September 30, 2013

Пет години Елемент ПР и многу раскажани приказни

Пет години успешна работа прослави Елемент ПР, агенцијата за односи со јавност. Со многу гости, клиенти, соработници и пријатели на агенцијата, популарни и познати личности од бизнис светот и естрадата, професори по маркетинг и ПР, во екстравагантниот амбиент на Арабеска го прославија петтиот роденден. На роденденот гостите ги забавуваа Ѓоко Таневски, како и младата пејачка Јана Бурчевска и Маја Вукичевиќ.

Посветеноста, напорната и тимска и работа, креативноста се карактеристиките на агенцијата што го изминативе пет година создала богато портфолио и е заслужна за многу интересни и несекојдневни случувања во градот.

„Пет години е значајна бројка, што оставила трага позади себе и дава стимул за понатаму. Тоа за нас е мала историја, со оглед на мноштвото работа и проекти што сме ги спровеле. Од првиот ден, во изминативе пет години секој еден од тимот на Елемент ПР давал максимум од себеси, за нас никогаш не постоела премисата „не може“, секогаш сме наоѓале начин, време, енергија и алтернатива да го постигнеме зацртаното и да го исполниме ветеното. Тој влог денес ни се враќа со тоа што клиентите ни станале пријатели, соработниците колеги, а работата забава“, изјави Татјана Лопарски, основач и директор на Елемент ПР.

Тимот на Елемент ПР е составен од професионалци со различни профили и во различни полиња, односи со јавност, поранешни новинари, меркетинг, организација и менаџирање на настани, дизајн, социјални медиуми што ја прави комплетно екипирана агениција за интегрирани маркетиншки решенија.

Преку својата мрежа на соработници, оваа агенција своите услуги ги нуди и на пазарите во околните соседни држави, посебно Србија, Албанија и Косово.

patrisha@emagazin.mk

Ќе ги затворат ли големите маркети маалските дуќанчиња

Малите маалски дуќани за прехранбени производи мораат да ги намалуваат цените на производите за да бидат конкурентни на големите супермаркети, велат сопствениците. Но, сепак во многу од нив цените се поскапи отколку во супер и хипер маркетите. Потрошувачите и за денар поефтин производ, се одлучуваат да купат во голем супермаркет без разлика што другите производи ќе ги платат поскапо. Некои од нив, посебно во помалите места се уште даваат производи на „пишанка“, но како што велат само на луѓе од доверба и што ги познаваат. За разлика од порано кога потрошувачите плаќале со чекови и кога имале повеќе пари, тие не даваат вересија за повисоки суми на сметки. Малите дуќанчиња кои се наоѓаат на фрекфрентни места и до кои во близина немаат некој голем супер-маркет, немаат намалување на прометот.

„Кога држев дуќан во Карпош каде што има големи маркети, имав голем пад на прометот.Морав да го затворам и да побарам друга локација. Овде до Влада нема некој голем супер-маркет и бидејќи местото е фрекфрентно, опстојувам некако. Најдобро е кога има протести или кога се организира некој голем настан во парк. Тогаш речиси сите производи ги продавам,“ велат од Баги-комерц.

Оттаму објаснуваат дека бројот на производите што ги продаваат ги намалиле. Главно продаваат прехранбени производи и пијалоци, додека ја намалиле продажбата на средставата за хигиена и козметиката. Тие сметаат дека благодарејќи на таквото работење, на пазарот се веќе 13 години.

Агровита Мак имаат три дуќани на различни локации во градот и велат дека клиентите ги задржуваат со пониските цени, но и со подобрата услуга.

„Во големите маркети, вработените не можат да им посветат внимание на потрошувачите. Ние тоа го користиме во наша полза. Па ги освојуваме со убаво однесување, брза и ефикасна услуга. Имам голем број верни клиенти, токму заради овој начин на работење,“ велат од Агровита Мак.

Оттаму додаваат дека во секојдневното работење се соочуваат со голем број инспекции и давачки кои им го отежнуваат работењето.

