June 28, 2013

Часовниците што го променија светот слават роденден

Оваа година три брендови ги слават своите родендени: Swatch (Своч), Tissot (Тисот) и Tag Hеuer Carrera (Таг Хоер Карера).Историјата започнува секое утро! Секој ден со нова желба за откривање на нови светови. Опсесија да се спознае непознатото.Секоја година непрестајна потрага по совршенството. Секој бренд, своја приказна.

sc03_13_SWATCH_Est._1983_lorenzo_petrantoni_Press

Иако е најмлад меѓу нив, 30 годишникот Swatch (Своч) крие приказна на вистински револуционер кој во доцните 70-ти ја спасил швајцарскта часовничарска индустрија од вистинска пропаст. Во тоа време швајцарскиот часовник претставувал уникатно дело на вистинско мајсторство, кое како вистинска драгоценост се пренесувал од генерација на генерација. Набрзо индустријата била затресена до уништување од вистински земјотрес кој доаѓал од Азија. Пазарот преку ноќ кој бил преплавен со Кварц (Quartz) часовници кои прецизно го покажувале времето и биле толку ефтини, што дури и Швајцарците почнале да ги купуваат.

За неколку години, извозот на швајцарските часовници бил преполовен, нивниот удел на пазарот намален од 50% на 15%, а бројот на работни места во оваа швајцарска индустрија од 90.000 бил сведен на едвај 25 000. Надалеку прочуениот швајцарски часовничар станал загрозен вид.

Револуционерната идеја на Nicolas G. Hayek, основачот на Swatch, да се произведе т.н “втор часовник” кој би претставувал добро изработено парче на накит и притоа не би чинел многу ја спаси целата индустрија од смрт и ја донесе таму каде што е денес, на врвот на светот.

casovnik

Tag Hеuer Carrera, часовникот што го носи името на славните Карера Панамерикана трки слави 50 години. Алан Прост, Дејвид Кулхард, Кими Рајконен, Фернардо Алонсо; Луис Хамилтон, Џенсон Батон, Серџо Перез се само дел од големите имиња во светот на формула трките што го носеле на својот зглоб фамозниот Tag Hеuer (Таг хоер). Компанијата која лани ја славеше својата 150 годишнина, оваа година со нов повод: часовникот што го носи името на славните Карера Панамерикана трки слави половина деценија.Луксузниот часовник пред точно 50 години беше дизајниран лично од Џек Хоер – актуелниот претседател на компанијата.

tisso

160 години за традиционалните иноватори Tissot. Од првиот џебен часовник со две временски зони во1853 до револуционерната технологија T-Touch часовникот, Tissot има претставено серијана иновации, почнувајќи одт ехнологија, материјал и дизајн, се до часовници направени од камен, дрво и бисер.Уникатноста на Tissotсе крие во фактот што часовниците креирани од оваа куќа спаѓаат во средна ценовна група, но според естетскиот квалитет и изрботката на часовниците се ставаат на ранг на луксузничасовници.

 

Наместо роденденска забава, молк

Култното кафуле Галерија 8 во понеделникот требаше да го прослави својот втор роденден, но забавата ќе мора да биде откажана, бидејќи кафулето викендов беше затворено.

Менаџерот на Галерија 8, Саша Шотаровски, за еМагазин вели дека средствата кои биле планирани за роденденската прослава ќе одат за хуманитарни цели, по чија што подршка е познато оваа скопско кафуле, лоцирано во Безистен, во срцето на Старата скопска чаршија.

По што ќе ги паметите овие две години, дајте ни кратка ретроспектива на досегашното постоење на Галерија 8?

Шотаровски: Во текот на овие две години во просторот на Галерија 8 се одржаа 67 изложби (изложба на Петра Јовановска, Трајче Јанчевски…) дваесетина промоции на книги, 15 хуманитарни акции (акција за децата во домот за деца во Љубанци, хуманитарната акција „Раширете ги крилјата“, хуманитарната акција за малиот Најден…), модна ревија…Сите овие настани ги посетија околу 100.000 лица, на наша голема радост претежно млади луѓе.

Галерија 8 стана место каде што се физира културата и уметноста и место кое го негува урбаниот начин на живот. Нашето мото е: „Вистинските вредности се враќаат во мода„.

Вредностите ги вративме со посебен начин на забава, каде урбаните луѓе се чуствуваат убаво и безбедно.

Кои осум настани го одбележаа досегашното функционирање на Галерија 8?

Шотаровски: Секако прв на листата на настани е свеченето отварање на 1 јули во 2011 година, изложбите на Владо Георгиевски и Коле Манев, настапот на Васил Хаџиманов и Марие Петров бенд, хуманитарната акција „Веницијански карневал под маски“, изложбата на фотографии на Јован Куциновски, изложбата на Ирина Арсовска, издавањето на книгата на Миријана Бобиќ Мојсиловиќ, промоцијата на книгата на академикот Луан Старова, изложбата на словенечкиот уметник Марко Новак… Неколку амбасадори во земјава беа дел од уметничката програма во кафулето во која беа преставени дела на повеќе странски автори.

Што следно да очекуваме од Галерија 8?

