Бочварски: Сонувам за Штип кој би имал доволно потенцијал да ги задржи младите овде

Градоначалник на Општина Штип и потпретседател на СДСМ, Благој Бочварски е еден од оние градоначалници за кои јавноста има впечаток дека постојано е на терен. Иако, како противкандидат на поранешниот градоначалник Илчо Захариев, се мислеше дека тешко ќе се избори со возраста и искуството на претходникот, сепак се покажа дека Бочварски бил достоен за предизвикот и подготвен да одговори на висината на задачите. Несомнено е дека внесе една нова енергија во градот и Штип го потврдува статусот на Центар на Истокот. Неговата младост и енергичност се покажаа како предност за секојдневното решавање на проблемите на сограѓаните.

Во интервју за „еМагазин“ зборува за секојдневната работа, предизвиците со кои се соочува, за сонот каков град посакува да биде Штип, но и приватно.

Впечатокот во јавноста е дека сте еден од градоначалниците кои постојано се на терен. Дали на тој начин најдобро може да се запознаете со проблемите на граѓаните и воедно да ги решите?

-Без правилно поставена дијагноза, не може да се очекува успешен процес на заздравување во било која сфера од општеството. Затоа, инсистирам скринингот на теренските проблеми да се одвива на самото место, во присуство на сите засегнати страни. Додека директно не се соочите со секојдневните проблеми кои го засегаат секој еден граѓанин, не можете врз база на генерални впечатоци да ù сервирате на јавноста некакви решенија за теоретски дефинирани проблеми. Работните обврски на еден градоначалник, апсолутно не смеат да се сведат само на работа во кабинетот.

Затоа колку и да делува сето ова динамично, убеден сум дека само доколку се наметне силно темпо ќе има резултат од работењето, а тоа значи понекогаш и повеќе од 12 работни часа во денот. Затоа, од првиот ден по преземањето на локалната власт, се залагаме за коренита промена на искривената перцепција дека општината се менаџира од фотелја!

Работиме напорно да го демонтираме тој всаден менталитет, кој цела деценија му се наметнуваше на нашиот народ. Во насока на поголема и постојана комуникација со граѓаните, покрај теренските активности и средби по урбаните заедници, воведовме и пракса на лични средби со граѓаните во општинските простории. Секој петок, во мојот кабинет остварувам средби со граѓани, а досега имам разговарано со над 2.000 граѓани. Оттука, отворена Општина, го добива вистинското значење и претставува широко отворена можност за непречен напредок генериран со здружени сили и низ заедничка граѓанска визија за поквалитетен живот.  

Голем дел од активностите се посветени на работа на приградските населби. Дали тоа значи дека тие биле запоставени од страна на претходната локална власт?

- Самиот факт дека во 21 век зборуваме за нерешени основни инфраструктурни прашања, од типот на проблеми со водоснабдување и примарна канализациона мрежа, доволно говори за поразителната состојба која ја затекнавме во приградските населби. Овде само би сакал да нагласам дека на самиот почеток од мојот мандат започнавме со изградба на водовод во должина од 1.300 метри до населбата Балканска каде што живеат околу 600 жители, во висина од нешто повеќе од 16 милиони денари, што претставува вистински доказ дека работиме на решавање на реални и горливи проблеми на моите сограѓани.

Во наредната фаза ќе продолжиме кон селото Чардаклија. Дополнително пристапивме кон акција за тампонирање на повеќе улици во нашата општина. Последниот ваков зафат е во приградската населба Караорман, а чини преку 600 илјади денари, каде што голем број граѓани сè уште газеа во кал. Обезбедивме средства и наскоро ќе започнеме со изградба на водовод до селото Љуботен, кој ќе чини околу 800 илјади денари. За мене Штип е една неделива целина во која секоја урбана и рурална единица има подеднакво значење.

Затоа, секојдневно во директна комуникација со жителите на населените места, ги позиционираме приоритетните проблеми и постапно почнуваме со теренска санација на истите. Во тек е и реализација на т.н. викенд-акции, во чии рамки, преку координирани активности на општинските јавни претпријатија, се решаваат тековните инфраструктурни потреби, како тампонирање и бетонирање на пристапните терени, вршење санитарна техничка сеча, замена на улично осветлување и уредување на зелени површини.

