January 15, 2015

Објавен тендер за македонско вино во Шведска што гарантира сигурен пласман

Filed under: бизнис — Tags: , , , — @ 12:10 pm

Како што веќе најави заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски, монополот за продажба на алкохолни пијалоци во Шведска „Системболагет“ објави тендер за набавка на македонско црвено вино од сортата Вранец.

Оваа објава за набавка на црвено македонско вино значи сигурен пласман на 24.000 шишиња / 18.000 литри на македонски вранец. Виното ќе се продава во 130 продавници на “Системболагет” во период од 6 месеци почнувајќи од 15 септември 2015 година.

На овој тендер ќе учествуваат поголем дел македонските винарии преку шведски увозници кои по одржаните состаноци со нашиот економски промотер за Шведска Мирјана Наумоска изразија интерес за застапување на нашето вино на нивниот пазар.

Ова е само почеток и се надеваме на објава на нов тендер во иднина и за бело вино.

За да се одржи позицијата „на рафт“ потребна е успешна продажба во првите три месеци со цел и понатаму да го има виното, во спротивно ќе почне да се продава на листата за нарачки и нема да може да се купи во секој момент во продавниците на монополот.

Ова е голем успех за винската индустрија во Македонија која ќе добие одлична можност за презентација на шведскиот пазар кој важи за пазар со пребирлив и истенчен вкус во однос на виното.

January 14, 2015

Македонско вино по 15-годишна пауза повторно на рафтовите на „Системболагет“

Охрабрвачки сигнали за пласманот на македонски вина во шведската државна продажна мрежа „Системболагет“. Неодамна лансираното вино со сопствен заштитен знак од ова поднебје, „Втора генерација“, сега го има во директна продажба на рафтовите во специјализираните бутици за алкохолни пијалоци, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

„Втора генерација“, која пред извесно време го одбележа својот 25-годишен јубилеј, е формирана од музичари од македонско потекло, припадници на втората доселничка генерација. Во последните години се здоби со поширока популарност со специфичната обработка на познати балкански ритмови и рефрени.

Веќе при лансирањето на новото македонско вино, кон крајот на ноември лани, беше изразено уверување дека станува збор за производ со силен заштитен знак – „Втора генерација“, кој брзо ќе го најде патот до рафтовите на „Систем болагет“. И тоа како прво вино со географско потекло од Македонија по повеќегодишното, повеќе од деценија и пол, целосно отсуство на македонски вина во редовниот асортиман на шведскиот државен монопол за продажба на алокохолни пијалоци, еден од најсофитицираните во Европа.

Втората половина на 1990-ите години беше најуспешен период за продажба на вина од Македонија во Шведска, кога во „Системболагет“, во редовниот асортиман, подолг период, меѓу другото, беа застапени неколку вина од визбата „Повардарие“ од Неготино.

„Втора генерација“ е вино од визбата „Попова кула“ од Демир Капија – вранец, каберне совињон и пино ноар. Увозник е фирмата „Земја на сонцето/The Land of Sun”. Засега може да се најде во неколку бутици на „Системболагет“ во Стокхолм, Гетеборг и Кунгсбака.

МИА

December 14, 2014

Македонското девојче Каролина постави рекорд

Со синоќешниот успешен концерт во во арената “Борис Трајковски” во Скопје, македонската пејачка Каролина Гочева постигна рекорд и стана еден од ретките македонски изведувачи кои имале дури седум концерти во една година.

Концертите со кои започна во февруари годинава беа за промовирање на нејзиниот албум „Македонско девојче 2“.

Албумот Каролина го промовираше и во Битола и Охрид, а синоќа дури 8.000 посетители уживаа во нејзината убава песна.

Следната година албумот ќе биде промовиран и во регионот.

November 1, 2014

Колишевски во 1956 година добил тајни грчки предлози за решавање на македонското прашање

Освен што бил најмоќен човек во комунистичка Македонија, Лазар Kолишевски бил и вистински архивски бог, кој буквално до својата смрт располагал со над 300.000 страници материјали, почнувајќи од лични белешки до најдоверливи документи во чие донесување учествувал како неприкосновен комунистички „гувернер“ на Македонија, пишува Дневник.

