August 7, 2013

„К-15„, најгледаното ТВ шоу на сите времиња

Култното телевизиско шоу „К-15“ (за тие што незнаат, името доаѓа од 13та плата, која се делеше во времето на бивша Југославија) почна да се емитува на почетокот на деведесетите години.

Поради смелоста и оргиналноста на главните ликови Миле Паника (Бранко Огњановски), Тошо Малерот (Васко Тодоров) и Цацко Конопишки (Лупчо Бубо Каров), за брзо време станува една од најгледаните телевизиски емисии.

Брзата популарност на „К-15“ се должи на фактот што за прв пат во медиумите се појави македонски ликови кои преку хуморот ја отсликуваа македонската реалност.

Цацко, Тошо Малерот и Миле Паника дрско иронизираат со стериотипите и храбро ги коментираат политичките фигури и прават пародија на целокупното наше живеење.

Шоуто шест години по ред беше избирано за најдобра ТВ-емисија, доби три награди за „Личност на годината“, неколку Златни бубамари за најдобра емисија и наградата „Народни херои“.

Во изминативе 19 години шоуто еволуираше, како во своите производи, така и во телевизиските рејтинзи.

Според истражувањето на Брима на јавното мислење, маркетингот и медиумите во 2005 година, „К-15„ ја следел аудиториум од 1 милиони и 535 илјади гледачи.

За големата популарност на шоуто зборува и фактот што голем број на фрази, измислениот говор, начинот на зборување…се вградија во македонскиот јазик, како нормална употреба.

Во 1995 година на Градскиот стадион во Скопје, „К-15“ направија шоу во живо и за прв пат во историјата на Македонија, македонски изведувачи наполнија стадион со 13 илјадна публика.

КАКО НАСТАНА?

Почетоците на „К-15“ пред да стане телевизиско шоу започнуваат во радиото „Нома“.

По тоа искуство тројцата ликови решиле да создадат единствена работна можност за себе – неделно хумористично шоу, кое не само што ќе им обезбеди месечна плата, туку и ќе ги забавува сите оние кои живеат, знаат, или имале искуство со социјалната и културната ситуација во Македонија.

Првата епизода е емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија.

Шоуто „К-15“ оттогаш носи силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите, табу-темите и животната средина.

„К-15„ беше емитувано на повеќе телевизиски канали, почнувајќи од А1 телевизија, па на МРТВ, Сител, Алфа ТВ, К-15 ТВ.

Во 2008 година, уредниците на„ К-15“ се одлучија да формираат свој независен телевизиски канал познат како К-15 Телевизија.

Каналот претежно емитуваше македонска музика со повремено емитување на скечови и реклами од „К-15„.

ГЛАВНИ ЛИКОВИ

Миле Паника е еден од трите најкаракеристични и најпопуларни ликови особено популарен на почетоците на К-15. Миле има карактеристичен изговор (или говорна маана) и често употребува српски (југословенски) изрази за дополнителен хумористичен ефект на неговите реплики.

Тошо Малерот, е исто така еден од носечките ликови на шоуто. На Тошо најчесто му се случиваат незгоди и неправди, па оттаму и неговиот прекар Малерот. Тошо често користи скопски сленг и е познат по фразата „батка“, која ја користи кога се обраќа некому, но и по навика.

Цацко Конопишки е третиот водечки лик. Потекнува од Кавадарци или кавадаречко (како и Бубо Каров) и често зборува со специфичен кавадаречки дијалект за дополнителен хумористичен ефект на неговите реплики.

Ристо (Васко Тодоров) е еден од двајцата ликови кои претставуваат стереотипичен македонски земјоделец. Ристо е од струмичко-радовишкиот крај и зборува на дијалект. Исто така често во својот говор ја користи фразата „разбираш“, како дел од сленгот или дијалектот.

Блажо (Бранко Огњановски) е исто така од струмичко-радовишкиот крај и зборува со соодветен дијалект. Најчесто Блажо се појавува во тандем со Ристо.

Полицаецот (Васко Тодоров) е лик кој го отликува стереотипот за полицајците во Македонија. Најчесто неименуван, тој има карактеристики на смотан и не многу учен човек.

Албанецот (Бранко Огњановски) е лик кој најчесто се појавува во скечови каде што се прави сатирична критика на меѓуетничките односи меѓу Албанците и другите националности во Македонија (претежно Македонците). Овој лик некогаш е именуван иронично како Зоран (што е нетипично албанско име, особено изговорено со неговиот акцент) и е познат по тоа што е снаодлив и успева да излезе како добар и умен иако не секогаш е. Ликот е познат по тоа што има изговор како стереотипичниот Албанец од Македонија.

Гркот (Бранко Огњановски) е лик кој најчесто се појавува со перика од долга виткана (налик на афро фризура) коса и ги изговара македонските зборови со специфичен акцент како Грк. Овој лик некогаш е именуван како Јорго и има улога на надреден и е на повисоко социјално ниво од Македонците и често има навредлив и понижувачки однос кон нив.

Охриѓанецот (Бранко Огњановски) е лик кој претставува стереотипичен Охриѓанец и познат е по охридскиот дијалект и нетрпеливоста со Скопјаните, особено во туристички контекст. Овој лик некогаш, но ретко е именуван како Номче (или Наум, Наумче).

Бапчо Конопишки (Каров) е лик кој настапува заедно со групата претежно во периодот од 1995-1998 година кога „К-15“ снимале долгометражни епизоди.

petre@emagazin.mk

1 Comment

  1. […] „К-15„, најгледаното ТВ шоу на сите времиња […]

    Pingback by Згасна К-15 продукција | Подгорци инфо сервис — November 28, 2014 @ 9:06 am

RSS feed for comments on this post. TrackBack URL

Sorry, the comment form is closed at this time.

Powered by WordPress