January 15, 2015

(Галерија) Враќање во иднината: Почнува најскапото и најгламурозното светско првенство во ракомет

Filed under: Наша тема — Tags: , , — @ 11:10 am

Од денеска па до 1 февруари во Катар ќе се одржи 24. Светско првенство во ракомет. Според моменталните проценки оваа првенство ќе биде едно од најкапите во историјата.

Катарците не штеделе. За цела организација тие потрошија над 200 милиони евра. Парите се трошени за шминкање на инфраструктурата, градење или реновирање на хотелите каде што ќе бидат сместени 24. репрезентации, како и изградбата на три нови сали во кои ќе се одигра целото првенство.

Салите кои ги направија организаторите ќе им овозможат на Катарците во наредните 12 месеци да бидат домаќини на 40 различни спортски настани.

Гордоста на Катар е „Лусаил Арена”, која ќе биде најголема на првенството и се наоѓа во новоизградениот град Лусаил. Изградена е специјално за овој Мундијал и има капацитет од 15.500 посетители, а беше отворена во ноември минатата година. Лусаил се наоѓа на 20 километри од Доха.

Во истиот град е планирано да се одржи отварањето и затворањето на фудбалското првенство во 2022 година.

Другите две сали се сместени во главниот град Доха. Втора по големина е „Али Бин Хамд Ал Атија Арена”, која има капацитет од 7.700 гледачи.

Најмалата арена на првенството е Духали, собира 5.500 посетители и е резервирана за настапите на катарската ракометна репрезентација.

На првенството ќе настапат 24 репрезентации, најмногу од Европа, 14. На првенството учествува и нашата репрезентација. Со среќа!

Знаете ли какво пилешко месо купувате: Што се прават производителите за да заработат повеќе

Повеќето луѓе кои купуваат пилешко месо од непознато потекло, без декларација, не се ни свесни дека дури 30 отсто од тоа месо е напумпано со солена вода и хемикалии за засилување на вкусот и текстурата, како и со отпадоци од други животни. Со ваквиот третман производителите се обидуваат да добијат месо од прва класа, од месо со лош квалитет.

Пилињата не се одгледуваат да бидат здрави и нивното месо да биде сочно и меко, туку во трката за заработувачка се прави сè, за пилето што побрзо да ја достигне потребната тежина. Со тоа потрошувачите не само што се измамени, туку им се загрозува и здравјето, бидејќи таквото пилешко содржи и до 500 пати повеќе натриум.

Во 2009 година е откриено дека на пилешкото му се зголемува тежината со вбризгување на животински отпад, на пример коски и рскавици од свињи или крави. Измамата е откриена во ресторани во Англија, а биле направени специјални тестови, бидејќи материјалите кои се додаваат толку добро се обработени и ги поминуваат ДНК тестовите. Истрагата открила дека при обработката на пилешкото се додаваат протеини од други животни.

Праксата на вбризгување вода и протеини во пилешкото не е противзаконска, се додека е точно означена. Исто така не е противзаконско вбризгување на говедски или свински протеини, се додека се означени како “хидролизирани протеини“. Тие се даодаваат за да може пилешкото да ја задржи водата.

Многумина консумираат пилешко, сметајќи го за лесна и здрава храна, што е вистина, но само ако месото доаѓа од домашно органско производство. Затоа внимавајте што и од каде купувате, тоа е единствениот начин да се храните здрави и да го сочувате своето здравје.

 

 

January 14, 2015

Акцизите за нафтени деривати се фиксни, евтината нафта ќе го полни буџетот

Filed under: Наша тема — Tags: , , , — @ 9:36 am

Падот на цената на нафтата нема да ги намали буџетските приходи, затоа што акцизата за нафтени деривати во Македонија е фиксна, само по основ на ДДВ, бидејќи овој данок сега се пресметува на помала даночна основа.

Единствено помали приходи од акцизи може да се очекуваат само ако се намали прометот со горива. Со оглед на тоа што цената на горивата на почетокот на неделата поевтинија за 1,5 денари и се на рекордно ниско ниво во последните десетина години, не се очекува намалување на прометот.