„Работиме со страв. Гледаме да ни биде се во ред, затоа што има голем број инспекции.Еве на пример за тезгите пред дуќанот плаќам 1000 евра на општината. Имаме повеќе работа, а помалку ќар,“ вели сопственикот на Агровита кој во овој дуќан е 13 години.

Дуќанот Коч Дам Трејд се наоѓа во близина на Железничката станица, каде што неодамна до нив се отвори Супер веро. Оттаму ни објаснуваат дека потрошувачите и за 1 денар поефтин производ, го купуваат во супермаркетот.

„Секогаш ни реагираат ако некој производ кај нас е поскап за разлика од супермаркетот. Ќе го купат од таму, иако другите производи ќе ги платат поскапо,“ велат од Коч Дам Трејд.

Најмногу се жалат на акциите кои ги има во супермаркетите, бидејќи како мали трговци тие попусти не можат да ги добијат од производителите.

„Акциите и гратистите кои ги нудат големитеи  супермаркети, најмногу влијаат врз намалувањето на продажбата на одредени производи. Нормално е тие како големи потрошувачи да имаат можност одредени производи да ги нудат гратис, или пак со акциите да ги нудат на големи попусти,“ велат од Коч Дам Трејд.

Тие истакнуваат дека поимотните клиенти, најчесто од кај нив ги купуваат основните прехранбени производи, додека клиентелата со средни примања пак им прави поголем промет.

Во помалите места, сопствениците на малите дуќани за прехранбени производи се уште имаат тетратки за вересија во кои ги запишуваат должниците. Тие велат дека ако не им дадат на почек, ќе останат и без тие пари кои ќе ги земаат кога нивните потрошувачи ќе земаат плата или пензија.

„Ако не им дадам на почек, ќе отидат кај друг и така ќе ги изгубам како муштерии. Но сепак, внимавам. Главно вересија давам на оние во кои имам доверба и од искуство знам дека ќе ми се раздолжат кога ќе имаат примања. Мало место сме,  се знаеме и затоа можам да функционирам вака. Кога моите родители останаа стечајци, благодарејчи на ова дуќанче преживеавме. Не  е како на почеток кога го отворивме, но со чесна работа и добар однос кон потрошувачите еве опстојуваме,“ изјави Зоран Анчевски, сопственик на дуќан во Штип.

patrisha@emagazin.mk

Модата од времето на мајка ми

Периодот на 60-тите години од 20 век е познат по многу револуционерни настани кои го промениле светот на секое поле. Модата, како пропратен дел од секојдневието, воопшто не изостанала од тие случувања.

Напротив, модните дизајнери во овој период креирале модни парчиња кои се претворија во безвременски модни трендови.

5286574514_2dab644a16_b

Познатите „ѕвонарки“ се само дел од многуте креации кои сè уште инспирираат врвни модни дизајнери. Тие се популарни и присутни и ден денес.

Панталони со висок струк, тесни, а над колено почнуваат да се прошируваат така што завршуваат во вид за ѕвоно, повторно се појавија во денешниот свет во современо реиздание.

Панталоните со широки ногавици кои се инспирирани од времето на хипи движењето, се комотни и лежерни и совршено им прилегаа на хипи девојките, кои во овој период сè почесто носеа ѕвонарки. Овој моден тренд, од времето на младоста на моите родители сè повеќе се навраќа на модните писти и е главна инспирација за многу дизајнери.

Звонарките станаа моден тренд и за мажите и за жените во Европа и во Северна Америка во 1960-тите.

На почетокот на 1970-тите ѕвонарките се трансформираа од висока мода и станаа дел од хипи движењето, стил кој се одликуваше со љубовни пораки, баба-очила и тај-дај кошули.

Овие панталони беа спомнувани и во тогаш најпопуларните песни како што е песната “Bell Bottom Blues” од рок и блуз групата  Derek and the Dominos.

il_fullxfull.367470158_s7mo

На крајот на 1970-тите години ѕвонаркте се преселија во мејнстрим модата. Сони и Шер помогнаа многу за популаризирање на ѕвонарките, посебно во Америка, со тоа што ги носеа на популарните телевизиски шоуа.

