January 12, 2015

Обновливи извори на енергија: Во Германија има 21.600 ветерници

Половина од потребната енергија во Германија денес се произведува од ветерници, објави организацијата „Германска енергетска транзиција“. Оваа невообичаена енергетска ситуација, како што јави дописникот на МИА од Берлин, се должи на систематските мерки што ги презема Германија во последнава деценија за воведување на обновливи извори на енергија, но овој огромен процент сепак се должи на силните ветришта што го зафатија северниот дел на земјата.

На почетокот на 2014 година инсталираниот капацитет на енергија од ветерници бил околу 33 мегавати. Во 2011 година ветерниците произведувале 8 отсто од целата електрична енергија, а според експертите во година со просечен ветер Германија може да добие близу 11 проценти од својата енергија од ветерници. Во моментов на територијата на Германија работат околу 21.600 ветерници.

На ниво на ЕУ инсталираниот енергетски капацитет од ветерницци во 2012 година бил 11,4 отсто од потребите. Според извештај на Европската агенција за животна средина, потенцијалот на ветерниците во ЕУ, сместени во континеталниот дел и на море, е доволен да ја покрие потребата на Унијата за енергија за неколку пати.

Во 2020 година се очекува потенцијалот од ветерниците да биде три пати поголем од побарувањето на ЕУ за електрична енергија. Според извештајот, до 2030 година ветерот може да обезбеди седум пати повеќе струја од потребите на ЕУ.

January 6, 2015

Општините од денеска можат да аплицираат за грантови за инфраструктура

Руралните општини од денеска можат да аплицираат во Министерството за финансии за добивање грантови – неповратни средства во висина до 260.000 евра за инфраструктурни проекти.

Вкупниот фонд на грантот за рурална инфраструктура е 20,7 милиони евра од кои 15,5 милиони евра се обезбедени од средства од ИПА, а останатите 5,2 милиони евра се од буџетски средства.

Средствата се наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води (пречистителни станици и системи за отпадни води со капацитет за популација помеѓу 2.000 и 10.000 жители), управување со цврст отпад, изградба или реконструкција на локални патишта и улици, основна инфраструктура за достапност до електрична енергија, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност,…

Може да бидат наменети и за проекти за улично осветлување, уредување и изградба на туристички и рекреативни области, изградба и реконструкција на општински објекти како што се детски и младински културни центри, детски градинки, училишта, пазари, општински згради, како и останати приоритетни проекти во надлежност на локалната самоуправа.

Целта на проектот, според Министерството за финансии, е да го подобри на квалитетот на живот во руралните средини, да ги намали разликите помеѓу урбаните и руралните општини во поглед на социо-економскиот развој и да ја подобри конкурентноста на руралните средини.

January 5, 2015

Во Германија има работа за сите

Вработувањето во Германија во 2014 година бележи раст осма година по ред и достигна нов рекорд, покажува извештајот на германскиот Завод за статистика. Во Германија во 2014 година се вработени во просек 42.598.000 работници што е за 372.000 или за 0,9% зголемување во однос на претходната година.

Како што се додава во извештајот, причина за тоа е нето доселувањето на работници од странство и генерални зголемена склоност вклучувајќи ја работната сила.

Бројот на невработени мнатата година паднал за 77.000 или за 3,5% на 2.105.000 лица во однос на 2013 година додека стапката на невработеност изнесува 4,7%, што е пад за 4,9% споредено со претходната годна.

January 3, 2015

Си-ен-ен: Година на предизвици за Европа

Filed under: Бенчмарк — Tags: , , — @ 5:06 pm

Во 2015 година земјите од Европската Унија ќе се соочат со големи предизвици, особено затоа што постојат реални шанси дека од заедницата би можело да излезат некои земји-членки, наведува за Си-ен-ен Робин Оукли, колумнист што долго работел за Тајмс и Би-би-си.

Само мал број функционери на ЕУ ќе наздрават за подобра иднина на оваа заедница, додека повеќето од нив се плашат дека Европската Унија во годината пред нас „ќе почне да се раситнува“, вели Оукли.

