January 15, 2015

Тајзи со прв концерт надвор од Македонија

Filed under: забава — Tags: , , — @ 1:02 pm

Македонскиот реге артист Тајзи и Иноватива Груп го најавуваат првиот негов концерт надвор од границите на нашата држава.

Почетокот на концертот е закажан во клубот “Jack`s House“, во Банско, Бугарија на 18 јануари (недел), со почеток во 23 часот

По успешниот, голем концерт во Скопје, во Универзалната сала, Тајзи за прв пат ќе се претстави на локалната, бугарска публика, но и пред македонските туристи на кои им се познати неговите хитови

January 8, 2015

Слаткаристика ќе одржи два концерти во Бугарија

Слаткаристика новата година ја започнува со солистички концерти во Бугарија. Рап-артистот со „Иноватива Груп“ го најавија првиот кој ќе се случи овој викенд на 10 јануари (сабота) во Банско, во дискотеката “Jack`s House“, а вториот, голем концерт на Слаткаристика во соседната држава е најавен на 20 Февруари (петок), во концертната сала на клубот „MixTape 5“ во Софија.

На двата концерти како специјален гостин е најавен еминентниот, и еден од најпознатите бугарски рап-артисти, член на групата „Upsurd“- Ицо Хазарта.

Слаткаристика пред неполни 2 месеци го промовираше видео записот за новата песна „Бумеранг“ кое беше реализирано од бугарската продукција „Facing The Sun“, во копродукција со Иноватива Груп. Истиот резултираше со големазаинтересираност и број на прегледи на YouTube, a Слаткаристика влезе во групата на „One Shot“ видео-едицијата како единствен странец до сега.

Нашиот рап-артист со сигурност е баран и слушан од бугарската публика, а како резултат се двата реализирани концерти и давата кои треба да се случат.Тој, за неполна година ќе заокружи два концерти во Софија, еден во Созопол и еден во Банско.

January 3, 2015

Мрачната тајна на новогодишниот Виенски концерт

Filed under: свет — Tags: , , — @ 9:32 am

Виенската филхармонија има своевидна традиција да приреди грандиозен концерт на класична музика, на првиот ден од новата година. Малкумина знаат како е дојдено до овој обичај и дека оваа традиција има и своја темна страна.

Многумина сметаат дека овие новогодишни концерти и’ припаѓаат на традиција стара неколку векови, меѓутоа, тие всушност започнале за време на нацистичкото владеење. Всушност, овие концерти се проект на Јозеф Гебелс – открива Би-Би-Си.

Првиот настап е одржан на новогодишната вечер во 1939 година, со цел собирање парични средства. Тоа бил план на Националсоцијалистичката партија на Хитлер, за да се купи гориво од собраните пари, за претстојните студени месеци.

На програмата на Филхармонијата биле и композициите на Јохан Штраус.

Организирањето на гала-концертот со музиката на Штраус земало замав дури со иницијатива на нацистите, кои имале план овие настани да го обединат целиот Трет рајх и да создадат своевиден дух на заедништво, но и да соберат парични средства. Било одлучено концертот да се одржува секоја година, на новогодишната ноќ, како и на првиот ден од новата календарска година.

Со оглед на тоа дека било јасно дека војната нема да биде кратка, се сметало дека композициите како валцерот „На убавиот син Дунав“ ќе го подигнат моралот на војската, но и на целата нација.

Кога се дознало дека Штраус има еврејски корени, Гебелс на сите начини се потрудил тоа да ги скрие, што и му успеало. По завршувањето на војната, многу работи поврзани со нацистите се смениле, но една останала иста. Концертите продолжиле да се одржуваат секоја година.

Уште една дамка на Виенската филхармонија

Уште една работа што фрла дамка на Виенската филхармонија е тоа што во шеесеттите години на 20 век, го одликувала и му укажала голема чест на Балдур фон Ширак, нацистичкиот гувернер на Виена, и тоа откако излегол од затвор, по 20 години робија поради депортација на неколку илјади Евреи.

Всушност, тој бил награден со престижен прстен на Филхармонијата во 1942 година. Меѓутоа, по војната, тоа одликување се „загубило“. По отслужувањето на затворската казна во Шпандау, за злосторства сторени во Втората светска војна, Балдур фон Ширак добил покана од Филхармонијата, за да му биде врачена замена за изгубеното одликување.

