еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Инфлацијата ќе опаѓа, но побавно во земјите во развој, оценето на Пролетните средби на ММФ

И покрај периодот на исклучителни кризи, преку внимателно обмислени и добри политики и преку навремени мерки, Народната банка одигра значајна улога во зачувувањето на стабилноста на економијата и во јакнењето на нејзината отпорност.

За овие достигнувања и за натамошните предизвици се разговарало на серијата средби што ги остварила гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, на кои учествува заедно со министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска и со нивните тимови, информираа од Народна банка.

„Зајакнатата отпорност се согледува преку растот на девизните резерви коишто се повисоки за околу 40% во споредба со преткризниот период, што во голема мера е резултат на солидните приливи на странски директни инвестиции.

Тие не само што имаат краткорочно позитивно влијание врз економската активност, туку го зголемуваат и долгорочниот потенцијал за раст на економијата. Во 2024 година, тие достигнаа 7,1% од БДП, едно од највисоките нивоа на странските директни инвестиции во нашата земја,“ велат од Народна банка.

На средбите со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор, Јерон Клик, заменикот на извршниот директор, Марникс ван Риј, како и со шефот на Мисијата на ММФ, Анет Кјобе, било исто така оценето дека е зголемена и отпорноста на банкарскиот систем, што е видливо преку значителното зголемување на капиталната позиција овозможувајќи солиден кредитен раст.

Нашиот банкарски систем оствари најголем раст на адекватноста на капиталот во регионот, но и во споредба со земјите од Европската Унија, посочуваат од таму.

„Надворешното окружување сепак е непредвидливо и неповолно, што може да се согледа и преку најновите проекции на ММФ со кои светскиот раст се ревидира надолу, а за процесот на дезинфлација се очекува дека ќе биде побавен.

Исто така, ризиците за состојбата на светско ниво се претежно надолни, заради трговските војни и непредвидливите трговски политики. Во вакви околности, како централна банка и во иднина ќе им бидеме доследни на нашите политики за одржување на стабилноста во економијата, водејќи сметка за неизвесноста во светот и за домашните предизвици. Нашата цел е јасна – стабилен девизен курс и ценовна стабилност како темел за одржлив економски раст“, посочила гувернерката.

Било разговарано и за најновиот Светски економски преглед на ММФ, според кој светската инфлација и натаму ќе опаѓа до 4,3% во 2025 и 3,6% во 2026 година (минимална нагорна ревизија за по 0,1 п.п. од прегледот во јануари).

Намалувањето и натаму ќе биде побрзо во напредните економии, додека земјите во развој и економиите во подем ќе се соочат со малку побавно приближување кон целите. ММФ препорачува внимателни економски политики и акцент на структурните реформи коишто ќе ја поддржат долгорочната стабилност, посочуваат од таму.

На пролетните средби заедно со гувернерката учествуваат и вицегувернерот Фадил Бајрами и вицегувернерката Ана Митреска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Главоболки за Владата и Уставниот суд: Поднесени осум иницијативи за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците

Редакција

Галеника со 24% раст на продажбата на македонскиот пазар

Редакција

Рамбо Амадеус се огласи за обвинувањата за сексуално вознемирување

Редакција

📢 Важно известување

Оваа веб-страница претставува архива (стар сајт) и повеќе не се ажурира.
За најнови информации и содржини, посетете ја нашата нова официјална страница:


👉 Посети ја новата страница