Според него, најголемиот проблем е Грција, со нејзините длабоки финансиски проблеми и претстојните избори на 25 јануари, кои ќе утврдат многу работи за оваа најпроблематична членка на ЕУ.

Ако Грција конечно ја напушти ЕУ, тоа ќе биде голем удар за заедницата.

Во Шпанија, која исто така наскоро ја очекуваат избори, голема поддршка од гласачите има партијата Подемос, која се залага за отфрлање на еврото како валута.

Португалија е уште една земја што е во тешка економска ситуација, вели Оукли.

Во Италија дури четири големи партии се натпреваруваат со мошне евроскептична реторика, што исто така го загрижува Брисел.

Оукли сепак тврди дека една од најголемите закани за иднината на ЕУ е Велика Британија, која во блиска иднина, во зависност од политичките случувања, би можела да одржи референдум за истапување од ЕУ.

January 1, 2015

Литванија стана 19. земја членка на еврозоната

Filed under: Бенчмарк — Tags: , , — @ 12:48 pm

Литванија од денеска станува 19. земја членка на еврозоната.

Таа ќе им се приклучи на Летонија (2014), Естонија (2011), Словачка (2009), Кипар и Малта (2008), Словенија (2007), Грција (2001) и Белгија, Германија, Ирска, Шпанија, Италија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија, Франција и Финска (1999).

Во ноември минатата година литвански ентузијасти одлучија да го одбележат збогувањето со националната валута правејќи пирамида од еден милион стари монети, која ја издигнаа за три недели во центарот на главниот град Вилнус. Пирамидата е висока 1,13 метри.

– Пирамидата ќе остане додека ја имаме литата или со други зборови до јануари, изјави тогаш Витаутас Јакстас, млад научник од Вилнус и еден од иницијаторите на проектот.

На новите литвански монети од по едно евро ќе биде изгравиран националниот грб од 14. век.

Оваа балтичка земја со три милионско население стана членка на ЕУ во 2004 година.

December 31, 2014

Летонија го презема кормилото на ЕУ, но во страв од големиот сосед

Filed under: Бенчмарк — Tags: , — @ 10:37 am

Летонија со првиот ден во 2015 година го презема полугодишното водство на ЕУ, два месеца откако и самата доби нова влада по парламентарните избори одбележани во страв дека големото руско малцинство во нивната земја може да ја промени тамошната политичка сцена, анализира хрватска Хина.

– Во првата половина на 2015 година Летонија ќе стане претседавач на ЕУ, првпат во својата историја. Тоа е голема чест и пружа големи можности, но истовремено и голема одговорност и предизвик за Летонија и нејзините граѓани – се вели на страницата на летонското претседателство, прво престедателство откако беше избрана новата Европска комисија во втората половина од годината, Парламентот и новиот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск.

Приоритети

Приоритетните правци на Летонија како земја претседавач на ЕУ се конкурентноста и растот, користењето на европскиот дигитален потенцијал во развојот на ЕУ и јакнење на улогата на Унијата на глобален план.

Во текот на претседавањето во првата половина на годината, во Летонија ќе има околу 200 настани, вклучувајќи ги и политичките состаноци на високо ниво.

Еден од главните настани ќе биде 4 самит на Источното партнерство во Рига во мај 2015 година и состаноците поврзани со него, а ќе се одржат и десет неформални состаноци на европските министри, како и собир на министрите по образование АСЕМ, форумот Азија и Европа.

Третиот самит на Источното партнерство е одржан во Вилнус есента во 2013 година, по тој во Прага во 2009 и во Варшава во 2011 година, а беше вовед во украинскиот судир бидејќи на него тогашниот претседател Виктор Јанукович се откажа од приближувањето на ЕУ и потпишувањето на Договорот за приклучување, па направи политички пресврт кон Русија. Со оглед на тоа дека состојбата на тоа подрачје сеуште е нестабилна, тоа сигурно ќе биде една од важните теми на политичките состаноци со кои ќе претседава Летонија.

Преку иницијативата на Источното партнерство, ЕУ ги поддржува реформите на своите шест источни соседи Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија, Украина и Белорусија, со истовремено јакнење на политичките односи, но и економски врски и олеснување на мобилноста за граѓаните меѓу ЕУ и партнерските држави.

Конкретни политички задачи на Летонија во текот на претседавањето се јакнење на инвестициите и економските реформи, ревизија на европската стратегија до 2020 година, создавање на единствен дигитален пазар, ангажман со стратешки партнери, продолжување на преговорите за проширување, како и прашања поврзани за миграцијата и европската безбедност и одбранбената политика.

Државите членки кои се на претседавачка должност блиску соработуваат со тричлени групи познати под името троец (поранешна, постоечка и идна земја претседавач), а тој систем е воведен со Лисабонскиот договор од 2009 година. Троецот, а сега го сочинуваат Италија која на 31 декември го завршува претседавањето, Летонија и Луксембург кој на 1 јули ќе го преземе, одредува долгорочни цели и подготовки за заедничка програма, утврдувајќи ги темите и основните прашања кои Советот ќе ги решава во период од 18 месеци.

Летонците се горди и на местото каде ќе се одржуваат важни настани поврзани со претседавањето, новата Летонска национална библиотека во Рига, е еден од најважните проекти во 21 век остварени во таа земја, позната како Дворец на светлината, која служи како модерен мултифункционален, културен, едукативен и информативен центар.

– Претседателството е прилика Летонија и Националната библиотека да блеснат и на глобалното ѕвездено небо, не само поттикнувајќи ја работата на Советот на ЕУ, туку и ќе ја претставува нашата богата култура, традиција и успеси на нашите граѓани – се потенцира на страницата на Летонското претседателство.

Зградата е отворена оваа година, сместена на брегот на реката Даугава наспроти стариот ришки град, а ја дизајнираше меѓународно признат американски архитект Гунарис Биркертс, кој е роден во Летонија.

Летонија – контроверзен пример за излез од кризата

Летонија е членка на ЕУ од 2004 година, а неколку години потоа, во екот на финансиската и стопанска криза, од 2008 до 2010 година стопанството и падна дури 25 отсто.

Во 2010 година почна да бележи стопански раст кој во 2011 и 2012 беше над 5 отсто, во 2013 беше 4,1 отсто и беше најбрзо растечко стопанство во Европската унија.

Последица беа остри резови кои ги спроведе тогашниот латвијски премиер Валдис Домбровскис во јавниот сектор, пред било каков притисок од тројката ММФ, Комисијата и Европската централна банка. Тој подели откази на речиси секој трет вработен во државната администрација и ги намали платите во просек од 25 отсто, сето тоа без социјални немири и протести. Сред реформите победи на изборите и остана на чело на земјата.

Меѓутоа, растот на БДП го следеше драстичното иселување на населението, главно на младите и образуваните.

Поради тоа, случајот со Летонија предизвикува длабоки поделби во стручните и политичките кругови во светот – едни ја сметаат за пример на успешни реформи, додека противниците на строгото штедење не ја сметаат за пример, поради влошување на социјалната и демографската слика во земјата.

Обичните луѓе сметаат дека растот е постигнат на штета на нивните плати и пензии, а падот на невработеноста всушност е резултат на иселувањето на луѓето во странство. Летонија според последниот попис на населението од 2011 година имаше 2 милиона жители, а според претходниот во 2000, 2,4 милиони жители.

Иако премиерот Зоран Милановиќ имаше пофални зборови за реформите во Летонија, кога на почетокот на септември во 2013 година ја посети таа земја, подоцна рече дека не верува во строгото штедење како пат за излез од кризата.

Домбровскис, кој за летонскиот пат за излез од кризата напиша и книга, во декември 2013 година поднесе оставка, по трагедијата во супермаркетот Максима во Рига, каде загинаа 54 лица при рушење на кровот и ѕидовите, велејќи дека за таа несреќа презема политичка одговорност. Тоа е најтешка катастрофа која ја погоди таа балтичка земја откако пред 20 години прогласи независност од поранешната СССР.

Домбровскис на должност беше од март 2009 и беше најдолг период премиер на земјата од прогласувањето на нејзината независност. Денес премиерка е Лаимдота Страујума која дојде на чело на владата по изборите одржани на 4 октомври.

