December 31, 2014

(Фото) За 1.000 роденден на Прилеп милениумска торта од 1,5 метри

Во чест на 1.000-годишниот роденден на Прилеп и во пресрет на Новата година денеска напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ беше послужена милениумска роденденска торта.

Тортата долга три метри и широка 1,5 метар, ја направија прилепските слаткари.

– Во правањето на милениумската торта која се приготвуваше 5 часа учествуваа сите прилепски слаткарници и беа потрошени 5 часа. Беа употребени 1.000 јајца за 1.000 години Прилеп, 200 килограми шеќер, 50 килограми маргарин. Изутрината на плоштадот на минус 9 степени ја украсувавме тортата и ни беше посебно задоволство, изјави прилепскиот слаткар Влатко Патоски.

 

Македонците во Мала Преспа и Голо Брдо Новата Година ќе ја дочекаат без струја

Високата снежна покривка и поларните температури кои ја зафатија Албанија ги отсече областите населени со македонско население, а некои од нив останаа и без електрична енергија.

Областа на Голо Брдо, која опфаќа 22 села со над 12 илјади жители, поради обилните врнежи на снег е целосно изолирана, руралните патиштата се непроодни, освен ниските температури кои синоќа стигнаа до -20 степени, проблем преставува и прекинот на електричната енергија поради паднати бандери и искинати проводници.

Бесник Хасани, претседател на македонското друштво „МОСТ” од Требиште, за весникот „Македониум“ изјави дека сите патишта во општините, Требиште, Острени и Стеблево во областа на Голо Брдо се блокирани и дека единствено прооден е патот од Требиште до граничниот премин Требиште-Џепиште.

– Снегот и ниските температури ни донесоа големи проблеми и освен тоа четири дена сме без струја и не знаеме кога надлежните институции ќе ги поправат дефектите. Добро што е прооден патот до граничниот премин Требиште-Џепиште па така барем жителите на селото Требиште може да одат во Дебар да пазарат и да ги наполнат мобилните телефони“, изјави Хасани за „Македониум“.

Поради обилните врнежи на снег во Општина Пустец, областа на Мала Преспа, паднати се неколку бандери и искинати се проводници кај село Туминец и село Зрноско па така три дена нема електрична енергија. Надлежните институции не превземаат ништо за санирање на дефектите бидејки се ангажирани во други општини во Корчанскиот округ каде што има прекин на електрична енергија и не се знае кога Мала Преспа ќе се снабди со електрична енергија.

Националнот пат Семблак-Горица кој минува низ Мала Преспа е исчистен од снегот, сообраќајот се одвива во отежнати услови кон Корча и Македонија, освен во делот на Бигла, каде патот е замрзнат и неопходно е возилата да користат зимска опрема односно синџири за минување на овој дел.

Во областа Гора во околијата на Кукс престанаа врнежите од снег и од денеска прооден е патот од градот Кукс до центрите на општините Шиштавец и Запот, додека руралните патишта помеѓу селата во општините Запот и Шиштавец во областа Гора се блокирани.

Снежното невреме кое ја зафати Албанија отсече повеќе региони и остави без струја повеќе општини во северниот и југоисточниот дел од земјата.

Русија ги намалува цените на водката

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 4:05 pm

Руската економија е можеби во надолна фаза, но затоа пак и поевтинува водката. Државната агенција задолжена за регулирање на пазарот на алкохол соопшти дека во февруари ќе ги намали цените на водката за околу 16 отсто.

Намалувањето на цените е своевиден пресврт во политиките, со оглед на тоа што руските политичари се обидуваа да го обесхрабрат масовното пиење со зголемување на давачките за алкохол, забрани за раклами за алкохол и други ригорозни мерки. Но, сега инфлацијата во Русија изнесува речиси 10 отсто, рубљата падна повеќе од 40 отсто и економијата бележи пад – така што поевтината водка може да го ублажи притисокот и нервозите.

Новогодишна честитка на Путин до Обама: Да бидеме рамноправни!

Filed under: свет — Tags: , , , — @ 2:59 pm

Рускиот претседател Владимир Путин му порача во новогодишната честитка на претседателот на САД Барак Обама оти Москва се надева на рамноправни билатерални односи.

Кремљ денеска ја објави честитката која рускиот претседател ја упати на другите шефови на држави и челници на меѓународни организации.

Путин по повод претстојната 70-та годишнина на сојузничката победа во Втората светска војна му порача на Обама оти таа не треба да биде потсетник на „одговорноста на Русија и САД за одржување на мирот и меѓународната стабилност“.

Москва се залага за унапредување на односите, но само доколку постои „рамноправност и заемно почитување“.

На листата на десетина лидери на кои Путин оваа година им испрати новогодишна честитка не е и претседателот на Украина Петро Порошенко.

Масовно убиство во Канада

Filed under: свет — Tags: , , — @ 1:58 pm

Во Канада е во тек полициска истрага за убиство на осум луѓе.

Полицијата во западниот канадски град Едмонтон соопшти дека депресивно лице убило шест возрасни и две деца пред да се самоубие.

Се наведува дека убиецот злосторството го извел на две различни места и оти станува збор за членови на неговото семејство.

Жителите на Самоа и Божиќниот остров први на планетава Земја ја дочекаа Новата 2015

Filed under: свет — Tags: , , , , — @ 1:40 pm

Жителите на Самоа и Божиќниот остров во Тихиот океан први на планетава Земја ја дочекаа Новата 2015 година, додека од 2014 година последни ќе се разделат оние кои што престојуваат на островот Хауланд, каде што 2015 година ќе пристигне дури 26 часа подоцна.

Жителите на Божиќниот остров веќе се навикнати први да влегуваат во Новата година. Островот на кој живеат околу 5.000 луѓе се наоѓа во временската зона GMT+14, што значи дека таму веќе часовникот отчукал полноќ. Точно во 11 часот по средноевропско време, за нив почна Новата 2015 година, односно таму веќе е 1 јануари.

 

Во јануари четири неработни дена

Filed under: македонија — Tags: , , — @ 1:36 pm

Според Законот за празници на Република Македонијаво јануари 2015 година имаме 4 неработни дена.

1 јануари, Нова Година (четврток)

6 јануари за граѓаните од православна веросиповест се празнува празникотБадник (вторник)

7 јануари, првиот ден од Божиќ (среда)

19 јануари, Богојавление – Водици (понеделник)

Првиот ден на Божик според православниот календар 7 јануари (среда) е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Истражување: 54% од Македонците лани биле среќни, а 11% несреќни, оптимисти за 2015 година

Македонците во 2014 година се чувствувале среќни. Педесет и четири проценти од граѓаните кои биле анкетирани во рамки на истражувањето на Брима Галуп изјавиле дека во текот на изминатата година биле среќни, а 11 проценти несреќни.

Осум проценти од среќните граѓани се изјасниле дека биле многу среќни, а четириесет и шест проценти дека биле среќни.

Македонците се оптимисти дека и претстојната 2015 година ќе биде подобра од претходната, но истражувањето покажува дека оптимизмот е помал во однос на 2014 година бидејќи сега 33 проценти од анкетираните сметаат дека следната година ќе биде подобра за разлика од 2014 кога оптимисти биле 37 проценти од граѓаните.

Исто како лани 33 проценти од анкетираните очекуваат дека и 2015 година ќе биде исполнета со економски тешкотии, додека 40 проценти сметаат дека претстојната година ќе биде иста како оваа што изминува.

Според истражувањето, 38 проценти од анкетираните во Македонија се подготвени да се борат за својата држава доколку има војна, а речиси секој втор не би се борел.

На глобално ниво, 70 проценти од анкетираните се изјасниле дека се среќни што е за 10 процентни поени повеќе од минатата година. Од 64.002 испитаници, само 6 проценти се изјасниле дека се несреќни што е намалување во споредба со лани кога несреќни биле 12 проценти.

Најсреќна држава е Фиџи каде 93 проценти од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат среќни, а од државите во источна и западна Европа најсреќен е народот во Финска. Како најнесреќна држава во светот е Ирак каде едно од три лица се изјасниле дека се несреќни, а во источна и западна Европа најнесреќни се чувствуваат Грците.

Државите во Африка и Азија се најуверени дека претстојната година ќе биде подобра од 2014, а во западна Европа само 12 проценти од граѓаните веруваат дека 2015 ќе биде година со економски просперитет.

Истражувањето „Крај на годината“ е спроведено во 65 држави во светот.

фото: Телеграф

Папуљас го распушти грчкиот парламент, предвремени избори на 25 јануари

Filed under: балкан — Tags: , , , — @ 1:12 pm

Грчкиот парламент денеска е распуштен со указ на претседателот Каролос Папуљас, откако по три обиди не успеа да избере нов претседател, што го отвори патот за предвремени парламентарни избори на 25 јануари, јави ТАСС.

Актуелниот претседател на Грција објави дека новиот состав на парламентот, што ќе биде формиран по изборите на 25 јануари, ќе одржи прва седница на 5 февруари.

Грчкиот премиер Андонис Самарас вчера побара од претседателот Папуљас да го распушти парламентот и да закаже предвремени избори на 25 јануари. Мандатот на 85-годишниот Папуљас истекува во февруари 2015 година, но по консултации со претседателот, парламентот почна постапка за избор на негов заменик два месеци порано.

Во понеделникот на последното трето гласање парламентот на Грција не успеа да го избере поранешниот еврокомесар Ставрос Димас за претседател. За Димас гласаа 168 пратеници во 300-члениот парламент. За негов избор беа неопходни минимум 180 гласови.

Оглас за користење пари за маркетинг на земјоделски производи

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објави оглас за користење средства за помош за маркетинг на земјоделски производи и преработени земјоделски производи.

Средствата се наменети за реализиран извоз во 2014 година на флаширано вино, преработка на зеленчук извезен во стаклена амбалажа и килограм извезен ориз во пакување (освен во вреќи), како и за направени трошоци за транспорт на откупено винско грозје од регистриран откупен пункт до регистриран преработувачки капацитет за производство на вино.

На огласот може да аплицираат фирми кои имаат регистриран преработувачки капацитет за производство на вино, фирми кои се регистрирани во Регистарот на оператори со храна и објектите од неживотинско потекло, како и фирми кои се регистрирани за вршење откуп на ориз.

Крајниот рок за доставување на барањата е 15 јануари, а обрасците со листата на потребни документи може да се најдат на веб страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или директно да се подигнат од просториите на Агенцијата секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.

Постари вести »

Powered by WordPress