Што е со инфраструктурните проекти во централното градско подрачје и дали нешто е предвидено?

- Ако сакаме вистински да водиме грижа за правилен развој на градот и подобрување на условите за живот на граѓаните, мораме да ги предвидиме проблемите пред да се случат, да најдеме решение и да влеземе во реализација. Штип е центар на Источна Македонија и универзитетски центар каде што сообраќајниот метеж во централното градско подрачје станува реалност, а недостатокот од паркинг места реален проблем.

Во таа насока, нема да дозволам проблемите да се напластуваат, а јас како градоначалник да ги ставам тие проблеми под тепих. Затоа, веќе работиме на изградба на нова паркинг-платформа во центарот на градот, чија реализација е навлезена во завршна фаза. На оваа платформа ќе се обезбедат дополнителни до 50 паркинг места кои се повеќе од потребни во овој момент.

Работиме на изградба на нови улици во населбата Сењак, а веќе реализиравме две нови улици во населбата Баби, и се подготвуваме за изградба на уште една. Продолжуваме со изградба на улици во населба Блок 2000, изградба на обиколницата во прва фаза каде што наскоро ќе се постави и мостот на реката Брегалница, а дополнително ќе се распише јавна набавка за почеток на изградбата на втората фаза од оваа обиколница.

Започнуваме со реконструкција на неколку постоечки улици во градот и во населбата Железничка, и кон викенд населбата Суитлак. Општина Штип ќе отпочне и со уредување на влезот на градот, на потегот од Кампус 4 кон кружниот тек. 

До каде е проектот за гасификација на Општина Штип, за кој неодамна изјавивте дека ќе биде седум пати поевтино од планираното?

- Гасификацијата на Општина Штип е еден од нашите суштински приоритети, па имајќи ја предвид гломазноста на овој проект, веднаш пристапивме кон ефектуирање на првата подготвителна фаза од тој крупен, неколкугодишен процес. Распишавме тендер за избор на фирма-изведувач на проектниот дел, во чии рамки по пат на јавна аукција беше избран најповолниот понудувач.

Во тек е изработка на идејниот, по што ќе следи реализација на основниот проект. Работиме со безусловна посветеност, за на крај на граѓаните да им испорачаме почиста и поздрава средина, значителна заштеда на енергија и сметки за загревање пониски за 40% до 70% од тековните. Од друга страна, гасифицирањето на општината носи и бенефит за реалниот сектор и за општинските, образовните институции, па гледајќи низ економска призма, ова ќе значи и потенцијал за нови инвестициски активности во индустриската дејност и во сите општински и државни објекти кои ќе се гасифицираат.     

Со изградбата на патните правци Источниот регион ќе заживее

Дали ќе ги воведете автобуските линии до приградските населби?

- Приоритетите на динамичната општинска агенда ги редиме согласно граѓанските сугестии добиени од прва рака, па периодов во полн ек е реализација на развојните проекти кои ги заземаа примарните позиции при таа заедничка селекција. Нормално, јавниот градски превоз е реална потреба за секоја локална единица, па оттука можам да кажам со сигурност дека размислуваме и работиме на изнаоѓање на најдобро решение за формирање на јавен градски превоз.

Во Штип е предвидена изградба на Клинички центар, има ли рок до кога оваа зграда треба да биде завршена?

- Изградбата на Клиничката болница во Штип е во надлежност на Министерството за здравство, но е од исклучителна важност за граѓаните на целиот источен регион. Според информациите со кои располагам, после застојот кој беше евидентен, најдено е решение за продолжување на изградбата на овој објект и тој би требало да биде готов до крајот на 2019 година.   

Претходната локална власт имаше идеја од бањата Кежовица, да се направи модерен центар со помош на кој ќе се развива бањскиот туризам, има ли конкретен проект како таа би изгледала и што дополнително би нудела?

