December 21, 2014

Планинари од Македонија и Бугарија го качија врвот Петлец во чест на Даме Груев

Две групи планинари од повеќе планинарски друштва од Република Македонија и од Планинарското здружение „Победа 2010“ од Благовград успешно го реализираа заедничкиот планинарски марш „Петлец 2014“.

Стартната позиција на планинарите беше од пред споменикот на војводата Дамјан Груев на селскиот мегдан во Русиново, а целта местото на неговата погибија од отоманскиот аскер на 22 декември 1906 година на планинскиот врв Петлец.

По сончево време средно-тешката и калива патека долга 10 километри македонските и бугарските планинари ја совладаа за неполни четири часа.

Пред почетокот на маршот планинарите ја посетија црквата во Русиново и селските гробишта каде на споменикот на војводите Дамјан Груев,Сандо Китанов и нивните соборци загинати на Петлец во 1906 година положија цвеќе и им оддадоа почит.

„Се радуваме на соработката со нашите македонски колеги и им благодариме за успешната организација на маршот „Петлец 2014„ со што ни овозможија да одиме по славните врвици на војводите, загинати во нерамен бој со отоманските војски“, изјави вчера за МИА координаторот на здружението Емил Ефтимов од Благоевград.

Планинарите од друштвата „ПОП„ и „Голачка срна„ Зоран Поповски и Олгица Ристова велат дека во наредната 2015 ќе ја прошират соработката со планинарите од Благоевград, Симитли и Разлог со учество во нивните маршеви за искачување на повеќе врвови на Пирин планина.

Заедничкото дружење на македонските и бугарските планинари на Петлец заврши со заеднички ручек и пригодна културно-забавна програма.

December 16, 2014

Бизнисмените на Лерин, Битола и Албанија се договорија заедно да развиваат бизнис врски за раст на економиите

На 12 и 13 декември 2014 година во Лерин, Република Грција, Регионалната комора со седиште во Битола учествуваше на конференција на тема „Одржлив развој, туризам, претприемништво и балканска соработка“. Конференцијата беше во организација на подрачната единица на леринскиот регион, во соработка со Комората од Лерин и општините на Лерин, Аминдео и Преспа од Република Грција. Како претставници од македонска страна, од Регионалната комора со седиште во Битола на дводневните активности учествуваа членови на Управниот одбор на Регионалната комора, предводена од претседателот Мирко Велковски.

Како што информираат од Стопанската комора на Македонија, цели на конференцијата биле унапредување на компаративните предности и потенцијалите за развој во пограничниот регион, потребните интервенции за развој на прекугранична соработка, унапредување на локалната бизнис-динамика на компаниите и нивните способности за натамошен развој.

RKBitola-15.12.2014-1

Мирко Велковски во своето поздравно обраќање пред присутните гости на конференцијата истакна дека овој настан во голема мера ќе придонесе за подобрување на локалните погранични бизнис-ресурси, трансфер на знаење и искуства, приближување и охрабрување на компаниите од соседните земји да инвестираат во бизнис-проекти, промовирање и развој на туризмот и етно-културата, како и заеднички интер-балкански и европски проекти интересни и корисни за развојот на меѓуграничната соработка.

Тој истакна дека и Пелагонискиот плански регион има значаен удел во создавањето поволна деловна клима придонесувајќи за зголемување на домашните и странските инвестиции во нашата земја и ги претстави поволните условите за економски и стопански развој, како што се секторите на агробизнисот и преработка на храна, градежништво, производството на облека, текстил, тутун, како и туризмот.

Како дел од активностите на конференцијата во Лерин, регионалните комори на Битола и Лерин и Унијата на стопански комори на Албанија потпишаа трилатерална Декларација за соработка. Во рамките на овој документ претставени се заедничките залагања на трите комори во меѓуграничниот регион со цел да се постави основа за натамошна соработка во следните области: воспоставување мрежа во пограничната област, со цел да се поддржи локалното претприемништво, давајќи им посебно внимание на малите и средни претпријатија, трансфер на искуство, знаење и know-how за клучните аспекти на бизнисот. организација и учество во заеднички промоции и изложбени активности, со цел да се промовира екстровертноста на компаниите, спроведување активности за ширење, во врска со иновативни концепти и најдобрите практики на локалниот пограничен бизнис сектор и др.

