Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот на Собранието, Талат Џафери остварија средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол, која се одржа на носачот на авиони „Хари С. Труман“.
„Ден полн со адреналин. Слетавме на носачот на авиони „Хари С. Труман“. Заедно со премиерот Зоран Заев и шефот на парламентот Талат Џафери, таму имавме средба со адмирал Џејмс Фого, командант на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол“, напиша на својот Фејсбук профил Шекеринска.
Премиерот Заев на неговиот Фејсбук профил напиша дека стануваме дел од најмоќната воено-безбедносна и политичка алијанса на светот и во историјата на човечката цивилизација.
„Северна Македонија припаѓа во најсилниот систем на колективна безбедност. Најсилните земји во светот се наши сојузници, а Северна Македонија е 30та полноправна земја членка на НАТО“, додаде Заев.
Фото/Видео: Фејсбук/Заев/Шекеринска