Телеметриската сеизмолошка мрежа со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, веднаш после полноќ, на 8 октомври 2020 година, во 00 часот и 13 минути, регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа во соседна Република Албанија, во епицентралното подрачје Драч, 170 километри југозападно од Скопје.
„Според досегашните податоци, Рихтеровата локална магнитуда изнесува M L =4.6 степени, а почувствуван е во западните делови на Македонија, од населението во Гостивар, Тетово и околината со интензитет од II-III степени, според Европската макросеизмичка скала,“ се вели во соопштението.