July 31, 2013

Алкалоид со добивка и 44 нови вработувања

Најголемата фармацевтска компанија во земјава и еден од нашите најголеми извозници, „Алкалоид“, првото полугодие од годинава го заокружи со нето добивка по оданочување во висина од 4,5 милиони евра, стои во неревидираниот консолидиран Биланс на успех на компанијата.

Вкупните приходи од продажба на компанијата, во првите шест месеци од годинава се 55 милиони евра.

Компанијата „Алкалоид“ во овој период вработила и 44 нови работници.

„Алкалоид„ АД е акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, Козметика & Билкарство; има фирмa ќерка: Алкалоид КОНС како и 13 подружници надвор од Македонија (во Србија, Црна Гора, на Косово, во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Романија, Украина, во Руската Федерација и САД).

Неодамна компанијата објави дека се шири и во Турција.

Компанијата има 1.400 вработени со доминантен капитал во сопственост на приватни акционери, од кои 5,05% се странски инвеститори.

petre@emagazin.mk

На работа те „дупат“, никој не ти помага

Во секоја компанија има по некоја будала што малтретира вработени и кога треба и кога не треба. Нивното однесување многу често наликува на онаа добро познатата, „заради кременадла, закла цел вол“. И најчесто се „закачуваат“ на оние кои се трудат, кои се вредни кои придонесуваат за компанијата. Но и некако логично, бидејќи нивниот труд и најмногу се гледа. Едно е кога некој ќе погреши да му се укаже на грешката, но друго е со однесувањето да се повредуваат достоинството, честа, угледот. Тој непријателски и понижувачки навредлив однос кај оној кој трпи создава страв, неспокојство, нарушување на здравјето, изолација и влошување на условите за работа, отказ или напуштање на работа.

Мобери, односно оние кои го вршат мобингот најчесто се претпоставените. Ги има еден или двајца во компанијата. Нивното однесување е неразбирливо и надвор од секаков здрав разум, од едноставна причина што со нивниот однос не постигнуваат ништо. Не ја зголемуваат продуктивноста, туку напротив. Ја намалуваат способноста за работа кај другиот и предизвикуваат огромна штета како индивудуална така и колективна. Му го создаваат она непоправливо чувство „нозете ми се враќаат кога наутро треба да станам за на работа“.

Со мобингот, кој според различни истражувања, најчесто трае од шест месеци до една година се создава таа отпорност кај оној врз кој се врши мобингот, што веќе ништо не може да го задржи на работа. Последната Анкетата за мобинг беше спроведена од страна на ССМ врз 1.114 испитаници во повеќе од 30 градови. Резултатите од работењето на Канцеларијата за мобинг во ССМ велат дека поради мобинг една компанија може да претрпи штета од 86.133.600 евра, но се смета дека истата е поголема. Тука се додаваат трошоците за рехабилитација, намалена продуктивност, санирање на последиците врз семејството, соработниците и односите во компанијата, трошоци при водење на судска постапка, така што штетата е поголема за трипати.

Според последното истражување за мобингот во Македонија коe се однесува за минатата година, а ситуацијата за годинава можеби е полоша, според полот повеќе мобинг трпат жените. Според возраста тие се од 41 до 52 години, а според работното искуство најповеќе се работи за оние со искуство од шест месеци до пет години.

Последици од ваквиот однос имаат дури 95,3 отсто. Мобингот има штетно влијание на семејството и приватниот живот, но и на работата и работната способност. Најголем дел од нив не бараат никаква стручна помош, но исто така и не поседуваат медицинска документација за последиците што ги имаат. Проблем е што оние што се „џелати“ во компанијата, не оставаат материјални докази односно „душата не ти ја вадат“ со факс или меил туку со „памук“.

СО ЗАКОН ЗА МОБИНГ 5.000-6.000 ЕВРА КАЗНА

Резултатите од анкетата на ССМ за Македонија се поразителни. Мобингот и тоа како е распространет, но во судска постапка се само неколку случаи на мобинг, за кои не е донесена правосилна судска одлука. И покрај тоа што пред три години имаше надополнување на Законот за работни односи за регулирање на мобингот, тоа немаше никаков ефект.

За оваа проблематика неодамна се огласи и Владата која донесе предлог-закон за заштита од вознемирување на работно место-мобинг. Во Законот, кој за првпат ќе се донесе во Македонија се дефинираат правата и обврските на вработените и работодавници за заштита од вознемиреност на работно место.

Како што објасни портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев во законот точно е дефинирано што се смета за вознемиреност.

„Доколку едно лице во работната организира е психички или полово вознемирено од друго, тоа треба писмено да го извести работодавецот кој потоа треба да поведе интерна постапка. Доколку вработениот е вознемируван од колега треба да го извести работодавецот, а тој треба да поведе постапка и да назначи еден вработен-медијатор кој ќе се обиде да ги смири. Постапката трае 15 дена е тајна и има два начина да се реши, со успешно или неуспешно посредување.Aко интерната постапка заврши неуспешно, лицето кое било вознемирувано има право да поднесе тужба. Доколку едно лице вознемирува колега му се дава дисциплинска препорака, ако во рок од шест месеци лицето продолжи да се однесува исто како претходно, тогаш работодавачот може да му даде отказ,“ објасни Ѓорѓиев.

Вториот случај е кога работодавачот го врши мобингот тогаш работникот може да го даде на суд претпоставениот. Општите правила бараат вработените да се однесуваат коректно и да ги извршуваат своите работни задачи, а дефинирано е и што не се смета за вознемирување на работното место.

„За вознемирување не се сметаат актите и останатите документи, правила и насоки што ги носи законодавецот во врска со извршување на работните задачи врз основа на закон, не се сметаат разликите во мислењата, толкувањата, различната аргументација во однос на одредени прашања што постојат врз основа на слободно мислечката активност на луѓето што работат и не се сметаат активностите на друг вид дискриминација што се бранат со други закони независни од овој“, рече Ѓорѓиев.

Глобите изнесуваат од 5.000 до 6.000 евра за работодавачот доколку не превземе мерки да го спречи мобингот и дополнителни 3.000 до 4.000 евра за директорот во рамките на работната организација, како и од 1.000 до 2.000 евра доколку се работи за физичко лице.

По дефиниција мобинг е притисок врз вработените, или психолошки терор на работното место. Се состои во непријателска и неетичка комуникација, најчесто врз поединец, кој е ставен во состојба на беспомошност, без можност да се брани. Состојбата може да се одреди и како систематска и организирана кампања, со цел одредено лице да се избрка од работа. Изразот е инаку кованица од два англиски збора: моб, што значи бараба, неранимајко, и мобиш, што значи грубо, простачки, вулгарно. Зборовите се сосем прикладни, затоа што од морален аспект мобингот е враќање кон дивјаштвото и кон животинскиот морал.

patrisha@emagazin.mk

 

Имам две канцелари и два дома

Снежана Јовановска, сопственичката на туристичката агенција „Орфеј“, како што вели има две канцеларии и два дома.

„Првата канцеларија ми е улицата или поточно кабрилотетот кој го возам веќе 15 години, а втората е лоцирана во центарот на градот во близина на Порта Македонија, каде се наоѓа седиштето на првата туристичка агенција во Македонија, уште од времето на бивша Југославија и која е лидер и травел мејкер за сите ексклузивни и уникатни патувања низ целиот свет„, вели Јовановска, која важи за прва жена претриемач на овие простори.

Нешто од што не се дели никаде е парфемот „Angel“, на Тиери Муглер.

„Го користам веќе 20 години и тој заедно со кабриолетот, плавата коса и најубавите штикли се мојот препознатлив печат. Немам своја муза. Инспирација сум си самата…„.

