January 16, 2015

Меркел: Путин нема да биде поканет на средбата на Г-7 во Баварија

Filed under: свет — Tags: , — @ 10:34 am

Нема шанси рускиот претседател Владимир Путин да биде поканет на средбата на лидерите од Г-7, изјави германската канцеларка Ангела Меркел, која ќе биде домаќин на средбата во јуни во Баварија.

„Г-7 и поранешната група Г-8 отсекогаш се сметале за заедница, основана на вредности. Анексијата на Крим, која беше нарушување на принципите на меѓународното право, како и настаните во Источна Украина, ги поткопуваат сериозно тие вредности. Затоа, нема шанси засега Путин да биде поканет на средбата на врвот на Г-7 во Баварија во јуни“, истакна канцеларката.

Таа ја повтори позицијата дека Европа не може да разгледува укинување на санкциите против Русија, додека не бидат отстранети причините за нивно наложување.

January 7, 2015

Хакнат сајтот на Ангела Меркел

Filed under: свет — Tags: , , — @ 10:32 pm

Нападнат е сајтот на германската канцеларка Ангела Меркел. Одговорноста за хакерскиот напад ја презеде една проруска група од Украина.

Официјалниот сајт на германската канцеларка Ангела Меркел,  на  германската Влада  и на  Долниот дом на германскиот Бундестаг беа привремено вон функција по сериозниот напад, изјави портпаролот на  канцеларката,  Штефан Зајберт, пренесува  Танјуг.

“Центарот на  податоците на нашиот провајдера е тешко нападнат, а нападот, според првичните информации е изведен од различни системи, изјави Зајберт, додавајќи дека засега не располага со други информации.

Тој потврди дека привремено бил нападнат и сајтот на германското министерство за надворешни работи, пренесува АФП.

Хакери, који себе си нарекуваат  “Сајбер Беркут”, во соопштение порачаа дека тие ги урнаа сајтовите на германската канцеларка и на Бундестагот.

Хакерите порачаа дека апелираат Германија да “престане да дава финансиска и политичка помош на официјалниот режим во Киев, кој ја започна крвавата граѓанска војна”.

December 26, 2014

Ангела Меркел е личност на годината според „Тајмс“

- Германската канцеларка Ангела Меркел е прогласена за личност на годината од влијателниот британски дневен весник „Тајмс“, пренесува ТАСС.

Британскиот весник ја истакнува улогата на Меркел за воспоставување дијалог меѓу Западот и Русија.

– Меркел е истакнат европски политичар и една од највлијателните жени во светот, пишува весникот.

Според „Тајмс“ Меркел се покажа како незаменлив посредник меѓу Истокот и Западот во изминатата година, кога односите меѓу двете страни беа затегнати до крајни граници за време на најопасната геополитичка криза од времето на Студената војна.

Ангела Меркел на 22 ноември 2005 година стана најмладиот канцелар на Германија и прва жена на оваа функција. Меркел ужива висок рејтинг, а Германците го сакаат нејзиниот мирен стил на управување и способноста да постигне компромис со политичките противници.

 

November 15, 2014

(Фото/Видео) Како лудува Меркел

Filed under: свет — Tags: , , , — @ 9:07 pm

Покрај тоа што е најмоќната жена во светската политика, германската канцеларка Ангела Меркел знае да покаже дека е опуштена и забавна. Минатата ноќ направи пауза од Самитот на Г20, ги посети локалните пабови, направи неколку селфи фотографии и се поздрави со локалните граѓани.

Луѓето срдечно ја дочекаа пред еден паб кога видоа дека таа пристигнува. Бризбејн важи за град кој е познат по добрата ноќна забава, па Меркел сакаше и лично да се увери во тоа.

Видеото ОВДЕ.

 

 

 

 

 

November 7, 2014

Ангела Меркел затечена од штрајкот на германските железничари

Штрајкот на германските железничари предизвика голем метеж на автопатиштата.

Тоа предизвика и шпекулации дали во текот на викендот во Германија ќе има недостиг на бензин и покрена ретка интервенција на канцеларот Ангела Меркел која побара посредник за решавање на проблемот.

- Може само да апелирам на нивното чувство за одговорност да пронајдат решение што ќе предизвика најмала можна штета за сите нас во државата со задржување на правото на штрајк, изјави Меркел.

Медиумите најавуваат дека надлежен суд денеска ќе одлучува за судбината на тој штрајк и дали по барање на Дојче бан може да се забрани.