Архивата во која има исклучително важни документи од македонската историја од Втората светска војна, па се до последната деценија од минатиот век, сега е во МАНУ, каде што е предадена пред петнаесетина години. Неодамнешното проблематизирање на достапноста на архивата од страна на „Дневник“ и најавите од одговорните лица од Академијата треба да значат дека во иднина пристапот до овие вредни документи ќе биде полесен, но и дека ќе опфати поширок круг истражувачи.

Kолишевски својата архива ја доверил на МАНУ сметајќи бездруго дека луѓето од Академијата се покомпетентни за чување архивска граѓа, но и заради тоа што во ова институција имал најголема доверба. Инаку, и авторот на овие редови спаѓа во кругот на оние што уште пред осум месеци побарале увид во архивата заради новинарски истражувања, но на тоа барање с` уште не е одговорено. Единствено што е дозволено за увид се записниците, односно прегледите за тоа што е предадено во МАНУ. Станува збор за три големи дневници, во кои по број и сигнатури се распоредени материјалите од архивата. И како такви тие се мошне интересни за проучување и добро можат да укажат на тоа што с` Kолишевски сметал дека е вредно да се зачува.

Целата сторија ОВДЕ.

Извор: Дневник

October 14, 2014

(Фото) Прилепските ученици направија живо знаме

Учениците од прилепските основни и средни општински училишта на прославата на празникот 11 Октомври направија живописното знаме што преку игра и движење го менуваше обликот.

 

October 1, 2014

Чудесниот свет на децата со аутизам: Родена во македонско семејство, зборува само англиски

„Дневник“ го посети Дневниот центар, кој е отворен пред четири месеци, каде што се овозможени специјален третман и едукација на деца со аутизам. Центарот работи во рамките на Заводот за рехабилитација во скопската населба Топанско Поле

Три насмеани главички н` поздравија на вратата од единствениот Дневен центар за деца со аутизам во скопската населба Топанско поле. Марија, Лука и Михаило имаат по шест години.

Михаил не се двои од својата книга, Лука постојано го гасне светлото и сака да се слика, а Марија исклучиво разбира и зборува англиски иако е родена и живее во Скопје.

– Дојди Лука, ајде да влеземе во обрачот. Дај ми го рачето. Ајде можеш ти, само обиди се – вака го мотивира логопедот Елена Степаноска додека работи со темпераментниот Лука.

За тоа време Марија, која одмара на една голема гумена топка, постојано на англиски повторува реченици со совршен нагласок, иако целото нејзино семејство се Македонци и никој не зборува по дома англиски – велат во Центарот.

– Секое дете има свој свет. Некое е позатворено, некое полесно со опушта, но главно со странци што првпат ги гледаат не комуницираат – вели Степаноска.

Целата сторија ОВДЕ.

Извор/фото: Дневник

September 20, 2014

(Фото) Македонско село во Горно Нерези се подготвува за првите гости

Во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези, каде што некогаш се палеа првомајските огнови, деновиве се комплетираат зафатите за комплексот Македонско село, пишува Утрински весник.

Проектот замислен како музеј под отворено небо, иако се чини како да се одложува вечно, лека-полека го добива конечниот изглед. Министерството за економија веќе го избра концесионерот „Тренд инвест“ во наредните 20 години да менаџира со 12 традиционални куќи од различни региони и со меана, сувенирница, штала, со селско-стопански содржини…

На над 12.000 квадрати ќе управува со виртуелно село што нуди туристички посети, презентација на специфични занаети, хотелско сместување во 51 соба.

Целата сторија ОВДЕ.

Извор/фото: Утрински весник

August 26, 2014

Не знаеш дали си во Македонија или во Албанија: Од Охрид до Стража – македонски знамиња 5, албански 20

Ако странец тргне на пат со автомобил од Охрид до Скопје и ако добро ги следи симболите поставени покрај патот, голема е веројатноста дека нема да му биде јасно во која држава е, пишува порталот МКД.

