Половина од граѓаните со основно образование не користат интернет

Интернет пристап до домот имаат 84,5%, додека корисници на интернет се 76,8% од населението во Р. Македонија, покажува најновото истражување на Агенцијата за електронски комуникации.

Корисниците на интернет, пред сè, доаѓаат од помладата популација (97% од лицата на возраст од 18 до 29 години се корисници на интернет), додека кај повозрасните групи на граѓани бројот на корисници опаѓа (30-39 години - 95%; 40-49 години - 83%; 50-59 години - 71%; постари од 60 години – 30%).

Разлики во користењето на интернет може да се забележат и во зависност од степенот на образование, при што 52,4% од лицата со основно и пониско образование не користат интернет.

Се зголемува бројот на лицата што се задоволни од брзината на интернетот, така што вкупниот процент на задоволни лица (сума од многу сум задоволен и задоволен сум) е зголемен за 1,2% во однос на 2017 година. Голем дел од корисниците на интернет (66%) не знаат дека постои можност да се измери точната брзина што ја испорачува интернет провајдерот, додека 42% од тие што се свесни за оваа можност ја проверуваат брзината на нивната интернет конекција.

Околу 34% од испитаниците кои имаат пристап до интернет го контактирале провајдерот поради прекин или недостапност на услугата во последните 12 месеци, а кај 54% од нив проблемот е решен истиот ден.

Процентот на малолетните деца кои имаат пристап до интернет - 30%, бележи мал пад во однос на 2017 година. Во 83% од случаите децата на интернет пристапуваат секојдневно и на него најчесто 37,5% поминуваат до два часа и 43,1% од два до пет часа (кумулативно 80,6%).

Повеќе од половина од испитаниците (58%) во чие домаќинство малолетните деца пристапуваат на интернет не се свесни дека постои софтвер за родителска контрола што на децата ќе им овозможи безбеден интернет. Ваков софтвер имаат инсталирано само 10,1% од домаќинствата со малолетни лица што пристапуваат на интернет, додека 44,4% од лицата во домаќинствата што моментално немаат таков софтвер се заинтересирани да го инсталираат во иднина но поголемиот дел (87,5%) од нив не знаат каде можат да набават таков софтвер.

Една третина од домаќинствата со интернет пристап имаат приговарано телефонски до својот провајдер и во 90% од случаите одговорот на операторот бил задоволителен за лицето што приговарало. Само 1,7% од домаќинствата со пристап до интернет упатиле писмен приговор до интернет провајдерот, најголемиот број (75%) за квалитетот на услугата.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести