еМагазин
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Почина актерката Катина Иванова

Со огромно жалење ја споделуваме веста за заминувањето на големата Катина Иванова, информираат од МНТ.

„Замина нашата колешка Катина Иванова, актерка која повеќе од четири децении беше дел од Македонскиот народен театар. Беше мајстор на сценска интерпретација, со истакнат сценски говор, и посебно специфичен и топол сензибилитет. Катина Иванова беше насмеана и префинета личност, постојан следач на претставите, поддржувач на актерите, извонреден пријател и човек,“ се вели во соопштението.

Иванова дипломирала на отсекот за драмски актери на Вишата музичка школа при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1978 година. На сцената на МНТ дебитира уште како студентка во претставите „Соблазна во Шентфлоријанската долина“ и „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (двете во 1976).

По дипломирањето, односно од 1979 г., член е на ансамблот на МНТ, каде остварува бројни доминантни улоги во над 45 претстави меѓу кои: Канигунда во „Кандид“ (1980), Дена во „Кршалнига“ (1983), Амелија во „Погрижи се за Амелија“ (1984), Сузана во „Слободни врски“ (1984), Маријана во „Тартиф“ (1986), Мајката на младоженецот во „Малограѓанска свадба“ (1986), Соња во „Црна дупка“ (1988), Арсиное во „Мизантроп“ (1989), Тамарочка во „Валпургиска ноќ или Чекорите на командорот“ (1990), Клер во „Слугинки“ (1993), Ирина во „Лепа Ангелина“ (1995), Гатачката во „Едмонд“ (1997), Катерина Када во „Немушт јазик“ (2000), Македонка во „Балканот не е мртов“ (2001), Госпоѓа Робинсон во „Дипломец“ (2004), Пациент во „Мара/Сад“ (2008), Сопругата во монодрамата „Сребрена свадба“ (2010), Варвара Петровна Ставрогина во „Бесови“ (2011), Ноќта во „Сината птица“ (2014), Прасковја Фјодоровна во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), како и последните улоги во „Разговори во четири очи“ (2015), Сесили Робсон во „Квартет“ (2016) и Госпоѓа Пернел во „Тартиф“ (2016).

Со подеднаква професионална љубопитност и страст настапува и на сцената на други театри низ Македонија, како и во проекти на независни театарски трупи.

Снимила десетина филмови и ТВ серии докажувајќи се како актерка со исклучителен креативен потенцијал меѓу кои се: „Оловна бригада“ (1980), „Хај-фај“ (1987), „Светло сиво“ (1993), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Одмазда“ (2001), „Држава на мртвите“ (2002), „Наше маало“ (1999-2004) и „Бунило“ (2009). За своите актерски остварувања, добитник е на Награда за најдобро театарско остварување на Фестивалот „Tеатарски празници“ (Благоевград, Бугарија) за улогата на Мег во претставата „Роденден“ и Наградата на ревијата „Екран“ за улогата на Ревзија во филмот „Џипси меџик“ (1997).

За времето и датумот на погребот дополнително ќе биде објавено.

Фото: МНТ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Распродажба“ во „ЗК Пелагонија“: Акционерите ќе одлучуваат за отуѓување на „Комплекс Александрија“ и „Скопско поле“

Редакција

(Фото) Катица преку ден на работа кај синот, навечер е во затвор

Редакција

Незначително поскапување на струјата од 0,92%

Редакција

📢 Важно известување

Оваа веб-страница претставува архива (стар сајт) и повеќе не се ажурира.
За најнови информации и содржини, посетете ја нашата нова официјална страница:


👉 Посети ја новата страница