еМагазин
Image default
Македонија

Косовскиот заменик-министер за правда најави посета на осудените за „Диво насеље“

Заменикот министер за правда на Косово, Блерим Салаху најави дека утре ќе ги посети косовските државјани кои се осудени за случајот „Диво насеље“, кои ги служат казните во македонските затвори за настаните од мај 2015 година во Куманово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за телевизијата Т7, Салаху рече дека, по воспоставената комуникација со Министерството за правда на Северна Македонија, добил дозвола за во четврток да ги посети затворениците осудени за споменатиот случај.

– Како Министерство, имајќи го предвид Законот за државјанство, во кој се нагласува јасно дека државјанинот има тесни врски со државата, ние имаме обврски (кон државјаните на Косово).

Имаме потврда од македонскиот заменик министер за правда дека можеме да ги посетиме во четврток. Ќе ги посетиме, ќе ги видиме условите, потоа ќе преземеме мерки, како што е испраќање дописи до тамошната влада за да создадат подобри услови, рече Салаху.

Претставникот на Владата во Приштина побара целосно расветлување на случајот и расчистување на дилемите околу тоа што точно се случи во кумановската населба во 2015 година.

– Јас целосно се согласувам со потребата овој случај да се расветли, почнувајќи од прашањата како тие луѓе отидоа таму. Значи, зошто се случи тоа што се случи, кој го организираше?, рече Салаху.

Осум полицајци – припадници на специјалната единица „Тигар“ и 14 осомничени терористи ги загубија животите во крвавата дводневна битка на 9 и 10 мај 2015 година. Десетици беа приведени од полицијата, а ранети беа уште најмалку 40 лица.

Вкупно 33 лица обвинети добија затворски казни во времетраење од 12 години до доживотно, а четворица се ослободени од обвинението. Седуммина се осудени на доживотна затворска казна.

Основниот кривичен суд Скопје на уште 13 обвинети им пресуди 40 години затвор, на шестмина по 20 години, на еден обвинет 18 години, на двајца обвинети по 14 години, на двајца по 13 години, и на по 12 години уште двајца од обвинетите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заменик-министерот за правда Нухиу демантира дека косовскиот заменик-министер за правда ќе има средба со осудените во „Диво насеље“

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Видео од инцидентот на Бугарите со полицајците на Деве Баир

Редакција

Во Дебар еден новозаразен со Ковид-19, активни 118 случаи

Редакција

Поранешниот телохранител на Мијалков, Драганчо Стоименов избегал од домашен притвор

Редакција

📢 Важно известување

Оваа веб-страница претставува архива (стар сајт) и повеќе не се ажурира.
За најнови информации и содржини, посетете ја нашата нова официјална страница:


👉 Посети ја новата страница