Влез во еврозоната

Откако Естонија влезе во еврозоната во 2011 година, а Летонија на јануари 2014, Литванија на 1 јануари 2015 ќе го затвори кругот на балтичките земји членки на еврозоната.

Освен незадоволството од социјалната состојба, јавноста не сакаше влез во еврозоната оваа година, поради тоа тие очекуваат раст на цените.

Меѓутоа, нејзиното искуство со преземањето на еврото, по една година потврдува дека растот на цените бил мал и ограничен, додека знаците на растечката конкурентност и пониските трошоци за трансакциите укажуваат на позитивни долгорочни ефекти, се вели во извештајот на Европската комисија од декември оваа година.

Сепак, раст на цените е забележан на пазарот на недвижнини. Економските податоци исто така покажуваат забрзан раст на платите, што донекаде е предизвик за деловниот свет и политичарите, ако сакаат да ја задржат цената на трудот усогласена со продуктивноста, во контекст на влошувањето на надворешното опкружување. Наспроти амбициозните ветувања за структурните реформи дадени во време на преминот на еврото, нивниот ритам успори, а власта не успеа да направи поголем напредок во клучните сектори како високото образование и науката, пристапот за здравствената заштита, социјалната нееднаквост, управувањето со државниот имот и либерализацијата на енергетскиот пазар, истакна ЕК.

– Можно е причини за тоа да се изборите на 4 октомври оваа година – се вели во извештајот и се потенцира дека забрзувањето на реформите е од клучна важност ако во иднина Летонија сака да ја одржи конкурентноста.

Изборите во сенка на агресивната руска политика

Владејачката коалиција на десниот центар победи на октомвриските парламентарни избори во Летонија, но поединечно најдобар резултат оствари опозициската проруска партија Слога со 23,3 отсто.

Трипартиската коалиција која ја чинат Партијата на единство, Националниот сојуз и Сојузот на зелените и селаните, освои 59 отсто гласови, што донесе олеснување на многумина во земјата загрижени дека Слога, која ја поддржува рускиот претседател Владимир Путин, може да ја освои власта. Слога има силна поддршка од русофилите кои се малцинство и се дури една четвртина од населението во Летонија, многу повеќе од што на пример ги има во Украина.

Изборите во Летонија се одржани во сенка на агресивната политика на Русија кон Украина и во страв од големиот сосед, па премиерката веќе го зголеми буџетот за одбраната и заедно со другите две балтички земји, членки на ЕУ и НАТО, заговара посилна контрола на НАТО во регионот.

Руската политика кон Украина имаше големо влијание на изборната кампања. Владата во Рига објави дека дури повеќе не ја исклучува и можноста од агресија на Русија на Летонија, откако Кремљ повеќе пати објави дека ќе ги штити Русите во странство.

Владејачката коалиција во таа земја ја поддржува политиката на ЕУ и НАТО, а руските партии покажуваат разбирање за политиката на Кремељ.

Сите три балтички земји се плашат од Русија, со оглед на влезот на руски авиони и бродови во воздушните простори и приближувањето на морските граници.

НАТО им даде гаранција за безбедноста, а како знак за поддршка на регионот во септември ги посети и американскиот претседател Барак Обама, кој во Талин се состана со естонскиот претседател Томас Хендрик Илвес, латвијскиот колега Андрис Берзинсом и летонската претседателка Далиа Грубајскаите. Порача дека САД се покрај балтичките земји кои се плашат дека по Украина можно е да бидат следни на удар на слична руска политика.

Литванија го воведува еврото

Filed under: Бенчмарк — Tags: , , , — @ 9:45 am

По Летонија и Естонија, од 1 јануари и Литванија го воведува еврото.

Првите евромонети веќе се вклучени во продажниот процес на територијата на земјата.

Еврото ќе биде воведено постепено, за да можат литванските граѓани да се навикнат на промената.

Литванските власти се убедени дека еврото ќе успее да привлече повеќе инвестиции во Литванија.

