January 9, 2015

Во Битола ќе се гради фудбалски стадион со капацитет од 10.000 гледачи

Filed under: локално — Tags: , , — @ 9:27 am

Општина Битола распиша оглас за изработка на архитектонско-урбанистички проект за изградба на фудбалски стадион за 9.907 гледачи кај Тумбе Кафе.

Проценетата вредност на договорот без ДДВ е 101.695 денари, а понудите треба да се достават најдоцна до 13.01.2015 во 13.00 часот.
.

January 5, 2015

Битола сака чист воздух и води „борба“ за истото да го добие. Барем почнаа од некаде

Минусните температури и снегот ги „замрзнаа“ ПМ 10 честичките во воздухот, но загадувањето главно останува одмрзнат проблем во државата. Здружението „За нас се работи“ од Битола, во изминатиот период презеде низа активности, иницијативи и конкретни чекори за да се подобри амбиенталниот воздух во градот под Пелистер, кој е меѓу најзагадените во државата.

На 23 декември, ова Здружение потпиша меморандумот за соработка со Општина Битола. Целта е доведување на квалитетот на амбиенталниот воздух во границите на дозволените вредности.Преку утврдување на хемискиот состав на честичките, ќе се добие поверодостојна слика за примарните и секундарни загадувачи. Ќе се утврди дали тоа е РЕК Битола, дали е греењето на дрва, мазутот, дизел моторите, градежните локации. Од Здружението се први кои сами нарачале вонинституционално мерење на загаденоста.

„Здружението „За нас се работи“ обезбеди мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух на различни состојки преку поставување на мобилна мерна станица во централното градско подрачје која ќе ја мери остојбата на воздухот.Општина Битола е во тек на постапка за распишување на јавен оглас за обезбедување на мерења од лиценцирана лабораторија, во сите годишни времиња. Со тоа, би се обезбедиле податоци за квалитетот во различни временски услови,“ вели Иван Јерчиќ од Здружението „За нас се работи“.

Мерењата кои Здружението ги нарачало, ќе се изведат во лиценцирана лабораторија во Србија. Првичните резултати се очекуваат да бидат готови кон крајот на јануари. Мерењата кои ќе се спроведат по нарачка на Општината ќе започнат најдоцна во мемесец февруари, а првичните резултати за хемискиот состав треба да се добијат до крај на април. Врз основа на компаративните мерења од страна на здружението и општината кои би се добиле до крај на мај, треба да се преземат и сите законски обврски. Стручен тим составен од двете страни, ќе мониторира дали ќе се реализираат активностите согласно законот. Општината донела 21 мерка краткорочни, среднорочни и долгорочни за подобрување на амбиенталниот воздух, но незначителен дел од нив се применети.

Проблемот е што во моментот мерната станица Битола 2 не работи, а Здружението од Министерство за животна средина има најава дека по новогодишните и божиќните празници истата ќе биде ставена во функција.

„Појдовниот револт на граѓаните на Битола кои се здружија во Здружение (13.500 поддржувачи, 600-700 пристапници) тргна од документ, пилот програма правена за Битола изработена од експерти од Финска, која ја правеле 2006-2011 година. Во студијата за импактот на термоцентралите врз човековото здравје, независните експерти посочуваат дека главен загадувач се термоцентралите. Во студијата се вели дека дозволен број на денови во годината во кои присуството на тие ПМ честички е над дозволеното е 35, а во Битола од 2006 до 2011 бројот на денови во кои таквите честички се над дозволеното е во просек 150. Од тука произлегува дека Битола, половина година е во вонредна состојба за воздухот,“ изјави Илија Балтовски од здружението.

Од „За нас се работи“ го најавуваат и проектот „Информирај се, едуцирај се, активирај се“ кој ќе работи на подигнување на еко-свеста на граѓаните, процес кој се одвива бавно. Пред нив стои предизвикот на зголемување на свеста на луѓето за штетноста од греење на дрва како и возење на стари автомобили за кои ќе се покаже дали имаат влијание врз загадувањето на воздухот.

Најавуваат и документарен филм за целата историја на проблемот, промоција и актуелизација. До пролет ќе бидат организирани четири ЕКО форуми.

January 2, 2015

Времено укинати два воза до Битола и Кичево

Поради лошите временски услови и ниските температури од утре времено ќе бидат укинати возовите број 541/540 на релација Скопје – Битола – Скопје и 660/663 на релација Скопје – Кичево – Скопје.

Како што соопшти МЖ Транспорт АД – Скопје, двата наведени воза нема да сообраќаат се додека не се стекнат услови за нивно повторно воведување во редовниот железнички сообраќај.

December 30, 2014

Историски најниски температури забележани во Битола и Берово

Filed under: македонија — Tags: , , — @ 8:58 am

Во Македонија, најниски температури се забележани во Битола и во Берово, достигнувајќи -31,5 степени (измерени во 1954 година), а најголема снежна покривка е измерена во Маврово и на други делови од планината Бистра, со длабочина и до 2 метри (во 2006 година).

Ваквата температура е евидентиран како најниска во Македонија од 1925 година наваму.

Најврнежливи места се во долината на Радика и по падините на Бистра и Стогово, каде просечно годишно има по околу 1.200-1.400 мм врнежи.

December 25, 2014

Бугарски конзорциум ќе работи на пругата Битола-Кременица

Filed under: бизнис — Tags: , , — @ 8:35 pm

Следната година се очекува да почнат градежните работи за пругата Битола – Кременица, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Во врска со постапката за почнување на изградба на пругата Битола – Кременица, пред некој ден е потпишан договор со конзорциум од Република Бугарија и очекувам некаде во првиот квартал од 2015 година да се започне со градежни активности, бидејќи веќе ЈП МЖ Инфраструктура имаат поднесено барање за одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски. Планираме првиот квартал од наредната година да се започне со градежни активности. Рехабилитацијата би траела 18 месеци согласно договорот“, изјави Јанакиевски.