Наголемо се подготвувавме за прославата на вториот роденден. Предвиден беше Диџеј Шурбе и Летечки пекинезери, а на четири бима беше планирано да оди се што се случуваше во Галерија 8 во изминативе две години. На еден од бимовите требаше да оди ретоспектива од изложби на македонски уметици низ светот, на друг презентација на македонското културно наследство…

Но за жал, Галерија 8 ќе мора да ги разочара сите почитувачи на културата и уметноста и сите љубители на калдрмата во Безистен.

Затворањето на Галерија 8 нема да не спречи да работиме на нашите следни проекти, како што е планираниот проект со Словачката амбасада-одржување на меѓународна колонија, предвидената изложба на Екрем Хисеин-видео проекции од негови настапи и неколкуте хуманитарни акции, како што е таа со децата од Детската клиника, каде што е планирано уметниците заедно со децата да цртат и вајат.

petre@emagazin.mk

 

Чувствувајте се медитерански во Скопје

Иако овој лаунџ-бар е стар само неколку месеци, е големо освежување на Вардар во центарот на градот. Од ентериерот, до терасата, па се до менито Бела Виста има сосема различна понуда од останатите лаунџ-барови во Скопје.

Цветните аранжмани кои се вистинско освежување на секоја маса, пријатната бела боја која доминира на терасата дава чуство на свежина, посебно во топлите летни денови и одговара на самото име на ресторанот-Бела Виста-убав поглед.

Пријатната атмосфера проследена со тивка музика дава уште поголема автентичност на местото, а погледот на кеј одмара очи и потсетува на старите медитерански места опкружени со шума и маслинови стебла.

За услугата, можам да кажам ретко беспрекорна. Фино облечените и културни келнери, предадени на својата работа се грижат да ви го направат престојот уште попријатен.

Во менито доминира медитерански јадења и работи кои вообичаено неможете да ги сретнете во повеќето лаунч- барови во градот како што се триколоре, гвакамоле, комбо мезе. Има неколку вида појадоци, топли закуски, ладни предјадења, разни, полнети тиквички, модар патлиџан, крокети, ама и пици, пасти, рижото…секако интересна понуда се и десертите, посебно колачот тополо-ладно кој е еден од моите омилени.

Ова го потврдуваат и коментарите на социјалните мрежи. Иако е сосема ново место, веќе ги освојува многу лакови и чек-ин.

20987_608913159127923_1467549307_n

Критиките генеррално се позитивни, иако дел од посетителите кои ја посетиле Бела Виста имаат забелешки за брзината на услугата,. Генерално сите даваат најдобра оценка на салатите, кои според мене им се специјалност.

“Свинското со манго и октоподот на скара се солидни. Ама оризот врска немаше“

“Пријатно место, услугата е фантастична и цените се пристојни. Конечно културно место на кејот на Вардар што нема да се умирисаш на храна“

„Конечно квалитетна тераса на кеј“

“Убав и квалитетен амбиемн, вкусна храна, услужлив персонал. Пријатно изненадување. Се надевам дека квалитетот на услугата ќе се задржи и во иднина“

“Храната е одлична, но услугата е бавна. Ќе се изначекаш“

“Одлично мени и супер услуга. Салатите се врв“

“Преубав доручек -English breakfast“

Ако сакате да се чуствувате медитерански во центарот на градот, Бела Виста е местото за вас.

 

Аптеките станаа дилери

Аптеките во Македонија полека ги заменуваат уличните дилери на дрога бидејќи без рецепт од лекар продаваат медикаменти за смирување и антидепресиви дури и на малолетни лица, што е спротивно на законите. Ретки се оние аптеки што нема да ви продадат диазепам или хелекс доколку при тоа не приложите рецепт од лекар. Ваквиот начин на работа само ја отежнува реалната проценка на бројот на лица кои секојдневието го менуваат со помош на средства за смирување и слични лекарства за нервниот систем.

Сепак, дека Македонија е нација навлечена на средства за смирување покажуваат и официјалните бројки на Фондот за здравствено осигурување според кои во првите три најкористени лекови во текот на минатата година се најде и диазепамот.

СРЦЕ, ПА НЕРВИ

Спорeд статистиката на ФЗОМ, најкористен лек во 2012 година како и во предходните години е лекот „еналаприл“ со вкупно 1,65 милиони реализирани рецепти, што претставува 7,8% повеќе во однос на 2011 година.

Овој лек спаѓа во групата кардиолошки лекови кои делуваат на ренин-ангиотензин систем. Лекот диазепам од се наоѓа на третото место по потрошувачка со 882.013 релизирани рецепти.

Со оглед на тоа што повеќето аптеки продаваат лекови за смирување и без издаден рецепт, тогаш станува јасно дека овие бројки треба да се земат со резерва бидејќи никој нема точни податоци колку пакетчиња дизаепам се продадени во текот на минатата година.

ЗАГРИЖУВАЧКА СОСТОЈБА

Според неофицијалните податоци, само една македонска фармацевтска компанија во 2012 произвела и потрошила 1 милион и 700 илјади таблети диазепам и 63.000 кутии инекции. Дополнителни 927.000 таблети се од лекот бромазепам. Ваквите бројки укажуваат дека овие медикаменти за смирување масовно се трошат и дека кај возрасните граѓани на Македонија веќе е вообичаена практика денот да се започне со диазепам, бромозепам или хелекс.