Прво нешто што ќе ви падне во очи се многубројните награди и признанија за нејзината досегашна работа.

Во 23 годишното постоење на агенцијата, Јовановска, добила неколку домашни и странски награди, меѓу кои се признанијата за Личност на годината на магазинот „Семеен магазин„, во 2000 година, светското признание од Лондон за лидершип и квалитетен менаџмент на светско ниво во 2006 година…

„Секако дека сите овие признанија ми се драги и дел од нив ги чувам во канцеларијата“, вели Јовановска.

На нејзиното биро, меѓу бројните награди и признанија е и подарокот од починатиот претседател на Македонија, Борис Трајковски, книгата на Џими Балдини, во која заедно со ѕвезди од типот на Наоми Кембел, Клаудија Шифер е спомната и таа, како бизнисменка која го донесе брендот Балдини на Балканот.

Тука се и многубројните призанија од нејзините бизнис ангажмани како претседател на здружението Жени бизнис лидери и како претседател на Здружението за туризам, угостителство и кетеринг при Стопанската комора на Македонија.

На работа доаѓа обично околу 10 наутро, но бидејќи е зависник од работа, не знае за крај.

„Целиот мој животен стил е работа. Работам од 19 години…“

Бидејќи во тек се годишните одмори, неизбежно со Јовановска беше да ја отвориме и темата за овогодинешната туристичка сезона.

„Оваа сезона е најслаба, кризата е многу голема. Средната класа исчезнува. Граѓаните се научија да летуваат пред сезона и се поместува топ сезоната„.

Оваа сезона хит се крстарењата по Медитеранот, грчките острови, Дубровник…, но и дестинации како Куба, Бахами, Мајами…

„Грција е најбарана дестинација. Се бара летување околу Солун и на Халкидики. Наши бизнисмени таму веќе имаат купено убави апартмани, некои и јахти…Се создава една сосема нова класа со нови барања. Грција станува и викенд дестинација…“.

petre@emagazin.mk

Со премиерите сум во добри односи, откако ќе си заминат од функција

Детството на доајен на македонското новинарство, Ерол Ризаов е поврзано со Кочани и со Скопје.

„Многу добри спомени ме врзуваат со Кочани. Потекнувам од беговска фамилија, дојден на овој свет кога ги поминува најтешкитe премрежија. Не видов и не наследив ништо од нејзиното богатство, ама наследив многу од беговштината. По 1945 година целиот голем имот на моето семејство создаван од повеќе генерации е одземен со револуционерните закони и е национализиран.

Од татко ми Сами бег уште како мал ја научив филозифијата: како е да се има и да се нема. А, од мајка ми Зада, нашата Шехерезада ја наследив љубовта кон луѓето без оглед на нивната различност. Нашата куќа, пандан на убавите охридски куќи слична на онаа на Робевци била запалена од Германците, а имотот национализиран од државата… Ете така почнал нов живот бегот и во таков миг јас им ја приредив првата радост„,  раскажува Ризаов.

Раното детство и образованието го започнува во Кочани. Се сеќава на првата учителка, Даринка Романова, со која се сретнал неодамна и за која вели дека му ја дала не само писменоста, туку и љубовта кон книгата.

DSC_2179

„На осум годишна возраст мојот татко ни ја соопшти својата тешка одлука, што ја узнав по неговите замаглени очи. Рече се селиме во Турција. Таа најава ја доживеав многу болно. Се сеќавам дека со денови плачев и ништо не зборував. Го открив виновникот во нашето радиo. Во целото маало имавме само ние радио на што ни завидуваа, а јас го замразив радиото. Татко ми секоја вечер го допираше увото на  радиото и го слушаше „Гласот на Америка„ … Уште во глава ми е загорздавениот глас на Грга Златопер. Вестите почнуваа со „овде је глас Америке, говори Грга Златопер..„, сите молчевме додека татко ми се претвараше во уво. Се некако ми се чинеше дека од таму стаса наредбата да заминеме во Турција, што секако не е вистина, бидејќи подоцна точно ги открив мотивите на татко ми да го слуша „Гласот на Америка„.

Сосема други беа причините што илјадници Турци масовно и со плачење во траурна атмосфера ја напуштаа татковината и се иселуваа од Македонија во Турција. Испраќањата и разделбите со родното огниште беа тажни со многу солзи. Таа тема остана неистражена во Македонија, иако мислам дека тоа иселување остави трајни негативни последици во Македонија. Се уште е нејасно зошто си заминаа Турците и кој ги поттикна да се селат толку масовно…

Овие настани со разделбите и плачот на кочанската железничка станица имаа длабоко влијание врз формирањето на мојата личност уште од детските години. Но, ме радува тоа што тие луѓе и нивните потомци и ден денес ја негуваат огромната љубов кон родниот крај. Можам со мирна совест да кажам дека Турците од Македонија се најлојалната македонска емиграција. Тие никогаш нема да те прашаат од која партија си, за кого си, туку ќе те прашаат од каде си, за нивните пријатели, комшии, ќе те прашат за ливадите, реката, за мостот.

Еднаш еден кочанчанец во Измир ме праша дали уште стои кладенецот кај Башчел`кот кај Кочани. Се засрамив што не знаев да му кажам. Она на што сум многу благодарен на татко ми и на мајка ми е што никогаш не не воспитуваа, мене и моите двајца браќа да мразиме, не ни всадија горчина за одземените имоти…“.

За негова среќа сепак не заминуваат во Турција, туку во Скопје.

„Во Скопје по втор пат на своја кожа ја почуствував различноста. Во училиштето „Коле Неделковски“, каде не префрлија по „Његош“, пак ја осознав трагиката во детската душа за различноста и за етничката посебност. Но за среќа таму беше нашата учителка Наталија Груевска, извонреден педагог, која знаеше да ги урамнотежи работите и да ни укаже дека сите сме исти… Првпат кога почувствував дека сум нешто друго, нешто различно, што јас не можев да го видам, беше кога во Кочани со децата од училиштето „Раде Кратовче“ бевме на кино. Го гледавме чинам Мис Стон. По завршувањето на филмот неколку другарчиња ми се нафрлија да ме тепаат, затоа што Турците биле толку лоши. Тие удари многу ме болеа, веројатно не затоа што беа силни детските тупаници, туку затоа што беше почуствителна детската душа, да прима удари од тие што ги сака. Моите родители брзо ги залечија овие рани. Тие секогаш ми велеа важно е ти да учиш добро и да си чесен. Во тој дух бев воспитуван. И јас и моите браќа. Но, секако дека и овие настани ја формираа мојата личност„.

Во 1962 година фамилијата на Ризаов се сели од центарот на градот во скопската населба Автокоманда, каде во тоа време се градат првите современи згради заедно со изградбата на скопска Железара.

„Имавме стан од близу 60 квадрати со два балкона, што за тоа време беше луксуз. Имав дури и своја соба. Многу луѓе ја немаа таа среќа. Во Автокоманда во 30-40 квадрати метри живеаа и по 2-3 семејства, главно бегалци од Егејска Македонија. Автокоманда драматично ми ги покажа сите социјални разлики. Тешко можев да разберам зошто тие луѓе живеат како во гето и зошто се толкави разликите меѓу Центарот и ова работничко преградие.

Иако рака на срце и во центарот на Скопје немаше бог знае каков луксуз, ама разликите беа евидентни. Овие социјални разлики и нови сознанија почнаа во мене да создаваат еден критички однос кон општеството. Почнав да ги чувствувам неправдите на еден друг начин. Скопје не беше толку идеален и урбанизиран град, како што можеме да прочитаме денес од прекрасните текстови на вљубениците во главнот град кој јас ги сакам како четиво за рилакс и како жал за младост, но добро ја знам и паметам  другата страна на медалот.

