January 15, 2015

Објавен тендер за македонско вино во Шведска што гарантира сигурен пласман

Filed under: бизнис — Tags: , , , — @ 12:10 pm

Како што веќе најави заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Климент Шекеровски, монополот за продажба на алкохолни пијалоци во Шведска „Системболагет“ објави тендер за набавка на македонско црвено вино од сортата Вранец.

Оваа објава за набавка на црвено македонско вино значи сигурен пласман на 24.000 шишиња / 18.000 литри на македонски вранец. Виното ќе се продава во 130 продавници на “Системболагет” во период од 6 месеци почнувајќи од 15 септември 2015 година.

На овој тендер ќе учествуваат поголем дел македонските винарии преку шведски увозници кои по одржаните состаноци со нашиот економски промотер за Шведска Мирјана Наумоска изразија интерес за застапување на нашето вино на нивниот пазар.

Ова е само почеток и се надеваме на објава на нов тендер во иднина и за бело вино.

За да се одржи позицијата „на рафт“ потребна е успешна продажба во првите три месеци со цел и понатаму да го има виното, во спротивно ќе почне да се продава на листата за нарачки и нема да може да се купи во секој момент во продавниците на монополот.

Ова е голем успех за винската индустрија во Македонија која ќе добие одлична можност за презентација на шведскиот пазар кој важи за пазар со пребирлив и истенчен вкус во однос на виното.

Лекарите бегаат на Запад: Се затвораат три амбуланти во кочанско

Filed under: локално — Tags: , , — @ 9:15 am

Дел од жителите во селските населби во Кочанско ќе останат без своите досегашни матични лекари, затоа што три приватни ординации во регионот се затворени или во тек е постапка за нивно затворање, објави Канал 8.

Иако причините за тоа навидум се различни, сепак се сведуваат на високи трошоци за работа и заминување на медицинскиот кадар во странство.

Од Здружението на приватни лекари на Македонија потврдуваат дека источниот дел од државата посебно е погоден од таквата практика, па жителите во некои населени места ќе мора на друго место да бараат примарна здравствена заштита.

„Едната амбуланта во Облешево ќе ја затвори колегата, таа е во фаза на затворање, така што пациентите од тоа село ќе останат без матичен лекар затоа што докторката што е вработена не сака да биде носител на дејноста во амбулантата, а сопственикот кој беше до сега е колега кој има специјализација по гинекологија и од приватна пракса е преминат во државна, во болницата во Кочани. Другата е во Зрновци затоа што колешката е замината во Шведска. И уште една во кочанскиот регион, но не се сеќавам на местото, така што сметам дека мора нешто да се преземе во однос на трендот на затворање на амбуланти“, рече д-р Лилјана Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.

Иако во овие села се уште има доволно жители, лекарите се соочиле со неекономско работење и високи трошоци што не можат сами да ги покријат.

January 3, 2015

Балканците без шанси за азил во Шведска

Filed under: балкан — Tags: , , — @ 10:21 am

Барателите на азил во Шведска од земји како Косово, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија имаат исклучително мали шанси да добијат позитивен одговор и бегалски статус.

Според најновите податоци што ги обелодени шведскиот Миграциски завод, во текот на 2014 година биле одобрени само околу еден процент од поднесените барања за азил во Шведска од страна на државјани од балканските земји.

Неодамна внимание на шведската јавност привлече претседателот на партијата Христијански демократи (КД), Јоран Хеглунд, укажувајќи дека постојат „сигурни земји” од кои во Шведска доаѓаат голем број азиланти, а од каде што речиси сите азилантски барања се отфрлаат.

Хеглунд во тој контекст посебно ги посочи земјите од Западен Балкан, од кои годинава, според прогнозите на Миграцискиот завод, се очекува да бидат поднесени околу 8.000 барања за азил во Шведска.

