May 30, 2013

Цената на становите ќе продолжи да паѓа

Извесно е дека цената на становите во Македонија во наредниот период дополнително ќе паѓа, а за тоа придонесуваат низа околности поради кои понудата на станови ќе ја надмине побарувачката.
Една од главните причини за ваквите очекувања е неодамнешната одлука на Народната банка со која им се наложува на банките што побргу да го продадат одземениот имот преку активирани хипотеки бидејќи тој ќе губи по 20 проценти од вредноста годишно.

Гувернерот на НБМ, Димитар Богов укажа дека е крајно време да се види колку од банките во државата покажуваат реално остварен профит заснован врз добро работење, а колку од нив својот профит го темелат врз тоа што во својата добивка го пресметуваат и одземениот имот, кој најчесто е преценет и кој потоа со години не можат да го продадат. Над 100 милиони евра вредни хипотеки акитивирале банките само во текот на минатата година, а голем дел од овој имот се запленети станови.

Во огласите за продажби на хипотекрен имот може да се забележи дека речиси и да нема град во кој домашните банки немаат запленет стан. Иако, според банкарските кругови, продажбата на запленетите станови оди полесно отколку продажбата на фабрики и друг имот извесно е дека ваквата одлука ќе го размрда пазарот на недвижности.

ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ НОВИ СТАНОВИ

Во Македонија во тек е изведбата на неколку големи станбени комплекси со кои понудата на станови во земјава до следната година може да порасне за неколку десетици илјади нови станови.
Имено, веќе е најавена изградбата на голем станбен комплекс во близината на „Сити мол“, висококатниците на „Џеваир холдинг“ веќе можат да се забележат уште при влегување во Скопје, сите поранешни воени бараки во Аеродром ќе станат големи згради, се градат згради во поранешната касарна „Гоце Делчев“, веќе почна изградбата на деловно-станбениот комплекс кај „Алумина“, а дополнително Владата најави дека во наредните три години ќе изгради 30 згради со вкупно 1.724 стана, кои ќе бидат понудени на продажба по цена до 20 отсто пониска од пазарната.
Приватниот градежен сектор односно помалите компании како „Адора“, „Дијас“ и другите веќе ги завршуваат своите згради во Ново Лисиче каде што само во изминатава година никна цела нова станбена населба. Сите овие новоградби несомнено би требало да доведат до пад на цените на становите, со оглед на тоа што, според констатациите на Народната банка, понудата веќе ја надмина побарувачката на недвижнини на македонскиот пазар.

ЦЕНИТЕ ВЕЌЕ ПАЃААТ

Во Македонија, досега, во просек се градеа по 5.000 станови годишно. Според податоците на Народната банка и со вакво темпо на изградба во изминатиов период веќе има тренд на намалување на цената на станбениот квадрат. Во НБМ неодамна информираа дека негативниот тренд на цените на недвижностите продолжи и во последното тримесечје од 2012 година, но со забавена динамика.

– Така, цените на становите бележат пад од 0,5 отсто на квартална основа, што претставува трето последователно намалување (во првото и второто тримесечје, кварталниот пад изнесуваше 1,3 отсто и 1,8 отсто, соодветно), а постојан пад бележи и на годишна основа (од -1,5 отсто во второто на -3,5 отсто во четвртото тримесечје). Продолжувањето на трендот на намалување на цената на становите може да се објасни со тенденцијата на раст на извршените градежни работи, односно на изградените станбени згради во изминатиот неколкугодишен период – велат во НБМ.

Оттаму додаваат дека надолните ценовни поместувања на пазарот на недвижности може да се поврзат и со тековните приспособувања на пазарот на недвижностите, односно со нагорниот тренд кај бројот на станови за чијашто изградба е добиено одобрение (во октомври бројот на издадените одобренија за градење станови е зголемен за 13 отсто во однос на септември).

– Од страна на побарувачката, има сигнали за нејзина забавена динамика. Имено, анализирано на квартална основа, кредитирањето на станбени кредити во второто тримесечје забележа забрзан раст, којшто забави во третото тримесечје и продолжи да расте со иста стапка во последното тримесечје од годината – велат во НБМ.

