January 15, 2015

УНИБанка со нова експозитура во Буњаковец

УНИБанка пушти во употреба нова експозитурата во Скопје, како дел од мрежата на експозитури. Новата експозитура е лоцирана во Буњаковец, со адреса на Бул. Партизански одреди бр.25 локал 1 и ќе ги извршува сите оперативни работни активности потребни за клиентите.

Новата експозитура е модерна и подготвена да ги услужи сите оние кои бараат професионалност, флексибилност и непосреден контакт при завршувањето на работата.

УНИБанка го темели својот успех на цврсто поставени стандарди, квалитетна услуга и задоволни клиенти.
Во иднина ќе се продолжи со реализација на активности и проекти, со цел излагање во пресрет на потребите на клиентите.

November 20, 2013

Автономен културно социјален совет, нова слободна зона во Скопје

Во петок во Скопје се отвара Автономен културно социјален совет (АКСЦ), нова слободна зона во Скопје за културно делување, критичко размислување, дебатирање и активизам, најавуваат лицата кои стојат позади овој Центар.

Локацијата на центарот е на ул. Борка Талески бр. 24, позади т.ц. Буњаковец, помеѓу основното училиште „Ј. Х. Песталоци“ и Романска Амбасада.

Отворањето ќе се состои во повеќе настани. На поетскиот преформанс „Меѓу нас“ на неконвенционален начин и во интеракција со публиката ќе се рецитира поезија од автори како Кочо Рацин, Петре М. Андреевски, Артур Рембо и други.

Ќе има и проекција на видео материјали собрани од сите досегашни граѓански иницијативи и протести, како и активистичко ќоше со фотографии.

На изложбата со наслов „Без концепт“ ќе бидат изложени дела од современата локална уметничка сцена. „Политички компас“ ќе им послужи на присутните да ги тестираат своите идеолошки убедувања, велат од АКСЦ.

„АКСЦ работи без профит. Партизански, волонтерски, ентузијастички. Без пари, ама со срце! Целиот простор е опремен и уреден благодарение на меѓусебната соработка на уметници, активисти, како и на солидарноста на сите граѓани. Моделот за опстанок е солидарност, самоорганизација и самоодржливост“, велат од АКСЦ.

 

За да успееш, мораш да се вложиш целосно

„Виталиа“, компанијата за здрава храна изминатата недела го прослави својот јубилеен 20-ти роденден. Истовремено компанијата се закити и со престижната награда „13 Ноември“, доделена од Град Скопје за проектот „5-ка за здрава храна – проект за едукација на младата популација за здрава храна и практикување здрав животен стил“.

Токму по тој повод нови гости во нашата рубрика „Во Гурмет со“ се наследниците и генерални директори на „Виталиа“: Искра Ветаџокоска-Муцунска и Димитар Ветаџокa.

Разговорот го започнавме со мошне интересна тема: семејството.

„Нашето потесно семејство е составено пред се од инженери. Растејќи во опкружување на технички образувани лица логично беше и јас и брат ми еден ден да станеме инжинери. Тој електро, а јас машински. Токму инженерската логика е таа која ни помага во успешно менаџирање на компанијата“, вели Искра.

Димитар е постар една година и уште како дете важел за темпераментен и амбициозен. Кај Искра пак преовладувале упорноста и одлучноста. Но она што во детството, а и денес го негуваат е заштитничкиот меѓусебен однос.

„Димитар секогаш беше мојот поголем брат, кој ме заштитуваше во критични моменти, но морам да кажам дека истото го правев и јас. Важев за цврста издржлива  девојка :) “, вели со насмевка Искра.

Во детството Искра сонувала да стане балерина и извесно време посетувала часови по балет. Била дел и од професионалната група на КУД „Орце Николов“. Димитар свирел мандола во оркестарот во ОУ „Коле Неделковски“ и гитара во оркестарот во МКЦ, сакал да стане “компјутерџија“ и се интересирал за се што има било каква врска со техника, компјутерски мрежи и програмирање на софтвер.