New Picture

Според Министерството за финансии, акцизите кај нас се пресметуваат кај потрошувачката на минералните масла, алкохолот и алкохолни пијалаци, тутунските производи и за патничките автомобили. За некои производи тие е во процентуален износ, а за други, како за горивата се пресметуваат во апсолутен износ по единица мерка.

Кај бензините висината на акцизата зависи од количеството олово – кога е над 0,013 грама, акцизата е 24,396 денари за литар, а за безоловниот бензин, акцизата е помала и изнесува 21,692 денари за литар. Ова практично значи дека без оглед колку е малопродажната цена на бензините, акцизата е фиксна. Така, на пример, и кога бензините кај нас беа над 80 денари за литар, и сега кога тие се 60 денари за литар, износот на акцизата за литар гориво е ист.

Според последните податоци од Народната банка, во претпоследниот месец од 2014 та година во Буџетот се слеале 196,1 милиони евра, а на расходната страна се одлеале 212,6 милиони евра.

Според новите податоци од Министерството за финансии, во ноември во однос на октомври забележано е намалување на вкупните буџетски приходи за 26 милиони евра.

На приходната страна, на месечно ниво има намалување на приходите, од ДДВ, Персоналниот данок на доход, Данокот на добивка, а мало намалување кај акцизите, од увозни давачки и од други видови на даноци.

 

January 11, 2015

Плетењето актуелно, плетачките хит на социјалните мрежи

Плетените работи секогаш се тренд во зимскиот период. Убаво изгледаат и плус ја топлат душата. Не се соодветен моден детаљ за полнички, бидејќи дополнително шират, но може да се направи компромис со носење капа, шал, ракавици.

Но, она што е впечатливо е што се помлади девојки се занимаваат со овој традиционален занает. Овие плетачки се доста популарни на социјалните мрежи, бидејќи мајките им испраќаат модели како мустра како сакаат да изгледаат капите и шалчињата за своите деца, но добиваат нарачки и за возрасни. Од толку што имаат полни раце работа, понекогаш и одбиваат бидејќи не можат да постигнат.

Младата девојка Александра Михајлова научила да плете на четири години ама само обична права плетка. Ја научила нејзината баба, која била позната плетачка во Штип. Најпрво Александра правела ќебиња за барбики.

„Баба ми беше позната плетачка во Штип, идеа баби да бараат помош ако згрешеа нешто, а таа ми правеше и алишта за барбиките. Всушност така и се заинтересирав повеќе. Сакав да имам што повеќе алишта за барбиките и постојано имав нови идеи и ја прашував баба ми како да ги реализирам. До осум години само тоа го правев, само алишта за барбики ама плетев буквално секој ден. Ми стана пасија. На осумгодишна возраст го сплетов првиот џемпер и тоа сo fair isle техника, една од најсложените, а можеби и најсложена, розев со бели снегулки. И така почна приказната. Но само за мене, за моите или за пријатели,“ вели Михајлова.

Плетењето и е под кожа, а баба и плетела 24/7.Така и ја исчувала.

„ Ајде сине дојди ќе си плетеме со наничка” така ми викаше. Во суштина бев многу бесно дете и само таа знаеше да ме смири. Ме возбудува чувството кога ќе создадеш нешто, ми дава елан за повеќе да создадам и среќна сум кога некој ќе носи моја креација со мерак. Сите работи што сум ги сплела се мој дизајн, често плетам и по слики, но тоа по желба на купувачот. Не користам шеми за плетење, чекајќи го резултатот расте возбудата, и на крај среќен си. А уште посреќен кога ќе видиш насмеано лице со твој производ. Веројатно од сите тие измешани чувства доаѓа и љубовта кон плетењето,“ додава таа.

Се околу и е инспирација, посебно луѓето за кои прави нешто. Тие што ги познава секогаш и велат „Напрај нешто ко за мене” и потоа следи “Од кај знаеше што сакам”.

„ Како што луѓето имаат карактер, според мене и секоја рачна изработка има карактер.Има различни плетки, од наједноставни до најсложени, лелеави, симетрично повторување на котелци, „хаос” од котелци и бои. На пример, принципиелните и смирени луѓе „паѓаат“ на симетричните плетки. Никогаш не се водам по тоа што е модерно, туку она што ќе ми светне во глава и до сега ми успева. Имало и плети-расплети ама секогаш ако доволно силно сакаш да ја оствариш замислената идеја, ќе ја оствариш. Го користам и интернетот за учење на нови плетки и техники,“ раскажува Александра.