Ѕвонарките во тоа време најчесто беа од џинс, и се носеа со кубански чизми или челзи чизми. Модните трендови од ова време оставија неизбришлива слика на деценијата.

 

kamelija@emagazin.mk

 

Купи куќа, купи стан само ако работиш во Авганистан

Марина е една од илјадниците кумановци кои во последниве осум години замина на привремена работа во Авганистан и во Ирак. За да го реши станбеното прашање и да почне свој бизнис, одлучила три ипол години да работи во Ирак, а уште три во Авганистан.

„Од заработените пари купив нов стан, целосно го уредив и го разработив дуќанот што веќе го имав. За сево ова во Македонија немаше да ми помогне ни заработувачката од два животи. Овде платите се мизерни, па може само да сонуваш за да си обезбедиш основни работи“, раскажува Марина.

Таа наскоро планира повторно да замине за Авганистан, каде што можност за работа ќе постои до 2014 година. Во Ирак по повлекувањето на американската војска, повеќе нема работа.

„Не ми се останува овде само за да си го трошам времето, да се нервирам и да плачам за мојата судбина. Сакам да се осигурам за цел живот. Работата таму е тешка и високоризична. Но, сепак ништо нема да ме разубеди од желбата да си го средам животот“, вели Горан, кој работел три години во Авганистан.

Според неофицијални податоци, моментално повеќе од 3.000 кумановци се на работа во Авганистан.

Поради пропаѓањето на кумановското стопанство во транзицијата и затворањето на голем дел од профитабилните компании, многу кумановци од 18 до над 40-годишна возраст во потрага по подобар живот во 2003-2004 година заминаа на работа во Ирак, Авганистан, а поретко во Кувајт.

Прво заминаа тие што стекнаа искуство во американската база во Петровец, која функционираше во тоа време, а подоцна заминувањето стана главен излез за осиромашените кумановци.

ОСМЕЛИ СЕ И КАЖИ КАДЕ ГИ ВЛОЖУВАШ ПАРИТЕ

Најголем дел од повратниците од печалба одлучуваат парите да ги вложат во недвижности.

Во Куманово, во месноста Зелен рид, пандан на скопско Водно, веќе постои цело маало, кое кумановци го викаат „Авганистанско маало“. Низ градот сè повеќе никнуваат цели згради кои партнерски ги градат кумановци кои работеле во земјите од Средниот Исток, па тие добиваат имиња како ирачка, авганистанска зграда…

Иако целиот град знае дека зад многуте градежни зафати во последниве неколку години стојат новопечени бизнисмени, тие не сакаат јавно да зборуваат за бизнисот. Се плашат од локални рекетари и од политички проблеми.

Некои почнале бизнис, па го затвориле поради неисплатливост, но и поради лоша бизнис-клима, како што раскажуваат тие. Не е мал и бројот на тие кои поради овие причини воопшто не сакаат да инвестираат во бизнис, па парите ги чуваат во банка и живеат од добрите камати.

Минималната плата која може да се обезбеди во американските бази во Авганистан е 4.000 долари месечно, а зависи од позицијата.

Менаџерска плата за некој што не е Американец надминува 15.000 долари.

Работењето во Ирак, како што раскажуваат кумановци, носело поголеми плати.

Последниве месеци платите во Авганистан бележат намалување.

По повлекувањето на американската фирма КБР и доаѓањето на компанијата Флоур се направени многу промени.

petre@emagazin.mk

 

September 29, 2013

Во акција за Гинис извадени стотина тони отпад од Охридско езеро

Триесетина нуркачи од „Сојузот на подводни активности на Македонија“, спелеонуркачкиот клуб „Врело“, нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид, „Акватек“ од Скопје и „Клубот на подводни активности“ од Охрид“ викендов учествуваа во најголемата глобална акција за чистење на водите во светот, дел од акција за влез во Гинисовата книга на рекорди.