Ваквите трендови несомнено ќе ги принудат градежните компании и агенциите за недвижности и понатаму да ги намалуваат цените бидејќи во спротивно ќе ризикуваат становите да им зјаат празни и да останат непродадени.

Одмори се за 300 евра!

Во една компанија каде што работев работодавецот,од нему добро познати причини, „тресна“ дека со 15 илјади денари плата, секој може да патува каде што сака. Со малку штедење и ете! Рече тој, а ние се поднасмеавме во себе!
Но, ајде да видиме. Ако успееме (едвај) да заштедеме една просечна плата која се движи околу 300 евра, каде можеме да одиме?

Според нашата анализа, со нив најкомотно можете да се помине во мај. Или евентуално почетокот на јуни. Или популарно кажано, пред сезона. Јули и август се изгор скапи. И со 300 евра на одмор во тој период можете само во Дојран. Но и тоа е прашање?! Туристичките агенции и дестинации се „искурназија“, па и јуни почнаа да го сврстуваат во сезона. А про по ова, и цените не се така ниски.

Средината и крајот на мај, на пример можат да се најдат седум полу пансиони во хотелите „Неаполис“ во Полихроно и „Џени“, Сивири во Грција за сума која што се движи од 90 до 100 евра по лице за седум ноќевања. Што и не е така лошо. Бидејќи со останатите двеста евра од буџетот може и да се купи по некој сладолед, да се седне во кафуле или што би рекле ние „да ни си ја стискаме душата“. Во овој период можат да се најдат и аранжмани од 45 до 75 евра за седум ноќевања со превоз на Халкидики. Има аранжман и за 100 евра all inclusive во хотел со 3 ѕвездички во Неа Потидеа, исто така за седум дена.

Во јуни вредноста на овие пари опаѓа, а и изборот односно понудата се стеснува. А, да не зборуваме колку е драстично за јули и август. Колку за пример, ако за хотел „Хонарта“ во Паралиа во јуни за ноќевање и појадок за седум дена би плаќале од 135 до 165 евра, цената во јули изнесува од 169 до 185 евра. Истата цена се задржува и во август, со таа разлика што како се ближи крајот на месецот, цената паѓа. Речиси е идентичен случајот со понудата на сите хотели.

Цените својот врв го достигнуваат крајот на јули и почетокот на август. Да биде иронијата поголема, неретко во тој период компаниите даваат и колективни одмори. И тоа, ем доцнат со и онака малата плата, ем ти дозволуваат да одиш на одмор кога е најскапо. А, не кога ти сакаш или пак да си бираш кога е поевтино.

Апартманите во Грција се нешто поевтини. Па така во јуни за апартмани во вила „Григориу“ на Полихроно за седум дена, цената е од 99 до 149 евра, во јули и август од 309 до 339 евра. Во Олимпик бич, апартманите во „Вила Фотини“, за седум дена во јуни се изнајмуваат за 55 до 85 евра, јули е 155 до 189 евра, а во август 195 евра.

За 300 евра, сумата која што е предмет на анализа за патување, добар избор е и Турција. Агенциите нудат понуди за Кушадаси за јуни каде што во хотели со две и три ѕвезди за десет ноќевања со појадок и вечера, цената е од 99, 139, 219 евра.

Турците, ако сакате од лично искуство, се махери за туризам. Едноставно знаат како да ви ги земат парите, но за возврат добивате многу повеќе како турист. Грците, нека ми простат, ја немаат таа љубезност, посветеност и однос. Желбите на туристите во Турција се заповед за Турците.

И на крајот, за сумата од 300 евра што е предмет на анализа, одмор може да се тера само во мај, почеток на јуни или доцен септември. Кога веќе во 19 часот на плажа може и да ве стемни.

patrisha@emagazin.mk

May 29, 2013

Дете. Не е само да се роди!

Веднаш ќе се изјаснам против предлог- законот за прекинување на бременоста. Нема да ги анализирам поривите за негово донесување, туку ќе се осврнам на човечкиот, односно женскиот аспект на приказната.

Не верувам дека при донесување на овој закон се земени предвид причините поради кои некои родители се одлучуваат само за едно, две или за ниту едно дете! Освен што е лично, интимно право на секоја жена да одлучува кога, колку и дали ќе раѓа и дали својата вагина ќе ја „растури“ од абортуси, би сакала да обрнам внимание на еден друг аспект. Колку чини да се одгледува едно дете?

Секако точна пресметка нема, но ајде по претпоставка.Онака сурово и реално. Детето не е само роди го и задоволи ги неговите физиолошки потреби. Нека ми простат, но повеќе не важи онаа логика „вариш супа за тројца,па ќе свариш и за четворица“. Но, друго е прашањето, дали има и за супа?

Младите брачни парови во Македонија најчесто плаќаат станарина или пак отплаќаат кредит за стан кој најмалку изнесува  200 евра. Ако и двајцата се вработени и земаат просечна плата пресметана според Државниот завод за статистика, тогаш приходите не се поголеми од 600 евра. Кога ќе ги подмират сите сметки, им преостануваат околу 150-200 евра за храна, гардероба, бензин, социјални активности. А, оние непредвидените трошоци пак, се најопасни.

Едно дете на претшколска возраст чини отприлика 100 евра (градинка, балет, курс) притоа без да се земат предвид трошоците за храна, гардероба, социјализација. Оттука се поставува прашањето, од каде финансии на родителите со горенаведените примања (што за наши услови и не се толку лоши) да планираат едно, две па и повеќе деца?

А, да не правиме муабет кога ќе тргне на училиште, па на факултет. Или пак ако сака да се натпреварува во изглед со најбогатото дете во класот. Класните разлики, како никогаш до сега се изразени. Родителите со просечни примања, не можат да се сврстат во средна класа. Поради скапотијата, обезвреднетата пара и плата, повеќе припаѓаат накај сиромашни. Предлог законот за прекинување на бременоста сигурно не го имал предвид ова. Или пак желбите на децата и напорите на родителите од ништо да не го скратат нивното најголемо богатство.

Некој ќе рече, нашите баби раѓале по пет- шест деца. Но децата на нашите баби и овие деца живеат во различно време. Денес владеат некои други правила на игра, без да навлегуваме во нивниот (не)квалитет. За едно дете да порасне во здрава работоспособна личност, со безброј квалификации потребни за пазарот на труд, потребно е да се инвестира во неговото образование или ако сакате психо-физичко здравје. А, тоа богами чини! Тоа е инвестиција која расте паралелно со растот на детето.

Па, ако станува збор за совесни и современи родители кои сакаат нивното дете да го пораснат во образована и квалификувана личност, сигурно ќе се запрашаат за бројот на потомството што ќе го создадат!

Чедоморството може да се избегне на друг начин. Постојат кондоми, контарцепција, планирање, па 21 век сме, бре! Зарем за овие прашања да дискутираме?

Љубовта не е предмет на анализа на овој став! Таа се подразбира, независно од финансиската моќ! Може звучи грубо, но за да имаш дете ти требаат и пари! Доколку сакаш да живее во нормални услови кои се подразбираат за еден современ 21 век.

 

Сакам скопско

„Сакам скопско„ и „Скопско, и се е можно„ се можеби првите вистински рекламни слогани со кои една македонска компанија комуницирала со потенцијалните и постоечките потрошувачи.

Слоганите до толку се претопија во нашето секојдневие, што многумина од нас се уште ги употребуваат и ги модифицираат во својата секојдневна комуникација.

Скопско е и добар пример за градење на вистински македонски бренд. И не само тоа. Кога некој ќе помисли на пиво, прво помислува на Скопско.

Истражувањата на пазарот покажуваат дека повеќе од 99% од популацијата над 18 години во земјава слушнале и знаат кое е пивото Скопско.

Скопско е првиот производ на Пивара Скопје АД, што се појави на пазарот во 1924 година. Она што го разликува од другите македонски брендови и производи е неговиот јасно нагласен и и изграден имиџ.

Скопско е синононим за квалитет, постојаност, традиција, доверба, видливост и уникатност, кои се базичните елементи еден производ да се смета за бренд.

И по либерализацијата на пазарот на пиво, овој производ успеа да задржи околу 60% од пазарот.
Освен во земјава, Скопско е присутно и на пазарите во Србија, Косово, Црна Гора и Албанија, а во помали количини се извезува и во Германија, Швајцарија, Италија, Холандија, САД и Австралија.

За успехот на Скопско, како еден од најдобрите македонски производи сведочат и многубројните награди, над 150 златни медали и плакети (меѓу кои и од Меѓународниот институт за селекција на квалитет Monde Selection и други европски и светски признанија), добиени во конкуренција на најпознатите светски брендови.

petre@emagazin.mk

Хедонизам во Миконос

Миконос на светскиот џет-сет му го откри Џеки Кенеди во шеесетите години на минатиот век, кога со својот пријател, грчкиот милјардер Аристотел Оназис, ја вкотвија јахтата „Кристина„ токму покрај овој најпознат грчки остров, дел од Кикладите.
По нив дојдоа и нивните богати пријатели, за да на крајот островот стане прибежиште и за светските ѕвезди од типот на Мадона, Барбара Стрејсенд, Харисон Форд, Кавали, Жан Пол Готје…

Миконос им се допадна и на следбениците на сексуалната револуција во седумдесетите, па уште тогаш ја доби и првата нудистичка плажа Paradise beach (денес омилена плажа на клаберите). Нив ги следеше геј-популацијата, па во далечната 1972 година Миконос го доби и првиот геј клуб, Пјерос.

Нема добра забава без добра музика, па во последниве дваесетина години островот го запоседнаа и клаберите и диџеите. Заедно со Ибица, Миконос е идеално место за промоција на нов сингл и одлична журка.
За обичните смртници Миконос стана посакувана дестинација за летување по објавувањето на бестселерот на Вили Расел, Shirley Valentine, во деведесетите.

Приказната е за една инсфустрирана домаќинка на која и е здодевна секојдневната рутина што се состои од чистење и грижа за хировите на нејзиниот сопруг и деца, па решава да се „почести„ со еден квалитетен и хедонистички одмор, токму на Миконос.

Денес Миконос во просек само во топ сезоната (јуни-август) го посетуваат повеќе од 1,5 милиони туристи од целиот свет. Островот е неизбежна одредница и на сите бродови-крузери кои пловат околу Европа и Африка. Така, од април до октомври секоја година островот просечно го посетуваат плус уште над 600.000 инстант-туристи (кои престојуваат на островот по неколку часа).

Минатата година и покрај кризата, бројот на туристи од таков тип е зголемен за 13%. Расте и бројот на домашни туристи.
За разлика од Миконос, државата Грција лани забележа пад на туризмот од 20%.

ВО ШТО Е ТРИКОТ?

Како Миконос им ги зеде славата и парите на соседниот остров Делос (каде се наоѓаат некои од најпознатите архелошки наоѓалишта во Грција) и на другите 600 острови распрскани по Егејското море.

„Голем број туристи го открија Миконос во седумдесетите кога за јавноста беа отворени археолошките наоѓалишта на Делос, кој е дел од територијата на Миконос. Посетувајќи го Делос, забележаа дека Миконос има интересна и оргинална архитектура, пријатни и љубезни жители кои никакво однесување не може да ги шокира, прекрасните плажи со златен песок и море во сите нијанси на сината боја, и секако-луд ноќен живот. Тоа им беше доволно подоцна да се вратат и да ги донесат и своите пријатели„, велат за „еМагазин„ од општината Миконос.

Жителите на островот се најмногу горди на архитектурата. Затоа имаат локални закони со кои буквално никој не смее да изгради објект кој по дизајнот ќе се разликува од постоечките. Постои задолжителна обврска за секој жител постојано да ја обновува белата боја на објектите (куќи, хотели, продавници…) кои ги поседува.

„Она што ние го имаме денес, им го должиме на нашите татковци и дедовци. Традицијата за нас е закон и нема никаква дилема дека до неа ќе придржуваат и новите генерации. Доколку го споредите денешниот Миконос со оној од пред дваесет години, ќе видите дека нема никакви разлики, освен што се зголемил бројот на објекти, што е строго контролирано„, велат од општината.

Иако островот има само 10.000 жители и ограничен ресурси (најголемиот дел од храната и другите продукти се набавуваат од Атина, која е одалечена 4-5 часа патување со брод), нема никаков проблем да опслужи толку голем број туристи и да им се заблагодари за потрошените пари, па макар тие биле и за цигари.

„Миконос може да се пофали со најдобра услуга и најдобри врски и на небо и на вода од сите грчки острови. Имаме и чартер авионски врски со сите поважни европски центри, а поврзани сме и со Америка. Најголемиот проблем на кој сериозно работиме е инфраструктурата на островот, пристапот до сите плажи и донесувањето на вода за пиење. Свесни сме дека државата е немоќна да им помогне на сите, па затоа повеќе сме свртени кон европските фондови од каде се финансираат најголемиот дел од нашите проекти. Постојано инвестираме. Не сакаме да живееме на стара слава. Ние сме како Кока-кола, постојано се рекламираме, иако сите чуле за нас„, објаснуваат од општината.

КОЛКУ Е СМЕТКАТА?

Миконос не е место за подолг престој на обични туристи. Жителите и амбиентот даваат многу, но и земаат многу. Најевтиното кафе е 5 евра, а најскромниот ручек можете да го добиете за 15 евра во кафеаните кои ги посетуваат мештаните. Цените на сместување за тие со плиток џеб за еден ден (во кое добиваат само кревет и туш), во зависност од месецов во кој го посетувате, се движат од 25 до 75 евра по човек. Најевтина е ракијата (ципуро) која чини 5 евра, а цените на жестоките пијалоци се над 8 евра.

Од друга страна, островот како да е створен за светските богаташи. Во над 160те хотели, како што велат од Асоцијацијата на хотели на Миконос, цените за една ноќ во зависност од сезоната, амбиентот и понудата можат да достигнат и над илјада евра. Во ексклузивните објекти на островот цените на апартманите со повеќе спални соби и базен во топ сезоната се движат од 10.000 до 53.000 евра за една недела.

Ништо поевтини не се и цените на имотот, кој можете многу лесно да го купите засекогаш. Од агенциите за недвижности велат дека цената за квадратен метар во ексклузивните делови се движи од 6.000 до 10.000 евра на најскапото место на Миконос, улицата Матојани, која се наоѓа во централниот дел на Чора. Најевтините вили со 3-5 спални соби со мал базен достигнуваат цена и по 3 милиони евра. Од агенциите велат дека имаат клиенти кои немаат никаков проблем да платат  и до 25 милиони евра за вила. Ваквите цени секако не се проблем за Елтон Џон, Армани, градоначалникот на Берлин…, како и за многубројните грчки ѕвезди и политичари кои имаат свои вили на островот.

Надуени цени?

„Островот на туристот му нуди се, од прекрасен амбиент до хедонистичко задоволување на секоја потреба. Баш секоја. Е, тоа чини„, вели локалниот келнер Димитрис, кој немаше никаков проблем да ги плаши групата јапонски туристи со огромен јастог само за да ги навлече во кафеаната во која работи. Откако „полудеа„ од сликање и вриштење, Јапонците седнаа во кафеаната и слатко го изедоа јастогот.

Рака на срце, жителите на Миконос се мајстори за „земање“ пари.

petre@emagazin.mk

Тајната е во саемите

Виничката компанија „Макпрогрес“ е една од водечките извозни македонски компании. Најголемиот дел од партнерите и дистрибутерите компанијата ги пронашла на светските саеми, а квалитетот на нивните производи, резултат на стандардизација и планирано производство, дополнително ѝ помогна на компанијата да биде една од најуспешните кондиторски компании во земјава.

„Макпрогрес“ своите производи ги извезува во 40 земји на 5 континенти. Како оваа македонска компанија стигна на овие пазари? Во што е тајната? Одговорот на оваа прашање е повеќе од едноставен.