Како тело кое ќе координира со имплементацијата на активностите за остварување на овие цели предвидено е формирање на тричлен управен комитет во кој секоја од коморите-потписнички ќе делегира по еден свој претставник.

Потпис на декларацијата ставија претседателот на Комората од Лерин од Република Грција, Савас Сапалидис, претседателот на Регионалната комора со седиште во Битола, Мирко Велговски и претседателот на Унијата на стопански комори на Албанија, Илир Зила.

Притоа, тројцата претседатели едногласно ги потврдија приоритетите за добра соработка и развој на регионалната економија, кои пред се` се базираат на развојот на инфраструктурата и врските меѓу трите земји за што полесен и подобар проток на луѓе, производи, знаење и идеи за заеднички просперитет.

December 15, 2014

Нови предлог политики за подобрување на бизнис соработката со Албанија

На деловниот појадок на тема „Подобрување на бизнис соработката меѓу Македонија и Албанија“, во организација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), беа презентирани конкретни предлог политиките кои ќе придонесат за зајакнување на бизнис соработката и подобрување на трговската размена меѓу двете земји. Претседателот на ССК, Данела Арсовска, истакна дека од анализите за реалните потреби на бизнис секторот произлегоа неколку мерки кои ќе влијаат на подобрување на деловната соработка.

„Мерките кои произлегоа од реалните потреби на бизнис секторот се : Подобрување на размена на информации за економските и трговските активности во двете земји, зајакнување на активностите за промоција на извозот на македонските производи на албанскиот пазар, заедничкa туристичка понуда на прекуграничната област, развој на униформирана методологија за класификација на објектите поврзани со туризмот меѓу Македонија и Албанија, зајакнување на контролата на квалитетот и лабораториски испитувања, поддршка за подобрување на размената на информации меѓу националните статистички организации, како и поддршка за иновации во секторот на мали и средни претпријатија во Македонија и Албанија“, изјави Арсовска.

Министерот за економија, Беким Незири и градоначалникот на општина Тетово, Теута Арифи, истакнаа дека ќе се работи на интензивирање на комуникацијата помеѓу бизнис секторот со локалната и централна власт во насока на заедничко креирање и подобрување на условите за водење бизнис.

На деловниот појадок присуствуваа над 150 компании членови на ССК и делагација од Албанија и дискутира за конкретни теми во насока на подобрување на бизнис соработката помеѓу Македонија и Албанија преку веќе подготвени предлог политики на неколку теми, туризам, трговија, земјоделство и други економски сектори.

Активноста се реализира со поддршка на ИПА Програмата за прекугранична соработка со Албанија во рамки на проектот „Подобрување на бизнис соработката во прекуграничниот регион“ имплементиран од страна на Сојуз на стопански комори на Македонија.

December 10, 2014

Албанската радио телевизија ќе емитува емисии на македонски јазик?

Албанската радио телевизија за првпат во историјата ќе почне со емитување телевизиски емисии и на јазиците на сите етнички заедници, македонски, грчки, влашки,српски и ромски.

Ова го тврди Кристо Гоци, член на државниот комитет за малцинства(претставник на влашкото малцинство), во кој членуваат претставници од сите етнички заедници.

„Историјата само што почнува. На први јануари кога на телевизијата ќе има новогодишна честитка на сите јазици а потоа, ќе има еднаш неделно информативни и други емисии за животот, културата и традициите на малциснтвата“, изјавил Гоци.

Според него на средбата со релевантините стуктури, меѓу кои и заменик директорот на албанската радио телевизија, Енѓел Ндоцај, било дадено зелено светло и сега се чека да се реализира договореното.

Веста за отпочнувањето емитување емисија на македонски јазик на албанската радио телевизија експресно ја поздрави друштвото „Илинден“со седиште во Тирана.

December 9, 2014

Хрватите им должат на Србите околу 7.000 икони?!

Каде завршиле околу 7.000 икони кои се водат за исчезнати во војната во деведесеттите години во Хрватска!? Ова прашање го поставува српски Вечерње новости. Според весникот, не само што недостасуваат икони, но, исто така, молитвеници, архиви и многу повеќе историско уметнички дела кои припаѓале на Срби.

За таа цел е формирана мешовита комисија за враќање на културните добра. На првата седница на оваа комисија ќе биде заземен став како ќе се постапува за да се врати наследството на хрватските Срби.

Според Новости, со тоа може да се исполни заветот на патријархот Павле да се дозволи преживеаите икони да се вратат во нивните домови.

За разлика од Србија, Хрватска има многу прецизна листа на она што се тврди. Хрватска е во потрага по околу 46.000 различни уметнички дела. Половина од таа листа веќе се вратени од 2001 до ноември 2013 година во хрватските музеи, галерии и цркви.

December 7, 2014

Прва специјализирана ВЕБ страница за лицата со посебни потреби

Лицата со посебни потреби и нивните родители од Македонија и од Бугарија до крајот на годинава ќе ја добијат првата специјализирана ВЕБ страница и првиот заеднички форум за размена на искуства и полесен пристап до информации.

ВЕБ страницата ја изработуваат невладините организации „Бравура кооператива” од Делчево и „Профилактика здравје” од Благоевград.

– Основната цел на проектот што се реализира со финансиски средства од Европската унија,е современиот пристап до информации. Децата со посебни потреби и нивните родители имаат потреба, не само од медицинска помош, туку и од социјална и психолошка, а тоа ќе го има на порталот како опција и услуги, вели д-р Димитар Маникатов од „Профилактика здравје” од Благоевград.

Проектот, покрај другите цели, треба да ја изгради прекуграничната мрежа за размена на информации и добри практики и да го зајакне капацитетот на организациите што работат во областа на јавното здрвје и со лицата со пречки во развојот, заклучија на заедничката средба во Делчево, претставниците на македонската „Бравура кооператива„ и на бугарската Профилактика здравје.

December 4, 2014

Македонски и бугарски бизнисмените иницираа голем експо форум во Софија

Во Софија денеска е потпишан Меморандум за соработка меѓу Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарско-трговската промишлена палата.

„Бизнис-делегациите од Бугарија и Македонија денеска во Софија и официјално ја најавија иницијативата за организирање на бизнис – експо форум во Софија, под покровителство на премиерите од двете држави“, соопшти Македонско-бугарската стопанска комора, пренесе МИА.

Претседателите на Македонско-бугарската комора и Бугарско-трговската промишлена палата, Зоре Темелковски и Цветан Симеонов, ги поддржале планираните инфраструктурни проекти и инвестиции и посочиле дека е потребно да се формираат и царински терминали што би ја ја олесниле брзината на трговската размена на компаниите од двете држави. Констатирано било дека е потребно да се работи на економската соработка со цел трговската размена меѓу двете земји да достигне до една милјарда евра,

Претседателот на БТПП Симеонов, како регионален координатор на Балканските бизнис-асоцијации позитивно го оценил организирањето на мултимедијалниот проект „Калдрмите се живот“, во текот на идната година. Тоа би била економско-туристичка и културна недела на поврзување на старите чаршии. МБСК и МТВ се иницијатори на овој проект, што се планира во соодејство со јавните телевизиски сервиси на Бугарија, Турција, Албанија и Македонија.

Менаџерите и сопствениците од македонските компании Алкалоид, Адинг, Ариљеметал, Заралогистик, Свислион и Апра Портер Новелли имале непосредни деловни контакти со свои партнери од Бугарија.

Во рамките на дводневниот регионален Бизнис-форум во Софија, на кој учествуваа околу 400 компании од регионот, македонските компании остварија кратка средба со македонскиот амбасадор Благоја Ханџиски и со Радош Вукичевиќ, економски промотор на РМ во Бугарија.

December 1, 2014

Градежните фирми од регионот ќе се здружат во конзорциуми

Градежниците од земјите на поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија, покренаа иницијатива за меѓусебно поврзување, формирање конзорциуми и заедничко учество на тендери. Сметаат  дека тоа ќе им помогне во надминување на актуелните проблеми – искористеност на капацитетите до 60 проценти, одлив на кадри, тешкотии во добивањето банкaрски гаранции, неадекватна политичка и дипломатска поддршка.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, компаниите размислуваат и за враќање на пазарите каде што порано беа присутни, Блискиот Исток, Ирак, Либија, Алжир, Египет, поранешниот Советски сојуз. Очекуваат ситуацијата таму сигурно да се подобри.

– Гадежниците интензивно се подготвуваат за пазарите каде што порано настапуваа, некои се и етаблирани, препознатливи на тамошните простори, но без соодветна поддршка од државата и дипломатијата ќе треба да се помачат, истакна Марија Петроска од Стопанската комора.

Градежните компании од Балканот би влегле на источните пазари, пред се, за нискоградба, со инфраструктурни проекти како патишта, мостови, железници, брани, зашто во нив гледаат можност за влез на странски капитал.

Според Никола Велковски, претседател на Здружението за градежништво при Комората, успешноста на фирмите ќе зависи од нивните референци – капацитетот со кој располагаат, бројот на вработени, опремата, бидејќи, и да добијат поддршка од државата, ако не се подготвени, нема да успеат.

На досега реализираните средби меѓу градежните компании од регионот, од македонска страна било посочено дека градежништвото во земјава речиси не ја почувствува кризата зашто Владата имаше вложувања, и за разлика од другите земји, бележи континуиран раст. Исто така, нема намалувања на вработените како што е случајот со Хрватска и Србија.

– Македонското градежништво е двигател на економијата, бележи континуиран раст и според податоците од 2013 година, учествува со над седум проценти во бруто домашниот производ. Капацитетите се максимално ангажирани. Сепак, тоа не е доволно, потребно е проширување на пазарите особено ако се земе предвид дека секој проект има почеток и крај, напомена Петроска.

Последните податоци покажуваат дека во Македонија бројот на градежни работници е 40.000, во Србија 60.000, а во Хрватска 50.000 или повеќе од половина помалку од пред пет-шест години кога биле евидентирани 115.000.

МИА

November 29, 2014

Македонски енолози на фестивал на вино во Солун

Четириесетина енолози од повеќе македонски винарии од кои најголемиот дел од Тиквешијата, како и неколкумина студенти по енологија од дисперзираните студии на универзитетот Гоце Делчев, ќе го посетат винскиот фестивал во Солун.

– Целта е дегустација на вината изложени на фестивалот, размена на искуства од областа на винарството со оглед на не баш најдобрата година за овој сектор поради лошите временски услови, како и остварување контакти за соработка и стекнување нови деловни пријателства, изјави денеска претседателот на Здружението на винари од Македонија, Игно Тасев.

Здруженито на винари е и организатор на посетата на традиционалниот фестивал на виното во Солун.

November 27, 2014

Македонските и српските текстилни компании заедно пред европските партнери

Текстилни компании од Македонија и од Србија преку вмрежување заеднички ќе настапуваат пред европските партнери. Целта на вмрежувањето за кое денеска во Србија се одржуваат средби меѓу македонски и српски компании, е да се претстави поголем вкупен капацитет за производство, со оглед на тоа дека Македонија и Србија се меѓу најповолните дестинации за брза испорака на мали серии до европските производители на брендирана облека.

Средбите ги организира Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, заедно со Стопанската комора на Србија и Текстилното трговско здружение на Македонија-Текстилен кластер, а поддржана од македонската Амбасад во Белград.

– Секторот текстил и облека е една од најважните индустриски и извозни гранки на Република Македонија. Стратешкото значење доаѓа од големината на извозот што овој сектор го креира (400 милиони евра годишно), од бројот на луѓе кои ги вработува (40.000) и од значајното учество во индустрискиот БДП на Македонија (17%). Целта на настаните е вмрежување на компании производители на текстил и облека од двете земји и остварување контакти од кои ќе произлезе конкретна соработка. Македонскиот текстилен потенцијал беше претставен  од страна на учесниците на настанот – производители на женска и машка горна и дола облека, џинс и фротир, вели Наташа Сивевска, извршен директор на Текстилниот кластер.

Вмрежувањето е корисно и заради отворање дискусија за понапредни облици на соработка, како заеднички развој, брендирање и настап на трети пазари.

Денешниот настан е еден во низата секторски B2B настани кои Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ќе ги организира во соработка со Стопанската комора на Србија. Целта е и претставување на македонските текстилни производители на српскиот пазар и остварување контакти со текстилни компании, производители на облека, производители и трговци на такенини, производители на сопствен бренд производ, на облека за деца, застапници и друго.

Постари вести »

Powered by WordPress