- Претходната локална власт имаше 8 последователни години да го реализира најавеното во делот на бањата Кежовица, но како и многу други нивни ветувања, и ова станува нереализирано. Имено, со минералните суровини стопанисува државата, а во конкретниот случај водата е дадена под концесија на приватен сопственик.

Јас останувам фокусиран и во идниот период брзо и ефикасно да создадам услови и да издадам одобренија за градење на потенцијални инвеститори кои би биле расположени да инвестираат во овој многу значаен проект кој ќе го заживее Штип, а ќе биде од големо значење и за многу граѓани кои би имале потреба од оваа надалеку позната лековита вода од Кежовица.

Зградата на физикална терапија во склоп на оваа бања е во очајна состојба. Ќе се направи ли нешто за персоналот кој што работи таму и пациентите кои престојуваат да добијат пристојни услови?

- Физикалната терапија е важен објект за Штип, но не спаѓа во рамки на директните ингеренци на општината. Од она што можам да го согледам, таму се прават мали, но значајни зафати во насока на подобрување на состојбите.

Што би значела изградбата на автопатот кон Штип? Има ли одредени проценки колку тоа економски ќе помогне за уште поголем развој на градот?

-Автопатот Миладиновци - Штип е најважниот инфраструктурен проект не само за Штип, туку за целиот источен дел од државата. Овој автопат ќе го доближи Штип до главниот град, ќе го скрати времето за патување на само половина час, ќе ја зголеми безбедноста на патниците, ќе донесе нови инвестиции во целиот регион.

Гледајќи ја економската логика, истражувањата покажуваат дека секое вложено евро во патна инфраструктура враќа 3,5 евра во економијата и бизнис-секторот. Имајќи го ова предвид, уште додека бевме во опозиција, јас како претседател на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ, се залагав за потребата од што е можно поголемо вложување во изградба на патна инфраструктура, а од денешна временска дистанца само потврдуваме дека инвестирањето во патишта е на врвот на приоритетите на оваа Влада.

За овој регион многу важни се и новите експресни патни правци кои веќе се реализираат од Штип до Радовиш и од Штип до Кочани, секако и реконструкцијата на патот од Кочани кон Македонска Каменица. Затоа сум убеден дека целиот Источен регион преку изградбата на овие патни правци вистински ќе заживее.

Изградба на мост на Брегалница и брана на Отиње

Во каква кондиција е општинската буџетска сметка, имајќи предвид дека кога дојдовте наследивте долгови и празна сметка?

- Јас ја немав таа среќа да го почнам мирно мојот мандат, туку со финансиски проблеми уште првиот ден по смената на локалната власт, кои ги доведоа во прашање дури и основните буџетски сервиси, односно исплатата на плати на нешто над 600 вработени во јавните претпријатија и општината.

Во тој момент беше исклучително тешко да се обезбедат потребните средства за исплата на платите на вработените во законскиот рок, но со големи напори успеавме за десетина дена да ја покриеме милионската финансиска дупка, без подигање кредити и позајмици. Денес, со задоволство можам да кажам дека Општина Штип има стабилна финансиска состојба, во кондиција за инвестирање во крупни капитални проекти.

Затоа, домаќинското работење и ценењето на секој денар на граѓаните, денес се основните постулати во социо-економската политика на општината. Особено ми е драго што во првите три месеци оваа година ЈП Исар има заштеди од преку 60 илјади евра, па затоа веќе набавивме нов багер во ова јавно претпријатие со што двојно ги зголемивме активностите во делот на изградба на водоводи и канализации.

Имајќи го предвид овој принцип на работа и ова темпо на заштеди, веќе сме во постапка за набавка на ново возило метларка за подобрување на хигиената во градот. Како резултат на домаќинското работење, денес имаме солидна приходна страна, што овозможува општината ажурно да ги сервисира тековните потреби на граѓаните и да ги реализира приоритетните проекти.

На целиот овој според мене успешен концепт, е многу важен и моментот на јавност, транспарентност и отчетност уште при самото креирање на буџетот, и секако вклучувањето на граѓаните кое што сум убеден дека дава позитивен резултат. Овој принцип на работа целосно го поддржувам и ќе го практикувам во текот на мојот мандат.