„Ми недостасува свирењето, но за жал денес немам време да се посветам на тоа. Гитарата се уште ја имам и чека “подобри” времиња. Но желбата за музицирање ја пренесувам на мојот син. Убаво е кога домот е исполнет со пријатни тонови“, вели Димитар.

„Музиката одсекогаш ми била голема инспирација за сонување на секое поле, но во гимназија приоритетите ми се променија. Сепак денес во миговите на напнатост и стрес најголема одишка наоѓам токму во музиката која секогаш во мене предизвикува позитивни емоции“, раскажува Искра.

И двајцата завршиле средно училиште во скопската гимназија Корчагин, а тоа што е интересно за нив во овој период од животот е редовниот престој во странство. Уште од втора година средно училиште ги стекнале првите работни искуства и нови знаења.

Секое лето во должина од два месеца и двајцата престојувале во неколку европски земји каде преку работа се граделе како личности и изучувале странски јазик. Искра работела во Германија и Швајцарија.

“Во Германија го имав првото работно искувство во угостителство и тоа во хотелот на мојот драг чичко. Миење садови, служење на гостите, средување на собите, се што се работи во еден хотел. Во Швајцарија престојував во фамилија и токму таму ја имав првата средба со муслите. Ми се допадна оброкот и се заинтересирав што е тоа и како се подготвува. Ме воодушеви посветеноста на тамошните жители на здравата храна и на здравиот начин на живеење: редовна присутност на житни продукти во исхраната, живеење надвор од градот, редовно спортување во природа, екологија…Овие искувства ми ги проширија хоризонтите и ми помогнаа во мојата определба да ги применам здравите прехранбени навики и во моето секојдневие. Им благодарам на родителите што беа храбри и не пуштија уште како млади да го осознаеме светот, а со тоа ни помогнаа да се осамостоиме“, вели Искра.

Димитар работел и учел во Данска и Англија.

„На 15 години се соочив со реалниот живот. Работев буквално се. Претежно физички работи: одржување хигиена, работа во ресторан… За мене тоа беше ново искуство, но за моите врсници во земјите каде што престојував претставуваше нормална активност, односно за нив беше нормално секое лето да работат за да си ги заработат парите за летен одмор. Првпат заработив плата со сопствен труд. Бидејќи не се работеше за бог знае каква сума, почнав да внимавам каде и како трошам. А што беше најчудно, почнав и да штедам :). За многу кратко време направив долготрајни и позитивни промени во начинот на размислување и живеење. На почетокот ми беше тешко, но ја разбрав вредноста на тоа искуство. Тоа е највредниот поклон што сум го добил од моите родители“, вели Димитар.

Но, основните работни навики ги стекнале дома, во рамките на своето семејство. Викендите вообичаено ги минувале во викендицата на Соње, каде активниот одмор бил редовна пракса наметната од нивниот татко Никола.

„За нас викенд значеше игра и дружба, но и обврски околу одржување на куќата и дворот: берење ореви, кроење на лозје, собирање лисја, фарбање огради…“, велат тие.

„Бевме и дел од случувањата во градот. Многубројните обврски и интереси на кои бевме посветени не не оделија и од ноќниот и културниот живот во Скопје. Со добра организација се има време за се“, вели Искра.

Факултетското образование го стекнале во сферата на техничките науки. Искра завршила Машински, а Димитар Електро факултет. Како еден од најдобрите студенти, Искра, десет години останува на факултетот како асистент, каде и магистрира. Димитар пак како програмер работел три години во ИТ компанијата “Грнаров“ и три години активно се занимавал со електронска трговија со акции на берзите NYSE и Nasdaq во Њујорк, САД.

Идејата на нивниот татко да започне со промоција на здравата храна во Македонија ја подржале уште од самиот почеток.

