January 31, 2014

ПроКредит банка го потврди добриот кредитен рејтинг

Меѓународната рејтинг агенција „Фич Рејтингс“ во 2014 година, повторно го потврди кредитниот рејтинг од “ББ+” на ПроКредит банка Македонија и ја зголеми оценката за индивидуалната кредитна способност на Банката од “Б” на “Б+”.

Зголемувањето на оценката годинава се должи на добриот квалитет на активата и ниското учество на кредити во доцнење над 90 дена, кое од 2010 се одржува во опсег од 2% до 3% и во континуитет е под просекот на банкарскиот сектор.

Долгорочниот рејтинг на ПроКредит Банка е резултат на позитивните резултати на Банката меѓу кои: квалитетот на кредитното портфолио и релативно нискиот степен на кредити во доцнење споредено со нивото на банкарскиот сектор, солидната капитална адекватност, високиот степен на ликвидност и диферзифицираната депозитна база, како и поддршката од акционерите, пред се ПроКредит холдинг-доминантниот сопственик на ПроКредит Македонија, со седиште во Франкфурт, Германија.

Од 2005 година, aгенцијата Фич Рејтингс редовно го оценува кредитниот рејтинг на Банката, задржувајќи ја оценката “ББ+”, кој е највисокиот кредитен рејтинг кој финансиска институција во Македонија може да го добие.

„Здравје Радово“ лансираше јогурт „Здравје“

Млекарницата „Здравје Радово“ лансираше нов производ на пазарот, јогуртот „Здравје“, кој се добива од пресно измолзено млеко со софистицирани лакто бактерии.

Целиот процес на производство на овој јогурт трае само еден ден, а се задржуваат нутритивните каратеристики, минералите и витамините.

Според маркетинг менаџерот Павел Павловски новиот јогурт на „Здравје Радово“ претставува надополнување на веќе постоечкиот бренд, кој е добро етаблиран и се продава добро.

Целта, како што вели Павловски, е за да се засили брендот.

Јогуртот ќе го задржи старото пакување, вкусот не се разликува од досегашниот јогурт, а за да се уверат во квалитетот потрошувачите, ќе биде со промотивна цена меѓу 42 и 47 денари.

Моментално пазарниот удел на „Здравје-Радово“ е 14 проценти, а раководството планира двојно да го зголеми.

Оваа млекарница соработува со најголем број кооперанти, а дневно откупува околу 100 илјади литри млеко. Годинава очекува откупот да се зголеми на 150 илјади литри млеко на ден.

Државни институции потрошиле над 20 милиони евра со директно договарање

Во периодот од јули до септември лани, склучени се договори без објавување оглас, туку со директни преговори, во вредност од 21,3 милиони евра, обелоденува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во својот најнов извештај за јавните набавки во третиот квартал на минатата година.

Покрај тоа, според извештајот, констатирано е дека во речиси една третина од набљудуваните тендери, договорот за јавна набавка е склучен со фирмата што се јавила како единствен понудувач.

Македонија и Бугарија ќе формираат фонд за финансирање заеднички проекти

Финансиерите од Македонската и Бугарската банка за развој почнаа разговори за создавање специјален фонд за кредитирање заеднички проекти и подобрување на трговската размена меѓу двете држави.Бугарската банка, како што е наведено во соопштението, е подготвена со краткорочни заеми да ги кредитира извозот на фирмите кон Македонија.

На иницијатива на Македонско-Бугарската стопанска комора директорите на двете државни банки и нивни експерти ги разгледуваа и иницијативите за заедничко финасирање или гаранции за покрупни инвестициски проекти од заемен интерес за двете економии, со можност за креирање на балкански продукт и бренд, стимулитивен и профитабилен за извоз на трети пазари.

Нови членови во Одборот на директори на ОКТА

Николаос Скандалис и Јоанис Розис се новите членови на Одборот на директори на ОКТА. Скандалис, кој воедно е поставен за Претседател на Одборот на директори, е главен на оперативните активности на рафинеријата во Хеленик Петролеум Групацијата со долгогодишно искуство на високи менаџерски позиции. Розис е одговорен за сите нафтени инсталации во малопродажниот сектор на Хеленик Петролеум Групацијата.

Двајцата нови членови, се очекува да дадат дополнителна вредност на работењето и стратегијата на ОКТА, со оглед на тоа што нивната заедничка експертиза кореспондира на моменталниот начин на функционирање на ОКТА.

Новите членови доаѓаат на местото на досегашните членови на Одборот на директори, Сарантос Кириакопоулос кој замина во пензија и Христос Ѕолас кој и понатаму останува во Хеленик Петролеум Групацијата.

Имињата ( мандатот) на новите членови треба да бидат потврдени на следното Собрание на акционери.