– Од такви земји се одобруваат само по неколку проценти азилантски барања, бидејќи се очигледно неосновани. Нашиот предлог би требало да води кон намалување на бројот на неосновани барања, покуси рокови за разгледување на барањата и со тоа намалување на трошоците за прифаќање на нови азиланти во земјата, истакна Јоран Хеглунд.

Лани во Шведска дошле вкупно 81.300 азиланти, што претставува највисока бројка од периодот на балканските војни во 1992 година, кога во земјата биле прифатени 84.000 азиланти.

Шведскиот миграциски завод соопшти дека најмногу азиланти во земјата лани дошле од Сирија (47 проценти), а голема е и бројката на палестински бегалци, како и на оние што доаѓаат од Еритреја и Сомалија.

Србија се вбројува меѓу првите пет земји од кои во Шведска доаѓаат најголем број баратели на азил.

 

December 21, 2014

Протести во Шведска: Македонски возачи работат за ектремно ниски плати

Камионџии во повеќе шведски градови протестираат во пресрет на божиќните празници против условите во нивната бранша, кои тие ги сметаат за неправедни, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Со долги колони тешки товарни возила вчера и денеска во големите градови во јужна и западна Шведска се отежнува сообраќајот во екот на предбожиќното пазарење.

Шведските шофери протестираат за различните услови за возачите во транспортната бранша во рамки на ЕУ, при што се потенцира дека многумина странски возачи од, на пример, Бугарија и Македонија работат во Шведска за екстремно ниски плати.

„Станува збор за нелојална конкуренција“, вели за Шведското радио Рој Холмберг, еден од учесниците во вчерашните протести.

Според важечката ЕУ-регулатива, странските возачи можат да транспортираат само три товари низ Шведска, но не ги почитуваат правилата и возат многу повеќе. Истовремено се укажува дека многумина македонски и бугарски шофери заработуваат по околу 600 евра месечно, додека нивните шведски колеги заработуваат и по пет пати повеќе.

Учесниците во протестите велат дека странските возачи во Шведска всушност работат во крајно лоши услови, слични на робовски однос, и со недели спијат во кабините во камионите, додека заработката завршува во џебовите на нивните газди.

Токму затоа со протестите се бара да важат исти услови за сите возачи во целата ЕУ, независно од која земја-членка доаѓаат.

Инаку, незадоволни шведски возачи ги започнаа протестите пед месец дена така што решија секој ден до Божиќ да ги паркираат своите камиони по 15 минути на страничната трака на автопатиштата.

Непосреден повод за тоа беше ослободителната пресуда во Општинскиот суд во Сундсвал за еден 44-годишен македонски возач на тешки товарни возила, кој во октомври годинава беше уапсен со фалсификувана бугарска возачка дозвола и бугарска патна исправа.

Неколку илјади шведски возачи се потпишаа на протестното писмо кое под наслов „Еднакви услови за шведските транспортни претпријатија“ беше испратено до шведската Влада.

Полицијата утврди дека матичните броеви во документите на споменатиот македонски возач припаѓаат на различни лица, а едновремено не постои бугарски државјанин со името и датумот на раѓање на македонскиот возач.

При сослушувањето возачот од Македонија навел дека поседува важечка македонска дозвола за управување со тешки товарни возила, но дека ја предал кај надлежниот орган при добивањето на бугарски документи. Возачот кај себе имал и дозвола за транспорт на опасни материи издадена од институција во Македонија.

Освен бугарски документи, возачот имал и македонски пасош кај себе, кој бил користен за влез во Шведска. Тој работел за транспортна фирма регистрирана во јужна Шведска и во моментот кога бил запрен од полицијата возел камион со шведски регистарски таблички.

Според податоци во шведските медиуми, не станува збор за изолиран случај. Моментно во Шведска се води истрага против повеќе слични случаи откриени во сообраќајот. Кон крајот на септември во Вестерос беше запрен друг македонски возач со фалсификувани бугарски документи, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

December 8, 2014

Дури 338 македонски државјани побарале азил во Шведска, добиле само пет

Статистиката на канцеларијата за емиграција на Шведска потврдува дека во периодот јануари-ноември годинава, азил во оваа земја побарале 338 македонски државјани, но оти само пет од нив го добиле, пишува Дневник.