„Кога ни ја соопшти својата идеја која со оглед на тогашните навики во исхраната беше навистина храбра, не бевме премногу восхитени, но му дадовме подршка. Мојот татко е човек со визија. Тој ни покажа како со верба во својата идеја, со одлучност да се успее и со трудољубивост можат да се реализираат сите цели„, вели Искра.

Својата подршка и двајцата ја покажуваат во пракса. За време на студирањето помагаат на својот татко преку работа во првата продавница на „Виталиа“ во Буњаковец, делеле флаери, ги промовирале здравите продукти во трговијата и се грижеле за снабдувањето и дистрибуцијата која тогаш била во зачеток.

„Пред “Виталиа“ да влезе на пазарот со здрава храна, во Скопје имаше само две продавници од таков тип, кои за кратко време се затворија. Најголем предизвик ни беше едукацијата на јавноста и беше потребно да се креира пазар односно побарувачка, бидејќи не постоеше. Знаевме дека времето е на наша страна и дека трендовите во исхраната за Запад кога тогаш ќе станат тренд и кај нас. Меѓутоа ние вложивме многу труд тоа време да се скрати, односно тоа да се случи веднаш. Наидовме на плодна почва, навиките брзо се менуваа и имавме голема поддршка и симпатии од сограѓаните. Упорноста и трпеливоста вродија со плод и „Виталиа“ прерасна во лидер на овој пазар од повеќе аспекти…“, раскажува Димитар.

„Тоа што посебно го ценам кај татко ми е што не научи да не „трчаме“ по брзи профити, туку да се стремиме кон континуиран и стабилен развој. Со својот личен пример во односот кон работењето, партнерите и компанијата, ни покажа дека транспарентноста, почитувањето и професионалноста се вистинските параметри по кои треба да се водиме во животот. Бевме и се уште сме многу скромни, но упорни“, вели Искра.

„Виталиа“ се раѓа во времето кога се растура Југославија, период во кој голем број бизнисмени се во трка за превземање на застапништво на веќе етаблирани брендови. Но фамилијата Ветаџокоски се определува за потешкиот пат, се одлучи да создаде свој бренд.

„Да се влезе на непознат пазар беше ризично, а и немавме претходно искувство во производство на храна. На почетокот ни одеше тешко и поради тоа внимаваме на секој денар, секој следен чекор во развојот на „Виталиа“ го правевме многу внимателно, бидејќи немавме простор за грешки. Растот и инвестициите ги планиравме според тоа што реално можеме да продадеме, а не според тоа што можеме да произведеме. Ова го практикуваме и денес без разлика што со „Виталиа“ направивме голем успех. Овој начин на работа и однос кон компанијата и нејзината иднина според мене е највредното наследство што сме го добиле од нашиот татко, бидејќи така ризиците ги сведуваме на минимум и ја гарантираме успешноста и долговечноста на „Виталиа“ на следните генерации. Научивме дека нема пократки патишта во работењето. Или здраво ќе се предадеш на работата или само прашање на време е кога ќе немаш ништо. Голем број фирми од тоа време се затворија, но ние успеавме„, вели Димитар.

Од пред пет години и двајцата се дел од менаџерскиот тим на „Виталиа“. И покрај драгоценото работно искувство во едукација, Искра решава да ја напушти државната работа.

„Некои од колегите ме охрабија и ме подржаа, а другите беа зачудени зошто од стабилна државна работа заминувам во приватниот, несигурен терен. Јас не се согласувам со таквите констатации. Сметам дека ако целосно се вложиш во тоа што го работиш, и ако го работиш со љубов, успехот е неизбежен… Едноставно почувствував дека токму „Виталиа“ е местото каде целосно можам да ја изразам својата креативност. Ме предизвикуваше и мотивираше процесот на создавање на  продукт во кој консументите ќе го пронајдат својот извор на задоволство и здравје„,вели Искра.