Воедно, јасно е дека државните институции го толерираат ваквото однесување на аптеките поради што може да се каже дека постои организирана мрежа која во земјава овозможува злоупотреба на средства за смирување.

ПРОБАЈТЕ МАРЦИПАН

Наместо да ги трујат телата со евтини средства за смирување кои со тек на време создаваат и зависност, македонските граѓани можат да изберат природни состојки за смирување на нервите. Добар пример за тоа се чоколадото и марципанот.

Марципанот се подготвува од бадеми, шеќер и ружина вода.Заради големата количина на бадеми, марципанот има голема енергетска вредност, изобилува со белковини, витамините В и А, минералот калиум, калциум и железо. Освен што дава енергија, марципанот опушта, ги смирува нервите и го намалува стресот.

nikola@emagazin.mk

Топ 10 дестинации во Македонија

Можете ли да одговорите на прашањето колку планини има во Македонија без да го искористите пребарувачот на Google?..Ако некој странец ве праша што треба да види во Македонија, најчесто имате два или три одговори – Охрид, Маврово, Скопје…

Ако ве праша по што е Македонија, на пример, единствена во светот, знаете ли да кажете? Колку манастири или цркви имаме? Многумина ќе кажат многу, а повеќе од половина не знаат да набројат повеќе од два и не знаат да објаснат како да се стаса до нив.

Македонците главно ги знаат најпознатите туристички дестинации во земјава, но многу ретко ги посетуваат. Сe уште за поатрактивни ги сметаат дестинациите во регионот и општопознатите светски дестинации.

“Моја импресија е дека повеќето Македонци ги знаат познатите места во Македонија. Тие се горди да раскажуваат за нив. Но, од друга страна пак, изненаден сум колку малку од нив биле во пештерската црква во Радожда, и покрај тоа што многу пати биле на одмор во Охрид. Зборуваат за Галичката свадба, а никогаш не присуствувале на неа. Сепак, младите генерации сакаат да шетаат низ нивната земја и да ја фотографираат. Но, во суштина, за Македонците е типично, посебно по укинувањето на визите, патувањето надвор. Дестинациите во Македонија ги оставаат за подоцна“, вели Полјакот Станислав Пигон, кој на македонската јавност и стана познат по проектот Macedonia love’s you.

Со него се согласува и Снежана Трајковска, сопственик на туристичката агенција Орфеј.

“За Македонците отсекогаш поатрактивни биле дестинациите надвор. Последниве години поради светската криза некои од дестинациите станаа уште подостапни, а и некако стана тренд да се летува во пред сезона и по сезона, кога цените се значително помали. Охрид, Матка, Скопје и Дојран, поради лековитата кал, се најчестите дестинации за кои постои интерес“, вели Трајковска.

Новинарот Васко Марковски, познат на јавноста по серијалот репортажи “Непозната Македонија“ и како уредник на специјализираното списание за странци, Free time guide, вели дека неговите искуства се поинакви.

“Како уредник на списанието, бев изненаден колкав беше голем интересот кај домашните читатели, на кои не им пречеше што приказните ги објавуваме на странски јазик. Моето искуство вели дека има голем интерес и поради љубопитноста, но и како поевтин вентил за желбата за патување. Без разлика кој е мотивот, има голема жед за промотивни приказни, во кои се пренесени субјективни искуства, стекнати и пренесени од прва рака, без непотребно “шербетизирање“ на стварноста“, вели Марковски.

Консултирајќи ги Пигон, Марковски, Иво Јанковски, авторот на проектот Amazing Macedonia и порталот за промоција на туризмот Exploring Macedonia, кои последниве неколку години, секој на свој начин, придонесoa за поголема промоција на Македонија и дома и надвор, еМагазин направи рангирање на десетте најатрактивни и најпосакувани туристички дестинации во земјава, кој е наш придонес во афирмацијата на убавините на нашата земја.

Едноставно, местата мора да ги посетите.

1. ОХРИДСКО ЕЗЕРО
Прекрасното езеро, кое важи за едно од најстарите езера во Европа, стариот град кој е заштитен од Унеско, манастирот Свети Наум, катедралниот храм Света Софија, пештерската црква Свети Михаил (од 13 век) во селото Радожда, Трпејца, Струга, Вевчаниските Извори и познатиот карневал кој се одржува таму се само дел од локациите кои го прават градот Охрид и неговата околина дефинитивно најатрактивна и најпосакувана дестинација и за домашните и за странските туристи.

2. МАВРОВО
Планината Бистра со својата живописност, Галичник и позната Галичка свадба,
копаничарските ремек-дела и манастирот Свети Јован Бигорски, питорескното село Јанче, кое прераснува во жив музеј на традиционална архитектура, Дебарските Бањи, скијачкиот центар, Мавровското Езеро, реката Радика, придонесуваат овој регион од земјава да биде вицешампион на листата на “Капитал“.