Во речиси секоја куќа во Центарот на Скопје имаше кираџии, со станарско право, кои плаќа кирија во вредност на една кутија цигари. Газдата на куќата колку и да е голема имаше одвај едно собче и купатило. Во подрумите живееја илјадници семејства. Градот наликуваше на поголема паланка со затворен и конзервативен јавен живот.
Летно време облаци од прав и роеви муви, а есен кал до гуша и кочан студои, снег до колена. Во сите дворови ќенефи и познатиот удар на сетилата од отворените геризи. Само големите „богаташи“ имаа тоалети и купатила во куќите.
На чаршија кога одеа луѓето навлекуваа над чевлите таканаречени „каљачи“ за да ги сочуваат од батак.

Сепак од Автокоманда и од училштето „Стив Наумов“ носам добри спомени и ден денес ја обожавам оваа населба од каде што неодамна се пресели мојата мајка во рајот. Таа замина, а јас се доселив во своето старо маало. Една слика од тој период на детството е неизбришлива и тема на моите недопишани и необјавени раскази. Пред единствената фурна од шест часот наутро се редеа луѓе да го чекаат лебот. Од едната страна стотина постари жени, а од другата стотина мажи. Молкум чекаа да стаса лебот. Пешниците црн леб од два килограми излегуваа жешки од фурната во два часот попладне. Луѓето купуваа по пет шест леба, да се прехранат. Ете тој идеализиран град во сегашните разгледници имаше и една друга потемна страна која јас ја гледав секој ден. Градот се урбанизираше и заличи на современ град по земјотресот.

Но, Скопје може да се сака како што и јас го сакам и од двете страни и од светлата и од темната. Не знам дали некогаш ќе успеам да ги засакам зданијата што сега ги sидаат, на тие што мислам дека го сакаат повеќе од нас Скопје што го сакаме од двете страни. Не верувам дека ќе ми се видат убави туѓите бои кои со нашето поднебје немаат абер„.

Во гимназија уште повеќе го насочува својот фокус и интереси за разните форми на критички однос кон центрите на власт и моќ. Се запишува во „Цветан Димов“, некогаш престижната машка гимнанзија.

„Во тоа време веќе ги стекнав првите другари и се чувствував како вистински Скопјанец. Почнав да ги откривам книгите и да ги голтам големите светски класици, но и дисидентите на тоа време. Особено ме воодушевуваше Солжењицин.

Младината во тоа време имаше ретка прилика да дебатира и да расправа за случувањата во земјава. Но сепак одвреме навреме се случуваа и такви расправи и покрај тоа што беше на власт една партија. Читавме покрај македонски, српски, словенечки и хрватски медиуми и книги кои сугерираа дека јунакот на новото време е тој што се спротиставува на неправдите. Тогаш во бибиотеките имаше весници и чинам многу повеќе луѓе отколку сега. Сакам да верувам дека е тоа така затоа што во компјутерите сега има повеќе книги отколку во сите бибилиотеки во Скопје.

Неисе, ги сакав моите професори во гимназија. Начинот на предавање на некои од нив излегуваше од шемата. Таква беше професорката по историја, Елисавета Иванова, која повеќе предаваше и испрашуваше зошто се случиле одредени историски настани, а не кога и како се случиле…Професорката по филозофија, Гордана Ѓурчинова, повеќе предаваше што сакале да кажат и Кант и Спиноза, и Маркс и Енгелс, отколку што кажале. Како е тоа Демокрит само врз основа на размислување да тврди дека светот се состои од атоми, зошто некој до измачување не сакал да прифати дека сонцето не се врти околу земјата, колку Ајнштајн е филозоф, а колку математичар. Е, тоа беа професори, или пак можеби јас идеализирам, како што Данило Коцевски го идеализира Скопје и ми прави ќеф, иако не секогаш е така„.

Во тој период Ризаов е ориентиран токму кон историјата, а покажува и голем интерес за уметноста. Од новинарството се уште нема никаква трага, иако се повеќе го негува критичкиот однос кон нештата.

„Додека бев на екскурзија низ Југославија, во Белград во 1968 година, станав, (тогаш мислев сосема случајно) два дена дел од студентските протести. Голем шок беше за мене на 18 годишна возраст да видам такво нешто. Со еден другар избегавме од Домот на Геолошкиот факултет каде што бевме сместени и каде што го следевме европското првенство во фудбал што се одржуваше во Италија. Заминавме божем кај роднини, право на Праваниот факулет кај Вуковиот споменик, чинам беше. Кога ја видов таа слика на полицајци во шлемови и студенти со пароли: „Доле црвена буржуазијо“, „Чија деца студирају у иностранство“, „Не читајте штампу, штампа лаже“, бев како хипнотизиран. Ги паметам моите солзи на гнев кога ги видов постарите белграѓанки како им делат сендвичи на студентите.

Бев горд што сум таму. Тие за мене беа големи херои. Дури по поминати десет години од тие демонстрации сфатив дека студентите биле злоупотребени од левите струи, но тоа е една сосема друга приказна со која се соочив на возбудлив начин многу подоцна. Тогаш се уште не размислував за новинарството како форма да ја остварувам својата желба за поголема правда и за поправеден свет, што ги  носев и што се уште ја носам во себе. Некако имав голем респект за таа професија и по дифолт мислев дека јас тоа не би можел да го работам. Иако омилени ми беа „Нин“ и „Политика“ и „Нова Македонија“.

Постепено се повеќе навлегува во мистичниот и егзотичнит свет на уметноста и го проучува времето на фовизмот, импресионизмот, кубизмот, надреализмот.. Брак, Пикасо, Модилјани, Матис, Утрило…Одлучува образованието да го продолжи на Филозофскиот факултет, на отсекот општа историја со историја на уметност и почнува со изучување на старо турскиот јазик.

„Имаше многу документи од осмалинско време кои не беа дешифрирани. Со тек на време одлично го совладав јазикот под менторство на професорот, познатиот ориенталист Методија Соколовски, кој на крај ми понуди и да останам како асистент на факултетот, но тоа не се случи. По враќањето од војска решив да бидам новинар. Се уште не знам на моја среќа или несреќа. Некогаш резигниран и огорчен си велам подобро да работев по правливите архиви. Повеќе полза ќе имаше општеството отколку од моите шкрабаници и критики. Некогаш пак сум убеден дека не сум погрешил во изборот. Нема повозбудлива професија од пилот на суперсоничен авион и од нуркач на океанските длабочини и од професионален новинар. Само што пилотот и нуркачот летаат и нуркаат одреден број часови во текот на месецот, а новинарот и лета и нурка се додека пишува и му работи мозокот„.

Битно влијание врз развојот на неговата личност, како што вели имало и служењето војска и учеството на младински акции.

„Штета е денес што нема служење војска. Во војска се надминуваа социјалните разлики и се стануваше вистински патриот„.

Служи војска во Словенија во Шкофја Лока во командоска единица. Како граничар неколку пати се сретнува со заробените турски и курдски емигранти кои нелегално ја поминувале границата.

„Тоа беа исплашени луѓе. Мислеа дека ќе бидат стрелани. Првото среќавање со мене, топлиот чај и јадењето кои им го давав им го топеше стравот. Тоа беа економски емигранти… Тој страв во очите на децата и жените, таа надеж  да се обезбеди подобар живот на семејството, тие мои пријателства со тие луѓе оставија трајни траги и мерила да се почитува туѓата мака, да се биде човечен“.

По враќањето од војска е решен да стане новинар. Прво се обидува да се вработи во весникот на турски јазик „Бирлик“ и турската редакција на МРТВ.