“Редовно се претставуваме на светски познатите саеми за храна. Секогаш сме присутни на саемите во Келн и Париз, каде што на секои две години се одржуваат најголемите саеми за кондиторски производи. Првичните искуства ни беа со заеднички штандови со други македонски фирми, преку програма која ја финансираше Министерството за економија. Денес нашето претставување е индвидуално. Тоа е инвестиција, а не трошок. Најголемиот дел од контактите и зделките, лично ги имаме остварено токму на саемите. За сериозно претставување на овие саеми потребни се околу 20 илјади евра”, вели Глигор Цветанов, генерален менаџер на „Макпрогрес„.

Освен на овој начин компанијата испраќа и свои луѓе на терен (нешто слично како економските промотори на Агенцијата за странски инвестиции) скоро на сите пазари каде што продава.

За пазарите како што се Австралија, САД или Канада, се користат контакти од македонската дијаспора. Најчесто извозот таму оди преку Македонци, бизнисмени кои живеат таму и дистрибутираат македонски или производи од Балканот.

Стратегијата за извоз „Макпрогрес„ ја стартувал локално.

“Прв таргет ни беше соседството. Досегашните искуства со регионалните пазари како најтежок го издвојуваат грчкиот. Наплатата таму оди многу тешко, се развлекува и до 180 дена. Дополнително оптоварување е менувањето на амбалажите, поради нивниот проблем со името на нашата држава”, раскажува Цветанов.

„Макпрогрес„ за неколку години успеа да биде присутен на сите регионални пазари. На Косово е присутен десет години.

“Се трудиме да ја почитуваме локалната култура и традиција на сите пазари каде што сме присутни… На косовскиот пазар на пр. многу инвестиравме и во рекламирање, посебно на телевизија”, вели Цветанов.

Компанијата има направено добар пробив и на пазарот во Албанија, на кој се присутни околу девет години.

“Нашиот бренд Винчини им звучи како италијански и ги асоцира на интернационален производ, па лесно ја преминавме бариерата која ја имаат производите што доаѓаат од бивша Југославија. Тој пазар сè уште не е доволно дефиниран и на него се присутни многу малку трговски синџири”, вели Цветанов.

IMG_4666-1

Бугарскиот пазар е еден од првите кој влегол во стратегијата на „Макпрогрес„.

“Во Благоевград имавме и заедничка фирма со локални бизнисмени. Моравме да ја затвориме, а моментално на тој пазар соработуваме со светски познатиот трговски синџир Лидл, кој е присутен таму”, раскажува Цветанов.

На српскиот пазар „Макпрогрес“ е веќе десет години.

“Таму постои сериозна конкуренција на кондиторски производи. Работиме со речиси сите тамошни трговски синџири. Ликвидноста е сериозен проблем. Како и да е, секој пазар е тежок на свој начин”, вели Цветанов.

Хрватскиот пазар е еден од најдобро дефинираните пазари во регионот, вели Цветанов. Таму „Макпрогрес“ е позициониран девет години.

“Работиме со сите тамошни трговски синџири. Нè има и преку приватни марки за трговските синџири, но и со сопствените брендови. Нашата стратегија е приватните марки да не бидат повеќе од 10%. Не сакаме да произведуваме лон”, вели Цветанов.

Три години оваа компанија е присутна и на германскиот пазар преку германски трговски синџир со 3.000 малопродажни објекти, а на овој пазар стартувала пред шест години преку етничкиот пазар. Пет години компанијата извезува и во Холандија исто така преку синџир од супермаркети.

“Моментално најмногу сме фокусирани на европските пазари”, вели Цветанов.

Во Европа „Макпрогрес„ неколку години работи и на пазарите во Словенија, Чешка, Унгарија и Романија.

“По волумен Романија е број 1 пазар за нас. Таму имаме повеќе од 2 милиони евра извоз…”, вели Цветанов.

„Макпрогрес“ веќе неколку години е присутен на пазарот во САД преку тамошен дистрибутер, Македонец. На ист принцип е направен и извозот во Австралија, каде што осум години се дистрибуираат производи.

“Речиси сите македонски компании што извезуваат во Австралија одат преку три-четири фирми, што се во сопственост на нашинци. Транспортот оди преку Солунското пристаниште до Сиднеј или Мелбрун. Потребно е многу време за транспорт, но такви се моменталните можности…”, вели Цветанов.

Плансманот на пазарот во Канада, „Макпрогрес“ го остварила преку саемски контакт.

“Со нашиот дистрибутер се запознавме на саем. Потоа ја посети нашата фабрика. Посебно се интересираше за стандардизацијата”, раскажува Цветанов.

Во извозот на „Макпрогрес“ доминираат благите производи од брендот Винчини, по кои следат линијата Армонија со солени производи и Сончева долина.

НИШТО БЕЗ СТАНДАРДИ И КВАЛИТЕТ

Саемите и кои било други алатки за извоз би биле недоходовни, доколку претходно не произведете производ кој е квалитетен, има добра цена и е направен по сите актуелни светски стандарди.

„Макпрогрес“ е една од првите компании во земјава која имплементираше ХАСАП (во 2003 година), уште додека тој не беше законска обврска. Речиси не постои стандард кој не е воведен во оваа компанија. „Макпрогрес“ го има стандардот ИСО, стандардот IFS стандард за австриски и германски малопродажни синџири, стандардот BRC, за британски малопродажни продавници… а од пред извесно време го доби и ХАЛАЛ сертификатот, со што уште повеќе ќе се доближи до муслиманските купувачи.

“Ние одамна веќе не користиме алкохол и животинска маса, што е суштината на ХАЛАЛ стандардот. Го воведовме овој стандард за да освоиме уште повеќе муслимански клиенти. Не само во муслиманските земји, туку и по Европа. Западна Европа е преплавена со супермаркети за ХАЛАЛ. Стандардизацијата помага многу подобро да се претставите каде било. Тоа не е скапа инвестиција. Проблем е можеби за тие што веќе имаат објекти и треба да ги прилагодуваат. Ние почнавме од нула”, вели Цветанов.

petre@emagazin.mk

Новинарството стана нечесна работа

Влатко Галевски, новинар и филмски критичар е роден во Охрид, а уште како шестмесечно бебе со неговите родители се сели во Скопје.

„Јас сум ти Скопјанец од Охрид„, на шега вели Галевски, кој поради тоа што неговиот татко работел како воено лице морал често да се сели, но и постојано да менува училишта. Одреден дел од детството и тинејџерството живее и во Струмица.

„Детството не може да биде грдо ако растеш во здрава средина. Тоа што постојано се селевме и не ми пречеше многу. Ги развивав комуникациските вештини. Отсекогаш сум бил добар во комуникација. Не се чуствував како жртва„.
Како резултат на постојаното селење сменил дузина училишта.

„За годишнини од полуматура и матура ме канеа од неколку училишта и гимназии, па не можев да постигнам. Со многу од сооучениците комуницирам и денес, но навистина е проблем да се сетам со кого каде сум учел„.

Како тинејџер покажал голем интерес за филм и музика.

„Во Скопје најпрво живеевме карши кино Вардар, буквално спроти излогот на киното. Со секое менување на плакатите за новите филмови, мојата љубопитност одеше се подалеку, за на крај да отиде и во професија. Новинарството со кое почнав да се занимавам подоцна беше само личен избор„.

Завршил јазичен смер, а во периодот на тинијџерството три години свири и виолина.

„Тоа ми беше првото директно искуство со музиката„.
Поради одалеченоста на училиштето, виолината станува историја и образованието по “желба” на родителите се запишува на правните студии.

„Ми велеа, прво заврши право, па занимавај се со што сакаш. Од отпор кон факултетот за три испити не дипломирав“.
Во студентските денови го има и првиот контакт со новинарството и ги заработува првите пари како филмски критичар во „Студентски збор“.

„Денес тие статии ми изгледаат прилично романтични„.

Во истиот период станува дел и од хорот Мирче Ацев, во кој пее околу 20 години, колку што е и дел од октетот Македонија, во неговата прва постава.

Две години поминува и на музичката академија, на смерот соло пеење, но како што вели таму имал проблем со свирењето на клавир.

„Тоа што го пеев требаше и да го свирам, а и од цигарите требаше да се окажам„.
Првото работно искуство и покрај големиот интерес за уметноста и пишаниот збор го има во трговската фирма Југоопрема, во сферата на опремување на одморалишта.