3. СКОПЈЕ
Главниот град на Македонија и статистички важи за една од најпосетуваните туристички и бизнис-дестинации. Дестинации кои, секако, треба да се видат во Скопје се познатото Дебар маало, вештачкото езеро Матка, тврдината Кале, Старата скопска чаршија, манастирот Свети Пантелејмон, Даут-пашиниот амам, црквата Свети Спас, пештерата Врело…

4. КРУШЕВО
Највисок град на Балканот. Прекрасна клима, скијачки центар и одлични можности за планински велосипедизам се едни од главните адути на ова гратче, кое е атрактивно во кое било време од годината. Неговата атрактивност значително се зголеми последните неколку години, откако таму почна да се организира манифестацијата Крушево етно-град и отворањето на Спомен-куќата на македонската ѕвезда Тоше Проевски.

5. БИТОЛА
Градот со специфичен медитерански амбиент, кој повеќе е свртен кон Солунското пристаниште и кон Медитеранот отколку кон континентална Европа, сместен во пазувите на Пелистер. Во него се наоѓа и познатиот локалитет Хераклеја, основан од македонскиот крал Филип Втори во 349 пр.н.е. Неизбежно место во градот кој е познат и по филмскиот фестивал Манаки, секако, е и шеталиштето Широк сокак.

6. ПРЕСПАНСКО ЕЗЕРО
Питомо езеро, национален парк со богата флора и фауна. Главна атракција е единствениот остров во земјава, Големиот град, место со специфична гравитација, а познат и како островот на змиите. Во овој крај е и селцето Брајчино, познато по својот брз развој на селски туризам…

7. СТРУМИЦА
Смоларските Водопади, бањата Банско, манастирите во Водоча и Вељуса, водопадите во Колешино, планината Беласица се главните адути на овој регион, кој го сврстуваат во оваа листа. Близината до две граници го прават атрактивен и за шопинг-туризам.

8. ТЕТОВО
Шарената џамија, една од најуникатните во Европа, манастирот во Лешок, Арабати баба теќе, скијачкиот центар Попова Шапка, најмалиот етнолошки музеј во светот лоциран во Џепчиште го прават овој регион излог на културни различности, со големи можности за развој и на летен и на зимски туризам.

9. КРАТОВО
Подигнат на некогашен вулкански кратер, со восхитувачки градби-кули, мостови и подземни тунели. Тука е и природниот феномен – камениот град Куклици, стар 10 милиони години, древната опсерваторија и светилиштето Цоцев Камен, ротондата во Коњук…

10. СТОБИ
Античкиот град е лоциран во плодната долина северозападно од градот Неготино, кој се повеќе важи за атрактивна дестинација за вински туризам. Со истражувањата под неколкуте градби во централното подрачје на подоцнежниот град, констатирани се слоеви од III и II век п.н.е., а пронајдени се бронзени предмети од класичниот и од архајскиот период, како и поединечни керамички предмети од неолитскиот период. Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е.

 

ИНТЕРЕСНИ ФАКТИ ЗА МАКЕДОНИЈА

– Во Македонија се наоѓа единственото европско наоѓалиште на рубини;

– Македонскиот рудник Алшар на планината Кожув е единственото наоѓалиште во светот на талиум и потенцијален “рудник” на еколошки чиста енергија;

– Најквалитетниот опиум на светот е македонскиот;

– Пештерата Пешна во Македонски Брод во “Њујорк тајмс” е опишана како идентична на измислените пештери во филмот “Господарот на прстените”;

– Во темелите на манастирот Света Богородица Пречиста, Кичевско, има дел од крстот на кој е распнат Исус Христос;

– Музиката во Македонија датира од 11 век;

– Најстарото дрво во Македонија, платанус ориенталис во Охрид, познато како “чинарот“, расте од времето на Свети Климент Охридски во IX век;

– Лесновскиот манастир е Прва монашка република на Балканот;

– Според археолозите и геолозите во Македонија траги на живот има уште од времето на плиоценот, т.е. пред првата ледена епоха.

 

petre@emagazin.mk

 

 

June 27, 2013

Ново злато за вино на „Тиквеш“

Нов меѓународен успех на вината на винарската визба „Тиквеш“. Црвеното вино „Барово“ од бербата 2011-та освои уште едно злато, а белите вина „Ркацители Special Selection” и „Бела Вода“ од бербата 2012-та освоија сребрени медали на натпреварот „Les Citadelles du Vin 2013“ кој се одржа во Бордо, Франција.

На годишново 13-то издание на овој реномиран вински натпревар се оценуваа 1.159 различни вина од 29 земји од светот. Вината беа оценувани од 60 експерти-дегустатори кои доделија вкупно 133 златни и 208 сребрени медали, во најголем дел на вината произведени во познатите вински земји: Франција, Шпанија, Италија, Австралија, Чиле..

„Нашето „Барово“ е единственото вино од Македонија и регионот кое е наградено со златен медал на овој реномиран натпревар. Тоа е уште една потврда дека и ние во Македонија знаеме и можеме да произведеме вино со врвен квалитет, достојно да биде „рамо до рамо“ со светската винска елита“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на ВВ „Тиквеш“.

Од почетокот на 2013-та година, на 9 значајни вински натпревари, винарницата „Тиквеш“ освои дури 42 медали и специјални признанија за квалитетот на своите врвни вина.

