќе те бранат, со тупаници, до крв. Играњето со другите деца е битен момент за социјализација и затоа ми беше важно да бидам прифатен. Да бидам дел од групата. Добро се вклопив и на улица и во училиште. На половина од маалските шефови им пишував писмени задачи. Со многу од нив и денес сум во одлични односи и ме почитуваат. Најголемо задоволство ни беше крадењето овошје по миризливите летни градини. Така за прв пат го почуствуваме задволството на престапот. Не беше до овошјето, го имавме по нашите дворови, работата беше во адреналинот од авантурата, нешто што денешниве деца го постигнуваат со гледање Хари Потер. Ние ги живеевме авантурите. На пример, една ноќ влеговме со ламби и во затворениот рудник за хром во населбата „Хром“, зашто верувавме (некој измисли) дека таму има скелети од Втората светска војна“.

Растел со неговиот помал брат, Ведран, кој денес живее во САД и е дел од тимот на Гласот на Америка на македонски јазик.

„Постојано сакаше да оди со мене. Ме нервираше тогаш тоа, зашто беше помал :). Подоцна и тој се вклопи. Порасна“.

На периодот од основно училиште за убаво се сеќава на професорот по биологија, Душко, од кој научил дека не е важно дали си професор или метлар, туку дека е важно тоа што го работиш да го правиш со љубов.

Од тој период му е врежена и една непријатна случка, која му донесла голема траума.

„Еден од моите сооученици доби единица по музичко. Револтиран го украде дневникот и го фрли во Вардар. Пред да го фрли, ние тројца на кои ни се пофали за „акцијата“, го советуваме да го врати, но тоа не се случи. Во училиштето дојде и полиција и целиот случај стана голема афера. На крај кога се се дозна (самиот престапник исплашен го призна делото), и јас (како и другите тројца) добив укор, бидејќи сум знаел за виновникот, а не сум го поткажал, а освен тоа сум бил претседател на класот. Значи, укор поради тоа што не сум пријавил или накодошил кај власта некој кој згрешил. По извесно време, како средношколец, на промоцијата на мојата прва книга песни, дојде и директорката на училиштето, да се пофали со успехот на својот некогашен ученик. Со сите се поздравив, само неа ја прескокнав и ја оставив со раката во воздух. Никогаш не и простив за укорот како и за тоа дека не стануваа пред целиот клас и покажуваа на нас како на идни криминалци. Денес ми е жал за тие бедни луѓе што мислеа дека така се воспитува млад човек. Дека не смее да има своја личност. Дека треба да е полтрон на власта.“

Во време на тинејџерството интензивно се дружи со Златко Ориѓански и ја открива убавината на звукот на гитарата.

„Имавме нешто како група со која свиреме по улици, а сонувавме да бидеме и главна група на игранките во месната заедница. Да бидеме хит меѓу девојките. Свиревме џез, блуз, рок“.

Во средно училиште станува се подобар во пишување и добива неколку награди за тоа, а во втора година ја објавува и првата книга поезија. Почнува и поинтезивно и систематски да чита.

„Во втора година гимназија, во „Орце Николов“ безнадежно се вљубив во една девојка и напишав 16 песни за неа. Така настана мојата прва книга. За жал, таа имаше момче со мотор, а јас бев слабичко дете од Влае. Со часови вртев околу нејзината зграда. Во една прилика дечкото ме пречека пред нејзината зграда и, ако добро помнам, добив неколку воспитни шлаканици. Понижен и навреден (таа му ги имаше покажано песните и тој ме исмеваше поради таа моја слабост), како уметник кој сфатил дека светот го раководи сила, решив да се повлечам. Денес со девојката, која е среќно мажена жена и мајка, сме пријатели. Се смееме на тие години, ама тогаш не беше смешно: мене ми се чинеше дека прашање на живот или смрт е дали ќе се оженам со неа. По тоа искуство решив да одам во вежбална и да станам силен, за да не ме тепат. Одев во првата вежбална во Влае, кај Миме и кај Давид, подоцна и кај Небојша. Сите тие беа наши идоли, еден вид први скопски Шварценегери, и сите личеа на Петар Челик, легендата на југословенскиот спорт. Марфиев закон: штом почнав да вежбам, веќе силата не ми требаше. Не ме задеваше никој, се вљубив во друга девојка, сфатив дека првата љубов не е последна. Тогаш се свртев целосно и кон книгите: филозофија, поезија, мистика, религии… Без никакви амбции, онака, хипи! Сватив дека не мора ништо да станеш. Не можев да ги сватам момците кои вежбаа манијакално во вежбалните (кои денес се викаат фитнес-центри), или читаа манијакално, или свиреа гитара манијакално, само за да станат нешто, да бидат најдобри. Во животот не мораш да правиш нешто по секоја цена. Ако ти е императив „мора“, ќе бидеш несреќен. Треба да сакаш. Убавината е во љубовта, не во амбицијата на она што го работиш. Амбицијата и уметноста не одат никако заедно, како и љубовта со гордоста што не оди.“

Во тој период учи заедно со Никола Младенов, основачот на „Фокус“, кој трагично го заврши својот живот минатата година.

„Никола дојде во „Орце Николов“ од „Никола Карев“. Од првиот миг ми беше многу интересен, како некоја хемија да не здружи. Првиот ден, како сега го гледам, потпрен на ѕид, фрлаше паричка-петка/глава, чекајќи некој да му пристапи. Горделиво чекаше, иако тој беше нов во класот, а не ние. Целиот негов живот го гледам низ таа симболика: да не се изгуби во толпата. Персоналитет наспроти стадо. Па и онаа паричка: постојано рулет, на работ! Како и тоа што му се случи. Неразделни бевме до втора година факултет. Бевме како браќа: неговата мајка беше моја мајка, мојата негова. Спиевме еден кај друг, јадевме, првото пијанство ни беше заедничко. Еден ден, како гимназијалци, барајќи работа во студентската задруга (сакавме да разнесуваме млеко: и јас и Никола сакавме да бидеме самостојни од рана возраст), се најдовме случајно пред просториите на весникот „Студентски збор“. Од таму излезе покојниот (за жал, и тој млад замина) Роберт Шотаровски, легенда на студентското новинарство и не праша што правиме овде. Му рековме дека бараме работа. Не праша какви оценки имаме по македонски јазик и кога му кажавме дека имаме петки ни рече дека бара средношколци кои би пишувале во весникот за средношколската рубрика. Па така почнавме да работиме во „Студентски збор“. Со Роберт станавме први другари. Таму стигнав до уредник на културната рубрика. Тоа беше сјајна генерација во „Студентски збор“: беа таму уште и Зоран Димитровски, Горан Михајловски, Сашо Насев. Благодарејќи му на „Студентски збор“ и новинарството, од 16-17 години не сум зел пари од дома. Јас, Никола и еден Ристо први во училиштето ги воведовме „пороците“ (пиво, по некоја „Драва“) и се воземе со такси. Бевме популарни кај девојките. Потоа Никола продолжи во „Млад Борец“ и се пронајде себеси во новинарството целосно, иако беше и одличен актер (имаше и една награда на МЕС во Сараево, во претставата „Ослободување на Скопје“ во режија на Унковски), а сакаше да студира на ФДУ, каде за жал, не го примија. Ме викаше и мене во „Млад борец“, но не отидов: брат ми отиде таму. И не жалам. Решив да се посветам на студиите.“

Андоновски студира на Филолошкиот факултет на отсекот за општа и компаративна книжевност. Не се збогува целосно со новинарството. Цели 25 години пишува колумни.

„Новинарството ми ја замени гитарата, а книжевноста ми го замени новинарството“.

Факултетот го завршил како студент на генерацијата.

„Дента кога дипломирав, сакав веднаш да одлучам што понатаму. Сакав да останам да работам на факултетот, па затоа тргнав од врата на врата да се нудам за асистент на професорите, што се разбира, беше скандалозно. Ме гледаа како улав. Ќе тропнев на врата, ќе прашав „Дали ви треба асистент, јас сум студент на генерацијата“ и секаде ќе добиев одговор дека „тоа не оди така“. Летото, откако никој од оние кои ме фалеа додека студирав не ми подотвори врата надеж, размислував да и се вратам на музиката и да студирам џез академија во странство… Така разочаран заминав на „Струшките вечери на поезијата“. Таму се склопија коцките. Професорот Атанас Вангелов, кој беше дојден со хрватскиот колега, професор по книжневност, Анте Стамаќ, ме покани на нивната маса. Вангелов е отворен и полемичен човек и ме праша зошто сум во лошо расположение. Кога ја слушна целата приказна ми понуди да бидам негов асистент. Не му верував, се разбира; мислев дека е тоа од куртоазија пред Стамаќ. А и како да му верувам, кога сите мои професори ме „откачија“, а тој, од друга Катедра се интересира за мене? Па нели „не оди тоа со вработувањето така?“ Но, сепак се случи. Од тогаш никогаш не ги потценувам случајностите. Верувам дека се има своја виша причина, но бидејќи не ја гледаме, зборуваме за случаности“.