„Не успеав да влезам таму, бидејќи по разговорот со мене, уредниците Неџати Зекирија, кој за мене беше Планина, нешто недостижно, и Исмаил Исмаил, директор на турската програма на МРТ, просто инсистираа да не се ограничувам и да побарам работа во македонски медиуми. Независно еден од друг сметаа дека многу повеќе ќе постигнам во македонски медиум, со јасна назнака дека за мене се отворени вратите кај нив кога сакам. Со препорака на директорот на Заводот за заштита на споменици, Драги Тозија стигнав во „Нова Македонија„„.

Таму останува цели 25 години. Почнува со градска рубрика, или како што вели со извештаи за цените на пазарите и дали светат сијалиците на уличните бандери. Стигнува до највискота уредничка позиција. Во текот на овие години работи и како помошник на главниот уредник и шеф на деск, заменик главен уредник и на крај како одговорен уредник на весникот.

„На почетокот бев во еден романтичерски занес на освојување на професијата. Принципот на работење по многу нешта се разликуваше од тој денес. За да станеш коментатор или да пишуваш анализи требаше прво да изградиш име и презиме… Со тек на време сфатив дека храброста на новинарот не се крие во јавното напаѓање, и особено не во тешките и остри зборови, туку во аргументацијата за неопходност од промени и во аргументираната критика на злоупотребата на власта и моќта. Слободно новинарство имате само кога критиката има разврска, кога медиумите влијаат нештата да се променат или носителите на грешките да се повлечат од функциите…Основната работа на еден новинар е да се спротистави аргументирано на злоупотребата на власта, на центрите на моќ, објективно да информира, а не да креира политика и партиски да арбитрира„.

Периодот додека е во „Нова Македонија„ е време кога се случуваат историски промени во поранешна Југославија.

„Можам слободно да кажам дека во периодот од 1985 до 1996 година медиумите, иако беа малку, имаа голема би рекол историска заслуга за отварање на патот на мирни промени, без крв и насилство. Создававме амбиент на мирно и цивилизациско примопредавање на власта. ЈНА да замине без испукан крушум, без ниедна жртва, а повеќепартиските избори и закони да ги подготви последната влада под влијание на новите демократски сили што се појавија во општеството.

Во еден период бев дел од тимот на новинари на Анте Марковиќ. Дали можете да замислите дека бевме ангажирани да ги криткуваме владините политики, но и да ги објаснуваме позитивните и негативните последици од промените, кои не беа малку и безболни. Во Македонија промените обично доаѓаа од Север… Но, исто така, подоцна покрај оваа позитивна придобивка медиумите имаа и голема негативна улога во разгорувањето на војните на просторите на бивша Југославија…Тоа е голем срам на тогашниот журнализам и политика„.

Во 1999 година ја напушта „Нова Македонија“.

„Не можев да работам по партиски директиви. Јас сум критичар на секоја власт, еден од неколкумината  кои тоа го прават повеќе години  во континутет. Јас не го менувам ставот поради партиски и владини нарачки и коњуктурност.

Читателите кој од поодамна ме читаат, добро знаат кој сум. Мојот критички однос политичарите и нивните послушници  често го злоупотребуваат и за да ја неутрализираат острината и сугестивноста, па ми препишуваат разно-разни политички определби.

За СДСМ кога беше на власт, важев за близок до Либералите на Андов, бидејќи бев редовен критичар на владата и на премиерот Бранко Црвенковски. Интересно ваквите подметнувања ми беа правени и кога Либералите и СДСМ беа во коалиција. Подоцна Либералите пуптија подземно во оптек дека сум близок на олигарсите.

Потоа станав Турчин кој треба да се исели во Турција, па бев грчки платеник.
Уште не сум прогласен за вмровец, иако имаше периоди кога некои загрижени за хигената на СДСМ ми пуштија абери дека зад барањето оставки на Црвенковски се кријат и други мои интереси.

Да бидам искрен, последните 7 години, откако е ВМРО ДПМНЕ на власт со Црвенковски се имам сретнато 2 или 3 пати, а со Груевски само 5-6 пати, што не е добро за еден критичар на власта. Се разбира во крајна линија ова ништо не мора да значи.

Ги почитувам луѓето што се определиле за политика и за одредена партиска припадност. Но, зошто тие луѓе на кои јас им почитувам партиската определба, мене не ми се даваат право да не припаѓам на ни една политичка партија?…

Со сите премиери имам добри односи откако ќе си заминат од функцијата. Додека се на функција нашите релации не се баш пријатни, а често и многу затегнати. Не ми е јасно зошто е така, бидејќи јас сум убеден дека моите критички опсервации не им наштетуваат, дури дека им користат.„

Длабоко верувајќи во идејата за слободно и професионално изразување, во 1999 година со група колеги го основа дневниот весник „Утрински весник“.

„Тоа што не го сфатија во „Нова Македонија“ кога почна партиската чистка е дека најголемиот капитал се луѓето, не зградата или трафиките.

„Утрински весник“ го основавме со голема верба во слободното изразување и на пазарот донесовме нови стандарди, до тогаш нетипични за македонскиот журнализам. Поради нерегулираниот пазар и стапувањето на телевизиите во сојуз со власта, поткрепен со субвенции и реклами, Утрински, заедно со „Вест„ и „Дневник“, се приклони кон заштита во големата германска компанија ВАЦ, со идеја дека ќе бидеме побезбедни на се поопасниот медиумски пазар. Така и беше.

Германците немаа никакви интервенции во уредувачката политика. Нив ги интересираше профитот. Пет-шест години имаа добар профит на големо задоволство на сите. Но, на крајот поради нерегулираниот пазар и влијанието на политиката врз медиумите, ВАЦ реши да се повлече од Македонија и Балканот…“.

Веќе извесно време не е директор, или главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, но остана во весникот како уредник-коментатор. Неговите колумни, напишани со дух и голем ентузијазам, (типични за помлад новинар) последниве месеци станаа вистински хит на социјалните мрежи.

„И до мене стигаат гласовите дека моите колумни се зрак на светлина. Новинарите не треба само да ги читаат, туку и да ги одработат до крај, бидејќи во нив има појдовни точки за повеќе истражувачки теми. Но, ги разбирам и новинарите. Денес е тешко да се реализира истражувачка тема која нема да и се допадне на власта, а уште потешко да се објави.

Од секогаш сум сакал да оставам пишана трага како и други мои колеги за еден ден наредните генерации да видат  дека имало некој што рекол НЕ за одредени, длабоко сум убеден, погрешни потези.

Најтажно од се е дека најголемите авторитети во државата  молчат за многу работи. Не знам можеби тоа значи дека ја одобруваат оваа насока по која оди Македонија. Ако е така редно е тоа и гласно да го кажат. Во мојот романтичерски занес на почетокот на кариерата имав можност да запознаам и да се дружам со плејада прекрасни и големи личности кои извршија силно влијание врз оформувањето на мојата личност и работа. Од писатели, артисти до уметници. Сите ми беа на дофат, од Блаже Конески, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Луан Старова, Матеа Матевски, Бранко Варошлија, Жоро Божиков, Мазев, Чемерски, Митко Манев…. Сите тие силни творци и нивните дела  има големо влијание врз мене.

Потоа доаѓа една цела плејада големи новинари чии имиња не сакам да ги набројувам во оваа прилика да не испуштам некој. На нивната школа и целосна новинарска припадност се потпира моето пишување и уредување. Нивните професионални норми и виосокоетички и морални кодекси се денес недостижни, кој што сака нека каже„.

Големо влијание врз неговата личност, како што вели имале и многубројните патувања.

„Воодушевен сум од Јапонија. Бев во САД, Канада, Кина, Англија, Турција, Унгарија, како гостин на нивните влади. Имав патувања низ целиот свет, кои не се карактеристични за еден типичен внатрешно политички новинар, кои ми отворија   многу нови светогледи.