Во втората по ред синхронизирана глобална акција во соработка со GUWAA (Global underwater awareness association) домашните нуркачи заедно со нивните илјадници колеги нуркачи учествуваа во глобалното чистење на уште толку реки, езера и мориња и со тоа се очекува да постават Гинисов рекорд во максимален број на нуркачи – учесници во синхронизирано подводно чистење кое траеше 24 часа во 80 земји од светот.

“Чистењето на водните површини во нашата земја е од големо значење и со оваа акција повторно сакаме да делуваме на будењето на свеста кај сите граѓани за важноста на зачувување на скапоцените природни ресурси на вода за идните генерации“, изјави Киро Ангелески, претседател на спелеонуркачкиот клуб „Врело“. Тој изрази задоволство од масовноста на вклучените нуркачи акцијата, чиј број е двојно поголем во споредба со лани.

“Оваа година учествуваме во акција која треба да стане дел од историјата со влегувањето во Гинисовата книга на рекорди, па нашата задача и одговорност се двојно поголеми. Сепак ќе мора да почекаме неколку дена за да излезат официјалните резултати на глобално ниво за да можеме да потврдиме дека сме ја испишале историјата во Гинис“, додаде Ангелески.

И оваа година од дното на Охридското Езеро во двата дена колку што траеше акцијата, беа извадени стотина килограми отпад од најразличен вид – автомобилски пневматици, лименки од пијалоци, стаклени шишиња и ситен и крупен железен отпад.

“Посебно задоволство ми претставува фактот што ја имав можноста да го водам тимот кој учествуваше во оваа манифестација составен од мои искусни колеги, долгогодишни нуркачи со кои постигнавме двоен успех. Сакаме оваа акција да прерасне во традиција и да стане препознатлива во светски рамки, како и да влезе во Гинисовата книга на рекорди“, изјави Периклија Бешка, претседател на „Сојузот на подводни активности на Македонија“.

Тој потсети дека првата ваква акција за чистење на дното на Охридското Езеро беше спроведена во 1996 година, а оттогаш па наваму активностите се надополнуваат и надградуваат со воведување на конкретни чекори и средства за едукација на граѓаните во заштита на човековата околина со посебен акцент на заштита на водите во Македонија.

На Розе Мојсовска и на другите лица со телесен инвалидитет ќе им се врати надоместокот за мобилност!

Розе Мојсовска ги победи и институциите. Нејзината приказна, која ја објави еМагазин го извади на површина проблемот кој лицата со телесен инвалидитет сместени во институција, го имаа по укинувањето на надоместокот за мобилност.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов најави дека со последните измени на Законот за социјална заштита на лицата кои имаат отежнато движење, а во моментов се сместени во Бања Банско и во Демир Капија ќе им биде вратено правото за остварување на додатокот за мобилност од 7.000 денари.

„Нивните барања се реални и имаат потреба од дополнителни средства со цел да им се обезбеди поголема мобилност, почесто да патуваат или да ги задоволат своите потреби. Поради тоа Владата на последната седница донесе заклучок во следните измени на Законот за социјална заштита кои набрзо ќе бидат доставени до Владата и до Собранието, се предвидува лицата кои имаат право да земаат мобилност да бидат сместени во институции, како Бања Банско или во специјалниот Завод во Демир Капија“, истакна Спасов.

Зимска сезона: Жичницата со ново работно време

Жичницата Милениумски крст со ново работно време за зимската сезона. Од 1. до 31. октомври жичарата ќе работи до 18:45 часот.

Од април до септември, жичницата работеше од 9 до 20 часот (вторник, среда и четврток), а од 9 до 21 часот во петок, сабота и недела.

Жичницата неработи единствено во понеделник.

 

 

Четири компании заинтересирани за Еурокомпозит

Две американски, една хрватска и една турска компанија подигнале документација за учество на тендерот, кој е четврти по ред, за продажба на прилепскиот загубар “Еурокомпозит”.

Рокот за доставување на понудите истече на 20-ти месецов, но, според медиумите неофицијално, заради големиот интерес од компаниите рокот е пролонгиран.

Премиерот Никола Груевски неодамна најави дека за конечно решавање на судбината на пролепската компанија како опција останува и варијантата за изнаоѓање стратешки партнер, слично како и во Тутунскиот комбинат каде влезе американскиот “Филип Морис”.

Во меѓувреме, од вкупно 500- те вработени, 60-тина работници, по исплатената отпремнина, доброволно си заминале од фирмата.

September 28, 2013

Прилепски „Микро теч“ доби шанса да ја рестартира „Киро Ќучук”

Прилепски „Микро теч“ во рок од 45 дена ќе треба да изготви план за рестартирање на велешки „Киро Ќучук“. Одлуката  ја донесе собранието на доверители откако државата, преку Управата за јавни приходи, најголемиот доверител ја прифати иницијативата на Микро теч за реорганизација на туланицата.

 Прилепската фирма засега ја нема довербата на Тутунска банка, втор по големина доверител во стечајната постапка. Банката побара да се изјасни откако ќе биде готов планот за реорганизација на велешката фабрика за производство на тули и Микро теч ќе обезбеди квалитетна банкарска гаранција

Според поднесената иницијатива од страна на компанијата “Микрон теч”, се предвидува целосна исплата на доверителите заклучно до 2019 година, со една година грејс период. Инвеститорот предвидува да вложи голема сума на пари за рестарт на фирмата и да вработи, според утврдена динамика, 200 работници. Со иницијативата на прилепската компанија не се согласи Тутунска банка која од керамичката индустрија побарува 500.000 евра и која под хипотека ги има поголем дел од производствените погони.

Судбината на велешката керамичка индустрија која некогаш произведуваше повеќе од 100 милиони единици градежни елементи и која беше една од најголемите производители од ваков вид не само во Македонија туку и пошироко, ќе се знае по поднесувањето на планот од инвеститорот и по негово разгледување и прифаќање од страна на доверителите.

Во „Кромберг и Шуберт“ се работи во три смени – најавени нови вработувања

Германскиот инвеститор „Кромберг и Шуберт“ кој се распосла на парцела во индустриската зона Жабени, работи со полна пареа, објавува Нова Македонија.

Зголемените нарачки за кабли за автомобилската индустрија диктираат и ново темпо, па  во „Кромберг и Шуберт“ се работи буквално во три смени.

Раководството во фабриката и локалната самоуправа ги дематираат шпекулациите дека наводно голем број вработени даваат откази бидејќи се незадоволни од условите за работа и од германската дисциплина, информирајќи дека напротив, постојано расте бројот на вработени.

“Во моментов во „Кромберг и Шуберт“ се вработени вкупно 836 лица, а до декември се очекува да бидат вработени уште 200 нови работници, со што ќе биде надмината предвидената бројка на вработувања од 1.000 лица до крајот на 2013 година, која беше поставена со бизнис-планот на раководството на фабриката”, вели битолскиот градоначалник Владимири Талески за Нoва Македонија.

Од Општина Битола велат дека очекуваат од следната година во фабриката да се вработат уште најмалку 1.000 лица, а вкупниот број вработени до 2015 година да се заокружи на 2.500 работници.

-Во „Кромберг и Шуберт“ тврдат дека на тоа нема да застанат со вложувањето во индустриската зона Жабени. Имено, според информации од овој гигант, сопствениците на „Кромберг и Шуберт“, кои наскоро ќе пристигнат во Битола и ќе присуствуваат на свеченото отворање на фабриката, планираат во индустриската зона да изградат уште една фабрика, во која ќе бидат вработени уште 2.500 работници. За реализација на таквите планови тие веќе имаат купено градежни парцели во непосредна близина на првата фабрика, пишува Нова Македонија

Постари вести »

Powered by WordPress