January 10, 2014

Коста Бургов: „Тие што ми се потсмеваат, прво нека се преиспитаат себе си„

Најголемата интернет ѕвезда од Струмица, Коста Бургов е баш и како што си го замислувал. Мил човек, кој што длабоко верува во тоа што го прави, и покрај тоа што луѓето најчесто се потсмеваат на неговата работа.

„Тие што ми се потсмеваат прво треба да се преиспитат самите себе какви личности се. Никој не знае како јас се чуствувам, па така и немаат право да ме осудуваат. Јас имам талент и сум оргинален на свој начин. Доколку немав талент, немаше толку многу да се пишува за мене. Тешко ми е кога ќе чујам злобни коментари, посебно од луѓе кои ми се прават пријатели, а ме оговараат зад грб“, вели Бургов во разговорот за еМагазин, кој го направивме во Градскиот парк во Струмица.

 

СО МУЗИКАТА Е УШТЕ ОД ДЕТЕ

„Големата љубов кон музиката ја имам наследено од мајка ми и тетка ми, кои пееа стари македонски песни. Татко ми не го интересира музика…Сестра ми пак долги години е монахиња во манастир во демирхисарско…“, вели Бургов.

Првиот настап го има како матурант, во 1986 година во Нови Сад, Србија, а две години подоцна прави своја верзија на „Плакачу сутра“ од Борис Новковиќ.

„Ја сакам хрватската музика и шлагерите. Тие ми се голема инспирација. Времето кога пееа легендарните Сашка Петковска, Драган Мијалковски, Зафир Хаџиманов, Верица Ристевска ми е најубаво. Тие се евергрин. Јас сум носталгичен тип… “, вели тој.

Во 1992 година добива втора награда на фестивалот „Струмица фест“, со неговата песна „Да не тагуваме„. Понатаму продолжува со свои песни, за кои вели дека го прави и текстот и музиката.

Прв негов поголем хит, како што вели е песната „Боли, боли“.

„Таа песна е за мојот живот. Тежок е. Живеам со моите родители во изнајмен стан, а единствено примање ни е пензијата на татко ми од 10.000 денари. Сега имаме и сериозни проблеми со извршители за заостанат долг од пред неколку години…Единственото работно искуство, освен музиката со која се занимавам сум го имал во некогашна „Треска“, каде работеше мајка ми, како сезонски работник. Баравме помош од многу локални политичари, но никој не сака да помогне. Сите се исти. Помагаат само за на избори…“.

ПЕСНИ ЗА МОНРО, ТЕЈЛОР, НО И ЗА КАРЛО БОС

Сепак како што вели најголема инспирација за неговите песни му се глумиците од 50те и 60 те години на минатиот век, Мерилн Монро, Елизабет Тејлор, Грејс Кели, Ава Гардер, Софија Лорен…но и Џемс Дин и Елвис Присли, дивиот запад…

„Снимањето на еден спот ме чини до 5.000 денари. Скромно. Да имам повеќе пари, би направил многу поквалитетни спотови. Го сакам Холивуд и убавите глумици од 50те и 60те години…Ги сакам каубојците… Во многу од песните пејам за нив, а текстовите ги пишувам на база на податоците за нивниот живот….Спонзори многу тешко се наоѓаат. Музиката е нешто што се сака, а не нешто што се плаќа. Парите не се најбитни секогаш во животот, важно е да те исполнува тоа што сакаш да го работиш од срце “, вели Коста.

Во изминативе неколку години направи неколку песни, за кои сними и спотови, а меѓу нив се и „Те сакам Елвис Присли“, „Жена со две лица“, „Волшебна кралица“, посветена на Тејлор, „Небесна царица„ за Богородица, „Заштиник во ноќта„, „Нежна нота“…

Коста напиша песна и за македонскиот порно актер Карло Бос, а и за отец Пимент.

„Од соработката со Карло Бос не излезе ништо, но сум горд на песната за отец Пимент. Јас сум голем верник. Сите мои песни се создадени со голема љубов“.

КУКЛА И КАЛЕНДАР КОСТА БУРГОВ

Ликот на Коста е искористен и за кукла што ја изработи шпанскиот уметник Хуан Албуерне, кој досега има направено кукли со ликот на многу познати светски ѕвезди.

Коста вели дека му се остварил сонот и дека е пресреќен што добил свој двојник кој останува засекогаш.

Бургов секоја година, од 2004 година објавува и свој календар. Последниот календар за оваа година е со моделот Ирена Шеик.

„Календарот е моја идеја, а монтажите ги правам со помош на фото „Виолета“. Традиционално секоја година го правам тоа. Уживам во неговата изработка„.

Пред неколку години беше дел и од шоуто „И јас имам талент“. Не се пријавил за „Х-фактор“, кој е актуелен во моментов, но редовно го следи.

Оваа година ја чека изработката на склуптурата на Греј Кели, која треба да ја изработи Рената Јансен.

И секако продолжува понатаму. Со музика.

petre@emagazin.mk

1 Comment

  1. […] […]

    Pingback by (Фото) Коста Бургов се враќа како Џемс Бонд: Пристигна новиот календар | Подгорци инфо сервис — December 7, 2014 @ 5:46 pm

RSS feed for comments on this post. TrackBack URL

Sorry, the comment form is closed at this time.

Powered by WordPress