Открив дека и тие земји пред неполни 100 години или покусо време, ги имале истите проблеми. Но, ги надминале на начин, кој ние не можеме да го примениме. Имале во еден клучен период големи и храбри државници. Не научивме да се учиме на грешките на другите, туку се давиме во сопствените грешки, повторувајќи ги по неколку пати. Убеден сум дека Македонија ако не се европеизира и не влезе под чадорот на НАТО ќе исчезне. Македонските политичари и интелектуални и деловни елити, па ако сакате и граѓаните имаат историска одговорност да го спречат тоа. Ако не успеат заслужуваме да не нема„.

Ризаов имал интервју со германскиот канцелар Герхард Шредер, со полскиот претседател Лех Валенса, со турскиот премиер и подоцна претседател Тургут Озал, со Сулејман Демирел, Месуд Илмаз, Милан Кучан, Јанез Дрновшек, Јанез Јанша, Стипе Месиќ, Мило Ѓукановиќ, Киро Глигоров.. Од македонските премиери, само премиерот Никола Груевски одбива да му даде интервју, вели Ризаов.

НАШЕТО МЕНИ

Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со Ризаов се определивме за туна салата и Капрезе.

petre@emagazin.mk

July 30, 2013

Тајната на успехот ја имаме само ние, се друго е инспирација

Сите ние водиме различни битки, но она што треба да не спојува сите нас е тоа дека се бориме, дека не се предаваме и дека ќе победиме. И токму тогаш во тој момент кога се креваме наместо да паднеме. Тоа е моментот кога сме на врвот, вели Коста Петров е еден од најмаркантните професионалци во маркетингот и ПР-от во Македонија. Основач е и извршен директор на можеби најголемиот македонски бизнис-бренд во глобални рамки – компанијата “The P World“. Работел на многу проекти што од маркетинг, што од ПР што од ТВ браншата. Тој во интервју за еМагазин зборува за својата книга “Се гледаме на врвот„ преку која стана претпознатлив на пошироката јавност и во која го преточи сето свое приватно искуство, за патот кој го поминал за да успее да го оствари својот сон и за мотивот да се занимава со оваа професија.

301862_10151160153792041_616634258_n

Иако во бизнис и маркетинг круговите си познат подолго време, она по што македонската јавност те препознава е книгата „Се гледаме на врвот“ која ја промовираше на почетокот на годината и која стана една од најпродаваните книги. Како Коста Петров стигна на врвот?

Петров: Сите ние сме на врвот. На сите нас во секој момент од нашиот живот ни се понудени две можности- хаос или среќа. Ние најчесто го бираме хаосот. Со овој избор само внесуваме негативности во нашиот живот. Толку често ја бираме оваа можност што веќе сме заборавиле дека постои и една друга реалност- реалноста на среќата. За мене врвот не е позиција ниту пари ниту место. Врвот е во мојата глава. Врвот е изборот кој секојдневно, во секоја секунда од моето постоење, јас го правам. Токму поради тоа книгата се вика „Се гледаме на врвот“. Тоа е единственото место на кое сите ние треба да се сретнеме и кон кое треба да се стремиме.

Кој е фид- бекот од читателите. Дали сметате дека успеавте со книгата да ги мотивирате оние кои што ја прочитале да превземат акција и да се соочат со стравовите?

Петров: Секојдневно добивам безброј пораки од луѓе на кои книгата им го променила животот. Ме радува тоа. Но, не треба само да бидеме инспирирани. Треба и да ја започнеме борбата. Често пати кога ќе прочитаме некоја книга, инспирирани сме неколку дена и потоа се по старо. Ќе постираме неколку статуси и толку. Книгата е инспирација за борбата, но борбата треба да ја водиме сами. Сите ние водиме различни битки, но она што треба да не спојува сите нас е тоа дека се бориме, дека не се предаваме и дека ќе победиме. И токму тогаш во тој момент кога се креваме наместо да паднеме е моментот кога сме на врвот.

Кои се основните правила кои ги практикувате и во приватниот живот и во работата?

Петров: Тоа што ќе го посакаш, тоа и ќе го добиеш. Со секоја наша негативна мисла ние креираме негативна реалност. Мора да се промениме, не постои друга можност. Единствен начин да го живееме вистинскиот живот е да се промениме. Не сме тука на оваа планета да патиме ниту да се жалиме. Нашата цел е да ги научиме животните лекции и да се трансформираме. Од преживување до живеење, тоа е моето мото!

Долги години успехот го баравте надвор од земјата, но сепак повторно се вративте во Македонија. Што беше клучно да донесете ваква одлука?

Петров: Тоталниот колапс на се што верував и се што сум градел. Тоа ме натера да се вратам. Се врзав за некои работи кои мислев дека значат успех. Но, не биле успех и ги изгубив. Можев да го одберам полесниот пат и да останам таму каде што бев, но научив една лекција. Полесниот пат не води само во нова комфортна зона и нов хаос, а тоа веќе не можев да си го дозволам. Решив да започнам од ново токму од местото во кое борбата изгледа најтешка. Не се каам.

457_10151070089407041_1662813433_n

Повеќе сте познат во регионот отколку кај нас. Јавноста ве памети по Агенти на промени, по гостувањето на Алистер Кемпбел… Настаните кои ги организирате се спектакуларни и уникатни. Дали тоа е она што ве прави посебно успешни?

Петров: Успешни не прават контактите со моќните бизниси и луѓе. Без нив никогаш немаше да можеме за само три години да функционираме како лидери во 30 различни земји. Заедно со мојот тим, во моментот кога ни ги затвараа вратите и не ни веруваа дека компанија од Македонија може да прави такви настани, ние бевме издржливи и верувавме во нашиот сон. И тој сон не само што е наша реалност, туку и начин на живеење. Апсолутно бевме сигурни во нашиот успех.

Што научивте од големите имиња со кои досега сте соработувале. Колу нивната приказна, амбиција и начин на размислување ги променија и надградија вашите ставови?

Петров: Најголемата лекција што ја научив е дека не треба да се стремиме да бидеме како нив. Не треба целта да ни биде да бидеме Трамп или Бренсон. Тие го изоделе нивниот пат. Сите ние имаме исти стартни поени. Но, нашата цел не треба да бидеме како нив, туку треба да го максимизираме она што ние го имаме во нас. Кога еден ден се ќе заврши, нема да ме прашаат зошто не беше како Трамп. Ќе ме прашаат, зошто не беше Коста и зошто не го направи тоа што Коста требаше да го направи.

429898_10150581563777041_1976968667_n

Што ве мотивира да се занимавате со оваа професија?

Петров: Можноста да го промениш светот. Да ги инспираш луѓето да веруваат во себе и дека не постои невозоможен сон. Носејќи врвни експерти во земји кои претходно биле игнорирани од светската јавност ме научи дека ние секогаш мислиме дека тајната за успехот ја чува некој друг, од некоја поразвиена земја. Но, не е така. Тајната на успехот ја имаме само ние. Барем за сопствениот успех. Се друго е само инспирација.

Вашата компанија Пи Ворлд функционира на три пазари. Скопје, Дубаи и Прага. Како успевате да го менаџирате тоа?

Петров: Едноставно. Со тим на луѓе кои ја имаат истата визија. Тим на луѓе кој верува во невозможното и никогаш не се откажува. Ние сме една мала армија која не знае за зборот НЕ.

Планирате ли да продолжите со ширење на бизнисот. Има ли простор за тоа?

