October 30, 2013

Во даночните раеви се одлеале сто милиони евра од Македонија

Во карипските земји како Сент Винсент и Гренадини, Британските девствени острови, како и во Швајцарија и други земји познати како таканаречени даночни реаеви само во изминатава година и половина од Македонија се одлеале околу 100 милиони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека во текот на 2012 година на Британските девствени острови биле префрлени околу 10 милиони евра од земјава, на Сент Винсент и Гренадини завршиле околу 27 милиони евра, а околу 20 милиони евра се одлеале во Швајцарија. Нешто помали суми пари биле трансферирани и на Кајманските острови, во Џерси и на Исланд.

Ваквиот тренд на одлевање на капиталот во таканаречените даночни раеви продолжил и годинава. Имено, само во првите шест месеци од 2013 година на оф-шор сметките во Сент Винсент и Гренадини завршиле 20,3 милиони евра.

ИЗМИНА ПОЛОВИНА ГОДИНА ОД БАНКАРСКИОТ ВИКИЛИКС

Иако во април годинава беше најавено дека за неколку недели ќе бидат соопштени звучни имиња од Македонија, Србија и другите земји што произлегоа од поранешната СФРЈ, а кои имаат тајни банкарски сметки во егзотичните банки лоцирани во земјите-даночни раеви засега по речиси половина година нивните имиња остануваат тајна.

Имено, словенечкиот новинар Блаж Згага во април кога изби аферата со тајните банкарски сметки познат како „Банкарски Викиликс“, за македонските медиуми изјави дека во неа се вклучени и бизнисмени од поранешна Југославија, вклучувајќи ја тука и Македонија.

„Можам да потврдам дека има личности од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Македонија, значи речиси од сите поранешни југословенски републики. Но за ова детално ќе објавиме во наредните недели, кога ќе ја завршиме целата истрага. Точно е, има навистина познати личности и интересно е што некои од тие личности веќе соработувале прекугранично и мислам дека тоа ќе биде навистина интересен дел од истрагата“, изјави тогаш Згага.

ЕГЗОТИЧНИ ИМИЊА; НИТУ ЕДЕН МАКЕДОНЕЦ

Сепак, освен дузина имиња меѓу кои се најдоа Михаил Фридман – руски олигарх, Има Маркус, гувернерка на филипинската провинција Илокос Норте и најстара ќерка на бившиот диктатор Фердинанд Маркос, како и Лејла и Арза Алиеви, ќерки на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, потоа претседателот на парламентот на Монголија, Бајартсорт Сангајав, шпанската бароница и уметничка – колекционерка Кармен Сервера и уште неколку други, во оваа афера не беше спомнато името на ниту еден активен политичар од Европа, ниту пак на некоја истакната личност од Америка, а уште помалку од Македонија.

nikola@emagazin.mk

1 Comment

  1. […] […]

    Pingback by Српските бизнисмени најмногу инвестираат во мачки без опашки | Подгорци инфо сервис — December 7, 2014 @ 12:27 pm

RSS feed for comments on this post. TrackBack URL

Sorry, the comment form is closed at this time.

Powered by WordPress