November 30, 2013

Балантајнс со нов изглед

Балантајнс од денеска во Македонија е со нов изглед. Новиот изглед на шишето и етикетата беше претставено на гламурозна забава каде присутни беа познати јавни личности, ТВ лица, естрадни уметници, спортисти.Новиот лик на брендот број еден во светот во сегментот виски, го откри манекенката Маја Ристевска заедно со водител на настанот, Тони Михајловски.

„Балантајс е бренд кој е познат по својата постојаност во квалитетот, но и по специфичната препознатливост што претставува синоним за виски пијалак. Суптилните промени на формата на шишето се направени со цел да се унапреди имиџот на брендот, да се модернизира веќе постоечкиот дизајн, но да се задржи високиот квалитет на Балантајнс“, изјави претставникот на Балантајнс во Македонија.

Новиот Балантајнс ги спојува традиционалните вредности на овој пијалак како што се безвременост, елеганција и автентичност со нов модерен стил во изгледот. Амбалажата ја задржува правоаголната форма по што Балантајнс е познат, горниот дел на шишето е поаглест што резултира со остар и посмел изглед.
Новиот дизајн кој вклучува етикета во облик на шеврон на новиот изглед му дава подинамичен и попривлечен изглед. Знакот за премиум квалитет е потенциран со поистакната позиција како и поедноставување на печатот на Балантајнс.
Новото шише ја најавува и новата глобална кампања на брендот: „Stay True, Leave an Impression” потенцирајќи дека секој потрошувач на брендот мора да верува на себе си, да остане тоа што е.

Ден на волонтерство со акција “Донирај книга-донирај храна“

По повод Меѓународниот ден на волонтерството, група волонтери во граѓански  организираат,  хуманитарен настан со мото„ Донирај книга – донирај храна“.

Целта на оваа акција е да се промовира активизмот на младите во Македонија. Трети декември од 10 до 16 часот е „ Отворен ден “ за сите кои што сакаат да донираат и да ја покажат својата  солидарност кон сограѓаните.

Акцијата ќе се одржи во просториите на „Младински образовен форум“, „Ромаверзитас“, „Излез“, „Биди зелен“, „Институт за човекови права“ и „Македонски центар за европско образование.“ За оние кои што нема да успеат да донираат на отворениот ден, на четврти декември ќе бидат отворени два штанда , едниот пред спомен куќата на Мајка Тереза ( ул. „ Македонија “ ), а вториот во студентскиот дом „ Пелагонија“ од 12 до 14 часот.

Акцијата има цел да обезбеди храна и книги  за оние на кои им се најпотребни. Притоа донациите освен што ќе се собираат во организациите каде што се ангажирани волонтерите, ќе се организира донирање и на јавни места, како и собирање на храна и книги преку донации од страна на маркетите кои би сакале да ја подржат акцијата.

 

Гран при за Мал драмски театар-Битола на фестивал во Романија

Мал драмски театар-Битола ги освои трите највисоки фестивалски награди и признанија што секоја година се доделуваат на Интернационалниот фестивал „Давила“, кој во изминатите седум денови се одржа во романскиот град Питеши. 

На театарскиот фестивал во Романија, Мал драмски театар-Битола ја изведе претставата „Грав“ од Елин Рахнев во режија на Љупчо Ѓоргиевски, и во конкуренција на 17 претстави од театарски компании и групи од Унгарија, Бугарија, Србија, Косово и домаќинот Романија, на актерите од Македонија им беа доделени три врвни одличја.

-Меѓународното стручно жири ни го додели најголемото фестивалско признание, наградата „Гран при“ за најдобра претстава, актерката Јоана Поповска доби специјална награда за врвно актерско остварување, а актерот Анастас Попдимитров ја доби наградата за најдобра машка улога. За прв пат се случи оваа наградувана претстава во ист момент на еден фестивал да ги добие сите фестивалски награди, истакна основачот на Мал драмски театар-Битола, Благој Стефановски.

Претставата „Грав“ на Мал драмски театар-Битола е копродукциски проект со Драмско куклен театар од Враца, Бугарија. Автор на музиката е Марјан Нечак, а сценскиот дизајн го подготви Марија Диманова

November 29, 2013

Пејачите ќе се субвенционираат со 5 милиони евра

Стартува проектот, кој е дел од Законот за подршка на домашната музичка продукција, кој ќе ја финансира домашната музичка продукција.

Од јануари следната година авторите на музика и аражмани, изведувачите, музичките продуценти како и музичките уредници, ќе можат да конкурираат на јавен оглас, преку кој ќе се бира кој ќе добие субвенции.

Тие идната година ќе добијат вкупно 512 илјади евра за компонирање на нова музика.

Јавниот конкурс ќе трае 30 до 45 дена, а на него ќе може да аплицираат музички изведувачи, кои во согласност со законските прописи и според категориите во законот, треба да достават композиција која ќе биде предлог за финансирање.

Единствено категоријата „ѕвезди“ ќе се пријавува на конкурсот само со своето име и презиме, а не со композиција, затоа што се смета дека музичарите од оваа категорија и нивните тимови можат да направат музичко дело со соодветен квалитет.

Конкурсите ќе бидат распишувани четири пати во текот на годината, а бројот на избрани песни кои ќе бидат финансиски поддржани ќе зависи од квалитетот на музичките композиции со кои се аплицира.

На годишно ниво треба да се застапи бројката од 200 песни, од кои 150 се од областа на забавната и народната музика, и 50 се детски композиции.

При изборот за финансирање на композициите ќе се води сметка за соодветната и правичната застапеност на заедниците кои живеат во Македонија.

Носител на сите процеси ќе биде националниот сервис МРТВ.

Проектот ќе трае 10 години, а за субвенции на музичката индиструја, Владата ќе одвои 5 милиони евра.

Промоција на “Дете од лоша фамилија“ на Дарко Лешоски

Утре (30 ноември) во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на првата збирка поезија на Дарко Лешоски насловена како „Дете од лоша фамилија“, чиј издавач е „Табернакул“.

За книгата на Лешоски ќе зборува неговата професорка Маја Бојаџиевска, а песни од книгата ќе читат актерките Синоличка Трпкова и Весна Петрушевска.

За музиката ќе се погрижи Соња Исмаил, a на многу невообичаен начин во текот на вечерта и во придружба на електронска музика стихови на Дарко ќе читаат и актерот Васил Зафирчев и Марија Зафирова.

Прв Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“

Здружението „Сенки и облаци” од втори до четврти декември, 2013 година е организатор на првиот интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето” во МКЦ (Сцена Фросина).

Ќе гостуваат две меѓународни театарски групи од Русија и Турција и една театарска група од Македонија.
За време на фестивалот ќе се отвори изложба на фигури од театар на сенки, а од 18 часот ќе се одржуваат работилници.На овие работилници на децата ќе им се презентираат различни техники за изработка на кукли (фигури за театар на сенки) од различни материјали и нивните начини на игра . Вториот ден на фестивалот ќе има проекција на претставата„ Малиот принц“ во изведба на театарот„ Сенки и облаци“.

„Сонот на облачето” е фестивал кој ќе им овозможи на децата и младите од нашата земја да се запознаат со поинаков театар, традиции и културни вредности, со различни начини на раскажување и игра. Фестивалот има и хуманитарен карактер бидејќи ќе бидат вклучени одредени општествено маргинализирани групи како – деца без родители од СОС детско село, а и други малцински групи за кој се обезбедени бесплатен билет и превоз за фестивалот. Со овој фестивал се очекува да се зголеми интересот за театарот кај децата , да ги запознаат основните човечки вредности и да се едуцираат за важноста на работите во светот кој ги опкружува.

И Тито доби споменик во Скопје

По повод 29 ноември, државниот празник на некогашна Југославија, во која се прославуваше Денот на Републиката, пред гимназијата „Јосип Броз Тито“во Скопје е кренат споменик на некогашниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито.

Денес (29 ноемри) се навршија 70 години од Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, кога е донесена одлука за основање на Југославија.

 

Странските инвестиции за девет месеци достигнаа 183 милиони евра

Според последните податоци кои што ги објави Народната банка, во првите девет месеци во државата влегле 183 милиони евра странски инвестиции.

Само во септември приливот е поголем за 25,7 милиони евра.

Според податоците на Народната банка, странските инвестиции во првите девет месеци се за скоро 140 милиони евра поголеми, споредено со истиот период лани кога беше регистриран прилив од само 44 милиони евра.

Според Владата, ако до крај се реализираат веќе најавените и прелиминарно договорените инвестиции од одредени инвеститори, може да се очекува дека до крајот на годината странските директни инвестиции да достигнат од 200 до 250 милиони евра.

Уметници од бивша Југославија заедно на изложба

По повод  70 години од основањето на Југославија и денот на некогашната република, 29 ноември, во Проект галеријата „Прима центар Берлин“ во Берлин денес (29 ноември) се отвора изложбата „Ова е Валтер“ (Das ist Walter) на која учествуваат 87 уметници од просторот на некогашна Југославија кои денес живеат во новите земји, Европа и во Америка.

На повикот преку Фејсбук за учество на изложбата „Ова е Валтер“, чиј наслов асоцира на приказните за псевдонимот на Тито позајмен од марката на германскиот пиштол и истоимениот игран филм се пријавија 87 автори. Импозантен број кој го изненади и организаторот.

Меѓу нив има 30 уметници од Македонија кои творат во земјата, во Берлин и во светот.

Меѓу нив се и докажани имиња како Ирена Паскали (Келн) со „Меридијани“, Ана Матовска (Берлин) со „Барби“, Игор Тошевски (Скопје) со „Последната територија“, Атанас Ботев (Скопје) со „Портрет на уметникот во комунизмот“,Тодорче Атанасов (Љубљана) со „Меѓупростор“.

Свој придонес ќе дадат и Кристина Александровска (Париз), Касиопеја Наумовска (Скопје) , Миро Масин (Скопје), Константин Танчев Динка (Скопје), Марија Божиновска Џонс (Лондон), Симонида Филипова-Китановска (Скопје) , Славчо Соколовски (Бостон), Марија Конеска (Прилеп), Кристина Битраков (Скопје), Илина Арсова (Скопје) и др.

Како дополнување на изложбата „Ова е Валтер“ ќе биде и снимањето на документарец за целата акција од страна на режисерот и новинар Славен Бањац од Пула.

Изложбата ќе биде отворена до 26 јануари 2014, а на 13 декември ќе бидат претставени и мултимедијалните творби на „Ова е Валтер“.

Вработените во АрцелорМиттал подаруваа книги на случајни минувачи

АрцелорМиттал Скопје заедно со Книжарница Клуб Матица организираат акција под мотото “Книга за секого”, денеска во центарот на Скопје на ул.Македонија во периодот од 11.00 до 17.00 часот. Вработените во АрцелорМиттал подаруваа книга на сите счучајни минувачи во центарот на градот.

Сите љубители на пишаниот збор уживаа во широкиот опус од најеминентни автори и со оваа акција беа поделени повеќе од 1.000 книги кои беа лично потпишани од авторите.

Организирањето и спроведувањето на оваа акција е само дел од многуте активности на компанијата АрцелорМиттал Скопје како што се: донација во пунктот за бездомници на град Скопје, акцијата за донација на 12 компјутери, книги и пакетчиња за СОС Детско Село, акција за дарување на крв, разни предавања на теми од областа на здравството и безбедносдта при работа, Прва Помош и слично при што сакаме да го истакнеме нашиот однос како општествено одговорна компанија, која и во иднина ќе продолжи со вакви и слични активности”. – изјави генералниот директор на АрцелорМиттал Скопје Јуан Педро Хименез Наварро.

Постари вести »

Powered by WordPress