Петров: Бизнисот секоја година го шириме. Оваа година влегуваме во Израел и во Узбекистан. Прекрасно е да се биде дел од компанија која секојдневно носи нови пријатели во мојот живот. Но, без мојот тим мојот сон ќе беше само сон. Многу е полесно да се освои светот ако тоа го правиш со луѓе кои ги делат истите соништа.

kosta-petrov3

Во вашата досегашна кариера сте запознале и сретнале многу моќни луѓе од бизнисот и шоубизнисот. Каков впечаток ви оставиле?

Петров: На почетокот паѓав во транс, но денес сеедно ми е. Се радувам на нивниот успех, но знам дека не се поразлични од мене, или од човекот на пазар. Сите сме ние исти. Сите ја имаме шансата да направиме нешто големо, но за жал ретко ја бираме таа можност во нашите животи. Полесно ни е да си седиме во комфортната зона. Таму нема планетарен успех но има доволно за скромен живот. Самите го креираме нашиот животен филм.

Кога можеме да очекуваме втора книга?

Петров: Втората книга е готова и е насловена СТРАВОТ, а битката започнува овој октомври.

Што би и препорачал на македонската “маркетинг јавност“ и посебно на сите млади претприемачи?

Петров: Промовирајте го она во што вие верувате. Мисијата на сите нас е да го промениме светот. Со секоја кампања треба да сме поблиску до таа мисија.

kamelija@emagazin.mk

Германија со најмногу мултимилионери во Европа

Новата членка на Европската Унија, Хрватска спаѓа во државите со најголеми социјални разлики во Европската Унија. Меѓу бившите комунистички држави таа е рекордер по уделот на сиромашно население, но и по бројот на богаташи по жител, открива истражувањето World Ultra Wealth Report 2012-2013 на консултантската куќа Wealth-X.

Во Хрватска според оваа истражување живеат 260 мултимилионери, чие лично богатство се проценува на повеќе од 30 милиони долари.

Истовремено во Хрватска во сиромаштија според Евростат живеат дури 1,3 милиони жители, или 30,7% од населението

Во Европската Унија повеќе сиромашни има само во Литванија, каде сиромаштијата е 31,8%. Во најголемиот број на земји, членки на Европската Унија, уделот на сиромаштијата се движи од една четвртина до една петина. Просекот е 26,3%.

Бидејќи е мала земја, Хрватска споредено со другите земји од средна и источна Европа има многу помалку мултимилионери. Во Полска ги има 775, во Унгарија 365, додека Чешка има ист број како и Хрватска, 260.

Меѓутоа сите овие земји имаат значително поголема популација, од што произлегува дека според концентрацијата на мултимилионери по жител е прва во средна Европа.

Еден мултимилионер во Хрватска доаѓа на секој 17.000 жител, во Полска на секои 49,6 илјади, во Унгарија на секои 27 илјади, а во Чешка на секој 40 илјадити жител.

Во споредба со балканските држави, Хрватска е исто така рекордер по концентрација на мултимилионери.

Во соседна Србија има 90 мултимилионери со вкупна актива од 11 милијарди долари, со што земјата се најде на 29-то место од 45 европски земји.

Во Босна и Херцеговина живеат 85 милионери, а Црна Гора има само 21 мултимилионери тешки две милијарди долари.

Меѓу европските медитерански држави, повеќе мултимилионери има само во Португалија, еден на 13,4 илјади жители, во Франција, еден на 16 илјади жители.

Значително е помал бројот на мултимилионери во Италија, Шпанија, Грција и Турција.

Најголема концетрација на мултимилионери имаат Швајцарија, еден на 1.500 жители и Германија, еден на 5.200 жители.

Според извештајот, земја со најмногу мултимилионери во Европа е Германија, која има дури 15.770 мултимилионери.

Од Wealth-X велат дека истражувањето е правено во соработка со најголемите банки, и дека во проценката на богатството не влегува само пари, туку акции, недвижен имот, уметнички колекции, авиони…

Интересно е дека бројот на мултимилионери во Европа се намалува поради кризата.

Богатството најмногу расте во т.н. светот во развој или “новиот свет”, каде според нивната класификација влегува целиот азиско-пацифичкиот регион (со исклучок на Јапонија), Источна Европа и Латинска Америка.

ВО МАКЕДОНИЈА ИМА 35 МУЛТИМИЛИОНЕРИ

Во Македонија има 35 мултимилионери кои вкупно тежат 4 милијарди долари, покажува годишниот извештај World Ultra Wealth Report 2012-2013, со што бројката на најбогати Македонци не се променила од претходниот извештај.

Според критериумите на World Ultra Wealth Report, во категоријата мултимилионери влегуваат сите чие богатство се проценува на повеќе од 30 милиони долари.

petre@emagazin.mk

Само тврдо, нема лабаво!

Влегувањето на порно ѕвезда во македонската политика е најосвежувачката вест што можеше да ни се случи. Тоа јасно укажува на конкретно свртување во нашиот политички дискурс, што би се рекло онака паметно од говорница.

Имено работата не само што е секси, туку е и да не речем smooth. Зашто? Епа зашто де?!

Нормално потегот е толку убаво смислен што има повеќе кратен ефект за душманите (читај нашиот јужен сосед) и сите оние од Балтик, па до Самарканд што ги подржуваат.

Имено откако Грција со писмо кое го чекавме како оставена љубовница ни кажа дека не не сака и тоа веројатно по стоти пат, менуваме стил.

Да нотирам, тоа за нас беше очекувано, иако не знаевме дали воопшто ќе има respond што викаат овие во ЕУ.

Сега нема друго, време за нов лист. Оти да се разбереме и „ние имаме коњи за трки“, почнуваме тврдо. Доста беше еден ненормален сексуален однос, сега ќе ги поставиме работите онака како треба.

Дечково колку што успеав да разберам има искуство во ЕУ што би се рекло го знае нивниот дипломатски јазик, оној што се користи во ЕУ. Будејќи сите знееме дека Европа е „курва“ ова е идеален потег во веќе поделена и намачена Македонија. Он знае со такви ептен.

Секако нема да го оставиме сам. Веќе логистика работи. На оние од Литванија што дојдоа во сред Скопје и ни кажаа дека не сме им биле приоритет, па демек ние па само на нив мислиме, ќе им возврати логистичката тупаница предводена од партијата на зелените.

Тоа е исто скриена тактика, бидејќи оние се и така зелени па секој нивни потег помеѓу три исечени дрва секако ќе се сфати како „не трескај зелени“.

Но, и другата страна не останува со скрстени раце. Не само што не малтретираат со спорот за името повеќе од 20 години, што патем може да му се случи само на еден незрел народ како што сме ние, они пак играат со високо крената нога.

Се изнамачивме неколку дена со новото кралско бебе, те отишла мајката во болница, те била во рани болки (никој не кажува какви се овие, иако ние во Македонија сме експерти за болка) и откако се роди бебенцето по два дена неизвесност како ќе се вика, опа?!

Како ако не Александар?! Баш сега кога е свртено вниманието на целата јавност дали бебето цица или го прихрануваат и кој ќе го чува, повторно нашиот спор со името и нерасчистените сметки, нашиов јужен сосед ги распосла на кралски тепих.

Ама не е за очајување, иако на секој втор Македонец тоа му е средно име кога се работи за национални прашања.

И ние потсетивме на нешто. Децата на Субрата како и да се викаа, станаа македонски државјани.

И одма домашниве дежурни мрчатори правеа пеза од тоа. А што е суштината. Они Индиjци, упс, беа нели?!

Е, па каде падна Александар?! Каде почнаа нашите маки? Се разбира индиските слонови не зезнаа.

Така што овој потег има сосема оправдани и длабоки корени. Понекогаш кога ќе размислам толку сме свртени назад што може и Ретро да не викат.