До периодот додека стане професор на Филолошкиот факултет следат и разочарувања и успеси. Се уште свежо се сеќава на првото искуство од постдипломските студии во Хрватска, каде сфатил дека, иако е студент на генерацијата во Македонија, тоа ништо не значи во Хрватска. Првите предавања воопшто не можел да ги разбере, затоа што биле од областа на семиотиката, за која тој не знаел ама баш ништо. Денес е познат како професор по семиотика, за која има напишано и една обемна книга. Тогаш, со солзи на очите, за 48 часа се вратил во Скопје, убеден дека ништо не знае.

„По тоа искуство Вангелов ме зеде под негова дисциплина. Ми даде 10 книги и ми рече – ‘По еден месец пак ќе се вратиш во Загреб’. Тоа и се случи и овој пат работите беа сосема поинакви. Се случи пресврт“.

Оваа искуство ќе го натера во неговата понатамошна работа на факултетот постојано да внесува новини и да ги информираа студентите за секој нов тренд и истражувања за предметите кои ги предавал.

„Не сите беа среќни со мојот метод на работа. Анонимни гласови ме обвинуваа дека не се држам до програмата. Гане Тодоровски и Атанас Вангелов многу ми помогнаа да опстанам во тоа што го правев. Горд сум на моите студенти, а некои од нив секогаш беа гладни за нешто ново, поинакво. Многу од нив остварија успешни кариери. Со текот на годините имав можност да предавам на различни студенти. За жал вистинските ги има се помалку…“.

Последниве неколку години многу професори влегоа во политика. И неговото име во неколку наврати се спомнуваше за политички функции.

„Да, сум имал понуда за министерско место за култура и два пати за амбасадор. Не ме интересира политика и жал ми е што во повеќе прилики ме користеле како жртвено јагне, за политички цели. Но јас никогаш не станав по професија политичар, иако пишував колумни во кои сум изнесувал и политички ставови.“

За категоријата „интелектуалец“ смета дека во Македонија, за жал, се помалку ја има.

„Што е интелектуалец? Тоа не е човек што е само добар во тоа што го работи и е специјалист во својата област, туку е активен и во поширокото гледање на општеството и на она што се случува во него. Вистинскиот интелектуалец има поширока одговорност. Знае и да излезе од својата специјалност (се разбира, не и да ја напушти), за да делува корективно и на општеството. Кај нас повеќето интелектуалци „си ги штедат нозете“, како добри фудбалери на неважен меч. Имаме суптилни специјалисти за се и сешто, но тоа се луѓе свртени само кон себе и сопствената тесна специјализација. Никој не сака да ја види целината. Во таа смисла, ние сме мртво море на интелигенцијата. И на тој план, не гледам ништо светло пред нас. Второ, а во врска со првото: ме плаши катастрофалниот систем на образование. Имаме огромна хиперпродукција од дипломиран кадар, на брзопроизведени магистри и доктори. Што ќе прави тој магистер или доктор додека напони години за пензија? Каде ќе работи во Македонија? Колку тој вистински знае со „скратен систем“ на докторирање? Иднината си ја уништуваме. Многу е подобро да имаш помалку образовани луѓе, но квалитетни. Поентата е во длабочината, не во широчината на образовниот процес. Не секој треба да студира. Треба да имаме квалитетно образовани луѓе во секој степен на образование. А некаде прочитав дека во Македонија нема заварувачи, а има премногу специјалисти за метафори и стилски фигури. Сите овие работи многу ме фрустрираат, бидејќи и моите деца живеат, барем за сега, во оваа држава“.