Не е сигурна, дали може да се живее од плетење во Македонија. Таа е ИТ инженер и има стабилна и добро платена работа. Ова и е хоби од кое само сака да биде на позитивна нула, па некогаш дури и во минус.Работи со природни материјали или мешавини. Додава дека во Македонија нема некој избор на чиста волна, свила, алпака и сл. како што има по светот.

„Кога шетам надвор од државата купувам волна како за шверцер.Голем дел од работите кои ги правам ги подарувам или ги наплаќам по ниски цени. Од октомври годинава почнав да работам за непознати луѓе, зашто претходно исклучиво за познаници, мои пријатели или пријатели на пријателите. Со моето темпо, месечно можат да се изработат 20-на нарачки. Некој на кој оваа работа му е примарна, сигурно може и повеќе. Голем дел од нарачките одбив или на клиентите не им се чекаше. Ноември и декември се месеците кога плетењето е хит. Но потоа се посветувам на дизајнирањето на шаблони за плетење кои ги прикачувам на интернет и истите се достапни на сите плетачки од светот.Тоа ми е поголема сатисфакција.Зашто таму лежи „тешка” математика, пресметки, мерки. Го спојувам инженерското во мене во креативното,“ додава нашата соговорничка.

ПЛЕТЕЊЕТО КАКО УМЕТНОСТ

Марија Јанева Трајкова љубовта кон плетeњето ја има од нејзината баба. Но според нејзе, станува збор за голема уметност.

„Јас сум уметничка душа која желбата кон сликањето и уметноста ја насочив во друг правец.Со иглата и конецот, сега моите уметнички слики се сплетените капа, шал, топлинки и други работи.Најчесто изработувам детски комплети, затоа што побарувачката за нив е многу поголема. Децата знаат што сакаат, а тоа се најчесто нивните ликови од цртаните филмови. Клиентите доаѓаат со замислени идеи, јас им ги остварувам,“ вели Јанева-Трајкова.

Таа смета дека, од оваа работа може да се живее. Преку заработката од продажбата на плетените работи, вели дека си ги покрива трошоците и останува некој денар за неа.Најголема побарувачка имала околу Нова година кога имала 20 нарачки и едвај ги постигнала.

„Човечка рака ги прави, не е машина. Задоволна сум од работата и планирам во скоро време да го ширам бизнисот односно да си отворам свој дуќан каде што моите муштерии ќе можат да дојдат и на лице место да си изберат модел и волница. И да си го подигнат посакуваниот модел,“ додава таа.

January 9, 2015

Падот на рубљата го забави извозот на Македонија во Русија, фармацевтите најпогодени

Македонската фармацевтска индустрија трпи најголеми штети од падот на вредноста на рубљата и кризата во Русија. Со оглед на тоа што лековите се прв извозен производ на Македонија во руската федерација, кризата која што ја тресе Русија најмногу ќе ја почуствува овој сектор.

Според податоците од Македонско-руската стопанска комора во последните неколку месеци се одложуваат нарачки, импортерите очекуваат стаблизација на вредноста на руската валута.

Според податоците од Стопанската комора на Македонија за трговската размена во 2013 година, најголем дел од извозот на Македонија во Русија отпаѓа на фармацијата, односно на извозот на лекови и тоа во вкупна вредност од 10,5 милиони долари, по нив следат прехранбените производи кои во 2013 година се извезени во вредност од 9,6 милиони долари, а доминира овошјето со 4,8 милиони долари, виното со 1,4 милиони долари, грозјето е на трето место со 1,8 милиони долари и зеленшукот со 1,2 милиони долари. Извозот на производи од машинската индустрија изнесува 7,3 милиони долари.

Ако се погледнат податоците за меѓусебната размена за 2013 година, може да се констатира голем дефицит на македонската страна. Вкупната размена изнесува 195,2 милиони долари, при што од Република Македонија се извезени производи во вкупна вредност од 31,5 милиони долари, додека во истиот период од Руската Федерација се увезени производи во вредност од 163,6 милиони долари.

Во делот на увозот доминираат енергенсите 115,8 милиони долари, нафта и гас, металургија 7,1 милиони долари, минерални суровини 8,5 милиони долари.

Вкупната трговска размена на Македонија со Руската Федерација во првата половина од 2014 година достигна вредност од 74,7 милиони долари. При тоа, остварен е извоз во вредност од 17,7 милиони долари, додека увозното салдо изнесува 60,9 милиони долари. Споредено со истиот период во 2013 година, обемот на вкупната надворешно-трговска размена е намалена за 65,3 милиони долари, што претставува пад од 46,7%. Извозот во 6. месеци од 2014 година е зголемен за 2 милиона долари, или споредбено со истиот период во 2013 година бележи раст од 17,3%, додека увозот е намален за 67,4 милиони долари, што претставува пад од 52,5%.

-Падот на рубљата негативно влијае не само на извозот на македонските производи, туку и на економиите на сите земји што соработуваат со руски партнери. Во однос на нарачките според информациите од компаниите, тие се одложуваат, но не се откажуваат. Ова произлегува од фактот што се очекува зајакнување на рубљата кон крајот на јануари до ниво што ќе биде прифатливо за руските импортери за реализирање на договорените нарачки, велат од Македонско-руската стопанска комора.

Според податоците произлегува дека Алкалоид како најголем извозник на лекови на рускиот пазар се соочува со најголеми проблеми во овој период.

-Соочени сме со низа неизвесности, како континуираниот притисок за намалување на цените на производите на одредени пазари, отежната наплата, а особено сме погодени од неизвесноста после украинската криза и падот на курсот на руската рубља, вели во изјава за Капитал, Живко Миукаетов, претседател на Управниот одбор на Алкалоид.

Рубљата од почетокот на годинава го продолжи надолниот тренд, откако цената на нафтата, која е клучен руски извозен производ, падна на најниското ниво во последните пет години.

Руската енергетски зависна економија со месеци се мачи поради ниските цени на нафтата и западните санкции.

Рубљата минатата година изгуби половина од својата вредност, а рекордно ниско ниво достигна на 16 декември кога еден долар се менуваше за 80 рубљи. Владата потроши милијарди долари за поддршка на руската валута по што таа зајакна, но по Нова година повторно падна за денеска еден долар да се менува за 63, а едно евро за 75 рубљи. Барел нафта на светските берзи се продава за околу 50 американски долари.

January 7, 2015

Како најчесто се местат тендерите?

Иако претпријатијата можат формирајќи картели да го договорат учеството во постапките за доделување на договори за јавни набавки на различни начини сепак постојат неколку вообичаени начини на вакво договарање.

Според „Водичот за откривање незаконски договарања во постапките за доделување на договори за јавни набавки“ што го изработија Бирото за јавни набавки и Комисијата за заштита на конкуренцијата еден од најчестите „финти“ со кои се користат картелите за да ги наместат тендерите се фиктивните понуди.

„Ова подразбира договор помеѓу понудувачите согласно кој се нудат цени кои се повисоки од цената која ја нуди понудувачот (претпријатието) кое треба да го добие договорот за јавна набавка или доставуваат понуди кои се превисоки за да бидат прифатливи и/или доставуваат понуди кои содржат услови кои се неприфатливи за договорниот орган. Ваквите понуди одаваат впечаток на постоење на вистинска конкуренција меѓу понудувачите, односно постоење на конкурентни понуди, а всушност однапред се знае кој ќе го добие договорот“, се вели во водичот.

Втората најчесто употребувана „финта“ е неподнесување на понуда односно договор помеѓу понудувачите (претпријатијата) според кој еден или повеќе понудувачи (претпријатија), кои во вообичаени услови би поднеле понуда, се договараат да не поднесат понуда или пак да ја повлечат претходно поднесената понуда со цел да биде прифатена понудата на одреден, однапред утврден понудувач.

Третиот механизам за местење е таканаречената ротирачка понуда – понудувачите (претпријатијата) доставуваат понуди но се менува понудувачот (претпријатието) кој го добива договорот за јавна набавка, односно однапред се договараат да ги добиваат договорите по одреден редослед.

„Кај ваквото договарање понудувачите (претпријатијата) може да се договорат секој да добива определен договор со цел секој од нив на крајот да добие договор за јавна набавка со еднаква вредност или пак добиената вредност или количина на набавка да е во согласност со големината на секое претпријатие“, се вели во водичот.

Поделба на пазарот, пак, подразбира понудувачите (претпријатијата) да го поделат пазарот на тој начин што ќе се договорат кој во кое подрачје ќе доставува понуда или кај кој договорни органи ќе доставуваат понуди. Исто така, поделбата на пазарите може да се изврши на тој начин што се доставуваат понуди на начин што значи поделба на самиот предмет на набавка и тоа или преку доставување на исти цени при што предметот на договорот (количината) се дели помеѓу нив или преку доставување на различни цени но недоволни количини за да се задоволи целокупната набавка, заради што набавувачот повторно склучува договор за набавка со двајца или повеќе понудувачи со цел да ги добие побаруваните количини од бараната стока.

January 5, 2015

Битола сака чист воздух и води „борба“ за истото да го добие. Барем почнаа од некаде

Минусните температури и снегот ги „замрзнаа“ ПМ 10 честичките во воздухот, но загадувањето главно останува одмрзнат проблем во државата. Здружението „За нас се работи“ од Битола, во изминатиот период презеде низа активности, иницијативи и конкретни чекори за да се подобри амбиенталниот воздух во градот под Пелистер, кој е меѓу најзагадените во државата.

На 23 декември, ова Здружение потпиша меморандумот за соработка со Општина Битола. Целта е доведување на квалитетот на амбиенталниот воздух во границите на дозволените вредности.Преку утврдување на хемискиот состав на честичките, ќе се добие поверодостојна слика за примарните и секундарни загадувачи. Ќе се утврди дали тоа е РЕК Битола, дали е греењето на дрва, мазутот, дизел моторите, градежните локации. Од Здружението се први кои сами нарачале вонинституционално мерење на загаденоста.

„Здружението „За нас се работи“ обезбеди мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух на различни состојки преку поставување на мобилна мерна станица во централното градско подрачје која ќе ја мери остојбата на воздухот.Општина Битола е во тек на постапка за распишување на јавен оглас за обезбедување на мерења од лиценцирана лабораторија, во сите годишни времиња. Со тоа, би се обезбедиле податоци за квалитетот во различни временски услови,“ вели Иван Јерчиќ од Здружението „За нас се работи“.

Мерењата кои Здружението ги нарачало, ќе се изведат во лиценцирана лабораторија во Србија. Првичните резултати се очекуваат да бидат готови кон крајот на јануари. Мерењата кои ќе се спроведат по нарачка на Општината ќе започнат најдоцна во мемесец февруари, а првичните резултати за хемискиот состав треба да се добијат до крај на април. Врз основа на компаративните мерења од страна на здружението и општината кои би се добиле до крај на мај, треба да се преземат и сите законски обврски. Стручен тим составен од двете страни, ќе мониторира дали ќе се реализираат активностите согласно законот. Општината донела 21 мерка краткорочни, среднорочни и долгорочни за подобрување на амбиенталниот воздух, но незначителен дел од нив се применети.

Проблемот е што во моментот мерната станица Битола 2 не работи, а Здружението од Министерство за животна средина има најава дека по новогодишните и божиќните празници истата ќе биде ставена во функција.

„Појдовниот револт на граѓаните на Битола кои се здружија во Здружение (13.500 поддржувачи, 600-700 пристапници) тргна од документ, пилот програма правена за Битола изработена од експерти од Финска, која ја правеле 2006-2011 година. Во студијата за импактот на термоцентралите врз човековото здравје, независните експерти посочуваат дека главен загадувач се термоцентралите. Во студијата се вели дека дозволен број на денови во годината во кои присуството на тие ПМ честички е над дозволеното е 35, а во Битола од 2006 до 2011 бројот на денови во кои таквите честички се над дозволеното е во просек 150. Од тука произлегува дека Битола, половина година е во вонредна состојба за воздухот,“ изјави Илија Балтовски од здружението.

Од „За нас се работи“ го најавуваат и проектот „Информирај се, едуцирај се, активирај се“ кој ќе работи на подигнување на еко-свеста на граѓаните, процес кој се одвива бавно. Пред нив стои предизвикот на зголемување на свеста на луѓето за штетноста од греење на дрва како и возење на стари автомобили за кои ќе се покаже дали имаат влијание врз загадувањето на воздухот.

Најавуваат и документарен филм за целата историја на проблемот, промоција и актуелизација. До пролет ќе бидат организирани четири ЕКО форуми.

January 3, 2015

Скијањето по нашите зимски центри започна, но Банско ќе го собере колачот

Банско и годинава ќе биде хит меѓу Македонците кои сакаат да скијаат или едноставно да уживаат во зимските убавини. Овој зимски центар е многу поконкурентен од нашите зимски туристички центри, бидејќи има поголем број на хотели со различен број на ѕвезди во кои се нудат програми и различни содржини, а има и поголем број на скијачки патеки.

Македонците повеќе го преферираат Банско поради малиот број на хотели во нашите зимски туристички центри и недостатокот на содржини откако ќе заврши скијањето кое вообичаено е до 16 часот. Не земајќи го предвид и ноќното скијање.

„Ако не скијаш, во хотелите на нашите планини нема што да правиш.Со исклучок на неколку кои нудат и дополнителни содржини. Оттука и истите не се конкурентни на Банско. Но освен содржините, големо влијание има и цената.Најчесто се случува цената во нашите хотели без никаква содржина да биде поскапа од цената во хотелите во Банско каде што и оние со две ѕвезди имаат спа центри. Во зависност од категоризација на хотелите, зависи и цената но исто така и квалитетот на услугите како и убавината на спа-центрите. Но има за сечиј џеб, па оттука Банско е атрактивен за секого,“ вели Зоран Јовановски, од една скопска туристичка агенција.

Сопствениците на хотелите немаат интерес да инвестираат, бидејќи стравуваат дека инвестицијата никогаш нема да ја вратат, а и не можат да се натпреваруваат со соседството кое го собира колачот.И затоа со години хотелите не се реновираат и не се вложува во нив.Познавачите на состојбите велат дека нашите планини функционираат викендашки, па поради близината се оди само на викенд. Преку неделата речиси се празни.

Огњан Циговски од ски-центарот „Заре Лазаревски“ во една прилика изјави дека не смета дека Банско им ги зема скијачите на македонските зимски центри. Според него, викендашите сепак најповеќе заминуваат на Маврово поради близината.

„Сепак не мислам дека Банско ни ги зема скијачите, бидејќи тие таму ќе појдат еднаш или двапати во сезона, а овде доаѓаат секој викенд. Во Маврово има и 1600 викендици така што бројот на викендаши кај нас е поголем,“ изјави тој.

Двата хотели „Славија“ и „Попова Шапка“ можат да примаат максимално 400 гости, а капацитет на патеките е 1500-2000 скијачи Тоа е недоволен капацитет за да се примаат сите гости, но со инвестициите најавувани од ЕЛЕМ бројката на леглата ќе се зголеми.

До сега како пречка се појавуваше и инфраструктурата, и одржувањето на патиштата. Но некои од оштетувањата се санирани, па оваа година нема да го има тој проблем.

Се проценува дека секоја сезона Банско го посетуваат околу три илјади туристи од Македонија.

December 30, 2014

Целта на еМагазин со приказната за Томе Кириази, делумно е остварена

Приказната објавена во еМагазин за Томе Кириази, студент од Битола кој има освоено 20 дипломи по математика, физика, астрономија, но живее во сиромашни услови, делумно ја постигна својата цел. Со прогласувањето на Томе за личност на годината, ние всушност сакавме да го свртиме вниманието на јавноста во што и успеавме. Приказната за него се рашири дури до Мексико, од каде што не контактираа за да му помогнат. Томе, доби стипендија од Еуролинк осигурување, а на „нозе се крена“ и Твитер заедницата.

Текстот во овој момент го прочитале 55.544 луѓе, има 11.000 шерови и 158 твита.

Но, за некое чудо, не допре до државните институции.

Голем број на граѓании, компании, маркетинг агенции, клубови, бутици кои сакаа да останат анонимни се вклучија во акцијата и ја понудија својата помош, секој на свој начин и во рамките на своите можности. Истите уплаќаа на жиро-сметка која ја имавме оставено во коментарите (101) на текстот, некои лично ни се јавуваа, некои ни пишуваа меилови. Некои лично му ја однесоа помошта во неговиот дом. Како и да е, сите беа упатени на вистинското место. До семејството Кириази.

Она што е исто така важно е што Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола ќе ги врати средствата кои Томе ги уплатил за упис во прв семестар.

„Оваа година Томе Кириази се запиша на новиот Факултет за информатички и комуникациски технологии во Битола, а Деканатската управа, ценејќи ги неговите постигнати резултати, условите во кои живее и неговиот потенцијал, одлучи на почеток да го ослободи од плаќање партиципација за првата година од студирањето. Доколку редовно ги полага испитите на факултетот, за што нема сомневање, Томе ќе може и целиот факултет да го заврши бесплатно,“ се вели во коментарот на Факултетот под текстот за Томе.

Едно знам, и без ова се, Томе ќе го завршеше факултетот. Научен е да нема, но исто така научен е да учи. Но зошто да биде тешко, ако може полесно?

еМагазин од срце им се заблагодарува на сите хумани граѓани, компании, заедници, клубови, на сите оние кои на било каков начин се вклучија и кои ја препознаа иницијативата на овој текст и искрено придонесоа Дедо Мраз за Нова Година да го посети и семејството Кириази и да имаат богата трпеза за Бадник.

Среќни празници драги луѓе.Заеднички успеавме во мисијата.

Сторијата за Томе Кириази прочитајте ја ОВДЕ.

Прогласувањето на Томе Кириази за личност на годината прочитајте ОВДЕ.

Томе доби стипендија од Еуролинк, прочитајте ОВДЕ.

Твитерџиите издејствуваа телескоп за Томе, прочитајте ОВДЕ.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

По сторијата на еМагазин, Томе Кириази доби стипендија од Еуролинк осигурување

Твитерџиите издејствуваа телескоп за Томе Кириази, подарок од Т-Мобиле

Сиромаштијата не му може ништо на знаењето на Томе Кириази, со тоа всушност и пркоси

Личност на годината: Томе Кириази

еМагазин му врачи благодарница на Томе Кириази

Твитерџиите издејствуваа телескоп за Томе Кириази, подарок од Т-Мобиле

По сторијата за Томе Кириази во еМагазин, твитерџиите покренаа хуманитарна акција на Твитер преку хаштагот #ЗаТоме.
На овој начин тие обезбедија дел од потребните работи за семејството Кириази, кои живеат во сиромаштија.

TELEKOM

Но, она што најмногу го израдува Томе е што преку оваа акција му беше обезбеден телескоп, бидејќи астрономијата е негова голема љубов. Имено, неколкумина твитерџии кои се корисници на Т-Мобиле, изразија подготвеност да ги донираат поените за лојалност, и побараа од оваа компанија телескопот кој е дел од програмата за лојалност да му го подарат на Томе. На оваа иницијатива Т-мобиле одговори позитивно,и преку својот профил на Твитер потврди дека ќе го донира телескопот.

Во оваа насока, односно во збогатување на знаењето на Томе од областа на астрономијата, која многу го интересира, беше обезбедена и донација од Скопското астрономско друштво, кое објави дека ќе му обезбеди престој во астрокампот кој ќе се одржи наредната година.

Твитерџиите ги собраа донираните работи, кога ја спроведоа традиционалната акција за собирање пластични шишиња, од кои подоцна изработуваат новогодишна елка. Парите собрани од елката, која ќе ја откупи компанијата Пакомак, ќе ги донираат за Томе.

Некои од нив донираа таблет и друга техника.

Приказната за Томе прочитајте ја ОВДЕ.

Томе доби стипендија и од Еуролинк. Прочитајте ОВДЕ.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

По сторијата на еМагазин, Томе Кириази доби стипендија од Еуролинк осигурување

Сиромаштијата не му може ништо на знаењето на Томе Кириази, со тоа всушност и пркоси

Личност на годината: Томе Кириази

еМагазин му врачи благодарница на Томе Кириази

Постари вести »

Powered by WordPress