August 28, 2014

Приказната за Ангела Меркел: Жената која владее со Европа и која ќе го „спасува“ Балканот

Ангела Доротеа Меркел, родена како Каснер на 17 јули 1954 е канцелар на Германија од 2005 и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) од 2000. Таа е прва жена која е избрана на таа функција.

Образувана во насоката физичка хемија, Меркел влегла во политиката во бранот на револуциите од 1989, кратко служејќи како гласноговорник за источногерманската влада.

По повторното обединување во 1990, била избрана воБундестагот за изборниот округ Штралзунд-Северна Западна Померанија-Риген во покраината Мекленбург-Западна Померанија, која и денес претставува нејзина изборна единица.

Подоцна била назначена за сојузна министерка за жени и млади во 1991 под водство на канцеларот Хелмут Кол, по што била унапредена во сојузна министерка за животна средина, заштита на природата и нуклеарна заштита во 1994.

Откако коалицијата ЦДУ/ЦСУ била поразена во 1998 била избрана за генерален секретар на ЦДУ, пред да биде избрана за прв женски лидер на партијата во 2000.

По сојузните општи избори во 2005 била назначена за прва жена канцелар на чело на големата коалиција, која се состоела од нејзината партија ЦДУ, нејзината сестринска партија од Баварија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

На сојузните општи избори во 2009, ЦДУ добила најголем број од гласовите и Меркел можела да создаде коалициска влада со поддршка на ЦСУ и Слободната демократска партија (ФДП).

На сојузните општи избори во 2013, Меркел ги поведе ЦДУ/ЦСУ на уште една победа, освојувајќи скоро мнозинство во Бундестагот, со освоени 41,5% од гласовите.

Во 2007, Меркел е претседател на Европскиот Совет и го водеше Г8, втора жена (по Маргарет Тачер) која го направила тоа.

Игра средишна улога во преговорите за Лисабонскиот договор и Берлинската декларација.

Еден од нејзините приоритети е исто така да ги зајакне трансатлантските економски врски преку потпишување на договорот за Трансатлантскиот економски совет на 30 април 2007.

Меркел одигра исклучителна улога во управувањето со финансиската криза на европско и светско ниво и е нарекувана како „одлучувач“.

Дома, реформата на здравствената заштита и проблемите во врски со изворите на енергија се главните проблеми за време на нејзиниот мандат.

Ангела Меркел се опишува како де факто лидер на Европската Унија,и е рангирана за втора највлијателна личност во светот од страна на списанието Forbes во 2012, највисок пласман некогаш постигнат од страна на некоја жена, додека според најновите рангирање е сместена на петтото место.

Извор: Википедија

August 12, 2014

Ангела Меркел организира конференција за економските потенцијали на Балканот

На иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел, кон крајот на август во Берлин ќе биде организирана економска конференција со цел германското Министерство за економија и енергетика да се информира за економските потенцијали и можностите на Балканот.

Собирот ќе биде насловен „Економска конференција за Западен Балкан“, а негово главно мото ќе биде „Преку трговија, инвестиции и регионална соработка, до нова динамика“.

Регионот во иднина ќе понуди големи шанси – земјите од Западен Балкан не ги преземаат само високиите европски стандарди, туку и од геополитички аспект имаат централна улога во европските енергетски и сообраќајни проекти, се наведува во соопштението на Министерство за економија и енергетика на Германија

August 1, 2014

Индепендент: Таен план на Меркел и Путин за Украина

Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин имаат таен план за да се реши по мирен пат меѓународната криза во Украина, објави Индепендент.

Според тој договор, Европа за признавање на Крим во состав на Русија би добила сигурно снабдување со руски гас. Основна цел за тајниот мировен план е како што тврди весникот, стабилизација на украинската граница и обезбедување силни економски дотации за финансиски осиромашената Украина, особено со нов енергетски договор кој би обезбедил снабдување на Украина со гас и Европа.

Планот предвидува првично меѓународната заедница да ја признае независноста на Крим и неговото присоединување кон Русија. Извори блиски до Меркел и Путин, наведуваат дека во случај на постигнат договор, Русија би морала веднаш да ја повлече својата финансиска и воена помош за проруските сили на исток во Украина.

Истовремено, Украина би морала да се откаже од членство во НАТО. Русија за возврат би престанала да блокира или да се меша во новите трговски односи меѓу Украина и ЕУ.

Украинците би добиле нов долгорочен договор со Гаспром за идните испораки на гас и за цената.

Москва би исплатила отштета за Украина од милијарда долари поради губење рента која Русија ја плаќала на Киев за стационирањето сили на Крим и Севастопољ.