Андоновски зад себе има два брака. Од првиот брак ги има ќерките Катерина, која завршила средно угостителско училиште и Деана, која исто така е во средно училиште (гимназијата „Никола Карев“), а афинитет и се јазиците и хуманистичките науки, кои одлично и одат.

Од вториот брак со Јована (специјалист инфектолог) ја има ќерката Веда (10) и синот Давид (3).

„Веда многу чита и има талент за пишување. Давид пак, барем за сега го интересира техника. И машината за перење речиси знае да ја расклопи. За составување ќе почекаме:)”.

Со семејството се уште живее во Влае, населбата во која пораснал.

„Живееме во потпокрив изграден врз старата барака на моите родители. Припаѓаме кон категоријата просечни семејства. Тоа значи: живееме од плата со крпење „од први до први“, имаме возило на лизинг и можеме да си дозволиме максимум 15 дена годишен одмор. Многу сум задоволен од децата и нивната трудољубивост, но мислам дека не се тие за овде и за вакво општество…“

g4

НАШЕТО МЕНИ

Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со Андоновски се определивме за македонска салата.

petre@emagazin.mk

February 19, 2014

Ако сакаш нешто, треба да го заслужиш

Татјана Лопарски, поранешен новинар и директор на агенцијата „Елемент ПР“, вели дека целиот свој живот го поминала во центарот на Скопје.

„Цел живот ми се врти околу Центар. Растев во околината на Унверзална сала, каде денес се уште живеат моите родители, нашиот стан е кај полиција Беко, а интересно е и што канцеларијата на Елемент ПР денес е исто така во истата област„, раскажува Лопарски.

Татко и бил воено лице, а по професија стоматолог, па како што вели од него научила што е ред, дисциплина и поредок. Мајка и пак била сметководител во Железници.

„Таа е глава на семејството. Секогаш држи се под ред“.

Како дете ја интересирале книгите и фантазирала да стане писателка.

Таа е единец, но како што вели никогаш не била посебно галена поради тоа.

„Луѓето што ме знаат мислат дека не сум единствено дете. Уште од мала бев воспитувана во духот дека ако сакаш нешто, треба да го заслужиш“.

Основното образование го завршува во Песталоци, а интересно е што во тој период почнува да тренира кошарка.

„Со кошарка почнав на 10 години и тренирав до 17. Бев дел од тимот на тогашниот кошаркарски клуб „Македонски ракотворби“, женскиот тим на МЗТ. Кошарката и Дражен Петровиќ беа многу популарни во тоа време, благодарение на големите успеси на кошаркарската репрезентација на поранешна Југославија… Мислам дека го направив вистинскиот избор, бидејќи уште од мала научив да работам тимски. Го сакам спортот. Играв и тенис, сакам пливање и трчање“.

Во тинејџерскиот период себе си се опишува како андерграунд дете.

„Учев во средното училиште Никола Карев. Бев во друштво во кое се дебатираше за делата на Достоевски, слушавме Смитс и Кјур, излегуваме во Модријан, ЗЗ Топ, Зелена тиква…Беше тоа друго време, многу различно од денешното, каде системот на вредности е целосно изместен. За нас материјалното никогаш не беше во прв план, за разлика од новите генерации…Бевме среќни само со 501 фармерки и мартинс…“

Поради обврски во периодот додека е во средно училиште прекинува со кошарката и почнува да размислува за продолжување на образованието во областа на стоматологијата.

„Запознавањето со новинарот Горан Величковски ми ги изврте плановите во позитивна насока. На крај се решив за новинарство„.

Се запишува на Факултетот за новинарство, а првото работно искуство и е повторно поврзано со пишување во „Студентски збор“.

Пред запишување на факултет активна е и во организирање на средношколците. Станува претседател и еден од основачите на Унијата на средношколци на Македонија.

„Во „Студентски збор“ имав среќа да запознаам многу интересни луѓе и да научам многу работи од нив… Следно работно искуство ми беше Радио Уно, каде водев утринска програма заедно со Ели Пешева. А извесно време бев и во радио Вокс…“

Вели дека по завршувањето на факултетот не останала ни еден ден без работа.

Следи работењето во телевизијата Сител.

„Таму работев една година во надворешно-политичката рубрика“.

По искуството во Сител, извесен период е во Советот за радиодифузија каде работи како кординатор на мониторингот за изборите во 1998 година, работа од која не била посебно фасцинирана, па продолжува на кратко во весниците „Македонија денес“ и „Денес“.

Следен предизвик и е телевизијата Канал 5.

„И таму како и во Сител, уредник ми беше Трендо, од кој научив многу и како треба да изгледа еден добар новинарски прилог. Прекрасно беше да се работи со одличен тим на новинари кои оставија белег во оваа професија…“.

Во Канал 5 останува осум години, оттаму и се пријателствата со Билјана Трендафилова и Елена Петреска кои до денес и се едни од најдобрите пријателки.

Во овој осумгодишен период, една година поминува и во дневниот весник „Вест“.

Во Канал 5 ја добива наградата за истражувачко новинарство за сториите поврзана со Документот на Швимер која предизвика масовна акција во јавноста – „Не ме Фиромирај“.

По телевизијата извесно време е и е во дневниот весник „Вечер“, каде стигнува до позицијата заменик уредник, по што следи вработувањето во Кабинетот на поранешниот преседател Бранко Црвенковски, каде останува речиси 1 година.

„Таму ја видов другата страна на комуникацијата со новинарите и благодарение на луѓето со кои работев ги научив основите на ПР комуникацијата. Го фатив убавото време во тој период и научив многу за политичкиот ПР. Ја напуштив работата, поради тоа што останав бремена. Морав да ја намалам работата и за првпат во животот го избрав семејството како приоритет, бидејќи кога сте новинар нема избор – професијата е на прво место“.

Од новинарството целосно преминува во светот на маркетингот и ПР. Се вработува во ПР агенцијата „Имиџ ПР“, каде останува две години.

„Таму го научив занаетот. Но, и доста вложував во себе и во својата надоградба“.

По оваа искуство од пред пет години одлучува да си ја проба среќата во формирање на сопствена компанија, која ќе работи во областа на ПРот и ја основа „Елемент ПР“, која денес е дел од светската групација Грејлинг и веќе две години е застапник за Македонија, Албанија и Косово на втората по големина ПР агенција во светски рамки.

„Никој не е доволно свесен во што влегува кога започнува свој бизнис. Но, цело време учев на сопствените грешки. Така најдобро се учи. Ја направив компанијата поблиска до вработените и зависно од нивните резултати, нивната плата и позиција можат да одат нагоре, дури и до делот на сопствеништвото. Битно ми е да ги задржам добрите работници. Не секој работник е заменлив. Кога вложувате во нечиј развој потрудете се тој да биде до Вас, бидејќи тој е дел од Вас. Не можам да го замислам Елемент ПР без луѓето кои влегле со мене во ризик на почеток и верувале во мене. Денес „Елемент ПР„ има 10 вработени и функционираме како вистинско семејство. Прифаќаме предизвици што другите агенции од нашата област не ги прифаќаат. Така да станавме препознатливи како агенција која е добра за кризен ПР. Не се држиме слепо на традиционалното во ПРот, туку постојано ги следиме новините во таа област. За овие пет години имаме големо портфолио на клиенти, од кои некои соработуваат со нас веќе петта година по ред. Една од основните работи кои ги сфатив во оваа професија е дека човек постојано треба да се надоградува. За тоа во фирмата пари не штедиме. Ако не го правиш тоа ќе тапкаш во место. Кај нас сите се со дополнително образование – постидипломски студии и обуки“.

Лопарски моментално е на постдипломски студии за стратешки маркетинг на Шефилд универзитетот преку Академијата за менаџери во Македонија, зад себе ги има постдипломските студии по Меѓунардно право и политика, а има завршено и ПР академија во Лондон во делот на мерливост на ПР-от.

Дванаест години е во брак со Илија, новинар по професија, со кого ја имаат ќерката Билјана (8г.).

„Со Илија повеќе од 20 години сме во исто друштво. Заедно сме што се вика од кога памтам за себе. Билјана е многу интересна. Знае дека работам за Субрата Рој и ги знае сите фирми со кои работам на памет и кога гледа вести вика – еве ги твоите…“.

g4

НАШЕТО МЕНИ

Од Богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со Лопарски се одлучивме за шеф салата и рижото со пилешко.

petre@emagazin.mk

Постари вести »

Powered by WordPress