Само на потегот од Охрид до преминот Стража поставени се 4-5 македонски знамиња, и тоа во близина на охридскиот аеродром. Отука па се до Стража, покрај патот нема да видите ниту едно друго знаме освен албанското.

Извор: МКД

July 8, 2014

Синот и сопругата на контраверзниот Субрата Рој станаа Македонци

Синот и сопругата на индискиот бизнисмен Субрата Рој добиле македонско државјанство, пишува индискиот магазин Манилајф.

Според магазинот, Македонија е земја која привлекува странски инвестиции нудејќи државјанство.

Покрај синот и жената на првиот човек на Сахара Груп, Субрата Рој, магазинот наведува дека постојат разговори за уште еден директор на Сахара Груп, кој исто така треба да добие македонски пасош.

Извор/фото: Манилајф

July 7, 2014

Перо Моцан: Според извозот и производството македонското вино е некаде на врвот на светот

Винарницата Сковин е основана во далечната 1979 година, продолжувајќи ја вековната традиција на производство на вино од Скопското виногорје. Во 2001 винарницата Сковин беше откупена од групата Фершпед АД, по што следеше период на интензивни инвестиции и опремување на Винарницата со најсовремена опрема и технологија, со што Сковин прерасна во современа винарница и се усоврши во преработката на грозјето.

Вината на „Сковин” досега имаат освоено многу награди и признанија за врвен квалитет на многу меѓународни вински фестивали, што ја потврдува идеата на винарницата за развој на винскиот сектор во државата. За успесите, идните планови и за патот по кој се движи не само Сковин, туку и македонската винска индустрија, за еМагазин зборува извршниот директор, Перо Моцан.

еМагазин: Повеќе од половина година менаџирате со „Сковин”. Кои беа целите кои што си ги поставивте кога го превземавте управувањето со винарската визба?

Моцан: Прво и основно, да ја продолжам и подобрам традицијата за производство на квалитетно вино во Сковин, потоа раст на продажбата на флаширано вино во однос на наливно вино, а со тоа и да се зголеми уделот на продажба на квалитетно вино во 0,75 литри шишиња. Една од моите цели беше и да воспоставам подобра организациска структура и култура во Сковин, односно да ја поставам винарската визба на здрави нозе да може да функционира во иднина.

еМагазин:Каква е позицијата на вината на „Сковин” на македонскиот пазар и колку сте задоволни од пласманот и конзумацијата од домашните потрошувачи?

Моцан: Во Македонија, убедливо на прво место во продажба е Тиквеш, а Стоби и ние се тркаме за втората позиција на пазарот. Ние нудиме производи за сечија потрошувачка кошничка – од квалитетно вино за соодветна ниска цена до врвни премиум вина за вистински познавачи и љубители на вина.

еМагазин: Колкаво е производството на Сковин во моментот и колкав дел оди за извоз, а колкав дел се пласира на домашниот пазар?

Моцан: Минатата берба, 2013 година преработивме 18,5 милиони килограми грозје, што беше рекорд за Сковин. Немавме простор да ги складираме сите количини вино кај нас, па бевме приморани да користиме туѓ лагер додека не се створи простор за складирање кај нас со првите испораки на вино за Германија. Оваа берба нема да преработиме толку рекордна количина грозје, ќе преработиме само толку колку што реално можеме да складираме во нашиот подрум. Тоа значи дека ќе преработиме максимално 15 милиони килограми грозје. Соодносот на продажбата во однос на количини на домашен и странски пазар се менува од берба до берба, зависно од количините кои што ги договараме. Ние разликуваме помеѓу продажба на вкупни количини (наливно vs. флаширано) и сооднос на продажба на флаширано вино по земји. Од берба 2013, ако споредуваме вкупни количини, тогаш продажбата на македонски пазар ќе учествува со 5%, а ако споредуваме продажба на флаширано вино, тогаш домашниот пазар има удел од 25%.

еМагазин: Каде најмногу се пијат вината на Сковин. Кои пазари се таргет за освојување?