Тие обиди на Меркел да посредува меѓу Путин и украинскиот претседател Петро Порошенко се откажани по соборувањето на малезискиот авион на исток во Украина, наведува Индепендент.

Извори за весникот тврдат дека „германскиот мировен план се уште е на маса“ и се очекуваат преговори по истрагата за причините за падот на авоинот во кој загинаа 298 луѓе.

July 18, 2014

Ангела Меркел ќе го решава името

Канцеларката Ангела Меркел ги знае комбинациите околу името за Македонија, а тоа го кажа на традиционална летна прес-конференција во Берлин, пренесува Утрински весник.

„Развојот на Македонија е блокиран бидејќи не е решен спорот со името. За ова прашање разговарам и со грчкиот премиер. Треба да се види дека за Македонија од големо значење би било оваа расправија околу името да се надмине. Без компромис, тоа нема да е возможно. Но, независно од ова, во целокупниот процес на вклучување на Македонија во Унијата, темата за правата на малцинствата ќе има централна улога“, изјавила Меркел пред домашни и странски новинари.

„Ви паѓа ли на ум креативно и умно решение за таканаречениот спор околу името? Сакате ли и лично повеќе да се заложите околу решението?“, беше прашањето од „Дојче веле“ на кое Меркел одговори:

„Со оглед на тоа дека бројот на комбинациите околу името што доаѓаат предвид е ограничен, сега јавно не би ги кажала, зашто така би го ’изгорела’ предлогот. Така е, зашто ако нешто кажам, можам да се обложам дека ќе пристигнат два деманти – од Грција и од Македонија, или еден… Значи таа варијанта нема да е веројатна. Затоа, моите разговори околу името се доверливи. Тие и онака се тешки. Затоа има бранови во кои се внесувам во спорот, но и фази во кои оставам работите да мируваат. Но, со сигурност – ќе дојде момент кога лично ќе се заложам. На крајот, може да помогнеме, но доколку актерите меѓусебно не се доближат, мојата помош не помага“, одговори канцеларката.

Извор: Утрински весник

July 15, 2014

Дури и Меркел неможе да најде име за Македонија

“Компромисот за името не треба да ве усреќи, туку да ви даде чувство за правичност”, порача германската канцеларка Ангела Меркел од Дубровник, изјавувајќи дека и самата пробала да најде комбинација за име на Македонија – но сфатила дека тоа не е можно без отстапки, пренесува Утрински весник.

“За Македонија името е голем проблем во однос на Грција. Лично се занимавав со сите можни комбинации на имиња, но на крајот ништо нема да биде можно без компромис. Ние во Германија велиме дека сите се еднакво среќни по компромис. Од компромисот човек не треба да очекува да заврши со чувство на среќа, туку треба да биде чувство на правичност”, изјави Меркел на форумот на лидерите од Западен Балкан, Хрватска и Словенија, на кој таа беше специјална гостинка.

Генерално за целиот регион, Меркел порачала дека му треба економско закрепнување, дека треба да се обрне особено внимание на инфраструктурата како услов за тоа, и дека треба уште работа околу владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, медиумите и транспарентноста.
“Држава во која граѓаните не можат да ги остварат своите права е држава во која нејзините граѓани се сомневаат”, изјавила Меркел пред лидерите од регионот, меѓу кои и претседателот Ѓорге Иванов кој учествува на форумот.

“Сакам јасно да кажам тука дека Германија се стои цврсто на ветувањето за ЕУ- перспектива на земјите од регионот. Нашите ветувања и ги исполнивме, иако кај нас дома не е баш најлесно да се постигне тоа, но верувам дека и кај нас се уште сака, зашто е ветување. Но, напредокот мора да биде мерли. Се’ што е постигнато пред влегувањето не предизвикува конфликти по влегувањето, а тоа го знаат Словенија и Хрватска. Можеби некогаш беа лути на нас, но денес конфликтните прашања се решени, тоа се мора”, порачала Меркел.

Меркел, по Франсоа Оланд, е втората моќна европска функционерка која дојде на регионалниот собир од Процесот Брдо-Бриони, за да покаже дека ветувањата на ЕУ за некое идно членство не се празна реторика, бидејќи нивниот глас е одлучувачки во Брисел.

Ова е трет собир на вакво ниво, од Загреб, преку Брдо до Дубровник годинава, а теми се политичката ситуација во регионот, иднината на проширувањето, клучните инфраструктурни проекти и енергетското поврзување, поради што присуствува еврокомесарот од овој ресор, Гинтер Отингер.

Извор: Утрински весник

Постари вести »

Powered by WordPress