 

December 29, 2014

Летонија го презема претседавањето со ЕУ

Filed under: Бенчмарк — Tags: , , , — @ 2:49 pm

Летонија од 1 јануари следната година го презема од Италија претседавањето со Европската унија, а како свои главни приоритети ги нагласува зголемувањето на конкурентноста и работата на енергетската независност на Европската унија.

Летониската премиерка Лајмдота Страујума на состанокот со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер во Рига нагласи дека интензивно ќе работи со земјите-членки и Европскиот парламент, со цел во следните шест месеци да биде донесен закон, кој ќе го зајакне европското стопанство и ќе го поттикне отварањето нови работни места.

– Посебно внимание ќе посветиме на развојот на концептот Енергетска унија и јакнење на енергетската независност и внатрешниот пазар, рече Страујума.

December 28, 2014

Американските ѕвезди и порачаа на Европа: Стоп за ГМО храна!

Со отворено писмо објавено во лондонски „Тајмс’’ и голем дигитален билборд поставен пред влезот на железничката станица Ватерло познати имиња од САД, меѓу кои и Сузан Сарандон, Дерил Хана и Роберт Кенеди јуниор ги повикаа Британците и другите европјани да се придружат во акцијата за забрана на производство на генетски модифицирани организми за исхрана.

Во пораката се истакнува дека жителите на Велика Британија треба да го кренат гласот против ГМ производството на храна додека не е касно.

Кампањата за забрана на ГМ во САД ја водат голем број невладини организации за заштита на здравјето и животната околина, а поддршка даваат и поголем дел од бизнис заедницата, организации на потрошувачи и повеќе медиуми.

Над 57 милиони поддржувачи на анти ГМ кампањата во САД нагласуваат дека по две децении од масовната примена на ГМ во производството на храна се забележани поголем број на заболени од сите возрасти и помал општ имунитет кај помладите.

Освен тоа, биле неточни тврдењата на промоторите на ГМО технологијата дека со ваков начин на производство ќе се намали употребата на пестициди. Праксата од теренот покажува дека одгледувачите со ГМ технологија употребиле 24 посто повеќе пестициди од земјоделците кои останале на класичниот начин на производство.

Пораката и предупредувањето од САД дојдоа токму пред донесувањето на дефинитивната одлука на земјите од Европската Унија за судбината на ГМ производството.

Нов пропис, според кој ЕУ за сега ќе им препушти на државите членки сами да одлучуваат дали ќе го дозволат, ограничат или забранат ГМ производството ќе биде на дневен ред на Европскиот Парламент во следниот месец.

Процедурата во телата и комисиите за заедничка аграрна политика е завршена, а се очекува дека во јануари 2015 година ќе биде донесено соломонско решение, секоја држава сама да одлучува за употребата на ГМ технологијата, а тоа ќе е и еден од ретките преседани ЕУ да се откаже од пропис кој е задолжителен за сите членки.

December 27, 2014

За две недели нов оглас за користење на пари од ИПАРД

Во втората половина на јануари 2015 година ќе биде објавен Јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од петата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на ЕУ (ИПАРД Програма за периодот 2007-2013 година), соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Финансиските средства од ИПАРД Програмата 2007-2013 во врска со спроведување на овој Јавен повик се наменети за инвестиции на земјоделските стопанства, за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи и за диверзификација и развој на руралните економски активности.

Претстојниот јавен повик на ИПАРД програмата овозможува зголемени можности во однос на типот на инвестиции, поголем обем на потенцијални корисници, можност за набавка на различна земјоделска механизација (вклучувајќи и трактори), како и зголемени финансиски лимити за крајните корисници на финансиската поддршка.

Огласот ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавување на Јавниот повик во дневните весници. Потребната документација за подготовка и поднесување на барања, вклучително и Упатствата за корисниците на средства од ИПАРД ќе бидат ажурирани и објавени на веб страницата на Агенцијата.

Подетални информации во врска со типовите на инвестиции, критериумите за добивање на финансиска поддршка, висината на поддршката по мерки заинтресираните можат да ги добијат во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Информации за изготвување и доставување на барања, како и бесплатни практични совети за аплицирање, заинтересираните земјоделски производители можат да добијат во регионалните центри на Агенцијата.

Постари вести »

Powered by WordPress