Регионот се сплоти околу една човечка судбина

Кога човечката судбина е во прашање, народот се обединува. Без разлика на верата, националноста, од каде доаѓа и каде живее. Еден од примерите е и Македонецот Сашко Богески која ја крена на нозе цела српска јавност. Србија се стави во одбрана на овој нашинец кој живее и работи во Белград, по немилите настани што му ги „збибери“ судбината, нему и на неговото семејство.

Како што е познато, Богески во одбрана на своето семејство уби крадец во неговиот стан во Белград.Сопругата изјави, дека тој во солзи и премногу вознемирен, влегол во спалната соба и кажал дека штотуку убил човек во самоодбрана. Премногу шокантно, за еден верник и мирен човек, (барем како што го опишуваат) Сашко.

Додека тој беше во притвор, неговите родители од Македонија веднаш се упатија во Србија. Татко му низ солзи за српските медиуми раскажуваше дека неговиот син никогаш се немал степано со никого, а доколку несреќникот што вечерта им влегол во станот побарал помош, Сашко сигурно би му помогнал.

Многу е важно што овие луѓе добија огромна поддршка од целата српска јавност.Таа всушнсот издејствува Сашко да биде пуштен од притвор и да се брани од слобода. Српските медиуми јавуваат дека, верувале или не биле собрани 40 илјади потписи и дека ова е еден од ретките случаи околу кој српскиот народ се обедини. Бројка за почит, нема што! По повод овој случај, во сите поголeми градови во Србија луѓето потпишуваа петиција за ослободување од притвор, но и за измена на кривичниот закон.

Кон петицијата се придружија и неколку блогери од Америка, но и луѓе од Македонија, БиХ и Хрватска.Семејството Богески изрази сочувство до семејството на крадецот. Тие се заблагодарија на огромната помош која ја добија од сите. Ниту самиот Богески не веруваше дека Србите на тој начин ќе се обединат за него.Најголем дел од коментарите на оние кои се потпишаа на петицијата е дека ниту еден закон не може никого да спречи да го одбрани приватниот имот, но пред се семејството.

Сега, откако е пуштен од притвор Богески треба секој први во месецот да се јави на полицијата и да не ја напушта Србија. По завршувањето на истрагата, повторно го чека судење.Според кажувањата на српските судии, убиството во самоодбрана во Србија е исклучително тешко да се докаже, а обвинителите се рестриктивни и во судската пракса често се толкува на штета на нападнатите.Па оттука се поставува прашањето дали случајот со Богески ќе придонесе и во менување на дел од Кривичниот закон кој се однесува на убиство во самоодбрана?

Убиениот разбојник Владимир Маниќ позади себе имал 50 кривични дела. Па излегува дека ако не можеше полицијата да си ја заврши работата и српското судство да му пресуди, „здрава нога во трн“ си стави овој нормален граѓанин на Србија, кој беше присилен на таков чекор.

Но фала Богу, што Србите се кренаа, па ги потегнаа и другите.Калимеро победи, барем засега!

Ете затоа овој наш северен сосед со ќеиф го ставив во ДОБРОСОСЕДСТВО. Зашто за овој случај, а посебно што станува збор за Македонец, навистина излегоа добри соседи.

patrisha@emagazin.mk

Црвено, бело или розе. Кое вино е најдобро?

Денес во светот постојат 3. 614 вински региони кои се одликуваат со различен тероар, стилови на вино и вински сорти. Обично ги разликуваме вината по боја (бело, црвено или розе и црно вино) – а бојата ја одредува бојата на зрната грозје. Во зависност од процесот на производство, виното може да биде негазирано или пенливо (газирано) кое обично го нарекуваме шампањ. Во прилог ви ги претставуваме трите видови на вино кои постојат и начинот на кој се произведуваат, а вие одлучете кое вино е најдобро?

vino-i-hrana

БЕЛО ВИНО

Белото вино е вино со жолтеникава боја. Овој вид на вино се произведува од необоено грозје или со користење на сок од грозје со црвена лушпа. Бојата на белото вино може да потекнува од неколку вински сорти. Белите вина се прават од гроздов сок или лушпи од грозје со зелена, златна или жолтеникава боја или само од сокот, но не и лушпите, од избрани сорти на црвено грозјето.Вообичаените едносортни бели вина вклучуваат ризлинг, семијон, совињон бланк, пино гри и мосел. Шампањот, пенливо бело вино, што потекнува од Франција, несомнено е најпознатото бело вино.

Зрелост на грозјето

Структурата на грозјето е многу важна, имајќи предвид дека овие параметри влијаат врз квалитетот на виното што ќе се добие од соодветното грозје. Зрелоста на грозјето зависи од стилот на вино што треба да се произведе, а грозјето вообичаено се бере на 11-13 Бомеови степени (што горе-долу е еквивалентно на процентот на алкохол, 11-13 vol%). Шардоне како сорта грозје има подобар квалитет кога е позрело, доколку е поважно да се добие покомплексен квалитет, наместо овошна арома и свежина.

vino-3

Берба на грозјето

Најдобро е грозјето да се бере рано наутро, кога температурите се ниски, со цел да се сочува нивната свежина, овошната арома и вкусот. За време на бербата се додава сулфур диоксид во форма на калиум матабисулфит, заедно со одредена доза на аскорбинска киселина (витамин C), за да се спречи оксидација. Грозјето брзо потоа се носи во винаријата (не повеќе од половина час), каде се подложува на квантитативна и квалитативна инспекција, по што следува двоење на зрната од петелкита и гмечење.