Кога јавноста дознала за овој срамен чин на една од најугледните австриски институции, Филхармонијата била принудена да отповика и повлече шест одликувања што им ги доделила на нацистички офицери. Сепак, традицијата на концертот опстанала.

 

 

December 20, 2014

Koнцерти на „Љубојна“ вечер и утревечер во Универзална сала

Етно групата „Љубојна“ која ја негува македонската традиционална музика вечер во 20:30 часот во Универзалната сала во Скопје, ќе одржи концерт насловен „Љубојна музика на дланка“. Групата утревечер во истото време ќе одржи уште еден концерт во Универзалната сала.

На концертите ќе има музика од нивниот последен албум „Незгаснати огништа“, како и хитови од нивните претходни албуми.

Влезниците и за вториот концерт веќе се во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за се’“ и билетарницата на „Универзална сала“.

„Љубојна“ ќе одржи концерт и во Битола на 27 декември во Домот на културата.

Групата ги има издадено и албумите: „П.С.О.“ (2005) со музика компонирана за театарската претстава „Парите се отепувачка“ според драмата на Ристо Крле, „Macedonia fresh“ (2008) со чалгиска музика, „Песна за мојата песна“ (2009), направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, „Ljubojna in life“ (2011) – концерт снимен во живо, во Универзалната сала во Скопје, како и „Ljubojna Brass Fantasy“ (2012) снимен со голем дувачки оркестар.

„Љубојна“ работи на проекти што се засноваат на истражувања на македонската музика и култура. Таа стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 година од кога е основана, групата настапува со разновидни мултимедијални претстави и концерти во светот.

December 17, 2014

„Нокаут“ со акустичен концерт во Универзална сала

„Нокаут“ ќе ја заокружи годината што изминува со два акустични концерта, интимна атмосфера и со многу гости. Првиот концерт е закажан за вечерва, а како вокална поддршка на момците од бендот ќе се појават Игор Џамбазов, Владимир Поп Христов-Мио, Тони Зен и „Ласт експедишн“.

Истите гости ќе бидат дел и од забава на „Нокаут“ во четврток, закажана на истото место и во истото време: Универзална сала, почеток во 20 часот.

December 15, 2014

Продолжува лекувањето на Бојаџиева во Кина, потребни уште средства

Еден дел од целосната терапија за лекување на доктор Евица Бојаџиева во Кина помина со успех. Бидејќи се уште не се собрани целосно потребните средства, хуманитарната акција продолжува и граѓаните може донираат средства со вртење на телефонските броеви: 077/143-702, 075/143-200 и 070/143-108.

Ова денеска го соопштија од Иницијативниот одбор за лекување на доктор Евица Бојаџиева, кои посочија дека таа две недели прима терапија, а потоа две недели се прави пауза. Организмот на Бојаџиева, истакнуваат оттаму, реагира позитивно на досегашниот третман, а се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина.

Од Иницијативниот одбор наведуваат дека во организација на македонските иселеници од Лондон викендот се одржа хуманитарен концерт на македонскиот естраден уметник Коки Јанков.

December 10, 2014

Концерт на „Љубојна“ на 20 декември во Универзална сала

Етно групата „Љубојна“ која ја негува македонската традиционална музика, на 20 декември во 20:30 часот во Универзалната сала во Скопје, ќе одржи концерт насловен „Љубојна музика на дланка“. На концертот ќе има музика од нивниот последен албум „Незгаснати огништа“, како и хитови од нивните претходни албуми.

Вокалот на „Љубојна“, Вера Милошевска денеска на прес-конференција рече дека концертот е заокружување на целото нивно творештво, на сите нивни хитови, како и необјавени песни.

– Ќе има богат оркестар сочинет од многу музичари соработници на „Љубојна“, додаде Милошевска.

Контрабасистот на „Љубојна“, Оливер Јосифовски истакна дека сакаат на концертот ќе ги соберат сите музичари кои циркулираат околу нив и кои учествувале во изготвувањето на нивните албуми. Посочи дека на концертот ќе изведат и необјавена театарска музика, музика која не била содржана на некој албум.

– „Љубојна“ подготвува нов материјал кој треба да излезе во 2015 година. Работи музика која треба да излезе на пазарот во Истанбул и се подготвува албум и за таму. Планираме и голем концерт во Турција во 2015 година. Ние сме окупирани за правење музика за извоз и за домашни потреби, додаде Јосифовски.