Моцан: Вината на Сковин се пијат на пазарите на поранешна Југославија, во Албанија, Чешката Република, Германија, Холандија, Белгија, Руската Федерација, Хонг Конг, Кина, Канада, Австралија, Јапонија. Најмногу се пијат нашите вина во Македонија, Црна Гора, Србија, Руската Федерација итн. Најновите пазари кои ги развиваме се Босна и Херцеговина, Кина и Руската Федерација. Во преговори сме за влез на јапонскиот пазар со флаширано вино.

еМагазин: Кој е таргетот на Сковин на странските пазари, дали се тоа консументи од елитните кругови или широката потрошувачка?

Моцан: Вкупно 90% се консументи од широката потрошувачка, 10% се консументи на елитните кругови.

еМагазин: Од година во година бележите раст на извозот на вино во шишиња на сметка на помал извоз на наливно вино. Колкав дел од виното на Сковин сеуште се продава како наливно? Која долгорочната цел за производство и извоз на вино во шишиња?

Моцан: Од берба 2013, 80% од количините беа наменети за наливно вино, но тој сооднос се менува од берба до берба, зависно од договорите. Долгорочната цел е да се продава целото вино што го произведуваме како флаширано, но патот е долг до тој момент. Затоа е целта секоја година да го подобруваме соодносот на флаширано vs. наливно вино.

еМагазин: Какви се потрошувачките навики на Македонците за квалитетно вино? Дали и колку се менува вкусот и навиките за пиење на вино?

Моцан: Со појавувањето на квалитетни вина на македонскиот пазар во минатите 10 години се менуваат и навиките за пиење на вино. Постепено се менува вкусот кон препознавање на квалитетни вина. Сепак, најголем дел на продажбата отпаѓа на поевтини вина, кои се квалитетни во сооднос со цената, но кои не се врвни вина. До значителни промени на навиките ќе дојде кога ќе се зголемат значително примањата во Македонија, па да може поголем дел од населението да си дозволи да плати повисока цена за врвно вино.

еМагазин: Македонија важи за земја на добро вино. Сепак, реално, каде сме во светски рамки, според квалитетот, производството, извозот?

Моцан: Според извозот во проценти и производството мислам дека сме некаде на врвот на светот. Неблагодарно е да се зборува за квалитетот, бидејќи секоја земја која произведува вино има добри и лоши вина. Можам да коментирам дека кај црвените вина немаме никогаш проблем, а може уште да поработиме на белите вина. Од друга страна имаме потврда за квалитетот на нашите вина – при последната посета на нашите купувачи во Јапонија ни беше кажано дека според цените за наливно вино на светско ниво сме значително поскапи од вината од Чиле и Шпанија, но сепак сеуште го купуваат нашето вино од само една причина, а таа причина е одличниот квалитет!

еМагазин: Кои се последните трендови на светските пазари за производство на вино и колку македонската винска индустрија го следи овие трендови?

Моцан: Еден тренд на светските пазари е зголемената побарувачка на розе вино, а ние го следиме тој тренд и затоа го лансираме новиот производ Rosa Canina. Кај црвените вина се појавува тренд тие да бидат позаокружени вина со помалку танини и понизок процент на алкохол. Ние го следиме и овој тренд кај нашите црвени вина. Кај белите вина се појавува тренд тие да бидат овошни и исто така со понизок % на алкохол. Можам да потврдам дека и овој тренд го следиме. За останатите винарии не сакам да коментирам.

еМагазин: Кои се фаворит на Сковин за 2014 година?

Моцан: Дефинитивно тоа е Rosa Canina – ново врвно розе вино! Сега флашираме и нови врвни црвени вина кои ќе се појават на пазарот најдоцна во рок од една година. Исто така се подготвуваме повторно да лансираме пенливо вино на пазарот.

еМагазин: Кои се Вашите фаворити на вина од Сковин, што Вие би им препорачале на консументите?

Моцан: Инаку, мои фаворити по линија на производи се Classic: Chardonnay, Rosé classic, Finest: Temjanika, Rosa Canina, Kale, Premium: Марков Манастир црвено премиум вино и Syrah Cabernet Barrique.

Постари вести »

Powered by WordPress