Во „Виталиа“ ги поминале сите фази на работењето што е круцијално за успешно менаџирање. Од набавка, производни процеси, продажба, книговодство…

„Слободно може да се каже дека малите и средните семејни производствени компании се двигателот на македонската економија. Тоа се најчесто успешни приказни, кои треба да се подржуваат. Во овие фирми има многу повеќе желба за успех и поголем ризик, бидејќи судбината на компанијата има огромно влијание на економската судбина на целото семејство…Радува фактот дека се поголем број од нив се ориентираат кон извозот. Сметам дека извозот треба да е примарна цел на секоја македонска производна компанија. Нашиот успех, а и успехот на други компании во продажбата надвор од Македонија е доказ дека компании од Македонија можат успешно да конкурираат на странските пазари, дури и на најголемите светски брендови. Нема ниту причина ниту простор ниту време за чувсто на инфериорност. Со малку повеќе верба во самите себе и во тоа што го работиме, таа бариера ”инфериорност” лесно се крши. Денес планетата е мала од аспект на достапност на информации и комуникациските можности.Тоа треба сите ние да го искористиме веднаш!“,  вели Димитар..

И двајцата велат дека круцијален фактор за успехот на нивната семејна компанија, е токму нивната мајка Емилија, пензиониран професор на Машински факултет.

„Таа е столбот на фамилијата и уште од најраното детство ми го потврди фактот дека жената е најдобриот менаџер во семејството со сета своја комплексност. Со својата упорност, толерантност и трпеливост ни помогна да останеме цврсти и сплотени во овој 20 годишен турболентен период. Во нас создаде емоционално стабилни личности за кои да се остане хуман и пред се човек е најголем импертив“, вели Искра.

Димитар е 11 години во брак со Маја, технолог, доктор на науки, вработена во Заводот за здравствена заштита, со која го има синот Никола (11).

„Како што ме воспитуваа моите родители, така и јас него го воспитувам да биде скромен и реален во животот, да не ја бара среќата во поседување скапи предмети, бидејќи нема да ја најде. Знае за огромното влијание на храната врз здравјето на човекот и на неговата дисциплина во исхраната, па му се чудат и многу повозрасни од него. Воспитан е дека не треба да го занемари спортот за сметка на учењето или спротивното. Со мала помош околу тоа како да си го организира времето, успеа да постигне баланс со кој одлично напредува и ментално и физички. Има големи амбиции за мало човече. Тренира тенис, учествува на турнири и веќе има освоено едно трето место, а на училиште учествува на натпревари по математика. Идоли му се Рафаел Надал и Ајнштајн. Вели дека сака да стане директор :). Од следната година ќе почне да доаѓа на пракса во „Виталиа“ и ќе си го заработува џепарлакот“, вели Димитар.

Искра е во брак со Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија. Имаат три деца, Владе (17), Мишел (16) и Гео (12).

“Mојот сопруг е мојата најголема потпора во реализацијата на моите амбициозни планови, а децата се мојот мотив да се успее. Среќна сум што нашите деца ги негуваат основните вредности, скромноста, почитта и праведноста. Свесни се за трудот и љубовта која ја вложуваме во работата и знаат дека успехот треба да се заслужи. Ме радува што водат здрав живот, се хранат здраво и спортуваат. Во супермаркет секогаш се определуваме за македонски производи. Ги учиме дека ние Македонците знаеме да создадеме квалитетни производи, а “Виталиа” е одличен пример за тоа. Сакам да ја изградам кај нив самодовербата и гордоста што се Македонци. Моите деца се моите најконструктивни критичари во работењето, посебно во развојот на нов „Виталиа” продукт. Уживам во нивните идеи и новиот начин на перципирање на светот околу нас. Би сакала „Виталиа“ да продолжи да биде семејна приказна, но секако дека ќе ги подржеме и доколку се определат за нешто сосема различно„, вели Искра.

Димитар и Искра се едногласни кога станува збор за здравиот начин на исхрана на нивните деца:

“На почетокот јас ги убедував за приготвување на здрава храна, а денес самите го бараат тоа. Во менито на моите деца редовно воведувам здрави производи и секогаш настојувам нивите желби да ги задоволам со здрава алтернатива на саканиот оброк”, вели Искра.