ЦРВЕНО ВИНО

Црвено вино е вид на вино направено од црвени сорти на грозје. Бојата кај црвените вина може да варира од интензивна виолетова, типична за младите вина, па се до цигла боја карактеристична за зрелите вина и речиси кафена кај постарите вина.

Бојата на месото на гроздовото зрно кај повеќето црвени сорти грозје е зелено-бела, додека црвената боја доаѓа од пигментите наречени антоцијани (познати и како каледантоцијани) кои природно ги има во лушпата од грозјето. Постојат исклучоци кај тентуриер (teinturier) сортите, кои имаат црвено месо на зрното и даваат вина со темно-црвена боја. Поголемиот дел од производството на црвено вино се состои во естракција на боја и ароми од лушпата на гроздовото зрно.

wine_tasting_of_red_and_white.67184400_std

Кога да се бере грозјето

Зрелоста на грозјето зависи од стилот на вино кое сакаме да го добиеме. Колку е позрело грозјето, толку виното ќе биде пополно, побогато со вкус и мирис и ќе содржи повеќе алкохол

Процесирање на грозјето

Првиот чекор во производството на црвено вино, по неговото берење, се состои од физичка обработка на грозјето. Берењето е рачно или со машина, и потоа грозјето се носи во винаријата во најразлични садови, па оттаму започнува процеост на негово гмечење.

По пристигање во винаријата, набраното грозје најчесто е мешавина од зрна или цели гроздови, дршки и листови. Присуството на петелките за време на ферментацијата придонесува за горчливиот вкус на виното, а целта на отстранување на петелките од грозјето е со цел да се одвои грозјето од петелките и листовите.

vino-540x320

 

Машините за отстранување на петелките се состојат од ротирачки перфориран кафез со дупчиња во облик на гроздовите зрна. Во внатрешноста на кафезот се наоѓа оска со рачки низ која гроздовите зрна поминуваат во дупчињата од кафезот, додека дршките и листовите се исфрлаат низ отворот на крајот од кафезот.

Откако ќе се отстранат дршките, грозјето се гмечи. Пресите за гмечење имаат два ролери, а празнината помеѓу нив може да биде најразлична според желбата на винарот, за да овозможи полесно или посилно гмечење, или воопшто да не дојде до гмечење.

Мешавината од зрна, лушпи и семе во оваа фаза е позната како гроздова каша (шира). Потоа гроздовата каша се пумпа во сад, вообичаено во иноксна или бетонска цистерна, или пак во дабов сад каде гроздовата каша ја започнува фазата на ферментација.

Најмодерните машините за отстранување на петелките и машините за гмечење се направени од не’рѓосувачки челик.

ws_Wine_1600x1200

РОЗЕ

Розé (од француски: rosé, познат и како rosado во земјите од шпанско говорно подрачје или rosatoво Италија) е вид на вино штоделумно има боја типична за црвеното вино, но едвај доволно за да стане розово. Розовата боја може да се протега во распон од бледо портокалова до светловиолетова, во зависност од грозјето и техниките за производство на вино.

Техники за производство

Постојат три главни начини за производство на виното розé: преку контакт со лушпи, saignée и мешање.Метод на добивање розе вино преку контакт со лушпи. Кога розé виното е примарен производ, тогаш се добива преку методот на контакт со лушпи.

Црнолушпесто грозје се дроби и лушпите се оставаат во контакт со сокот во еден краток период, најчесто од еден до три дена. Ширата се пресува, а лушпите се отстрануваат наместо да се остават во контакт за време на ферментацијата (како при производство на црвено вино). Лушпите содржат многу танини и други состојки, поради што структурата е налик на белите вина. Колку подолго лушпите се во контакт со сокот, толку поинтензивна ќе биде бојата на финалното вино.

glasses

Saignée

Розé виното може да се добие како нус-производ при ферментација на црвеното вино со употреба на техниката позната како Saignée (на француски крвави). Кога винопроизводителот сака да вметне повеќе танин и боја на црвеното вино, одредена количина од розовиот сок од ширата може да се оддели во рана фаза.

Црвеното вино што останува во бочвите се интензивира како резултат на крвавењето, бидејќи количината на сок во ширата е намалена, а ширата што ќе се подложи на омекнување е концентрирана. Розовиот сок што е отстранет може засебно да ферментира за да се добие розé.

kamelija@emagazin.mk

 

Сонот за просечната плата

Освен од затоплувањето и пролетната енергија што со себе ја носи март како месец, работниците годинава треба да бидат презадоволни и од тоа што мартовската просечна плата во земјава, според статистичките податоци, порасна за дури 384 денари во споредба со претходниот месец.

Сепак, забележително е дека во државава нема некаква еуфорија по повод најновите бројки и очигледно е дека задоволството од зголемувањето на примањата изостанува кај поголемиот број од вработените. Така е бидејќи во Македонија веќе од поодамна стана престиж да се зема плата еднаква на просекот и поголем дел од вработените можат само да сонуваат за неа.

