еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Румена Бужаровска е најчитана авторка за 2024 година во ТРИ

На синоќешната средба меѓу писателите и читателите во книжарницата ТРИ во Градски трговски центар, посветена на второто издание на романот „Тони“, македонската современа писателка Румена Бужаровска се здоби со Признание за најчитана авторка во 2024 година во ТРИ.

„Со книгите ‘Чкртки’, ‘Осмица’, ‘Не одам никаде’, ‘Мојот маж’, ‘Господ, па Америка’ и ‘Тони’, Румена е најчитаната авторка во Издавачки центар ТРИ, со продадени над 4 000 примероци во текот на изминатата година“, информираат од издавачкиот центар

„Исклучително ми е драго, изненадена сум дека сум најчитана авторка во 2024 година. Од друга страна, минатата година објавив две книги, така што има логика. Јас верувам дека не е точно дека не се чита и посебно не верувам во митот дека младите не читаат. За мене ова признание покажува дека луѓето читаат и посебно ми е драго дека сѐ повеќе читаат македонска книжевност. Мислам дека тоа е тренд што никогаш нема да престане“, рече Бужаровска при доделувањето на признанието.

На книгокругот без цензура, инаку дел од книжевната програма во рамки на „Зимскиот фестивал на книгата“, се собраа читатели кои на авторката ѝ поставија прашања за средовечниот рокер од Скопје, кој ги поттикна читателите да размислуваат за значењето на личната одговорност во локален и современ контекст.

Читателите добија одговор „дали прекарот шарска е добиен по вистинска приказна“, „дали има некој конкретен прототип за Тони“, „што претставуваше процесот на пишување за таков лик“, но и „како преведувачите би се справиле со преведување на скопскиот сленг“.

„Приказната за прекарот ‘Шарска’ апсолутно не е измислена. Ама тоа не го направил само тој… Прашав некои луѓе и ми рекоа тоа дека е позната работа, го правеле во војска“, посочи авторката.

Зборувајќи за инспирацијата за „Тони“, Бужаровска истакна дека таа дошла од таквите ликови во нашата непосредна близина. „Во процесот на пишување сфатив дека цело време несвесно сум се справувала со некои сопствени Тониевци, и во семејните, и во љубовните, и во секојдневните односи. И сум ги трпела, па сега ги пуштив преку текстот“, одговори Бужаровска. Таа дополни дека и преведувачите од Србија и од Хрватска, кои сега го преведуваат романот, препознале свој Тони во ликот.

„Јас многу се грижам јазикот да го отсликува времето и ми беше многу важно на таков јазик да е напишан романот, зашто секоја книга е и документ на едно време. Сакам книгата да е жива. Пишувањето на сленг го направиле многу автори пред мене, да го споменеме Марк Твен во Америка. Како што ние ги преведуваме Твен или Селинџер, така ќе се преведува и ‘Тони’. Ќе го приспособат на нивниот урбан јазик, јазик на педесетгодишник кој живее во тамошно Дебар Маало“, истакна Бужаровска.

Инаку, „Тони“ е во конкуренција за книжевната награда „Роман на годината“, заедно со уште 42 романа кои годинава беа пријавени на конкурсот.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Имлек протеин повторно со поддршка на 2.300 ученици на Охрид трчат 2024

Редакција

МНР и врачи вербална нота на Бугарија и очекува осуда на експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија

Редакција

(Фото) Бектеши потврди дека му пратил порака на охридскиот началник, ја објави пораката

Редакција

📢 Важно известување

Оваа веб-страница претставува архива (стар сајт) и повеќе не се ажурира.
За најнови информации и содржини, посетете ја нашата нова официјална страница:


👉 Посети ја новата страница