Останатите се вратени назад во земјава.

Први на списокот од балканските земји се граѓаните на Албанија, со доставени 1.260 апликации, од кои правато на азил го оствариле 18 лица.

По Албанија е Србија со 1.160 апликации, а азил добиле 17 лица.

Најмногу азил добиле граѓани на Косово, 51. Лице, а аплицирале 923 лица.

December 7, 2014

Немири во Шведска

Filed under: свет — Tags: , , — @ 2:18 pm

Во сиромашно предградие на Стокхолм синоќа избија немири во кои хулигани фрлаа врз полицијата со камења и Молотови коктели, по што беа приведени 11 луѓе.

Портпарол на полицијата изјави дека засега не се знае кои се организаторите, но четворица од приведените се помлади од 18 години.

Во мај во стокхолмското предградие Хусби млади имигранти покренаа протести откако полицаец уби еден Португалец. Во тие немири кои траеја една недела во Стокхолм беа опожарени повеќе стотици автомобили.

Во синоќешните немири нема повредени, но запалени се десетина автомобили, а оштетени неколку полициски возила.

November 28, 2014

Национално гласање во Шведска за име на женската мастурбација

Шведска во јуни 2015 година ќе  одржи референдум за избор на збор за женска мастурбација.

Причината е дека во речникот на сонародниците на Астрид Линдгрен нема погоден израз за “процесот на самозадоволување” кај дамите.

Швеѓанки очигледно се соочуваат со сериозна дилема, а со организацијата на анкетата се ангажирал здружението RFSU, кое се занимава со односите меѓу еднаквост и сексот.

Во моментов Викинзите избираат помеѓу 1.000 предлози, од кои комисија ќе селектира 34. Потоа ќе останат само три, од кои следното лето ќе биде избран “победник”. Во моментов, на повеќето им се допачаат зборовите klittra, pulla и selfa.

 

November 27, 2014

Поезијата на Маџиров објавена во Исланд, Холандија, Шведска и Мексико

Поезијата на Никола Маџиров го отвора тематот „Нова земја” на едно од најпрестижните холандски книжевни списанија „Терас”, а исландското списание „Стина” на страниците за преводна литература ја објавува на исландски јазик заедно со фрагменти од опусот на Едгар Алан По, Џек Керуак или Роберт Валзер.

Шведското поетско списание „Лириквенен” го отвори тематот „Тишина” со поезија на  Маџиров, каде е вклучена и поезијата на Цветаева и Пастернак, а стокхолмскиот книжевен магазин „10-тал” објави негов есеј.

Стихови на поетот од Македонија се објавени и во мексиканското списание „Ла Отра”, како и во антологијата на меѓународниот фестивал Којакан кој се одржа минатата недела во Мексико Сити во чест на 100-годишнината од раѓањето на мексиканскиот нобеловец Октавио Паз. Фестивалот се одржуваше во куќите и музеи на Фрида Кало, Троцки или Диего Ривера, а учествува автори од дваесетина земји, меѓу кои и неколкукратните кандидати за Нобеловата награда Адонис и Беи Дао.

Маџиров беше избран за член на меѓународното жири кое годинава ја додели наградата на индиско-британската поетеса Суџата Бат, а на завршната вечер од фестивалот тој ја прочита песната “Кога некој заминува” во чест на 43-те исчезнати мексикански студенти по кои се трага веќе два месеци.

November 24, 2014

Протести во Шведска поради ослободителна пресуда за македонски возач

Незадоволни шведски возачи од денеска секој ден до Божик ќе ги паркираат своите камиони по 15 минути на страничната трака на автопатиштата, изразувајќи на таков начин протест против ослободителната пресуда за возач од Македонија во Општинскиот суд во Сундсвал, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Во средата Општинскиот суд во Сундсвал изрече ослободителна пресуда за еден 44-годишен македонски возач на тешки товарни возила, кој во октомври годинава беше уапсен со фалсификувана бугарска возачка дозвола и фалсификувана бугарска патна исправа.