„Тоа беше работа која не ме интересираше, но затоа пак имав доволно време да се посветам на филмската самоедукација„.

Таму останува десет години. Следното вработување е веќе во областа на филмот, во дистрибутерсјката куќа Македонија филм. Шест години работи во видео продукција и дистрибуција.

Првото професионално новинарско искуство го има како уредник на филмска програма во А1, како дел од првата постава на телевизијата.

„Тоа ми е сигурно најтурболентниот период на медиумско работење, но и најкреативниот. Паралелно го правев филмскиот квиз Синеманија, емисијата од областа историја на филмот Синема  како и целовечерниот филм со Ацо Станковски, Маклабас. Петгодишно креативно ‘лудило’”.

По 1,5 годишното искуство како слободен новинар, две години е дел од тимот на телевизија Скопје (денес Алфа).

„За жал таму цело време работевме само на подготовка на телевизијата која никогаш не се отвори. Нешто како добро платена препродукција„.

Следното искуство е во неделникот „Форум„ и магазинот „Лајф“.

„Исклучително продуктивен период. Не само од областа на филмот и уметноста„.
Таму останува до затворањето на весникот од пред неколку години. Последниве месеци до затворањето на неделникот „Фокус“ беше редовен колумнист во овој весник.

„Квалитетот на новинарството не се мери само со читаност, туку каков е настапот на авторот во јавниот живот. За жал денес новинарството како и политиката стана нечесна работа. Како и во многу други сфери од животот – драматичен пад на човечките вредности„.

Токму кога е во прашање јавниот живот, речиси не постои филмска манифестиција во кој тој не е вклучен директно или индиректно. Последниве неколку години Галевски е селектор на дел од програмата на Астер фест, жири и  соработник со Синедејс и Скопје филм фестивалот, стручен соработник на фестивалот Македокс…и континуирано е присутен со книжевни, театарски и филмски критики. Минатата година за босанското списание „Сараевски тетратки„ направи омаж од 40 страни посветени на новиот македонски игран филм. Подготвува и книга со рецензии на сите македонски играни филмови (над 70 филмови), како и книга со кратки раскази. Под наслов Фацерија, ја издаде книгата со 33 портрети на ликови од македонскиот јавен (и анонимен) живот.

Значаен дел од неговата долгогодишна кариера е радио емисијата „Слушајте филм“, која со истиот бренд е една од ретките емисии од било каков тип во земјава што функционира повеќе од 18 години. Емисијата која одеше на неколку радија, „Равел“, „Радио уно“, „Македонско радио„, а денес на „Метрополис“ доживеа и да биде адаптирана во неколку концерти со филмска музика, организирани од Македонската филхармонија.

Галевски е татко на две деца, синот Мартин и ќерката Ива. Мартин е политолог, а Ива работи во адвертајзингот.

„Со моите деца обратно ги применив сугестиите на моите родители. Родителите може да ги советуваат своите деца, но треба да ја почитуваат нивната зрелост и карактер. И двајцата избраа нешто со што јас не би се занимавал. Мартин кој има само 24 години по завршувањето на факултетот магистрира на Кембриџ, а сега е на нов двегодишен мастер низ Европа. Ива е “жестока” активистка од која јас како родител научив многу за правичноста вистинските вредности.Како да не бидеш задоволен. Децата и цвеќињата (една од актуелните занимации на Галевски) се слични. Треба да ги негуваш и да им го чуствуваш мирисот – мирисот на живеењето„.

Како што поради љубопитноста навлегол во светот на уметноста и публицистиката, така нашол мир и задоволство во рибарењето.

„Кога ќе ја фатиш првата поголема риба се прашуваш дали има поголема. Јас не сум од рибарите кои чекаат. Се движам покрај реката, понекогаш поминувам и по неколку километри. Исто како тој што се качува по планината. Умот цело време му е како да се искачи. Рибарењето за мене е ментална и духовна деконтаминација од (квази) урбаното Скопје„.

Baner Gurmet (4)

НАШЕТО МЕНИ

Со Галевски од богатото мени на „Гурмет„ се определвиме за лајт варијанта, шеф салата.

petre@emagazin.mk

Powered by WordPress