Дамјановски ќе го предводи македонскиот тим во Сочи

Дарко Дамјановски ќе биде знаменосецот и предводник на македонскиот тим на свеченото отворање на Зимските олимписки игри во Сочи, Русија, кои почнуваат на 7 февруари.

Дамјановски по втор пат настапува на Зимските олимписки игри, овојпат со обезбедена А-норма во нордиско скијање, а покрај него боите на Македонија во Русија ќе ја бранат и нордијката Марија Колароска и алпинецот Антонио Ристевски, кој исто така имаат обезбедено А норма.

Судејќи според оа што немаме голема традиција во зимските спортови експедицијата од три спортисти која ќе ја испратиме во Сочи, од кои двајца со обезбедена А норма е реална слика за состојбата во Македонија во однос на зимските спортови.

Оер: Имаме беспрекорна соработка со Тиквеш во областа на енологијата

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, денеска одржа состанок со амбасадорот на Франција во Република Македонија НЕ Лоранс Оер.Амбасадорката Оер истакна дека до амбасадата постојано стигнуваат барања за соработка во областа на земјоделството, а посебно во делот на винарството и сточарството. Таа рече дека Франција и Македонија имаат што да понудат во областа на винарството.

„Не сакаме да соработуваме само во комерцијална смисла, туку и во креативниот дел и би сакала да ја истакнам нашата беспрекорна соработка со Винарската визба Тиквеш во областа на енологијата,“рече амбасадорката Оер.

На средбата со министерот Димовски дојде со конкретно барање од Регионалното европско здружение за винарство од Франција, кое е здружение на региони на европско ниво, за соработка и членување на македонските здруженија за вина од Македонија.

„Нам ни е битно членството во што повеќе организации за вино, затоа што винарството е сектор во кој во изминатите неколку години вложуваме значајни средства, а она што ни претставува особено задоволство е подигнувањето на квалитетот на виното.Македонија како држава многу повеќе произведува вино, отколку што може да потроши, и тоа не принудува преку производство на квалитетно вино и промоција на надворешните пазари да го зголемиме извозот на вино,“ рече министерот Димовски.

Најновиот Google паметен телефон пристигна во Македонија

Верен на својата определба да им ги овозможи на корисниците во Македонија најновите технолошки достигнувања во мобилната телефонија, за првпат и ексклузивно на македонскиот пазар, Вип го донесе најновото остварување на LG и Google – супериорниот паметен телефон LG Nexus 5.

Петтата генерација паметни телефони од серијата Nexus работи на најновиот Android оперативен систем KitKat 4.4 и располага со одлични перформанси кои гарантираат беспрекорно корисничко искуство. Телефонот е веќе достапен за корисниците на Вип и тоа за 0 денари со тарифниот пакет Vip Free+ NoLimit+ со договор на 24 месеци.

– Горди сме на фактот што успеавме да го донесеме во Македонија наследникот на популарниот Nexus 4, кој беше во нашата понуда веднаш по неговата светска премиера. Во интерес на нашите корисници и нивните потреби, остануваме посветени да им ги овозможиме светските новитети во мобилната телефонија по најповолни услови, изјави Џакомо Тоњони, Главен маркетинг директор на Вип оператор.

Најтенкиот и најбрзиот Nexus телефон до сега има импозантен 5-инчен Full HD екран со заштита од оштетување од најновата генерација Gorrila Glass 3 и најнапредна технологија која овозможува брза реакција на допир и одлична видливост и острина на сликата со што се добива неверојатно визуелно искуство. Во уредот е вградена 8 MP камера со оптички стабилизатор на сликата, и Google апликации и алатки кои им овозможуваат на корисниците да креираат фотографии, видео материјали и анимации како со професионална опрема.

За брзината и одличните перформаси на Nexus 5 е задолжен моќниот четири јадрен Snapdragon 800 процесор сo 2,3 GHz и 2 GB RAM која овозможува истовремено користење на бројните Google апликации вградени во уредот, како што се: Gmail, Chrome, Calendar, Maps, Drive, Hangouts или Google Now која овозможува гласовно пребарување.

Главни карактеристики на LG Nexus 5:

Процесор: Qualcomm Snapdragon™ 800 со 2.26 GHz Quad-Core Krait CPU
Оперативен систем: Android 4.4 KitKat
Мрежа: UMTS, LTE
Екран: 4.95-инчи Full HD IPS (1920 x 1080 пиксели)
Меморија: 16GB
RAM: 2GB
Камера: 8.0MP задна / 1.3MP предна
Батерија: 2.300mAh Li-Polymer
време на разговор: 16 часа / време на мирување: 390 часа

Димензии: 137.9 x 69.2 x 8.6mm
Тежина: 130g

„Пет Плус“ со уште еден интернационален успех

Детската емисија „Пет Плус“ влезе во официјалната програма на престижниот светски фестивал за детска телевизиска продукција „Prix Jeunesse International 2014“.

Епизодата „Собна граница“ ќе биде прикажана пред фестивалските делегати и сите светски продуценти кои се занимаваат со детска продукција. Дополнително, „Пет Плус“ продукција ќе се најде во официјалниот каталог кој го добиваат ТВ експертите од целиот свет.

Во епизодата „Собна граница“ играат Мина, Петко и Цветко во приказна која прикажува како една обична детска караница може да предизвика поделба на заедничката соба, за на крајот децата сами да сфатат колку границите се непотребни.

Во текот на целата фестивалска недела, емисијата ќе биде достапна и во програмата „Media Bar“ во категоријата од седум до 11 години, која прикажува високо стандардни програми.

Екипата на „Пет Плус“ доби покана за гостување од фестивалот „Prix Jeunesse International 2014“, и покрај официјалните проекции ќе има можност да гласа за најдобрите програми во финалната селекција.

ОХО – продуцент на детската емисија „Пет Плус“, во 2012 година за прв пат во Македонија го организираше интернационалното детско жири во рамките на „Prix Jeunesse International“, а во мај минатата година го донесе фестивалот во Скопје, со цел на македонските продукции да им пренесe нови модели и методи во создавањето на телевизиски продукти за деца.

„Prix Jeunesse International“ е еден од најзначјните светски фестивали посветен на телевизиската продукција за деца кој се одржува од 1964 година во Минхен, Германија.

Утврдени приоритетите за развој на стоматологијата во регионот

Македонија и останатите земји во регионот за првпат ќе добијат реална слика на состојбата со оралното здравје на населението која ќе биде основа за креирање на нова стоматолошка здравствена мрежа и предлог финансиска конструкција за потребниот третман на оралните заболувања.

Ваквите предлог новини во организацијата и финансирањето на системот на стоматолошката здравствена заштита се очекува да произлезат од компаративната анализа на состојбата на оралното здравје на населението, организациската поставеност и кадровскиот потенцијал на секторот во Македонија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, што ќе биде спроведена од страна на Стоматолошките комори на овие држави, здружени во групата К-4. Ова е еден од заклучоците од дводневната работна средба на членовите на К-4 што се одржа во Скопје, посветена на организационата и стручната стандардизација на стоматологијата во регионот со цел целосна примена на директивите на Европската Унија во оваа област.

„Покрај параметрите што се неопходни за креирање нова поефикасна мрежа на стоматолошката здравствена заштита, споредбената анализа ќе ги евидентира искуствата, позитивните придобивки, па дури и недостатоците на системите во нашите земји. Тоа ќе ни даде појасна слика каде сме и што треба да направиме за да го унапредиме системот на стоматолошка здравствена заштита, особено од аспект на неговата организација и финансирање,“ истакна Претседателката на Стоматолошката комора на Македонија, проф. д-р Марија Накова, во својство на домаќин на средбата, истовремено нагласувајќи дека очекува резултатите од анализата да предизвикаат голем интерес во фелата, но и кај креаторите на здравствената политика со кои таа очекува да продолжи добрата соработка во изнаоѓање ефективни решенија за унапредување на состојбите во овој сегмент на здравствената заштита на населението.

На состанокот, разгледана е и иницијативата на нашата комора за формирање на заедничка меѓународна комисија од коморите на земјите членки на К-4 која ќе има мандат да го проверува знаењето на докторите од областа на стоматологијата при издавање на работни лиценци. Проверката ќе се врши според однапред дефинирани критериуми кои важат во ЕУ и база на прашања која ќе биде заеднички подготвена од страна на сите членки на К-4.

„Целта на овој наш проект е да добиеме поширока верификација на лиценците на нашите доктори издадени во Македонија, што ќе има огромно значење за нашите колеги кои сакаат да работат или да остварат стручен престој во земјите од регионот, особено во оние што веќе се членки на Европската Унија, како и при реализацијата на курсевите во склоп на континуираната медицинска едукација,, потенцираше проф. д-р Накова.
На работниот состанок биле разгледани и други прашања, почнувајќи од споредбата на моделите на финансирање на дејноста во земјите од регионот и влијанието што тоа го има врз понатамошниот развој на превентивната и куративната стоматолошка здравствена заштита на примерно, секундарно и терцијално ниво. Дискутирано е и за воспоставување на реални критериуми и начини за спречување на нелојалната конкуренција во стоматологијата, како и контролата на квалитетот на материјалите и опремата кои се употребуваат во ординациите во регионот, а станало збор и за начините и можностите за обезбедување стимулации за вработување на млади стручни кадри во приватните стоматолошки ординации за да се обезбеди долгорочна одржливост на системот во поглед на неговата кадровска структура

Постари вести »

Powered by WordPress