Преку 100 лица имаат поднесено жалба против пресудата, а околу 4.200 возачи досега се потпшишале на протестното писмо кое под наслов „Еднакви услови за шведските транспортни претпријатија“ е испратено до надлежните институции.

Се бараат еднакви услови и правила за сите кои возат во Шведска, независно од државјанството на возачите.

– Сакаме да покажеме дека се грижиме за безбедноста во сообраќајот. Исто така, сакаме да и покажеме на полицијата дека се надеваме оти ќе им бидат овозможени посилни алатки во законот при извршувањето на нивната работа, вели за весникот „Сундсвалс тиднинг“ еден од учесниците во протестите, Кенет Јактлунд, возач од Умео.

Полицијата утврдила дека матичните броеви во документите на уапсениот македонски возач припаѓаат на различни лица, а едновремено не постои бугарски државјанин со името и датумот на раѓање на македонскиот возач.

При сослушувањето 44-годишниот возач од Македонија навел дека поседува важечка македонска дозвола за управување со тешки товарни возила, но дека ја предал кај надлежниот орган при добивањето на бугарски документи. Возачот кај себе имал и дозвола за транспорт на опасни стоки издадена од институција во Македонија.

Освен бугарски документи, возачот имал и македонски пасош кај себе, кој бил користен за влез во Шведска. Тој работел за транспортна фирма регистрирана во јужна Шведска и во моментот кога бил запрен од полицијата возел камион со шведски регистарски таблички.

Според податоци во шведските медиуми, не станува збор за изолиран случај. Моментно во Шведска се води истрага против повеќе слични случаи откриени во сообраќајот. Кон крајот на септември во Вестерос беше запрен друг македонски возач со фалсификувани бугарски документи.

November 18, 2014

Што ви треба за работа во Шведска и Норвешка

Шведска сака да вработи граѓани од земјите кои не се во Европската унија, за што е доволно да имате само пасош и договор со работодавецот. Работата се наоѓа по пат на директен контакт со работодавецот во оваа земја, или преку огласи на интернет, пишува 24 сата.

Системот на иселенички визи во Шведска не постои. Доволно е само еден член од семејството да најде работа и тоа е услов целото семејство да замине во оваа држава.

Заинтересираните можат да најдат работа преку сајтот ec.europa.eu/eures, каде работодавецот е обврзан да го огласи работното место.

Познавањето на јазикот не е задолжително за сите занимања, особено ако се работи за занает, но познавањето на англискиот јазик е предност пишува 24сата.

За работните места кои бараат факултетска диплома, како лекари, потребно е знање на јазикот и нострификација на дипломата, и таа трае околу половина година во просек.

Норвешка исто така е една од популарните дестинации за живот по последните години. Речиси слично е и во оваа држава, каде просечното работно време е 7,5 часа, но со дополнителен надомест можете да работите и прекувремено. Платата се добива еднаш месечно, а годишно имате 30 дена одмор.

Граѓаните кои сакаат да работат во Норвешка исто така мораат самите да најдат фирма која ќе ги вработи, а тоа можат да го сторат преку сајтот jobboerse.arbeitsagentur.de.

Предност имаат оние кои зборуваат течно германски јазик. Просечната нето плата е 2.000 евра, но таму животот е многу скап. Како за пример тришоците за живот се за 20 отсто повисоки отколку на пример во Германија.

„За кирија комуналии, превоз и храна оди околу 40 отсто од месечната заработувачка. Просечната станарна е околу 600 евра. Градежен равотник може да заработува околу 2.500 евра, како и наставниците, додека на пример стоматолозите заработуваат двојни повеќе“, велат луѓе кои веќе се отселиле во Норвешка, а пренесува 24сата.

Постари вести »

Powered by WordPress