ДРЖАВЕН БИЛДИНГ

Доколку Владата во изминативе неколку години не ја зголемеше платата на вработените во стоилјадната администрација, просечната плата ќе беше многу помала од сегашните околу 21.000 денари, или 350 евра. Доказ за тоа е што повеќе од половината од вработените во земјава земаат плата што е многу пониска од сегашниот просек. Најдобар показател за тоа е што само во преработувачката индустрија и во земјоделскиот сектор, каде што работат околу 245.000 граѓани, платите се движат околу 15.000 денари, што е за приближно 100 евра помалку отколку македонскиот просек.

Статистичките бројки, според кои просечната плата пораснала за речиси 400 денари за само еден месец не даваат реална слика за состојбата со месечните примања во земјава. Тоа не го дозволува методологијата за пресметка на просекот. Така, во некои сектори платите пораснале за по неколку илјади денари, додека во други платите се покачиле за едвај неколку денари.

СЕ ЖИВЕЕ ЛИ ПОДОБРО?

Иако на хартија просечната плата во изминативе години постојано расте, тоа не треба да води кон заклучок дека се подобрила благосостојбата на вработените лица и дека во земјава воопшто се живее подобро.

При анализирањето на платите мора да се земе предвид и колку се зголемиле основните трошоци за живот, односно цените на храната, на струјата, греењето и на другите комуналии, кои во изминатиов период пораснаа со многу позабрзано темпо отколку платите. Најпосле, стапката на сиромаштија во земјава, која изнесува околу 3о отсто, е најдобар показател за тоа како живее третина од населението.

ФОРМУЛА ЗА ПОРАСТ

Извесно е дека државата си најде формула да ги билда просечните плати и, според најавите, ваквата практика ќе продолжи и во иднина. Имено, веќе беше најавено до 2015-та година вработените во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платите од 21,3 отсто.

Така, ако се земе сегашниот износ на платите во администрацијата (околу 24.000 денари) како стартна позиција, извесно е дека платите на над сто илјади лица, колку што работат за државата, во наредните три години ќе се зголемат во просек за 5.000 денари и ќе изнесуваат околу 30.000 денари (500 евра).

Ваквото зголемување поради бројноста на администрацијата автоматски ќе се пренесе на просечната плата на ниво на држава за која нема да биде чудно ако порасне до сумата од 500 евра до 2015 година.

nikola@emagazin.mk

June 26, 2013

Аман, научете како се пренесува ХИВ!

Во 2012 година имаме 23 нови случaи на ХИВ/СИДА, што е најголем број од 1987 година до сега. Наспроти кампањите на невладините организации, пристапот до информации, едукацијата на населението сепак имаме поголема бројка. Според Андреј Сених од „Заедно посилни“ – групата за поддршка на лицата што живеат со ХИВ, која работи како автономно тело во рамките на здружението ХЕРА, зголемувањето на бројката може да се должи токму на зголемениот пристап до информации и поголема свесност за ХИВ и важноста на ХИВ-тестирањето.

„Значи, зголемената бројка не мора да значи и зголемена стапка на инфекција, туку само поголема стапка на откривање на случаите, што е и добро. Сепак, не сакам да го минимизирам значењето на оваа бројка. Напротив, таа покажува дека ХИВ е реалност и во нашата земја, и покрај тоа што Македонија сè уште е земја со ниска преваленца на ХИВ. Она што загрижува не е толку самата бројка, туку фактот дека голем број од новите случаи се откриваат кога веќе развиле сериозни симптоми, односно кога имунитетот значително им опаднал. Тоа е она што укажува дека луѓето во Македонија, за жал, не се откриваат навреме,“ објаснува Сених.

Но, носителите на ХИВ вирусот и заболените од СИДА кај нас имаат голем проблем, бидејќи им недостасува терапија. За шест месеци ова е втор пат целосно да се исцрпат резервите од некој лек. Првиот пат во јануари кога снемало друг лек. Носителите на вирусот и болните од сида се револтирани дека откако државата ја презеде обврската да ги обезбедува со лекови, нема континуитет во терапијата и проблемот се провлекува неколку години наназад. Во претходните години лекови се набавуваа со донации, преку Уницеф и Глобал фонд.

За да не ја прекинат терапијата носителите на ХИВ и болните од сида се солидаризираат и си ги делат таблетите. На ова, како што тврдат пациентите, се принудени кога ќе се појави недостиг од еден лек од тројната терапија со која вирусот и болеста се држат под контрола. Со ваков проблем тие се соочуваат деновиве.

„ Она што е најголем проблем во нашата земја е што достапноста на различни лекови за третман е многу ограничена во споредба со стандардите во Европа, но и во нашиот регион, а особено тоа што сè уште не е воспоставен стабилен и сигурен механизам за обезбедување на лековите, без ризик од недостатоци и од прекин во терапијата. Во моментов лековите не се обезбедуваат преку Фондот за здравствено осигурување, туку се буџетираат во посебна програма на Министерството за здравство. За жал, буџетот не се планира врз основа на реалните трошоци за лековите и е многу ограничен што доведува до проблеми при спроведувањето на постапките за јавна набавка, а и со набавките не може да се обезбедат сите потребни лекови. Оваа ситуација доведува до чести недостатоци на лекови, заоцнети набавки и сл. Само во послендите 6 месеци дури два пати се случи целосно да биде исцрпен некој од основните лекови, при што пациентите се принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат, што е апсолутно неприфатливо. Понатаму, додека кај нас досега биле достапни околу 8-9 лека, во речиси сите земји од поранешна Југославија на пример (Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна) има дури 15 лека вклучени во позитивните листи, што претставува еден неопходен минимум за успешен и долгорочен третман кај сите пациенти,“ обајснува Сених.