Одговарајќи на прашање на пратеникот Зоран Илиоски, министерот посочи дека покрај реконструкцијата и градбата на оваа пруга, предвидено е со самиот проект да се изгради крак до индустриската зона Жабени. Тоа, според него, драстично ќе ја подобри инфраструктурата во самата индустриска зона, но исто така ќе ја направи зоната поатрактивна како за домашни така и за странски инвеститори.

„Покрај тоа целосно ќе се реконструира и догради железничката станица во Битола“, најави министерот.

Реконструкцијата на железничката станица во Скопје е на половина односно до 15 декември се завршени 55 отсто од планираните активности, информираше Јанакиески на седницата за пратенички прашања.

„Согласно договорот реконструкцијата треба да заврши во април наредната година. Градежните активности се одвиваат согласно предвидената динамика“, изјави Јанакиески.

Калиопи за Нова Година на плоштад во Битола

Новогодишните програмски блокови ќе почнат викендов со детска програма од фестивалите за деца и млади што се одржуваат во Битола, а ќе има и четири театарски претстави, најави градоначалникот Талески.

-Соработката со Калиопи ја договаравме повеќе време затоа што е преангажирана. Но, ете конечно ја имаме како ексклузивна ѕвезда на плоштадот „Магнолија“, а в лето ќе настапи и во Хераклеја во рамките на нашиот „БитФест“, посочи градоначалникот на Битола, Талески.

 

December 23, 2014

Ефтимоски повторно избран за претседател на Управен одбор на Стопанска банка Битола

Согласно Глава 6 од Правилата за котација, Стопанска банка Битола АД известува за следниве измени во органите на управување:

„Врз основа на Одлука од Надзорен одбор бр. 02-6522/I-1 од 03.11.2014 година и Решение за издавање претходна согласност од Народна банка на Република Македонија бр. 38817 од 18.12.2014 година, за член на Управен одбор и Претседател на Управен одбор на Стопанска банка а.д. Битола повторно е назначен м-р Владимир Ефтимоски„.

December 21, 2014

(Фото) Во Битола на кружен тек поставен клавир

Filed under: локално — Tags: , , , — @ 9:56 am

На кружниот тек кај Веро во Нова Битола, е поставен клавир, како симбол на богатата градска историја и синоним за Битола, кој во минатото беше град на клавирите.

Клавирот е донација од ЈП Комуналец, а е изработен од материјал отпорен на сите временски  прилики, односно да може да ги издржи топлите денови, но и студените зими и врнежите од дожд и снег.

Ова е втор симбил на градот поставен на еден од кружните текови. На влезот во Битола на кружниот тек кај педагошкиот факултет се наоѓа и првиот поставен симбол, филџанот за кафе, по традицијата на пиењето кафе на битолски Широк сокак.

Извор/фото: ТВ Орбис 

December 20, 2014

Koнцерти на „Љубојна“ вечер и утревечер во Универзална сала

Етно групата „Љубојна“ која ја негува македонската традиционална музика вечер во 20:30 часот во Универзалната сала во Скопје, ќе одржи концерт насловен „Љубојна музика на дланка“. Групата утревечер во истото време ќе одржи уште еден концерт во Универзалната сала.

На концертите ќе има музика од нивниот последен албум „Незгаснати огништа“, како и хитови од нивните претходни албуми.

Влезниците и за вториот концерт веќе се во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за се’“ и билетарницата на „Универзална сала“.

„Љубојна“ ќе одржи концерт и во Битола на 27 декември во Домот на културата.

Групата ги има издадено и албумите: „П.С.О.“ (2005) со музика компонирана за театарската претстава „Парите се отепувачка“ според драмата на Ристо Крле, „Macedonia fresh“ (2008) со чалгиска музика, „Песна за мојата песна“ (2009), направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, „Ljubojna in life“ (2011) – концерт снимен во живо, во Универзалната сала во Скопје, како и „Ljubojna Brass Fantasy“ (2012) снимен со голем дувачки оркестар.

„Љубојна“ работи на проекти што се засноваат на истражувања на македонската музика и култура. Таа стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 година од кога е основана, групата настапува со разновидни мултимедијални претстави и концерти во светот.

(Фото) На македонскиот пазар пристигна нова дрога

Filed under: македонија — Tags: , , , — @ 11:55 am

Против Т.М. (23) е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Кај битолчанецот во џебот од панталоните била пронајдена зипер ќесичка со 30 коцки синтетичка психоактивна супстанција со халуциногено дејство, која не се наоѓа на македонската листа на контролирани психотропни супстанции и опојни дроги. Според силата, оваа синтетичка дрога, како што појаснуваат од полицијата, е со послабо дејство од ЛСД. Коцките биле натопени со супстанца 25C-NBOMe, меѓу американските корисници позната како „Н-бомба“, откриена уште во 2003 година преку хемиски процес. И оваа нова синтетичка дрога е многу евтина, а засега е забранета во Шведска и во Русија. Надлежните апелираат многу да се внимава при користењето на овие нови, непознати синтетички дроги затоа што последиците од неа се уште не се познати.

За овој случај полицијата го информираше Министерството за здравство за тоа дека на илегалниот пазар се појавила нова супстанца која дејствува како дрога, за да се поведе постапка за внесување на оваа супстанца на листата на контролирани психотропни супстанции и опојни дроги. Оваа листа секоја година се дополнува поради брзиот развој на синтетички дроги кои може да се прават и дома во кујна.

Кај Т.М. биле пронајдени и 25 екстази таблети.

Постари вести »

Powered by WordPress