Специјален гостин на концертот на 20 декември е џез музичарот и пијанист Васил Хаџиманов. Влезниците се во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за се’“ и билетарницата на „Универзална сала“ по цена од 350 денари.

Групата ги има издадено и албумите: „П.С.О.“ (2005) со музика компонирана за театарската претстава „Парите се отепувачка“ според драмата на Ристо Крле, „Macedonia fresh“ (2008) со чалгиска музика, „Песна за мојата песна“ (2009), направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, „Ljubojna in life“ (2011) – концерт снимен во живо, во Универзалната сала во Скопје, како и „Ljubojna Brass Fantasy“ (2012) снимен со голем дувачки оркестар.

„Љубојна“ работи на проекти што се засноваат на истражувања на македонската музика и култура. Таа стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови и од 2002 година од кога е основана, групата настапува со разновидни мултимедијални претстави и концерти во светот.

МИА

November 30, 2014

Четкар ќе одржи концерт на најстарата приватна Воена Академија во САД

Владимир Четкар ќе одржи целовечерен концерт во државата Вермонт во САД во Универзитетот „Норвич“, кој е најстарата приватна Воена академија во САД на 2 декември.

Армијата на Република Македонија и Националната Гарда на Вермонт имаат одлична соработка повеќе од 15 години и настапот на Четкар ќе ја симболизира благодарноста на македонскиот народ до американскиот, а на концертот ќе бидат поканети Гувернерот, Сенаторите и Конгресменот од оваа сојузна држава во САД.

Македонскиот универзитет „Св. Апостол Павле“ веќе три години прави размена на студенти со Воената академија „Норвич“, а од идната година таму Воената Академија од Македонија ќе упатува свој кадети. Во иднина со Универзитетот „Норвич“ се планира и заедничка настава на постдипломските студии на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“.

Четкар ќе настапи со авторска програма, а ќе биде придружуван од Ник Фалк на тапани и Брајан Лeд на бас гитара.

November 29, 2014

Тони Цетински покажа како се пее во живо

Фото: Влатко Перковски/Телеграф.мк

Хрватскиот пејач Тони Цетински одржа концерт синоќа во „Борис Трајковски“. Во неговата 25 годишна кариера, за првпат настапи во Скопје и одржа час по пеење.

Фановите ги почести со неговите стари хитови и нови песни, а гости му беа хорот на „Златно Славејче“ и Жељко Јоксимовиќ.

Концертот го искористи да му оддаде почит на неговиот колега и добар пријател Тоше Проески, со тоа што хорот изведе  неколку композиции, а на песната „23 просинац“ која Цетински ја напиша за Тоше, се вртеа слики на виде бим.

Цетински со овој настап уште еднаш покажа дека е мајстор на својот занает, и шоумен на сцена.

 

November 28, 2014

(Фото) Велешани ја наполнија салата за Тамара

Велешани уште еднаш ја покажаа својата хуманост. На вчерашниот хуманитарен концерт ја наполнија спортската сала Гемиџии. Над илјада и петстотини граѓани и дадоа поддршка на Тамара во битката да ја победи болеста и нормално да го живее своето детство, пренесува порталот Дума.

Највесела и најразиграна беше токму таа.

Играше и пееше со пејачите кои безрезервно се одзваа на поканата да бидат дел од концертот, но нејзината радост кулминираше кога на сцената го здогледа омилениот пејач Даниел Кајмаковски.

Полната сала во Гемиџии ги задоволи и очекувањата на организаторите на концертот кои за кратко време успеаја професионално да го организираат настанот. Најавија дека дел од собраните средства ќе бидат наменети за лекувањето на Тамара, а дел ќе бидат донирани во детското одделение во општата болница во Велес.

„По консултација со семејството Димовски и со општинските власти одлучивме дел од средствата да бидат донирани во детското одделение во болницата, бидејќи министерството веќе најави дека ќе ги покрие трошоците за операцијата на Тамара во странство,“ рече организатор на концертот, Пеце Ацев.

На деветгодишната Тамара и претстои долг пат во лекувањето во странство. Таа боледува од сколиоза, извиткување на р’бетот до 80 проценти што предизвикува притискање и на останатите органи. Операцијата во странство чини триесет илјади евра.

Извор/фото: Дума

Постари вести »

Powered by WordPress