А Димитар пак додава: “Место чоколадо во училишна чанта на мојот син редовно се наоѓа пингви мусли бар како здрава ужинка, а денот редовно го започнува со мусли, здрав оброк кој ќе му даде ситост и енергија за успешно справување со училишните обрски”.

g4

НАШЕТО МЕНИ

Како и нашиот разговор така и ручекот се одвиваше токму во духот на здравата храна и здравиот животен стил. Од богатото мени на ресторанот „Гурмет“ со Ветаџокоски се определивме за здрава и лајт варијанта, македонска и Гурмет салата.

petre@emagazin.mk

June 24, 2013

Додека трепнеш, отишле 1.000 денари

 

Платата тешко се заработува, а лесно се троши, бидејќи добар дел од неа е и предвреме потрошена. Не земајќи ги предвид режиските, трошоците за гориво, социјалните активности, непредвидените издатоци кои излегуваат, анализираме колку пари ни требаат на дневна основа.

Трошењето е релативна работа.Секој троши колку што има, но да ги земеме предвид некои нормални човекови потреби кои треба да бидат задоволени од наутро до навечер.

Ако појадокот изнесува до 100 денари, а наутро еден вработен испланира и кафе пауза со колега тогаш ќе треба да одвои уште 80 денари за тоа задоволство.

Кафето и не е нужна потреба но долготрајното откажување од истото, ја доведува во прашање исплатливоста на работењето и прашањето на вредност како професионалец.

Цигарите кои се уште едно „скапо“ задоволство и ете ги 200-300 денари за почеток на денот. Додека си се расонил си потрошил околу пет евра.

Ручекот е посебна приказна. Еден килограм месо  се движи од 300 до 500 денари. Па така нема ручек под 200 или 300 денари доколку истиот сакате да го зачините со вкус на месо. Понекогаш поисплатливо е да каснете нешто надвор, бидејќи истите пари ќе ги дадете за сендвич, порција салата или нешто полесно.А, плус нема да се мачите и да готвите. Не велам дека е поисплатливо човек да се храни во ресторани, но и дома не се поминува нешто поевтино.

Среќа што е сезона на овошје и зеленчук. Но, ниту пазарите не се повеќе тоа што беа. Супермаркетите понекогаш се поевтини за овие производи. А, има разлика и од пазар до пазар. Цените воопшто не се исти на пазарите на Буњаковец или пак на пазарчето во Ѓорче Петров. По кој основ постои ваква дискриминација навистина не знам. Но знам дека Буњаковец и Тафталиџе се изгор скапи. Па оттука и доколку се решите да купите пипер, патлиџан, сезонско овошје не сте под 200 денари.

Ако појадокот и ручекот ги заокруживме на некои 600 денари, за вечерата или приквечерието исто така треба нешто да се планира. Добро, не мора да се вечера, но ако имате дете секако треба да го мислите што да му дадете, така што ако фрижидерот ви е празен,тогаш нема да поминете под 100-200 денари за нешто да му намачкате од нога.

Така што драги мои, врти –сучи како сакаш прави во ова време на скапитија 1000 денари не се ништо, односно се доволни за еден ден за едно семејство да се прехрани. А, во оваа вредност на парата може да влезе евентуално и еден поевтин артикал за лична хигиена. Ништо повеќе.

Средствата за хигиена се посебна приказна, па така ако хигиената беше половина здравје, сега е половина плата.

Но не земајќи ги предвид трошоците токму за овие средства, гориво, гардероба, социјални активности, кредити  според нашата математика излегува дека на едно тричлено семејство му се потребни само околу , 400-500 евра месечно да се прехрани. Земајќи ја предвид основната просечна плата според  Државниот завод за статистка кој изнесува 350 евра, таа не стигнува ниту за храна.

И што би рекол еден Американец вие навистина сте магионичари за преживување. И махери сте да трошите повеќе отколку што имате. Како да му објасни човек во што е финтата?

 

 

Powered by WordPress