January 3, 2015

Мрачната тајна на новогодишниот Виенски концерт

Filed under: свет — Tags: , , — @ 9:32 am

Виенската филхармонија има своевидна традиција да приреди грандиозен концерт на класична музика, на првиот ден од новата година. Малкумина знаат како е дојдено до овој обичај и дека оваа традиција има и своја темна страна.

Многумина сметаат дека овие новогодишни концерти и’ припаѓаат на традиција стара неколку векови, меѓутоа, тие всушност започнале за време на нацистичкото владеење. Всушност, овие концерти се проект на Јозеф Гебелс – открива Би-Би-Си.

Првиот настап е одржан на новогодишната вечер во 1939 година, со цел собирање парични средства. Тоа бил план на Националсоцијалистичката партија на Хитлер, за да се купи гориво од собраните пари, за претстојните студени месеци.

На програмата на Филхармонијата биле и композициите на Јохан Штраус.

Организирањето на гала-концертот со музиката на Штраус земало замав дури со иницијатива на нацистите, кои имале план овие настани да го обединат целиот Трет рајх и да создадат своевиден дух на заедништво, но и да соберат парични средства. Било одлучено концертот да се одржува секоја година, на новогодишната ноќ, како и на првиот ден од новата календарска година.

Со оглед на тоа дека било јасно дека војната нема да биде кратка, се сметало дека композициите како валцерот „На убавиот син Дунав“ ќе го подигнат моралот на војската, но и на целата нација.

Кога се дознало дека Штраус има еврејски корени, Гебелс на сите начини се потрудил тоа да ги скрие, што и му успеало. По завршувањето на војната, многу работи поврзани со нацистите се смениле, но една останала иста. Концертите продолжиле да се одржуваат секоја година.

Уште една дамка на Виенската филхармонија

Уште една работа што фрла дамка на Виенската филхармонија е тоа што во шеесеттите години на 20 век, го одликувала и му укажала голема чест на Балдур фон Ширак, нацистичкиот гувернер на Виена, и тоа откако излегол од затвор, по 20 години робија поради депортација на неколку илјади Евреи.

Всушност, тој бил награден со престижен прстен на Филхармонијата во 1942 година. Меѓутоа, по војната, тоа одликување се „загубило“. По отслужувањето на затворската казна во Шпандау, за злосторства сторени во Втората светска војна, Балдур фон Ширак добил покана од Филхармонијата, за да му биде врачена замена за изгубеното одликување.

Кога јавноста дознала за овој срамен чин на една од најугледните австриски институции, Филхармонијата била принудена да отповика и повлече шест одликувања што им ги доделила на нацистички офицери. Сепак, традицијата на концертот опстанала.

 

 

No Comments

No comments yet.

RSS feed for comments on this post.

Sorry, the comment form is closed at this time.

Powered by WordPress