Терапијата за ХИВ претставува комбинација од неколку лека, обично три, но понекогаш и повеќе, кои мора да се земаат секојдневно и до крајот на животот. Многу е важно терапијата да се зема редовно и да не доаѓа до прекини, затоа што прекинувањето на третманот може сериозно да го намали успехот на лекувањето. Денес постојат лекови кои се земаат еднаш, до најмногу 2 пати на ден.

„Се разбира дека секојдневната обврска не е едноставен предизвик, но важно е дека луѓето кои примаат терапија можат нормално да прават се што правеле и пред ХИВ-инфекцијата – да работат, да спортуваат, да патуваат.. Исто така можат да планираат семејство и деца без значителен ризик за пренос на вирусот на децата, бидејќи со помош на терапијата овој ризик е сведен на помалку од 1 процент. Исто така, иако секогаш се препорачува користење на заштита при сексуалните односи, познато е дека терапијата толку ги намалува можностите за пренос на вирусот преку сексуален однос, што ризикот се смета за занемарлив,“ вели Сених.

ХИВ СЕ ПРЕНЕСУВА ПРЕКУ СЕКС И ТЕЛЕСНИ ТЕЧНОСТИ

Андреј вели дека дистинкција која вообичаено се прави во јавноста – имено, „болни од СИДА“, наспроти „носители на вирусот“ во денешно време не е многу издржана, особено во услови кога постои ефикасна антиретровирусна терапија. Ако зборуваме реално, самата ХИВ-инфекција, од  моментот на инфицирањето претставува едно заболување, кое може уште на самиот почеток, во акутната фаза да се манифестира со одредени симптоми, но кај многу луѓе може воопшто да не даде никакви знаци во текот на повеќе години. Но гледано медицински, вирусот постојано го уништува човековиот имунитет и од тој аспект, ХИВ-инфекцијата е заболување. Она што го нарекуваме СИДА е само напредна фаза на ХИВ-инфекцијата, која се одликува со многу намален имунитет и обично со присуство на симптоми предизвикани од други причинители – разни вируси и бактерии, познати како опортунистички инфекции.

„Но овие поделби не ни помагаат многу во разбирањето на природата на ХИВ-инфекцијата. Тие поделби имаат пред сè значење за докторите кои лекуваат ХИВ како и за епидемиолозите. Можам да ви кажам дека од аспект на едно лице коешто живее со ХИВ, самата подлеба на „носител на вирусот“ и „болен од СИДА“ нема никакво значење. Доколку човек навреме започне со антиретровирусна терапија, неговиот имунитет ќе се одржи во добра состојба, а вирусот ќе остане блокиран. Дури и лице коешто започнува со терапија во фаза на СИДА, па дури и при многу оштетен имунитет има огромни изгледи неговиот имунитет да се регенерира и да се врати во граници на она што е доволно. Оттаму, претпочитаме за ХИВ да зборуваме како за хронична состојба, која се менаџира и со која човек денес може да живее нормално, здраво и долго,“ вели Андреј.

Медикаментозната терапија на лицата е еден дел од приказната, но речиси подеднаков проблем е нивната маргинализација во општеството.

„Луѓето што живеат со ХИВ често се соочуваат со вакви ситуации и токму прашањето на стравот кај околината, на стигмата и на дискриминацијата е нивен најголем социјален проблем. Како што споменав и претходно, во рамките на дневниот центар на Клиниката за инфективни болести во Скопје, на лицата со ХИВ им се нуди психосоцијална поддршка која е од огромно значење за справување со предизвиците на живеењето со ова заболување. Како дел од оваа активност, се остварува и т.н. врсничко советување, односно разговор и поддршка од други лица со ХИВ кои имаат подолго искуство во животот со оваа состојба, а поминале и соодветна обука за тоа,“ објаснува нашиот соговорник.

Во поддршка на овие заболени еМагазин сака да информира дека „Заедно посилни“ организира и разни работилници и обуки за своите членови и сите заинтересирани лица со ХИВ, како и групи за самопомош, со цел луѓето да се зајакнат и да можат самите да се справуваат со секојдневните предизвици. Исто така, издава едукативни материјали наменети пред сè за луѓето што живеат со ХИВ и за нивните блиски. Сепак, „Заедно посилни“ делува и како здружение кое активно се застапува за остварување на сите права на луѓето со ХИВ во општеството, почнувајќи од пристапот до современа, квалитетна и постојана терапија, па сè до правото на пристап до сите општествени добра без дискриминација поради ХИВ-статусот.

И нека престанат луѓето да се плашат ако во нивна близина имаат лице со ХИВ вирус или заболено од СИДА, белким научија како се пренесува истата. Не со ракување и дишење ист воздух, туку преку телесни течности, спрема и крв.

patrisha@emagazin.mk

Постари вести »

Powered by WordPress