За нас на пример Граѓанската војна во 1948 година, кога се направи етничко чистење на Македонците од Егејска Македонија и не е некој адут кој би можеле да го актуелизираме и искористимe во споров со името.

Спорни сме сами, ама и историски во исто време.

Често слушаме спорот со името бил прв ваков случај во историјата на човештвото од оваа планета. Прв ами што. Па што се чудиме од кого би почнале работите да се менуваат ако не од нас?!

Оваа неподнослива леснотија на живеењето во ова долго топло лето (освен јас кога бев на одмор) кога сите си молчат и немаат да кажат било што, па и оние што во литературата ги викаат интелектуалци, се случи Перо Антиќ да потпише договор за екипа од НБА.

Зашто бре друже?

Ние цело време го клатиме бродов да мислат патниците дека патуваат, а ти стварно тргна. Па зарем не знеше дека овде успешноста и не е баш омилена дисциплина и ја уништува траорната атмосфера како она човечено од сликана на Мунк?!

 

July 29, 2013

Евтини летови. Дали ризикот е скап?

Кога пред две години летав за Лондон, за малку не го фатив влегувањето на „Виз ер“ на македонскиот авио- пазар, па морав да летам преку Белград. Всушност го направив она што до тогаш го правеа сите Македонци кои сакаа со малку пари да слетаат до некоја од европските дестинации. Софија, Белград, Солун, Атина, па во последно време и Пришитина беа најблиските градови до каде се патуваше за да се полеташе. Имено, и со превоз до таму, па картите беа далеку поевтини отколку да се купеше карта од Скопје. За летот за Лондон заедно со автобуски превоз до Белград и трансфер до аеродром, како и од Лутон до Лондон платив околу 100 евра. Но, за среќа со воведувањето на евтините линии за неколку европски града, не мора да се поминува ова патешествие.

Со влегувањето на „Виз Ер“, има евтини летови за Лондон, Ајндховен, Милано, Малме, Минхен и Дортмунд, Базел, Венеција. Пред да дојдат на македонскиот пазар најавија дека авиобилетите во една насока со вклучени аеродромски такси ќе чинат од 8,99 евра до 17,99 евра, доколку се резервираат однапред. Сепак, овие цени се минималните цени по кои некој ќе може да резервира карта, но само ако тоа да се направи повеќе месеци однапред, а се разбира доплнително ќе треба да се плати за багаж. Летот за Лондон чини 35 евра со аеродромски такси.

„Речиси никогаш не успеав да најдам карта за овие цени.И многу однапред сум се обидела да резервирам за одреден датум, но не сум нашла,“ вели една вработена во туристичка агенција.

Но, не се само „Виз ер“ која нуди евтини летови од Скопје,тука е и компанијата „Пегасуз“ која нуди евтини летови за Истанбул и Измир. Со влегувањето на „Флај Дубаи“, цената на авио картата за Дубаи исто така стана достапна за македонските граѓани. Ако порано, само околу 1000 евра чинеше картата за оваа егзотична дестинација, денес можете да најдете и цел аранжман со вклучен престој и водич за околу 600-700 евра.

Кога се ќе се собере и одземе, картите за европските дестинации преку овие ниско-буџетни компании чинат околу 100 евра зависно од тоа кога ги резервирате и за кој период.

НА ШТО ДА СЕ ВНИМАВА?

Но оној кој патува со ниско-буџетна компанија мора да има предвид повеќе работи, да не речам да биде спремен на одредени непријатности од типот откажување на летот без притоа да бидат рефундирани средствата и без да бидат згрижени патниците.Ако се носи багаж, куферот мора да биде со големина според стриктно пропишаните димензии во спротива секој килограм повеќе или багаж повеќе од дозволеното значи и поголема цена која понекогаш може да биде поскапа од самата авио-карта.

Така, „Виз ер“ дозволува секој да понесе дополнително 6 куфери со тежина до 32 килограми, а за секој поединечно ќе треба да плати од 15 до 25 евра. Се наплатува и такса за резервација на билет по телефон или на аеродром од 8 до 10 евра. Промената на летот и името на патникот чини 30, односно 40 евра. Дополнителни 45 евра чини и пренесување спортска опрема, како скии, сноуборд-даски и слично. Едно од поевтините задоволства е купувањето екстра простор за нозете во авионот, за кое се одвојува до 16 евра. Бидејќи билетите не се нумерирани, секој што сака да си фати подобро столче, за 8 евра може да си купи приоритет за влез во авионот.

Друг проблем во однос на евтините летови е што картите не се на располагање баш секогаш кога вам ќе ви притребаат. За да искористите ниска цена, најдобро е да знаете дека ќе патувате барем неколку месеци или една година порано. За да може навреме да резервирате. Ако патувањето ви излегло „апансас“ и барате евтина карта за да речеме одма, многу е мала веројатноста дека ќе најдете. Потоа, ќе бидете вистински среќник ако добра цена начекате за патување околу некои поголеми празници како Божиќ, Нова година.

Ниско-буџетните авио компании вообичаено слетуваат на помали аеродроми кои се оддалечени од 50-70 километри од градовите каде што сте тргнале. Тоа е пред се заради помалите трошоци кои ги плаќаат. Но, сепак конекцијата од аеродромот до градовите не треба да биде проблем, бидејќи има редовни автобуси, возови кои се обраќаат до градовите. Но и тие треба да ги мислите од типот, кога ги има, па ако се работи за автобуски превоз да го начекате најевтиниот. Кога слетав во Лутон и кога требаше да се упатам кон Лондон имаше два автобуски превозници чија разлика во цена навистина беше драстична.

Нискобуџетните авиокомпании работат на принцип една класа. Нема бизнис класи, конфорт класи туку една единствена класа за седење. Нискобуџетните авиокопмании не даваат бесплатен оброк за време на летот, што инаку следува кај стандардните авио-компании.

patrisha@emagazin.mk

Успехот може да се клонира

Влегување во бизнис може да се направи на неколку начини. Можеме да отвориме сопствена компанија, можеме да купиме веќе постоечки бизнис или можеме да станеме франшиза.

Во Македонија франшизинг системот не е многу разработен, но судејќи по развојот на светстко ниво на некои од најуспешните франшизинг системи, голем дел од претприемачите се одлучуваат токму на оваа опција кога ќе донесат одлука да започнат нов бизнис.

franchise

Франшизата всушност значи дека вие превземате веќе разработен бизнис, со препознатлив бренд, со разработен менаџмент систем..итн. На ваков начин претприемачот не почнува од нула и значително ги намалува деловните ризици. Од друга страна корисниците на франшиза немаат голема слобода во донесување на одлуки.

На светско ниво постојат над 5.000 франшизнинг системи, голем дел од нив ни се познати, а имаат и раширена мрежа и на македонскиот пазар. Од домашните компании и ланци засега неможеме да се пофалиме дека некоја од нив функционира по системот на франшизинг.

Кои се најуспешните франшизи во светот?

Според листата која ја состави порталот FranchiseDirect.com најуспешните франшизни системи на светот и понатаму доаѓаат од САД, меѓутоа меѓу првите 100 има и се повеќе брендови од Европа.

Оваа година, како и претходните, на врвот на листата цврсто стојат најпознатите брендови на ресторани за брза храна, првите девет најуспешни франшизни системи доаѓаат од САД.

Првото место го зазеде Сабвеј, најмногу поради вртоглавото ширење на мрежата во последните неколку години. Според последните податоци, Сабвеј се приближува до 40.000 ресторани и денес убедливо се наоѓа пред поранешниот светски број еден- Мекдоналдс. Вртоглавиот раст на бројот на бизнис единици доживеаа уште неколку брендови на врвот на листата.

Најголемо изненадување е 7-Eleven, трговски прехрамбен ланец кој се најде на второто место. Компанијата својата мрежа ја развива воглавно во САД, Азија и Северна Европа, а моментално има речиси 35.000 продажни места. На третото место се наоѓа нашироко познатиот Мекдоналдс, а по него следуваат КФЦ и Бургер Кинг.

Најпознатиот синџир за брза храна Мекдоналдс падна од тронот на најголем систем со франшиза. Корпорацијата во моментот има нешто повеќе од 30.000 ресторани во светот во 112 држави, а опслужува околу 60.000 клиенти дневно.

После нив следуваат ПицаХат, Вајдман Хотел, Херц, Ејс Хардвер, додека ИнтерКонтинентал хотелс груп се наоѓа на десеттото место и доаѓа од Велика Британија.

Најпознати и најголеми светски франшизи

Subway-1_Iulius-Mall-Cluj_mai-2012-1

1.SUBWAY

Моментално најголем синџир од ресторани во светот го премина Mcdonalds пред нецела година. Според официјалната статистика, има околу 40.000 ресторани Subway во светот.

7-eleven

2. 7 ELEVEN 

Најголемата мрежа од мали продавнички во светот. Првата е основана уште во 1927 година во Далас. Од 1964 година преминуваат на нов начин на ширење на бизнисот и да го препродаваат својот бренд преку франшиза. Денес, по речиси 50 години, малата продавничка е прерасната во синџир од 44.700 такви ширум светот.

mcdonalds1-537x402

3. MCDONALD`S

Повеќе од неколку децении беше самоуверено прв на листата. Првиот ресторан за брза храна во светот, кој е основан уште во 1955 година, претставува пример за франшизинг на кој се темели целата подоцнежна работа од оваа област. McDonald`s денес има 33.520 ресторани речиси во секоја земја во светот.

tenant_image_107

4. KFC

Американски бренд за пилешка храна, основан уште во 1939 година, кој со франшизинг почнал да се занимава од 1952 година. Денеска има околу 16.850 продавници на KFC во светот;

burger king 01

5.BURGER KING   

Burger King за прв пат е основан во 1954 година.Синџирот на ресторани за брза храна се застапени во над 74 држави, со повеќе од 12.100 локации.

Американски компании доминираат со франшизи

Доминацијата на франшизните системи од американско потекло не претставува изненадување. Франшизнигот како еден од посакуваните успешни модели за ширење на бизнисот, својот полн развој го доживеа во САД, а официјалните податоци покажуваат дека 70% од американската економија се заснова на работењето со франшизи.

Мала, но значајна промена веќе се забележува на оваа листа, па оваа година има по 11 рангирани франшизни системи од Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Австралија и Јапонија.

intercontinental-hotel-bangkok-chidlom

Од европските франшизни системи, својата позиција ја засили хотелскиот ланец ИнтерКонтинентал Хотелс Груп од Велика Британија, кој минатата година беше на 13 место, а оваа година е на 10 место. Француските брендови исто така имаат заземено добри позиции при што Еуропкар е на 12 место, Керфур на 13 место, Ив Рошер на 30 место и Фајвасек на 57 место. Интересно е тоа што Керфур и Фајвасек прв пат се појавуваат на оваа листа.

Меѓу првите 100 на листата, се наоѓаат и три франшизни системи од Шпанија, меѓу кои трговскиот ланец ДИА кој се најде на 15 место, потоа Но Мас Вељо кој е на 84 место и Натурхаус на 91 место. Голем дел од споменатите франшизни системи работат успешно и планираат да влезат на пазарот во овој регион.

FranchiseDirect.com следи околу 5.000 франшизинг системи во светот, а успешноста на концептот се проценува на основа на бројот на работни единици, приходи од продажба, стабилност и раст на мрежата, број на години во франшизен систем, подршка која им ја дава на корисниците на франшизата и односот кон животната средина.

franchise-financing

Што е франшиза?

Франшиза претставува практицирање и користење на бизнис-процеси на некој друг. Давателот на франшизата (франшизер) му дава права на купувачот на франшизата да ги дистрибуира производите на франшизерот, да ги користи техниките на продажба и трговската марка за одреден процент од продажбата на тој производ или услугата или за фиксна годишна цена.

kamelija@emagazin.mk

 

 

 

 

Скопско кино „Напредок“

Пред дваесетина години, пред времето на видеата и двд плеерите, во речиси секоја скопска населба имаше кино. Вообичаено кината ги носеа имињата на населбите во кои се наоѓаа, па така освен кината „Вардар“, „Култура“ и „Бамби“кои беа во централното градско подрачје во зградата веднаш до Домот на АРМ, Скопје ги имаше и кината „Карпош“, „Маџари“, „Центар“, „Влае“… Воедно, во Старата скопска чаршија се наоѓаше и киното „Напредок“, кое беше препознатливо по тоа што се даваа проекции на филмови за возрасни.

Во тоа време со кината стопанисуваше „Градски кина“ кои едно лето во осумдесетите години решија да издаваат пропусници за проекциите во кино салите во центарот на градот. Со што туку наполнети 11 години за мене и за уште двајца маалски другари тоа беше одлична можност да се потрошат досадните летни денови. Освен по некоја лектира за читање, што повеќе беше обврска отколку забава, тогаш немавме плејстешјшн, видеа, компјутери… Затоа, измоливме од родителите пари за да платиме за пропусници, кои се издаваа за период од еден месец. Со пропусницата можеше да се изгледаат сите филмови што играа на репертоарот на градски кина безброј пати.

И тоа и го правевме. Родителите ни оставаа жетончиња за автобус, и уште рано наутро пред 10 часот ние веќе бевме пред кино „Вардар“ или „Култура“ за да фатиме некој од утринските проекции. „Спајдермен“, „Истерувачи на ѓаволи“ ни беа омилени филмчиња кои ги гледавме по неколку пати, а знаевме да завршиме и на некоја драма како „Моја Африка“.

cinemas.thumb

„Градски кина“ во тоа време плакатите за филмовите ги поставуваше на огласните табли пред кината „Вардар“ и „Култура“. Еден ден, на таблата пред кино „Вардар“ беше поставен плакат за авантурите на некоја госпоѓа Жозефин Муценбахер. Тоа беше таканаречено „меко порно“ филмче со релативно едноставна приказна и експлицитни секс сцени, се разбира.

Со оглед на тоа што бевме со една нога во пубертет, плакатот сериозно не предизвика и преку Камениот мост се упативме накај Старата чаршија каде што се наоѓаше кино „Напредок“.
Всушност, дотогаш чаршијата ја познававме само од викенд прошетките со родителите и кебапите кај „Дестан“. Киното „Напредок“ се наоѓаше повнатре во чаршијата и пронаоѓањето на локацијата беше своевидна авантура.

По половина час лутање го најдовме киното. Пред него немаше жив човек, а кога влеговме на вратата не пречека еден чичко со бркчиња облечен во син мантил. Кога ни побара билети, ние срамежливо ги покажавме пропусниците, тој не погледна и со насмевка под мустаќ не пушти да влеземе.

josefine_mutzenbacher_rider_igen_80

Киното беше речиси празно, публиката ја сочинуваа пет шест возрасни луѓе, а некои од нив пушеа и цигари.

Проекцијата почна, а ние останавме со подзинати усти…. се договоривме дека пред домашните ќе кажеме дека дента сме биле на проекција на новиот филм со Бад Спенсер и Теренс Хил.

Денеска Скопје има модерни кино сали во Рамстор, ГТЦ и Сити мол. Во некои од овие кина има и 3д проекции, но филмчиња во кој главни улоги имаат дами како госпоѓицата Муценбахер одамна не се на репертоарот.

nikola@emagazin.mk

Постари вести »

Powered by WordPress