Кои се горливи прашања и проекти кои ви се предизвик како градоначалник и кои сакате да ги завршите за време на мандатот?

-Ниту еден проект кој би го олеснил секојдневието на моите сограѓани не е за потценување, без разлика на ширината на неговиот опсег. Сепак, постојаната средба со граѓаните, сознанијата од терен, јасно ни ја диктира насоката и редоследот кон кој треба да се придржуваме. Во тој контекст, нашиот фокус периодов е поставен на неколку крупни капитални проекти, меѓу кои би ги издвоил процесот на гасификација на Штип, кој е во фаза на проектирање и предвидува 20 километри гасоводна мрежа.

Изградбата на детската градинка – прва после цели 30 години е веќе реалност со обезбедена финансиска конструкција од 37 милиони денари за нејзина реализација, а за неа е веќе распишан повикот за избор на најповолен изведувач на овој капитален објект во Штип.

Во текот на мојот работен ден се соочувам со голем број комунални проблеми оставени без решение многу години, но и со виталните инфраструктурни решенија. Во овој дел би ги вброил изградбата на првата фаза од обиколницата која е во реализација со преку 40 милиони денари инвестиција, а моментално сме во подготовки за поставување на мостот на река Брегалница. За да биде корисна оваа обиколница, ќе биде неопходно да се реализира и нејзината втора фаза за која наскоро ќе биде објавена јавна набавка.

Несомнено, за мене еден од најголемите предизвици е изградбата на брана на реката Отиња. Проект кој е заглавен во фаза на проектирање, а повеќе од 10 години е без поместување од мртва точка. Затоа вложувам многу време и енергија со цел овој проект да ја види светлината на денот, и секако верувам, оптимист сум дека ќе започнеме со изградба за овој најголем проект и децениска желба на штипјани.

За каков Штип сонувате, која е вашата визија за градот која сакате да ја преточите во реалност?

- Сонувам за Штип кој би имал доволно потенцијал да ги задржи младите овде. Иселувањето на младите ќе се случи кога оваа држава ќе понуди простор за секој млад човек да се пронајде овде. Не смее никогаш повеќе да има системска репресија ниту селективна политика кон нашите граѓани.

Токму овој момент беше и мојата појдовна точка кон предизвикот со кој се соочив, цврсто решен дека некои работи треба да се сменат од темел. Убеден сум дека многу млади луѓе веќе ја препознаваат новата визија за европски град. Брза администрација која решава проблеми, општина која работи на нови урбанистички планови прилагодени на новото време, преку кои ќе им дадеме можност на домашните и странски инвеститори да ивестираат овде и да отворат нови работни места. Град кој инвестира во капитални проекти и раководство кое ги пресретнува и ги решава проблемите пред да станат преголеми. Само така ќе обезбедиме поквалитетно секојдневие за граѓаните.

Секако, до мене допираат и одличните реакции на граѓаните при организацијата на голем број културни манифестации, што покажува дека нашите сограѓани се жедни за суштински промени, но и дека сонуваат за модерен, европски Штип, кој повторно ќе биде културно-административен и економски центар на Истокот.

Ова во секој случај е борба за подобар живот на граѓаните, а за да ја реализираме ваквата мисија, потребна е голема поддршка од сите општествени чинители. Јас можам со сигурност да кажам дека поддршката од централната Влада и од Претседателот Заев ми е секогаш потребна и добредојдена. Затоа верувам дека со заеднички сили, со чесен и искрен пристап ќе се избориме за подобро општество за сите.

Кој е Бочварски приватно?

- Иако од оваа дистанца, искрено, не би можел да подвлечам линија која експлицитно би го разграничила професионалниот од приватниот живот, сепак моите персонални интереси би ги лоцирал во рамките на оние вообичаени активности кои се сфера на интерес на еден просечен млад човек: дружење со пријатели, по некоја добра книга и интересен спортски натпревар проследен во друштво.

Во овој дел би ја спомнал и мојата пасија кон архитектурата како моја матична професија, а како клучна движечка сила би ја издвоил поддршката од семејството, кое ми е најревносен сојузник низ секојдневната трка со времето.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести