January 3, 2015

Просечниот век на македонските политичари е краток и еднократен

Македонија има доволно човечки ресурси што би можеле да бидат успешни во сферата на политиката, но тие не се искористени и не сакаат да се активираат токму поради стравот дека ќе бидат брзо истрошени или злоупотребени, вели во интервју за Нова Македонија, Емилија Симоска, професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, чија област е политичката култура, ја објаснува појавата на целосно департизирање на поранешни високи државни функционери.

-Сметам дека просечниот век на македонските политичари гледајќи ги изминативе две децении е релативно краток и често еднократен. Ова за една мала држава е навистина штетно, не поради тоа што немаме доволно капацитети, туку поради тоа што краткиот век на функциите често ги демотивира потенцијалните, можеби добри идни политичари. Во Македонија има доволно човечки ресурси што би можеле да бидат успешни во сферата на политиката, но тие не се искористени и не сакаат да се активираат токму поради стравот дека ќе бидат брзо истрошени или злоупотребени. Од друга страна, и оние што влегуваат во политиката често не стигнуваат да се доизградат во контекст на политиката како професија, да создадат свој имиџ или да остават трага од своето работење. Сето ова придонесува до една мошне негативна појава. Имено, граѓаните се навикнуваат на брзи промени, пребрзо им станува здодевно, постојано бараат „нови лица“ во политиката, а политичките партии заради освојување гласови ја задоволуваат оваа потреба. Мислам дека ваквата динамика не е добра стратегија, ако е воопшто стратегија. Што се однесува до искористеноста на поранешните носители на функции, сметам дека за Македонија е погубен синдромот „од мене почнува сѐ“. А тој е очигледен. Во општество како македонското, максималното искористување на севкупниот политички и интелектуален потенцијал е клучно. Спротивното не само што им штети на државните интереси туку и покажува дека кај голем дел политички актери не постои државотворна свест во буквална смисла на зборот. Воедно се покажува и едно исклучително ниско ниво на политичка култура, својствено за држави во чие друштво Македонија не би смеела да се најде. Ми се чини дека во голема мера поради овој синдром, наместо развој, имаме вртење во круг. На тоа впрочем сите сме сведоци„, вели Симоска.

Целото интервју ОВДЕ.

Извор/фото: Нова Македонија

 

December 25, 2014

Масин: Нека личи, кога веќе се носат!

Поводот за разговор со уметникот Мирослав Масин се излегувањето на фармерки со негов потпис, чијашто промоција ќе се случи утре во „Цреша“ во 17 часот. Колекцијата е насловена „М-џинс“, а секое парче е уникатно и рачно насликано од Масин. За љубителите на уметноста и оние кои освен во себе, сакаат да ја носат и на себе (уметноста), фармерките ќе се продаваат во „Концепт 37“, бутикот „Мелита“ и во „Макџинс“ во ТЦ Зебра.

Со Масин, разговаравме во неговото ателје во „Ѓорче Петров“, каде што живее, а таа прекрасна куќичка е и неговото „бегство“ за изолација и творење. Иако вели дека е урбан тип, па затоа и такви изолации не му се случуваат често. Во октомври имаше изложба насловена „Ашанте“ во МКЦ, а промовираше и книга која не сака да ја нарекува монографија, по повод 23,5 години творештво. Сепак, тоа е една, баш онаква, прекрасна, монографија!

„Фативме“ повеќе теми, но ми беше посебно драго што ме поправи дека од уметноста не преживува, туку (ете) живее. Не сакаше да зборува за смртта, кон неа како физичка појава, нема никаков однос, но молкот за неговиот пријател Игор Исаковски, кажа се.

Освен во сликањето, ужива и во музиката. Да би се родил повторно, би сакал да биде музичар и да свири на виолончело. И веќе музиката е тука. И сите ние. Се присутни.

И додека тој одговараше, јас внимателно запишував. Со една разлика…Онаа, кога разговарате со уметник од типот на еден Мирослав Масин, заборавате да ги запишете сопствените прашања, бидејќи муабетот си тече како да слика. Емоциите ве носат во пловидба. И тоа е чудесна пловидба. Со кајак низ водопадите, ај замислете, низ Нијагара.

За вас не е чудо што сликавте и фармерки, бидејќи до сега насликавте клавир, ѕиден часовник и други предмети, но од каде идејата за фармерките?

Масин: Сликарството ми е и хоби и професија. Дали сликам на класично платно, фармерки, клавир, часовник, исто е, сеедно. Ќе сликам и вака и така! И тоа го правам облечен во фармерки. И нормално, овие фармерки кои постојано ги носам, имаат траги од боја, па изгледаат како да се насликани. Последните неколку години, за да не се пресоблекувам кога одам во „Цреша“ или во „Круг“, на кафе, си излегувам ваков. Ваков шарен, па изгледа „бодам очи“. Во последните две години ги носам  и при свечени пригоди. Ги комбинирам со бела кошула, со манжетни, и елагантно сако. И на луѓето тоа им се допаѓа.
По изложбата во мај, ми се јави една Јасмина, една моја пријателка. И таа ми рече – „Изложбата беше супер, ама јас не престанав да зјапам во твојот џинс! Ајде да направиме џинс! Твоја линија на џинс!“. Се согласив. Од прва. Неколку дена потоа, таа ми донесе стотина рачно сработени фармерки, по мерка, „фато а мано“, што би рекла онаа Јасмина, и Италијанците. А моја задача беше на сите тие совршено скроени парчиња да насликам уметнички дела. „Мислиш сто слики да направам за сто дена?“- Па нели се согласи? И така почнавме. Почнавме затоа што се согласив. Иако не знаев колку часа ќе ме чини тоа. Ни трудот. Ама, нема да зборуваме сега за тоа.

Со какви бои ги сликавте, ќе можат ли фармерките да се перат?

Масин: Користев бои за текстил. Неодамна се вратив од Шведска и оттаму земав бои кои се баш за оваа намена и се на база на „вода“. На база на, пери ги-носи ги- врами ги! Исто е како масло на платно, ама ова не се „вади“. Ни после сто перења. Проверено. Откако ќе се насликаат, ете тие масло на платно фармерки, четири часа потоа се сушат, а потоа уште пет минути се пеглаат од обратната страна, и најпосле се спремни за носење. Некој можеби ќе се излаже по долго носење, па ај да кажеме, и ќе ги врами. И нема да згреши.

За колку може да ги имаме?
Масин: 5.999 денари. Што се однесува до мене, речиси за џабе. Нека се инвестира во рамката. (се смеее). Патем, ние не измисливме топла вода. Од кога се појави концептуалната уметност, прашајте ја Марина Абрамовиќ таа ќе ви објасни можеби нешто повеќе, фармерки и бунди се врамуваат. Но ете, кај нас сме први. Правам и кравати и перничиња со мој потпис. Една моја колешка правеше футроли за мобилни телефони за американски пазар. И се е тоа применета уметност.

Бидејќи фармерките се женски и во нив жените умеат да изгледа секси, дали жената и овојпат беше ваша инспирација?

Масин: Жената за мене отсекогаш била најголема инспирација. Уште од мал, кога инспирација ми беше мајка ми. Тие ме поттикнуваат и тука има една взаемна релација, тие мене а јас нив. На џинсот преовладува она што го сликав и на сликите од мојата последна колекција „Ашанте“. Во последните неколку години, не можам да избегам од тој колорит.

Што очекувате од оваа колекција? Мислите ќе се носи?

Масин: Не знам, не можам да го предвидам македонскиот пазар. Но ете ако има побарувачка ние сме тука да остваруваме 24/7.

По изложбата „Ашанте“ во МКЦ, има ли некои планoви за изложување на други места?

Масин: Во преговори сме со Белград, Ниш, Загреб, но уште нема конкретно. Да завршат празниците, да дојде пролетта па сигурно ќе излезе некоја изложба.

Масин, се живее ли од уметност?

Масин: Еве веќе 51 година, јас не работам ништо друго освен ова што сликам. Се издржувам од сликарството. Некако успеав да опстанам. Со промената на пасошите, со појавата на светската и локална криза навистина беше тешко. Но не се жалам, немам некои поголеми барања од животот. Кога имавме еднопартиски систем постоеше некоја средна класа, која редовно купуваше слики за родендени, свадби и слично. Потоа кога системот стана повеќепартиски се појавија некои „новопечени“ бизнисмени, кои сега веќе се стари, и купуваа се и сешто. Но, потоа им се исфилтрира вкусот. Има љубители на уметноста, но има и колекционери. Кога еднаш ќе купат слика и ќе видат дека е убаво, тоа им станува пасија. Тоа ти е како „скапо- сако“, ама кога ќе го облечеш гледаш дека е поинакво и убаво и дека ептен лежи на кожа.Секое дело има топол дом и си го наоѓа своето место. Тој што го купува, со него се поврзува на едно свесно или поствесно ниво. Не знам, тоа е некое ниво, можеби се работи само за енергија. Ај подарете му го„ Пикасо“ некому, ама да му личи да го носи.

December 17, 2014

Со Александар Ѓорѓевиќ, хоризонтално и вертикално низ Македонија и светот

„Есктремно е да излезеш денес на улица, се друго е „гола вода“. Не се гледам како екстремен. Можеби нема многу луѓе кои сакаат да си го разубават животот и да направат нешто повеќе за себе и се задоволуваат со она малку што им е фрлено. Можеби тоа ме прави екстремен, да тргнам кадебило, макар и да не знам каде ќе завршам“, вели Александар Ѓорѓевиќ, раководител во 3X (една од фирмите на fx3x), во првото интервју кое досега воопшто го направил.

Ако немате против, во овој разговор би ја прескокнале вашата професија и филмската индустрија. Иако вашето хоби, или страст, ни изгледа како сцена од холивудски филм. Моторциклистичко патешествие Канада-Америка. Колку дена траеше таа мото-авантура? И зошто таков предизвик?

-Како и сите други авантури се почнува кога нешто нема да тргне како што сте планирале. После долги подготовки со мојот драг пријател Марко Георгиев и неговата сопруга Љупка Арсовска заклучивме дека конечно сме подготвени да извозиме дел од нашите мечти и сништа. Еден од најубавите и најдивите предели во Северна Америка, патот до Алјаска, и назад по западниот брег. За жал, поради објективни причини и должината на турата моравме да ја оставиме таа авантура за некое време кога нема да бидеме оптоварени со обврски на работа и други егзистенционални проблеми. Обично, кога треба да исчезнеш на неколку месеци треба да си добар магионичар за да успееш да им надокнадиш на сите, многу време однапред, за да не го почувствуваат на свој грб твоето неприсуство. Слично искуство имавме и пред неколку години кога организиравме транссибирска тура ((http://transsiberiantour.wordpress.com)), кога тргнувајќи од Македонија па следејќи го патот на свилата преку Монголија требаше да стигнеме до источниот брег на Азија, до Владивосток. За жал, и покрај деталното планирање и логистика, визи, опрема и контакти во сите земји каде требаше да поминеме, на неколку дена пред поаѓање, повторно поради објективни причини, имено главниот спонзор не „префрли“ пари, моравме да го оставиме ова патешествие на долгата листа на работи кои треба да ги направиме во животот. Но, да не раскажувам на долго и широко, и да се вратам на прашањето. Пред да почнам да му се заблагодарувам на нашиот драг пријател Фредерик Соломон, кој ми позајми еден од неговите мотори за да можеме да ја извозиме оваа тура, и на неговото прекрасно семејство со безрезервна поддршка кон нас, семејство кое не „трпеше“ цело време во текот на подготовките и кое не угостуваше во нивниот замок од соништата. Значи, турата траеше месец и половина, а за да не биде монотоно ја прекратувавме одвреме-навреме за да се подружиме со пријателите. И за да полетаме, поедриме, кајт-сурфаме, да се повозиме на велосипеди, да кајакариме…И за разлика од сите мои претходни посети на САД, за прв пат ја видов Америка сосема на друг начин, со сета нејзина природна убавина. Подалеку од многукатниците, недогледните автопатишта и метежите. Патот не водеше низ сите национални паркови и резервати, покрај преубавите реки и езера, во изобилството на недопрените шуми далеку од цивилизацијата. Далеку од онаа Америка која сме ја виделе преку филмовите.

Размислувате ли за евентуално учество на најпрестижното рели, Дакар, во категорија на мотоцикли? И освен добра волја, лиценца, и супер подготвеност, што би можело да недостига за евентуално учество?

Сонот на секој „Adventure Rider“ е еднаш да помине по патеките на релито Дакар. Не поради компетитивниот карактер на релито туку само поради авантура. Организационото тело на релито Дакар, A.S.O., има прецизни регулативи и правила за учество. Секој учесник мора да е носител на таканаречената FIM Off-Road Rally лиценца, да биде над 18-годишна возраст и да учествувал на натпревари од или регистрирани во FIM World Championship. Според мои процени, само учеството во таква авантура би чинело околу 80 илјади долари. Плус подготовки. Инаку, конкретно не ме спречува ништо, само мислам дека има и други интересни тури кои не бараат толку ни време ни финансии.

На што помислувате кога ги гледате велосипедистите на Џиро д Италија?

На планини и природни убавини. На уживање во чист воздух и екстремно задоволство. Љубител сум на маунтбајкинг и ретко возам на асфалт. А возам речиси секој ден кога дозволуваат временските услови. Да кажеме, ја имам поминато цела Македонија хоризонтално и вертикално.

„Да се живее не мора, да се плови –да“, позната римска поговорка. Претпоставувам, смислена зашто немале баш некој друг избор. Денес се има голем избор кога е во прашање пловидбата. Но, каде да се отплови по (ваш) избор, со што, и со кого?

Две третини од Земјината топка е вода. Стотина години ветерот бил единствената сила која му помагала на човекот да помине огромни далечини. Гледајќи наназад, низ целата историја едрењето било инструмент за да се откријат нови континенти, за развој на цивилизацијата. Од Египјаните, Кинезите, Викинзите, Италијанците, Шпанците, Англичаните, Французите, Португалците…, сите пловеле околу светот и откривале нови континенти. Го дефинирале светот, правеле мапи, онакви преку кои сега по познаваме. Во секој момент би отпловил на пат околу светот со едрилица. Обично на едрење одам со луѓе кои ја делат пасијата кон едрењето, а не е важно дали се Македонци, Хрвати, Словенци…

Две прекрасни приказни – галебот Џонатан Ливингстон и онаа, легендата за Дедал и Икар. Првиот, полетал со мислите, вторите со пердуви залепени со восок. Која од нив сте ја прочитале барем два-три пати?

Сум ја прочитал Галебот Џонатан Ливингстон, интересно четиво е и топло го препорачувам на секој што сака да излезе барем малку од рамките на секојдневието. А за Дедал и Икар, се разбира знам, од општа култура и од митологијата. Ама да не ја прераскажувам. Би спомнал уште една прекрасна приказна која подеднакво ми го промени животот. Таа се вика Параглајдинг клуб Вертиго. (https://www.facebook.com/pgvertigo).

Екстремен спортист или авантурист?

Есктремно е да излезеш денес на улица, се друго е „гола вода“. Не се гледам како екстремен. Можеби нема многу луѓе кои сакаат да си го разубават животот и да направат нешто повеќе за себе и се задоволуваат со она малку што им е фрлено. Можеби тоа ме прави екстремен, да тргнам кадебило, макар и да не знам каде ќе завршам. Потребно е малку храброст за човекот да го направи првиот чекор. А потоа, се станува одеднаш лесно. Немам зборови какви се убавини сум видел, ми ја исполниле душата, ме промениле како човек и ми помогнале да погледнам на работите од различни нивоа, агли, начини.

Фер е на крајот сепак да се вратиме на филмската индустрија. Настрана вашиот професионален ангажман, би рекле ли „да“ на каскардерството?

Да. Мислам дека човек може да направи се ако сака. Само треба да има самоконтрола и посветеност. Каскадерството е голем дел контрола и уште поголем дел болка. Контролата се постигнува со вежбање. А болката секогаш била дел од мојот живот. Немам дел од телото кој не ми бил повреден, скршеници, шинувања, исеченици, шиења, отворени рани, изгорници. Но физичката болка е нешто на што човек се навикнува и секоја следна го подигнува прагот на чувствителност. Тоа е единственото реално и вистинско чувство. Затоа човек да провери дали сонува или е буден се штипнува. Сите други чувства се само проекција на собрани искуства кои ги перцепираме како чувство, индивидуални за секого. Единствената болка на која човек тешко се навикнува е емоционалната.

И последно, приватно и лично – како изгледа вашата листа на работи на кои секогаш ќе им останете верен?

Кратко и јасно: На моето семејство, на моите пријатели и на мојот збор. Тоа се вистинските вредности во животот. Се друго е минливо и преценето.

December 11, 2014

Новаковски: Секој ученик има десетина можности во годината да ги презентира знаењето и талентот

Filed under: Интервју — Tags: , , , — @ 2:18 pm

За предизвикот наречен „Frozen“ да се изведе на сцената на МОБ, од страна на учениците на НОВА според менаџерот на училиштето Иван Новаковски потребни се неколку месеци осмислување на проектот и дополнителни два месеци ефективна сценска работа.

Костимографијата и сценографијата пленеа, а целата претстaва беше вистинска зимска бајка. Децата (290 на број) одлично се снајдоа во улогите на Ана, Елса, Олаф и сите омилени ликови од анимираниот филм на Дизни. Имено, „Frozen“ е добитник на Оскар, и е најпрофитабилна анимација на сите времиња. Го собори рекордот на „Приказна за играчките 3″ на Пиксар од 2010 година со приходи во износ од 1,063 милијарди долари.

Од анимиран филм, учениците на НОВА „Frozen“ веродостојно ја донесоа на сцена како театарска претстава.

Учениците на НОВА, направија одлична претстава на „Frozen“. Публиката реагираше со воодушевување, но дали вие сте задоволни?

-Секако дека треба да бидеме задоволни. Да реализирате успешна претстава во која учевствуваат 290 ученици од основното училиште е рамно на подвиг. Ние тоа го правиме многу години наназад, и секоја година дополнително го подигнуваме квалитетот на изведбите, кореографијата, сценографијата и костимографијата. Ако се има предвид дека во најголем дел ваквите проекти се подготвени и изработени од вработените во НОВА, подвигот е уште поголем.

Веројатно бевте сведок на целиот процес на работа и ќе се согласите дека се потребни многу работа, време и енергија идејата да стане реалност.Колку време се подготвуваше претставата, колку луѓе беа вклучени и дали се даде можност на сите деца на НОВА да учевствуваат во неа?

-Вакви проекти почнуваат да се договараат и осмислуваат во НОВА веднаш после летните одмори. Веќе во октомври го знаеме проектот, ги поделуваме обврските и улогите, и започнуваме со пробите. Потребни се неколку месеци осмислување и дополнителни два месеци ефективна сценска работа. Покрај големиот број на деца, самата реализација бара огромни жртви од кадарот на НОВА. Имаме режисер на проектот кој го координира кадарот којшто е задолжен за драмскиот, музичкиот и танцовиот дел на претставата. Одреден број наставници неуморно работат на осмислување и изработка на костимите и сцената, на кои им помагаат педесетина наставници кои се задолжени за поддршка на учениците зад сцената. На тоа се надоврзуваат нашите жени за одржување, обезбедувањето и луѓето од кафетеријата, коишто ги покриваат сите логистички моменти како и реализацијата на коктелот којшто следува после претставата. Несебична поддршка на настанот даваат и нашите родители како и нашите средношколци волонтери кои се задолжени за сместување на публиката и протоколот на гостите. Околу 100-тина луѓе се задолжени целиот настан да изгледа одлично и да остане во сеќавањето на посетителите. Тука мора да се заблагодарам и за целосната поддршка што ја добиваме од персоналот на МОБ во поставување на претставата на нивната сцена.

Дали размислувавте претставата барем уште двапати да се реализира во МОБ, бидејќи е штета да не ја видат и други деца и да ја доживеат таа бајка со костуми и сценографија?

-Претставата се изведува пред полна сала со публика, за која секогаш се бара карта плус. За жал, не сме во можност да ја поставиме на сцена повеќе од еднаш, зошто сепак фокусот ни е да ги одбележиме празниците, и да им презентираме на родителите и на пошироката заедница на НОВА што постигнале нашите ученици во изминатиот временски период. Ваквите проекти ги работиме со голема љубов и посветеност, бидејќи овие искуства се составен и незаборавен дел од вкупното образовно искуство во НОВА.За да го решиме овој предизвик, од пред неколку години почнавме да ги отстапуваме правата за емитување на нашите претстави на неколку телевизии. Наша ТВ ги емитува овие претстави во текот на целата година, и станува традиција МТВ да ја емитува претставата на основците, а Алфа ТВ на средношколците, за време на новогодишните празници. Тоа ни покажува дека постои огромен интерес за ваков вид на детска програма, и дека квалитетот на претставите ги задоволува стандардите на телевизиите.

Колку често ваквите проекти се начин на изразување на креативноста на вашата образовна институција и децата кои учат во неа?

-Целата учебна година во НОВА е исполнета со проекти или настани кои имаат за цел да им дадат на учениците можности да ги искажат своите таленти и да го покажат стекнатото знаење. Тоа некогаш може да биде во форма на претстава, друг пат во форма на саем, или тематска презентација. Целта е да понудиме што поголем број на вакви можности, зошто гледаме дека тоа претставува своевидна мотивација нашите ученици да вложуваат поголем труд, кога се свесни дека истиот ќе биде презентиран пред поширока публика. Во просек, секој ученик има десетина можности во текот на една учебна година да го презентира своето знаење и талент.

Дали преку овој начин на работа, може да се открие и талентот на секое дете, што всушност е крајната цел на НОВА, да го извлече најдоброто и притоа да го канализира со понатамошно студирање на учениците во светските колеџи?

-Секако, нашиот специјализиран кадар во одредена област, може преку многубројните настани и проекти да ги согледа специфичните афинитети кај секое дете и понатаму да ги насочи за дополнително да се развијат. Ние сме свесни дека успешниот пласман на матурантите на НОВА на светски признатите институции (Harvard, Yale, Stanford, Berkley, Oxford) е единствено можно ако ученикот покаже разновидност во неговите академски и креативни способности. Понекогаш токму учеството на новогодишните претстави или слични настани го диференцираат нашиот ученик од многубројните други апликанти коишто се обидуваат да се изборат за место на врвните светски високообразовни институции.

November 21, 2014

Михаил Цветков: По Субрата, „Џумајлија“ оди на јавно надавање

„Индиската ’Сахара‘ ако сака пак да инвестира, ќе мора да се јави на огласот рамноправно со други заинтересирани“, вели Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во интервју за Утрински весник.

Ви пренесуваме дел од интервјуто.

Неодамна Министерството ја активираше банкарската гаранција за проектот „Џумајлија“ и го раскина договорот. Од индиската компанија „Сахара“, пак, велат дека не се откажуваат од инвестицијата. Какви се плановите на министерството за „Џумајлија“?

Министерството ја извести индиската компанија дека еднострано се раскинува договорот за закуп на земјоделско земјиште. Тоа е во согласност со член 6 од договорот во кој е наведено дека најдоцна во рок од 30 дена пред истекот на банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот компанијата треба да достави нова банкарска гаранција со важност од девет месеци, во висина од 5 проценти од вкупната вредност на предвидените инвестиции за наредните девет месеци. Закупецот е должен записнички да го предаде во владение земјоделското земјиште во државна сопственост за што министерството формираше комисија. По завршувањето на оваа законска процедура за земјиштето повторно ќе се објави јавен оглас.

Постои ли шанса индиската фирма да остане во игра или со раскинувањето на договорот ќе заврши соработката?

Со раскинувањето на договорот индиската компанија има иста стартна позиција како секој друг заинтересиран корисник за државното земјиште, а доколку сака да инвестира, ќе мора одново да се јави на јавен оглас. Имено, неодамна се направија измени и дополнувања на Законот за земјоделско земјиште каде што е предвидено електронско јавно наддавање за земјоделски површини од над 10 хектари. На електронска аудиција, земјиштето ќе го добие оној што ќе понуди највисока закупнина.

Една од најплодните обработливи површини со години стои неискористена. Има ли процена колкави се загубите од нереализираните сеидби?

Тврдиме дека од договорот со „Сахара“ нема загуби. Прво, закупнината за 5.000 хектари за една година во висина од 121.000 евра е платена и, второ, активирана е банкарската гаранција од 3 милиони евра. Агрокомбинатот „Џумајлија“ добива просечен принос од 3.000 килограми по хектар пченица, односно вкупно 1,5 милиони килограми. Тоа значи дека приходот е 2,4 милиони евра за просечна цена од 10 денари за килограм пченица. Од тука се гледа дека банкарската гаранција, всушност, ја покрива загубата, не земајќи ги предвид трошоците кои би биле направени за производството на пченицата.

Платен ли е закупот за земјата за изминатите години?

Индиската компанија „Сахара“ ги има намирено обврските кои произлегуваат од договорот.

Колку време ќе биде потребно да се најде нов закупец за „Џумајлија“?

Во најкус временски рок истите површини ќе бидат објавени на јавен оглас, каде што преку електронско јавно наддавање можат да аплицираат сите заинтересирани субјекти. Сметаме дека ќе има голем интерес особено што се работи за атрактивна површина. Се соочуваме со недостиг од државно земјоделско земјиште, кое би го давале под закуп бидејќи интересот во последните години е огромен. Конкретно „Џумајлија“ не мора да се понуди како целина, туку постојат опции земјиштето да биде поделено на пет површини и за секоја одделено да се бара закупец преку јавно наддавање.

Дали индиската фирма изминатите години конкурирала за субвенции?

Договорот со оваа компанија е склучен во 2013 година и за овој временски период ниту аплицирала ниту, пак, добила субвенции од државата.

Целото интервју ОВДЕ.

Извор/фото: Утрински весник

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

Случај Џумајлија: Плодните ниви кои го хранеа Овчеполието четири години се опустошени

Како Зоран Даневски уништи еден од најголемите агрокомбинати во државата

Две години затвор за Зоран Даневски поранешен сопственик на „Џумајлија“

Зоки28 во стечај: Зоран Даневски осуден и во бегство должи милиони на УЈП, банки, компании

Се збогува ли Субрата Рој со Македонија: Кој ќе ја земе Џумајлија и ќе гради во Љубаништа?

Десет работи што не ги знаете за Субрата Рој

Раскинат договорот со „Сахара груп“: Активирана банкарската гаранција од 3 милиони евра на Субрата Рој за „Џумајлија“

November 20, 2014

Саздова: Животот е најголем писател, ќе измисли нешто што на никој нема да му текне

Разговорите со Винка Саздова ги доживувам како читање добра книга. Возбудлива, интересна, полна со знаење за животот, соговорник од кој секогаш се учи и се открива по некоја мудрост.Жена која во пракса покажува дека среќата е во малите работи. Среќна  е поради нејзините синови, семејството, пишувањето, книгата, поради успешната приказна ТРИ.

Ќе истакне дека среќата е во нас и не треба никој да ни ја донесе како подарок. Но, треба целосно да си буден. Да го живееш животот сега, па кога одиш-оди, а кога јадеш јади. Не летај со паметот. Биди тука во сегашниот миг.

Како еден од најчитаните македонски автори, таа доживеа голем успех со нејзините книги „Последниот чај“, „Поле со диви нарциси“ и „Понекогаш доаѓа среќа. Во сите се провлекуваат приказните за среќата, тагата, љубовта,  возбудата на животот, но и трагите кои на неа лично ги оставаат патувањата, кои ги обожава. Во моментов го пишува четвртиот роман.

Но, поводот за разговор е друг, 15 години јубилеј од издавачката куќа ТРИ. Приказна која успешно ја плете со нејзините синови, а која полека ја напушта за да се посвети на пишувањето. Секој преведен автор, издадена книга внимателно ги запишува во тетратка, иако синовите и сугерираат дека не мора, сите податоци ги имаат во ексел табела. Па така, бројките говорат дека ТРИ до сега издале 637 книги, објавиле 327 автори и се тоа на фасцинантни 210 милиони страници.Оваа недела во нивната книжарница владее празнична атмосфера. Роденденот го слават со акција „Мај јубилеј, голем попуст“ и со голем број изненадувања за читателите.

ТРИ слави 15 години јубилеј, кога ќе се свртите наназад како помина оваа децнија и половина?

Саздова: Годините поминаа возбудливо,никогаш исто. Не ги сетив. Влеговме во еден ритам, магичен круг во кој следевме актуелности, учевствувавме на саеми,гостувавме по градови, фестивали. Јубилејот од 15 години е убава бројка, иако нашата акција гласи „Мал јубилеј, голем попуст“, бројката воопшти не е мала. Ние опстоивме и издржавме низ годините, бидејќи сите во семејството навистина сме вљубени во книгата, како што е нашето мото. Сите бевме максимално посветени и таа страст кон книгите не држи до денеска. Кога одиме на најголемиот Саем на книгата во светот, во Франкфурт, ми се чини дека полудувам по книгите. Сакам сите книги да ги купам, да ги имам дома, сите автори да ги преведеме. Другите можеби ги заморува оваа приказна. Но,ние постојано размислуваме што да направиме поразлично. Многу настани како фестивали, кафе книжарница, покренавме први во Македонија. И денеска многу внимание полагаме на дизајнот на книгите, изборот на автори и дела кои ги преведуваме. Први ќе воведеме и продажба на е-книги, која во светот веќе одамна  функционира, но не знаеме како ќе биде кај нас.

Но ќе се сложите дека мирисот на книгата е незаменлив.

Саздова: Секако, тоа е незаменливо. Со книгата човек е духовно присутен, се буди едно чудесно битие во него кое живее и се претопува со книгата.Постојано во мене е присутен некој страв да не ми исчезне некоја книга од библиотека, што порано се случувало.Но, кога ќе видам дека е тука безбедна сум, се чувствувам комплетно. Читањето убави книги, јас го споредувам со чувствата кои се раѓаат кога сте заљубени. Се открива нов свет како „Алиса во земјата на чудата.“

Бидејќи опстојувате 15 години, какви се условите за работа во споредба со минатото. Што социјалните мрежи и технологијата  му додадоа, а што му одземаа на овој бизнис?

Саздова: Во секое време е лесно и тешко. Социјалните мрежи даваат, но го одземаат личниот контакт. Не ме разбирајте погрешно, не сум носталгична.Но, порано писателите лично ви го предаваа ракописот, па имаше седенки и здравица по тој повод. Денеска ракописите се испраќаат во ПДФ формат на меил и само одговараш дали е добро или не.Сепак Интернетот дава голема можност, знаеме што се случува во светот и сме во тек со настаните.Не се плашев кога започнував, бев храбра.Имав порив да создавам, мој нов свет.Свет на вредности и вистина. Слободата која ја посакував беше вистински предизвик, но и голема одговорност.Но исто така женската интуиција ми помогна да преземам вистински чекор и да бидам храбра.Упорноста на крај победува.Денеска имаме една од најпосетените книжарници. Дали знаете дека во првите три години на ова место во ГТЦ, никој не поминуваше. Сега луѓето специјално доаѓаат. Изградивме еден однос со читателите преку Клубот. За јубилејот извадивме книга „Добри мисли-добра книга“ која содржи 101 цитат од нашите изданија и ќе ја подариме на читателите. Продолжуваме по патот со божји благослов и среќа. Останува верувањето и создавањето на уште поубави приказни.

Дали беше лесно или тешко да се инволвираат синовите во овој бизнис?

Саздова: Интересно е тоа што јас никогаш не инсистирав тие да се вклучат во ТРИ. Јас почнав сама со еден компјутерџија  во куќата кај што живеев. Тие постојано доаѓаа, гледаа што се случува се интересираа.Им беше интересна средбата со писателите, ја дишеа книгата со секој атом. Само по себе се случи да се вклучи најпрво Александар, па Бојан и Љубомир.Сега дојдовме во ситуација, да можам комплетно да се повлечам. Повеќе не им требам, освен да дадам сугестија за автор кој ми се допаѓа. Работат подобро од мене и често ми се случува да прашам „а која е оваа книга која сме ја објавиле“. Тие се невидени борци. Се што гледате, е нивно дело!

Имаше ли моменти на разочарување, на пад во бизнисот? Како успевавте да истраете и да продолжите по патот по кој тргнавте?

Саздова:Како не, имаше очајни моменти. Кога ќе се платат авторските права и преводите малку останува за издавачите. Цената на книгите е евтина. Куповната моќ е таква каква што е, и не можеш многу да калкулираш.  Други издавачи ги симнаа цените и тоа негативно се одрази на бизнисот.Мислиш дека си во ќор-сокак, но кога цело семејство е инволвирано и зависи од тој бизнис ќе се бориш, нема предавање.Нема избор, мора да се работи. Исто така сметам дека Законот за хонорарци и плаќањето на придонеси многу негативно ќе се одрази на нашиот бизнис, бидејќи најголемиот дел од соработниците ни се хонорарци.

Посетувате ли се уште саеми?

Саздова:Да, секоја година сме дел од саемот во Франкфурт.Морам да споделам едно прекрасно доживување, имено издавачката куќа „Фламарион“ организираше вечера за сите издавачи на книгите на Мишел Уелбек. Возбудлива беше средбата со него, а притоа беше убаво да се биде дел од едно големо светско семејство на издавачи. Сите работиме на една иста идеја за ширење на убавината и вистината.

САМОТИЈАТА Е НАЈВИСТИНСКОТО ПРИСУСТВО ВО И СО СЕБЕ

Што е најчитано во ТРИ? Морам да забележам дека вашата книжарница многу придонесе книгата да допре до младата публика.

Саздова: Го создадовме трендот на читање на македонски автори. Тие во нашата книжарница се најчитани и најбарани. Тука се Јагода Михајловска Георгиева, Коста Петров, Марија Јаневска, Игор Џамбазов, ги купуваат и моите книги. „Последниот чај“ за пет години имаше 10 изданија, а 10 илјади тираж за македонски автор е успех. Ова со читањето на македонски автори е интересен тренд, бидејќи сфатија дека имаме автори кои се вредни за читање. Порано имавме аверзија и одбивање од македонски автори. Лично сум задоволна што речиси 90 отсто од читателската публика е млада. Тие се на Саем, тие не посетуваат тука. Цело време се зборува дека не се чита, многу малку се чита. Но, развивањето на љубовта кон книгата е долгорочен процес. Потребно е време и многу прочитани книги за страста да се развие и да се издефинира вкусот. Колку повеќе читаш, толку повеќе си гладен за нови книги.Бараш, трагаш во себе, кога читаш се исклучуваш, не си свесен за околината. Што велеше Петре М. Андреевски преку книгата си земаш време за себе, едноставно да се одмориш од својот живот.

Сакате да патувате и да откривате нови светови. Последно бевте во Португалија, што донесовте од таму?

Саздова: Глетки, мириси, чувства.Не знаев кај одам и не очекував  ништо.Но ме обзедоа пејзажите, црвените карпи,  жолтата земја, брановите високи до 10 метри во океанот.Имаат фасцинантни градби и архитектура чиишто фасади се во бојата на сонцето. Топлината извираше од секаде, и од луѓето. Португалија има дивост, чистота, чудесна недопреност, архитектура, здив на минатото. Во Лисабон се „сретнав“ со мојот омилен писател Песоа, каде што до кафулето „Cafe A Brasileira“ имаше скулптура , маса и столче. Тој е мојот писател-идол. Песоа никогаш го нема напуштено Лисабон, бидејќи како што вели:„За мене не постојат цвеќиња како што е разнобојната обоеност на Лисабон во сончев ден“. Но интересно е што, она што си го видел на патувањата отпосле излегува. Во „Понекогаш доаѓа среќа“ произлезе приказната за двете сестри во пустината Јордан која ја имав посетено. Додека патуваш, не си свесен што примаш. Очите само примаат убавина.

Пишувате ли нешто во моментот?

Саздова:Да, пишувам нов роман. Пишувам во Охрид и понекогаш во Маврово, односно таму каде што можам да се одделам од реалниот свет и да бидам во комплетна изолација. Сепак моите книги се интроспективни. Потребно е да навлезам во ликовите да се радувам, да плачам со нив.Самотијата е највистинското присуство во и со себе. Пишувањето кај мене е процес, сепак треба да седнеш и да го одработиш.Па некогаш ти се случува блокада. Ми олесна, бидејќи подоцна разбрав дека тоа им се случува на сите писатели и е нормална фаза од создавањето. Фасцинантно е сознанието дека преку книгата влегувате во нечиј живот, без да бидете свесни за тоа. Но исто така верувам дека животот е најголем писател. Ќе ти измисли нешто што на ниту еден писател нема да му текне.

 

 

November 18, 2014

Баба Рада: Се собраа лекарите и ми ја укинаа емисијата

Во јавноста позната како Баба Рада, а приватно е госпоѓа која верува во чуда. Верува во гушкање и љубов. За сите детали, нејзниниот живот позади камерите и окото на јавноста ги сподели во интервју за Точка.

Ви пренесуваме дел од интервјуто.

Во 2013 година добивте Златна Бубамара на популарноста за емисијата Билките на Баба Рада. Зошто таа емисија повеќе не се емитува?

Кога ја добив наградата бев навистина изненадена. Даниел Кајмакоски исто доби Златна Бубарамара и неговата изјава беше дека е навистина изненаден и не очекувал дека на 30 и некоја година ќе добие ваква престижна награда, па тогаш што да кажам јас. На мои 68 години добив награда на која многу се радував. За кратко време станав популарна, но тоа не ми значи мене. Ми значат луѓето кои ги запознав и љубовта која секојдневно ја примам и давам. Кога го промовирав првиот дел од мојата книга многу млади луѓе дојдоа за да ме гушнат. Тоа е таа љубов која мене ме исполнува и прави среќна. Имаше одредени отпори од страна на лекарите, од нивното здружение и се донесе одлука емисијата повеќе да не се емитува. Мило ми е дека таа емисија помогна на многу луѓе, влеа надеж и верба и драго ми е поради тоа.

Ваше мислење, која медицина ја преферирате, алтернативната или медицинската наука?

Јас сум и за едната и за другата, тие треба да бидат во една заедничка спрега. Секогаш во емисијата зборував дека мора да се консултира лекар. Не е возможно во 21 век да не и се верува на обичната медицина, односно медицинска наука. Против сум преголемото нејзино материјализирање. Русија е една од земјите каде што е популарна алтернативната медицина. Германија, Кина, Јапонија би ги вброила исто во земјите каде што алтернативната медицина зема еден сериозен замав. Треба да се семе најдоброто од двете, алтернативната и ортодоксната медицина. Не сум за радикални терапии, сум читала за нив, едуцирала и не ги подржувам. Сепак, здравјето е индивидуална работа и секој сам треба да си одлучи за него.

Не се знае многу за Вашиот приватен живот. Која е Баба Рада приватно?

Моето име е Рада Бошковска. Имам 2 ќерки и една полуќерка. Имам внуци и чекам правнуци. Среќна сум, исполнета, куќата ми е полна со љубов и фамилија. Правник сум по професија но од мала имам голема љубов кон билките. Имав и Билна Аптека пред одреден период, така што решив мојот живот да го посветам на мојата страст, а тоа се билките. Издадов книга за нив, а веќе го подготвувам и вториот дел.

Целото интервју ОВДЕ.

Извор/фото: Точка

November 17, 2014

Запознајте го косовскиот новинар Вебхи Кајтази кој го објави корупциски скандали за ЕУЛЕКС

Младиот косовскиот новинар Вебхи Кајтази, кој го потресе регионот и ЕУ со објавувањето корупциски скандали за ЕУЛЕКС, во ексклузивното интервју за „Утрински весник“ зборува како ја открил аферата, за притисоците и за очекувањата.

Ви пренесуваме дел од интервјуто.

Колега Кајтази, уште на почетокот би сакала да Ви честитам на храброста за објавувањето на истражувачки стории околу корупцијата во Мисијата на ЕУЛЕКС во Косово, кои не само што го возбудија регионот, туку и ги вознемирија и духовите во Брисел. Можете ли да ни раскажете во кој момент почувствувавте дека сте на трагот на голема афера која може да претставува пресвртница во Вашата кариерата?

Kако новинар, кој се занимава со истражување на корупцијата и криминалот на високо ниво, како што се случаите каде што се вмешани владини политичари, имам општи сознанија за многу судски истраги и процеси за кои сум пишувал. Имајќи предвид дека многу се занимавав со случајот „Секираца“, оној за Илир Толај или за Фатмир Лима, секогаш ги следев трагите на корупцијата. Слушнав дека во овој случај се давало мито, но се’ уште немав конкретен доказ.

Некаде три недели пред објавувањето на првиот напис успеав да најдам неколку досиеја кои даваат силен сомнеж во врска со вклучувањето на службеници на ЕУЛЕКС во коруптивни активности во замена за затворање на неколку големи случаи, како овие што претходно ги спомнав погоре.

Документите ги обезбедив од мои извори – внатре во ЕУЛЕКС, како што сум обезбедувал и други досиеја во текот на овие години.

Колку долго работевте на сторијата и дали беше тешко да го убедите уредништвото дека имате голема приказна?

Како новинар јас секојдневно сум во контакт со луѓе, добивам информации за разни скандали, кои потоа треба да ги обработам за да ги потврдам. Овој не е првиот скандал кој го имам откриено во Косово, но е најголемиот, бидејќи ја засега и ја потресува и ЕУ.

Три недели пред објавувањето добив информации за овој скандал и за два дена ги обезбедив материјалите. Требаше да се вложи голем труд за да се обезбедат информациите, а потоа да ги обработам, потврдам и да ги објавам истите. По обезбедувањето на материјалите работев на нивното утврдување, ги обработив, интервјуирав разни луѓе, по што, во понеделникот на 27 октомври започна објавувањето на првата сторија.

Што се случуваше откако се’ излезе на виделина и дали бевте изложени на големи закани и притисоци?

Пред објавувањето на истражувањето за корупција во ЕУЛЕКС, требаше да консултирам многу извори, документи, снимки и закони во врска со овој случај. Во рамки на тоа се сретнав и со службеници на ЕУЛЕКС, кои ме поканија на една консултативна средба. На таа средба специјалната советничка на шефот на ЕУЛЕКС Габриел Меуци – Катерин Феарон, ми ги побара документите со услов, како што таа ми кажа, за да ми помогнат. Јас одбив да го направам тоа. Потоа, таа ми рече дека овој случај е под истрага и ако објавам нешто од истрагата, можат правно да ме гонат и да ме обвинат. И реков дека нема да потпаднам на уцената и дека по четири дена истражувањето ќе биде објавено. Ова беше обид да ме заплашат со уцена, но јас не подлегнав на неа.

ЕУЛЕКС се обиде со суспендирањето на обвинителката Марија Бамиех, која беше осомничена дека ви ги дала документите да се „испере“ од целата афера, поради што весникот во кој работите „Коха диторе“ излезе со демант дека таа не е изворот кој ви ги дал материјалите. Постои ли страв кај вас дека можеби ќе се обидат да ве вовлечат Вас и весникот во реваншистичка кампања за оцрнување, како и за дисквалификување на доказите?

Целото интервју ОВДЕ.

Извор/фото: Утрински весник

На српската водителка и манекенка Јелена Кикиќ, добро би и дошол македонски пасош

Српската новинарка и манекенка Јелен Кикиќ престојуваше во Македонија на покана на винарницата Тиквеш, на нивната забава по повод отворањето на бочвите со младо вино.Кикиќ е чест гостин кај нас, благодарејќи на одличната соработка со нашата винарница која има одличен пласман и во Србија. Кикиќ е водител и уредник на емисијата „Вино и виноградство“, која се емитува на „Б92 инфо“ и на „Студио Б“.

„Мојот интерес за новинарството започнува уште од средна школа во Суботица каде што водев различни емисии. Емисијата за вино ја водам веќе пет години. Случјано влегов во приказната, морам да признаам дека дури не пиев ни вино.Но, сега уживам во овој начин на живот. Многу патувам со емисијата, па она што ме чека на почетокот на декември е посета на вински манифестации во Словенија, Италија во преубавата Тоскана,“ вели Кикиќ во разговорот за еМагазин.

Во зависност од храната и периодот, такво вино избира. На зима, тоа се убавите црвени вина, а на лето и со некоја лесна храна изборот паѓа на бело вино. Од вината на Тиквеш, најмногу и се бендисува Бела Вода. На покана на винарницата, најмалку еднаш месечно е во Македонија, па на шега додава дека треба да и се даде македонски пасош. И приватно сака да ужива во македонските убавини, па чест гостин е во Охрид. Топло не препорачува на нејзините пријатели.

„Овде се чувствувам прекрасно, како дома. Секогаш сум добро пречекана и нагостена.Затоа кога можам, го посетувам Охрид со пријатели,“ додава Кикиќ.

Како и секоја млада девојка, сака да патува и да оди на шопинг. Бидејќи е познато ТВ лице и манекенка, не и пречи што ја препознаваат и што многупати медиумите пишуваат за нејзиниот приватен живот. Ја врзуваа за тенисерот Виктор Троицки како и за поранешниот сопруг на Северина, Милан Поповиќ со кој што летово беа сликани на Хвар. Јелена тогаш изјави дека не е во врска со Милан, бидејќи снимала емисија на Хвар, а меѓу пријателите со кои била на вечера бил и Милан.Таа ги подгреа шпекулациите за оваа врска, бидејќи во едно интервју за српски Телеграф, откри дека сака постари и позрели мажи.

„Иако многу се пишува за мојот приватен живот, не сакам да зборувам за него. Врската со Милан ја демантиравме и двајцата,“ вели Јелена.

Јелена на 16 години победи на Изборот за мис за најубава Суботичанка и од тогаш со модната агенција „Фокс“ започнува нејзиниот ангажман како манекенка. Но, љубовта кон новинарството победува и таа станува водител на неколку успешни емисии. И денеска се појавува на ревии, а се бави и со одбојка. Како дипломиран новинар има уште една година да зврши мастер на Факултетот за политички науки.

Се проба и како актерка, имаше мала улога во серијата „Будва на пена од море“.

Полугола се сликаше и за машкиот часопис ЦКМ, иако од денешна перспектива смета дека тоа и не и требало.

Меѓу новинарите на забавата на Тиквеш, се покажа како една од највредните, уште со кого не направи интерјвју за нејзината емисија.

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

(Галерија) Естрадни личности, политичари и бизнисмени на младо вино во Тиквеш

November 16, 2014

Кајмакоски: Очекувам да се потврди дека мојата победа е чиста и тоа ќе се случи

Даниел Кајмакоски во интервју за МРТ зборува за сите дилеми кои се случија по Скопскиот фестивал. Ви го пренесуваме во целост.

Колку е чиста вашата победа?

Можеби е почиста од солза, на едно мало невино дете. Апсолутно од моја страна победата е чиста, а дали е заслужена- тоа треба да го каже вкусот на народот. Ние дадовме максимално се од себе од кога бевме повикани на фестивалот. Вложивме многу труд и време во песната, соработувавме со интернационални автори, што зборува за тоа колку ние сакавме да се вклопиме во целиот проект.

Дали сте на некој начин вмешани во случувањата кои ги истражува полицијата? Имавте ли контакт со осомничената четворка?

Не, јас немав со никого контакт, освен со Валентино кој и не покани да учествуваме на фестивалот. За други луѓе не знам и не ми е јасно што точно се слулчува. После победата прославивме сите заедно, некои од артистие исто беа присутни, славевме до рано, а после тоа заминав во Белград каде снимивме нов спот за нова песна, која ќе биде скоро претставена. Реално, немав време да размислувам за тоа. Првите наслови кои се појавија во српските медиуми, кои беа против мене, дека сум ја местел победата, ме дочекаа во шминкерница. Таа прва информација ме шокира!

Како живеете овие три дена? Како ги преживувате тие написи по медиумите?

Јас навистина навикнав на тоа. Веста во Велес, разни вести дека сум имал девојка, дека сум ја запросил Тамара веќе по десетти пат… Некако сум ладен на тие работи. Воопшто, целиот настан не го гледам како негативен, туку се чувствувам како дел од една револуција, од едно движење, кое ќе биде многу важно за сите нас. Тоа ќе се случи од кога МВР ќе објави точно кои луѓе се инволвирани, ќе сватиме дека сме дел од нешто ново, од некоја револуција- да ставиме крај на некои работи.

Ја споменавте Тамара, таа вчера јавно Ви ја честиташе победата како второпласирана. Како ги доживувате честитките од вашите главни конкуренти?

Како и кога се натпреварував на Х-фактор, многу позитивно. Тоа најмногу ми значи, па така и си го замислувам и македонскиот народ и македонската естрада. Еден на друг да се поддржуваме, да нема суети и да нема љубомора. Ние сме музикален народ и треба еден на друг да се поддржуваме, а не да се понижуваме.

Ја спомнавте Србија, се вративте од Белград, и таму медиумите ги пренесуваат овдешните наслови, кои беа и погрешно протолкувани. Дали можеби тоа го стимулира конкуренцијата во Србија? Вашиот поход кон балканскиот врв тргна токму од Белград.

Од времето на Х- фактор имав многу голема поддршка од луѓето, ама постоеја и такви кои не ми посакуваа добро, дали од медиуми, дали од естрадата. Имав и таму големи сопки, но што повеќе сопки, така побрзо се учи да поминува покрај нив и да чекори над нив. Не знам што мисли конкуренцијата за мене, јас за себе знам дека сум си чист, дека добив поддршка од македонскиот народ и тоа ми е единствено важно.

Вие сте реалтивно ново лице на естрадата, но од самиот почеток сте блиску до врвот или на самиот врв, сте имале ли досега непристојна понуда?

Никогаш не сум имал таква понуда и немам јас трпение и уши за такви работи.

Има ли музичка мафија во Македонија?

Ќе ни објави МВР се надевам во скоро време.

Во таа смисла значи ја поддржувате акцијата на полицијата?

Апсолутно, јас го поддржувам тоа и очекувам што побрзо да се реши овој настан, да се објави што се случува, бидејќи моментално веста низ Европа и низ светот е дека победникот на Скопје фест си ја наместил победата. Тоа за мене и за сите нас не е добро, но ако ја решиме оваа работа ќе сфати цела Европа и цел народ дека сме дел од едно позитивно движење, дека Македонија се потруди да преземе мерки против корупција и манипулација, да се разјасни работата и да си ја претвориме пораката во најпозитивно светло што може, како што заслужуваме.

Во очекување да се расчистат сите сомнежи, што подготвува, што планира Даниел Кајмакоски?

Очекувам да се каже точно кој е инволвиран во целата ситуација, кои пејачи се вклучени. Очекувам да се потврди дека мојата победа е чиста и тоа ќе се случи. Еве една молба од мене ако може што побрзо да се расчисти целата ситуација, бидејќи јас и мојата екипа немаме ништо со тоа. Мислам дека народот тоа го знае и дека е свесен. Но, многу е битно ако ја расчистуваме работата да се расчистува во детали- да бидат сите тие имиња објавени и да немаат тие луѓе пристап до музичкиот свет, да можеме да си ги откриваме талентите сами и да можеме да напредуваме сите заедно како голема македонска естрада бидејќи имаме неверојатни таленти. Тоа ми е мене лично многу важно.

Даниел Кајмакоски постепено го освојува Балканот. Имате ли амбиција и можност за подалеку?

Да, секако. Не си поставувам сам себе си граници. Ако можам да го имам некој ден Светот – си го посакувам.  Ако има Свет подалеку од овој Свет, и него ќе си го посакам.

Од што се плашите?

Од мајка ми кога е лута!

По природа сте оптимист или песимист?

Оптимист дефинитивно.

Ви удри ли славата во глава?

Се уште не!

Постари вести »

Powered by WordPress