(Фото) еМагазин во Јапонија: „Подобро да се спречи, отколку да се лечи„

Многумина од Вас сигурно слушнале за брзите возови во Јапонија или за тоа колку Јапонците се по редот, точноста или правилата. Бидејќи овие работи се воглавно познати, еМагазин од Токио преку серијал ќе се обиде да Ви пренесе и други интересни и невообичаени работи за кај нас.

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

(Галерија) Ексклузивно: еМагазин во резиденцијата на актуелниот јапонски император Акихито

Ништо не се остава на случајност

Вработен за одржување во метро станица во Токио забележува дека дел од теписонче има набор (не поголем од 2-3 сантиметри) и веднаш се ангажира проблемот да се реши. Доаѓаат уште двајца работници. За брзо наборот го нема.

Јапонското општество е базирано на превенција. Од наборот во големите гужви некој може да се сопне. И ете ти проблем. Не дај Боже и да тужи.

Просто е фасцинатно и несфатливо за нас како изгледаат превентивните мерки, посебно оние кои се видливи веднаш.

Па така кога сме кај метрото, верувале или не, најмалку два пати во денот се бришат оградите на обичните и подвижните скали, дури и врати...

Тоа се прави од проста причина што токму преку оградите за кои се фаќа речиси секој кој поминува овде се пренесуваат вируси.

Кога сме кај вирусите, низ градот ќе забележите и луѓе со маски, кои ние ги носиме кога зимно време Скопје е турбо загадено, но овде причината е друга. Ако некој има грип, настинка или нешто слично, носи маска, за да не ги пренесе на некој друг.

Нема законски решенија кои ги регулираат овие прашања, но ете луѓето овде самоиницјативно без проблем ги спроведуваат секој ден.



Кога сме кај непишаните правила кои функционираат интересно е да се спомне дека на улица точно се знае кој оди од десната страна, кој од левата. На подвижните скали по метроа, трговски центри и слично на дел од скалите одат тие на кои не им се брза, на другиот на тие што им се брза. Избегнат е било каков конфликт помеѓу луѓето.

Конфликтот е избегнат и кога се чека воз или метро. Сите се построени пред врата, нема „тепачка“ за влез.

Во Токио, но и на други места низ Јапонија ќе забележете многу жени со чадори за сонце, но и со долги ракавици. Причината е едноставна. Сите знаеме колку е штетно долгото изложување на сонце, и што тоа повлекува. Подобро ракавици, отколку некој рак на кожата.

Фасцинатни се и оградите по патиштата за спречување на звукот од сообраќајот да стигне до околните населени места. Така е на влезовите и излезите од Токио, така е низ целата држава. Некои од ѕидовите се дури и соларни, па произведуваат и струја.

Веќе пишував дека во Јапонија пушењето е забрането на јавни површини, по улица, во паркови и сл.

Така пушите помалку. Јас сум жив пример. Да бев во Грција ќе докупував цигари. 

Тоа преведено во пари значи помалку пари за решавање на здравствени проблеми.



Кога сме кај цигарите како што веќе пишував за пушење на различни локации има пушачки зони.

Секоја канта, наменета само за цигари е полна со вода. Кај нас многу често можете да видите како некоја канта за отпадоци чади, откако некој фрлил цигара, па запалил на пр. пластично шише.

И да и кантите за цигари редовно се бришат (види фото).

Кога сме кај отпадоци, низ Токио, па и на други места кои имав можност да ги посетам нема канти за отпадоци. Има само за рециклирање. Посебно за хартија, посебно за лименки, посебно за пластика....



Така е на станици, по трговски центри, но и дома. Сите рециклираат, а производите како на пр. чанта од рециклираниот материјал можете да ги купите насекаде. 

Исто така интересно ми беше што имав можност да видам дека низ Токио има резервоари за вода за не дај Боже ситуации, што некако ме потсети на времето на социјализмот, кога и во Македонија се беше подобро организирано и имаше повеќе превентивни мерки.

Има уште многу вакви превентивни примери, како на пр. на патарините кои се електронски, има и човек. На секој може да му се случи да ја заборави картичката, па имате можност да платите и со кеш. Но, мене еден од највпечатливите ми беше лицето кое од сабајле свири на станиците за да ги разбуди луѓето, за да не паднат врз шините.



Да, во метро или воз, Јапонците или дремат или се на мобилен. Трето нема. Дури и кога возовите се преполни луѓе, не се слуша човечки глас. Штама.

ПРОДОЛЖУВА....

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

(ВИДЕО) еМагазин во Камакура: Поклонување пред една од најголемите статуи на Буда во Јапонија

(Видео) еМагазин во Токио: Како изгледа 9 милионскиот град од птичија перспектива

(ВИДЕО) еМагазин во Јапонија: Како Јапонците ја “продаваат“ приказната за светата планина Фуџи

(ВИДЕО) еМагазин во Јапонија: Лекција по туризам од езерото Kawaguchiko под Фуџи

(Фото) еМагазин во Токио: Зошто рисот не би бил наша верзија на Кити или Манеки Неко

(Фото) еМагазин во Токио: Денеска секој може да биде самурај

(Фото) еМагазин во Токио: Шилегов, ништо не правиш со оџаџарите, еве зошто Јапонците немат проблем со загадување

(Фото) еМагазин во Токио: Таксист може да се биде и на над 80 години

(Фото) еМагазин во Токио: Бутици за кучиња и мачки

(Фото) еМагазин во Токио: Идеално место да ги оставите цигарите

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Петре Димитров

Професионален дипломиран новинар со долгогодишно искуство. Најмногу сака да патува и да прави возбудливи репортажи, но за да јавноста биде објективно информирана следи и бизнис и политика.

Најчитани вести